post

10 причини за неуспех на еден стартап

Кои се причините за неуспех на еден стартап? Прашање кое многу често се поставува од страна на претприемачите, од страна на потенцијалните претприемачи, од страна на инвеститори, од страна на научни работници… Прашање кое е често и валидно за поставување, но и кое постојано бара одговор.

Вистински прашања

Имам спроведено мои истражувања, имам сопствена база на податоци врз база на искуство во работата со клиенти и имам пристап до стотици истражувања кои бараат одговор на оваа прашање. Но, сепак никогаш не сме на чисто со вистинскиот одговор и сметам дека нема ни да го најдеме.

Разни ситуации, разни стартни позиции и разни опкружувања доведуваат до различни резултати кога станува збор за одговор на оваа прашање. Тука ќе се обидам да наведам десет прични кои сметам дека се многу блиску до одговор на прашањето од насловот, иако имам и слободно можам да наведам уште стотина кои иако имаат мало влијание, сепак како збир може навистина драстично да го пореметат стартап процесот на секој нов бизнис.

Па, ајде да видиме кои се тие 10 причини зошто стартапите не успеваат.

  1. Немање на претприемачки вештини (промашена професија). Претприемачките вештини претставуваат комплексни вештини не заради тоа што претставуваат „квантна физика” туку заради тоа што претставуваат збир од повеќе дисциплини. Не е доволно познавање од финансии и економија па да се биде успешен претприемач. Не е доволно само познавање на математиката за да се биде аналитичен. Не е доволно само познавање на инженерството за да се биде иновативен. Потребно е знаење и вештини кои се комбинација на повеќе дисциплини и тоа е факт, нема бегање. Од друга страна „со сила убавина не бидува”. Некој кој навистина не е свесен што го очекува, не треба ни да се впушта во овие води.
  2. Воопшто не се започнува. Интересно е што многу добри идеи за стартап компании често пати завршуваат само на лист хартија, во форма на план кој го прегазува времето. Првин, сакам да расчистам една работа. Стартап процес не е официјално започнување на компанија. Стартап процес започнува многу време пред официјално започнување на компанија и трае многу време по официјално започнување на компанија. Што значи дека ако не се преземаат конкретни акции и чекори и пред официјално постоење на компанија, не може да се очекува успех на нешто непостоечко.
  3. Слаби производи/услуги. Можеби во очите на стартап претприемачот неговите производи или услуги изгледаат нај супериорни, најквалитетни, најпотребни на пазарот и се нај нај… Но, сепак тој не е оној кој дава оценка за тоа. Иако самодовербата е потребна, таа не треба да биде основа за проценка на квалитет, супериорност, потреба или прифатливост на производот или услугата на пазарот.
  4. Неуспех во усогласување на производот со пазарот. Секој производ или услуга решаваат определен проблем и првата задача на еден стартап претприемач е да успее да го усогласи проблемот со производот, односно решението на тој проблем. Но, тука не значи дека е направен успех и дека процесот треба да заврши. Следно нешто што се бара од страна на еден стартап претприемач е да се усогласи производот, односно решението со пазарот. Кога не се успее да се постигне оваа усогласување, неуспехот е неминовен и бара промени, прилагодувања или едноставно прифаќање на неуспехот како неуспех и завршување на процесот.
  5. Несоодветен стартап процес. Многу пати напоменувам дека претприемачки процес не е линеарен процес. Претприемачки процес кој го содржи и стартап процесот е еден кружен процес (во форма на часовник, затоа и го нареков тој процес како претприемачки часовник) кој никогаш на завршува. Но, освен тоа за да нештата бидат уште покомплексни, и стартап процесот како дел од претприемачки процес не е праволиниски процес туку повторно е кружен. Овој процес бара тестирања, упорност, истрајност… Несоодветен стартап процес значи и поголема веројатност за неуспех на стартапот.
  6. Губење на пари со секоја продажба. Оваа е интересна причина затоа што иако се чини дека е очигледна сепак имам забележано доста грешки кои токму затоа ме наведуваат да ја ставам како посебна причина. Онаа што на прв поглед се чини како нешто многу профитабилно со некои грешки станува како нешто што носи големи загуби. Дали причината е навлегување на пазарот па намерно се оди со ниски цени кои создаваат загуби или пак причината е поради незнаење на стартап претприемачот, сепак и двата случаи се кобни за секој стартап. Основно нешто што треба да се провери и пред официјално отворање на вратите на стартап компанија е дали и колку пари СЕ ЗАРАБОТУВААТ (остануваат по плаќање на сите трошоци) од секоја трансакција.
  7. Слаба внатрешна комуникација, но и со со надворешноста. Успешна реализација на стартап фазата бара беспрекорна комуникација помеѓу членовите на стартап тимот. Доколку не се обезбедат овие услови, шансите за успех се многу помали. Освен внатрешна комуникација, стартап процесот бара постојана комуникација со купувачи, снабдувачи и партнери кои се надвор од привидните граници на стартапот. Без една таква комуникација веројатноста дека ќе се успее е многу помала.
  8. Неуспесите се сфаќаат премногу трагично. Како што веќе кажав стартап процесот е кружен процес кој бара многу итерации за да се дојде до посакуваната сотојба. Стартап процесот може да се нарече и фаза на тестирање каде се тестира пазарот и купувачите, се тестираат снабдувачите, се тестираат маркетинг материјалите, се тестираат партнерите, се тестираат ресурсите, се тестираат самите активности кои се спроведуваат… Бидејќи сето тоа е тестирање, неуспехот не значи комплетен неуспех. Неуспехот значи неуспех од еден тест и потреба да се промени нешто за да следниот тест ги даде посакуваните резултати.
  9. Слаби маркетинг вештини. Дефинирање на потреби, следење на однесување на купувачи, дефинирање на желби, привлекување на потенцијални купувачи… Сето тоа се активности кои не изостануваат во еден стартап процес. Затоа и слабите маркетинг вештини на стартап претприемачот или пак на членовите на тимот често пати претставуваат причина за неуспех на стартапот воопшто.
  10. Слаб стартап тим. Иако можеби не изгледа така, сепак секој стартап се ослонува на тимот кој што работи во процесот. Слаб стартап тим нема да ги даде очекуваните резултати. Стартап тим треба да биде вистинска комбинација од соодветни знаења, вештини и искуства со цел да се постигнат целите поставени пред стартапот. Без една таква комбинација многу е поблиску до неуспех отколку до успех.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*