post

10 Извори на Bootstrap Финансирање

10 Извори на Bootstrap финансирање

10 Извори на Bootstrap финансирање

Кога размислувате како да финансирате нешто во вашиот бизнис прво треба да ја разгледате опцијата на bootstrap финансирање, користејќи ги вашите сопствени пари за потребите на вашиот бизнис. Во време на рецесија како што е сега достапноста на кредитите од страна на банките се повеќе се намалува, доколку се добијат пари каматата е доста повисока. Затоа, претприемачите мора да наоѓаат нови извори на финансии.

Што претставува bootstrap финансирање?

Bootstrap финансирање претставува збир на методи кои се користат за намалување на износот на надворешен долг и капитално финансирање од банки и инвеститори.

На ваков начин вие самите го финансирате почетокот или растот на вашиот бизнис преку вашата заработка или тековен имот оној кој што во моментот го имате или можете да го имате. Не користите кредити или инвеститори кои би добиле удел во Вашиот бизнис.

Предностите на bootstrap финансирање

Една од најголемите предности е што вашиот бизнис ќе вреди повеќе бидејќи помалку ќе должи и што нема да плаќате високи камати за кредитите кои ги користите.

На пример логиката е ваква:

  • Имам на штедна книшка, можам да ги вложам тие пари.
  • Можам да позајмам од роднини и пријатели без камата или сопственички удел.
  • Ќе интервенирам во подобрување на системот за наплата.
  • Ќе ги оптимизирам залихите.

Постојат повеќе методи и извори на bootstrap финансирање, но најчесто се користат следниве:

  1. Сопствени финансии
  2. Донации или неповратни средства
  3. Намалување на побарувањата
  4. Одложено плаќање
  5. Намалување на залихи
  6. Заедничко искористување

Извори на bootstrap финансирање

Накратко ќе се обидам да презентирам 10 методи или извори на bootstrap финанисрање:

1. Ваши лични заштеди

Кога започнувате нов бизнис или доколку има потреба да го финансирате растот на вашиот постоечки бизнис секогаш разгледајте ја можноста за користење на вашите лични заштеди. Ова се парите кои може да ги имате на вашата штедна книшка, под перница дома, дадено на заем на пријател… Пресметајте колку е износот на тие пари и дали тој износ ќе ги задоволи планираните потреби на вашиот бизнис. Доколку тој износ ќе стигне за финансирање на бизнисот искористете го. Доколку износот нема да ви стигне одете на следниот извор.

2. Пријатели и семејство

Секогаш можете да најдете некој од вашето семејство или пријател кој е спремен да ви помогне во изведување на вашите бизнис потфати. Размислете кој од вашите најблиски има финансиска можност да ви помогне и какви ви се односите со таа личност, односно дали можете да побарате на заем. Овој начин на финансирање е добар бидејќи се базира на добра волја и добри односи помеѓу претприемачот и позајмувачот и во вакви случаи нема да мора да плаќате високи камати на банките. Пресметајте го износот што вие ќе го финансирате и износот што ќе го позајмите од семејството или пријателите и доколку е доволен за финансирање на вашите бизнис потфати искористете го. Доколку износот нема да ви стигне одете на следниот извор.

3. Кредитни картички

Сега скоро секој има минимум по една кредитна картичка. На секоја кредитна картичка имате кредитен лимит кој можете да го користите. Банките вообичаено даваат овој износ да се плаќа на месечна основа во износ од 5 или 10 проценти од долгот во зависност од банката (а некои даваат на 6 месечни рати). Разгледајте ги состојбите на картичките што ги имате и начините на враќање и изберете која картичка ќе ја користите за финансирање на вашите бизнис потфати. На ваков начин ќе ги оптеретите вашите лични финансии, но ќе го ослободите вашиот бизнис од зголемување на долговите и секако можеби ќе ја избегнете опцијата некој друг д завземе солиден дел во Вашето сопствеништво. Соберете го износот од вашите лични заштеди плус позајмицата од семејство или пријатели плус износот што можете да го подигнете од кредитните картички и доколку е доволно искористете го за бизнис потфатот, а доколку не продолжете со следните извори.

4. Користете можни донации

Барајте и конкурирајте за секој можен извор на неповратни финансии. Постојат голем број институции на локално или национално ниво кои овозможуваат конкурирање за неповратни финансиски средства врз основа на бизнис план кој ќе победи. Овој начин се однесува и за постоечки и посебно за нови бизниси. На ваков начин можете да добиете финансии кои иако не се многу големи но сепак се бесплатни (не ги враќате).

5. Наградувајте го брзото плаќање (за постоечки бизниси)

Воведете систем на награда на вашите потрошувачи за побрзо плаќање во вид на попуст. Секој кој ќе ја плати вашата фактура веднаш ќе му овозможите поголем поуст, додека за подолг период помал попуст или за оној кој ви е вообичаен без попуст. На ваков начин ќе овозможите вашите побарувања да не бидат со поголем временски период и ќе овозможите подобар готовински тек на вашиот бизнис. Овие средства ќе можете да ги искористите за вашите планирани бизнис потфати.

6. „Казна“ за нередовните плаќачи (за постоечки бизниси)

Доколку имате потрошувачи кои своите обврски кон вас не ги плаќаат навремено размислете за опција да воведете затезна камата во вид на казна за неродовните плаќачи. На ваков начин ќе се подобри готовинскиот тек на вашиот бизнис и ќе имате повеќе финансии на располагање при идните бизнис потфати. Доколку и на ваков начин не можете да се справите со нередовните плаќачи раскинете ги односите со истите, така да нема да имате заробено пари во нередовните плаќачи.

7. Одложено плаќање (за постоечки бизниси)

Еден од начините да се подобри вашиот готовински тек е да издејствувате колку што можете повеќе одложено плаќање на стоките и услугите кои ги користи вашиот бизнис. Првин морате да видите какви услови добивате со плаќањето веднаш и доколку добивате солидни попусти искористете го, а доколку нема разлика од одложено плаќање и веднаш плаќајте одложено. На ваков начин ќе имате повеќе финансии за вашиот бизнис.

8. Изнајмувајте опрема

Разгледајте ги опциите за скапата опрема што е потребна за вашиот бизнис да ја изнајмите и за неа да плаќате месечен надоместок за користење. На ваков начин ќе заштедите на почетна инвестиција, нема да имате амортизациони трошоци и секогаш ќе можете да ја откажете.

9. Плаќајте ја опремата на рати

Разгледајте ги опциите и можностите кога купувате опрема за вашиот бизнис (компјутери, печатачи, факсови, канцелариска опрема итн) да можете да ги плаќате на рати. Многу продавачи на комјутерска опрема и канцелариска опрема овозможуваат плаќање на 3, 6 или 12 месечни рати. Предност на повеќе рати можете да добиете доколку купувате од ист снабдувач. На ваков начин ќе овозможите повеќе финансии да бидат наменети за обртните средства наместо за опремата.

10. Намалување на залихи (за постоечки бизниси)

Залихи претставуваат врзани пари. Секој денар вложен во залиха е денар кој нема да го имате во готовина за вашиот бизнис. И секој денар во залиха ја намалува можноста за инвестирање во растот на вашиот бизнис. Извршете соодветна проценка на нивото на потребни залихи за вашиот бизнис и пресметајте го оптималното ниво. Разгледајте ја можноста на некои производи да воопшто не држите залихи. Ова ќе можете да го остварите со соодветна анализа на вашите снабдувачи и преговарање со истите. Со минимално ниво на залихи ќе имате повеќе финансии во готовина спремни за натамошно оплодување.

Ова се 10 можни извори на bootstrap финансирање, но не и единствени. Вашата креативност и оригиналност ќе може да открие уште многу други начини на финансирање и искористете ги, а дури потоа размислувајте за кредити од банките.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] финансирање. Барајте алтернативни начини како што е bootstrap финансирање, бизнис ангели, ризичен капитал како можност за […]

Speak Your Mind

*