post

10 Чекори за успешна продажба

Дали сте се обиделе да продадете нешто, а да не сте успеале да го убедите купувачот да ја донесе одлуката за купување?

Обид за продажба и завршена продажба не е исто.

Завршена продажба и многу повторени продажби не е исто?

Што вие би сакале?

Логичниот редослед кој најчесто се применува од претприемачите е следниов:

  • Обид за продажба,
  • Неуспех или успех
  • Повторена продажба.

И во еден таков процес, доколку имате успех од 10% на обидите за продажба од 10 обиди ќе имате реализирано една продажба. Затоа и логично претприемачите постојано се обидуваат да направат повеќе обиди. Така доколку дневно наместо 10 обиди изведе 20 обиди ќе генерирате две продажби.

Но, времето и ресурсите нема да дозволат да ги зголемувате обидите до бескрај, а од друга страна оние неуспешните обиди се загубени за подолг временски период.

Што би било доколку секој обид го претворите во успешна продажба? Јас барем досега немам неуспешен обид. Имам помалку обиди, но секој завршува со успех. Тоа е целта која би требало да се обидете да ја остварите, а во овој пост ќе презентирам 10 чекори кои ќе може да ви помогнат.

#1 Собери доволно податоци за потенцијалниот купувач кој планираш да го контактираш

Никогаш не започнувајте со обид за продажба без претходно да соберете доволно информации за потенцијалниот купувач кој планирате да го контактирате.

Кој приод ќе примените? Како ќе започнете? Како ќе настапите? Каде ќе го изведете обидот? Што ќе разговарате?

Сето тоа се прашања кои на некаков начин ќе ве мачат. Денес е барем лесно да се дојде до комплетно знаење за еден потенцијален купувач. На пример, имав случај во кој како најважна информација беше политичката определеност на потенцијалниот купувач. Со тоа знаење секој оној кој ќе се обиде да продаде нешто ќе може лесно или да ги избегне политичките прашања или пак да му се приближи преку заедничките политички ставови.

#2 Навлезете длабоко во неговите проблеми, потреби и фрустрации

Сите информации кои ќе ги соберете мора да ги трансферирате во соодветна група на главни проблеми, потреби и фрустрации на потенцијалните купувачи.

Сепак вие сакате да решите проблем, сакате да задоволите потреба и нормално сакате да му помогнете да ги надмине фрустрациите вашиот потенцијален купувач.

#3 Најдете ги елементите кои емоционално го поттикнуваат

Секој има емоции и сите тие емоции имаат одредено влијание на донесување на одредени одлуки во соодветен момент.

Добро е да се обидете да откриете колку што е можно повеќе емоционални трајгери кои едноставно ќе ги користите во понатамошниот процес и кои ќе ви дадат дополнителна предност за да успеете во обидот за продажба на тој потенцијален купувач.

#4 Анализирајте ги местата каде што тој сака да биде

Не можете да продавате без да знаете каде е потенцијалниот купувач и не сте присутни на тие места.

Понекогаш се потребни повеќе контакти од еден, повеќе состаноци, повеќе неформални средби… Затоа мора да ги знаете местата. Вие сте рибар кој знае на кои места рибата најмногу гризе. Искористете го тоа знаење во ваша полза.

#5 Направете план за потенцијални контакти

Сето досега направено, значи дека имате доволно информации за да подготвите план за потенцијални контакти со тој потенцијален купувач. Но, вие не сакате било каков план, сакате план кој 100% ќе гарантира резултат.

Можеби успехот нема да биде од првиот контакт, сепак вашата работа тука е да обезбедите доживотен купувач за вашиот бизнис.

#6 Подгответе стратегија со која ќе го започнете процесот

Како ќе започнете?

Веднаш ли ќе почнете со презентација на производот или услугата или ќе се обидете да се спријателите и стекнете дополнителни информации?

Мора да направите добра стратегија во однос на овие прашања, затоа што од неа ќе зависи успехот на вашите обиди за продажба.

#7 Осигурајте се дека можете да помогнете

Не е се во вашите производи или услуги бидејќи приодот кој го опишувам тука подразбира многу подлабоки односи отколку обични купувач-продавач односи.

Затоа за секој потенцијален купувач, прво најдете како можете да му помогнете и подгответе се да ја пружите таа помош кога ќе треба.

#8 Трансферирајте ја вашата понуда во решение за неговите потреби

Сега како осми чекор, мора да ја трансферирате понудата во едно или повеќе решенија, со јасно дефинирани бенефити за потенцијалниот купувач.

Запомнете дека решение на проблем е многу поуспешна тактика отколку само обид за продажба.

#9 Презентирајте ја вашата понуда

Кога веќе знаете се што треба да знаете и имате изградено определени односи со потенцијалниот купувач ќе можете да преминете на презентација, односно презентации на понудата/решението.

#10 Веднаш по презентацијата договорете ги следните чекори

Самата презентација не значи и завршување на вашата продажба. Сакате уште посилни односи и уште повеќе продажби во иднина.

Не оставајте на случајност, веднаш дефинирајте ги следните чекори.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*