post

12 Причини за одложување кои треба да ги знаете

Одложување е нешто што често се користи од страна на претприемачите во нивната секојдневна работа. Но, одложување е навистина опасно кога станува збор за вашиот бизнис и вашиот претприемачки пат.

одложување

Претприемачите по природа се луѓе со многу идеи, концепти, проекти, задачи… Доколку ја одложуваат имплементацијата на тие идеи, концепти, проекти или задачи во секојдневната работа на нивниот бизнис не може да очекуваат успех за себеси и бизнисот воопшто. Едноставно, без имплементација не може да се каже дека постои претприемач. Затоа и одложувањето се смета како еден од најголемите непријатели на претприемачите или потенцијалните претприемачи.

Тука ќе презентирам 12 прични зошто одложуваме. Мора да напоменам дека овие причини се извадок од третата епизода на подкастот претприемачки пат насловена како “Одложување како сопирачка за вас и за вашиот бизнис“.

  1. Недостаток на самодоверба. Направете една анализа на себеси при што ќе ги расчлените проблемите кои самодовербата ќе ви ги донесе, ќе забележите дека сé се врти околу одложувањето. Прашањата од стилот на дали можам, имам ли капацитет, ќе успеам ли или немам знаење и вештини за нешто се прашања кои покажуваат дека имате проблем со самодовербата и со такви прашања многу е полесно да се откажеме или да одложиме нешто за одреден временски период како би научиле повеќе, како би направиле подобар план или би избрале подобри стратегии.  Самодовербата се зајакнува само доколку започнете со нешто, имплементирате, се обидувате при што може да паѓате, но и да станувате посилен со знаењето кое искоството ви го носи. Да се прочита една лекција од некој предмет не е исто како и пробување да го имплементирате онаа за што се зборува во таа лекција.
  2. Тенденција да сакате првин да научите се, а потоа да преземете акција. Логично е прво нешто што секој човек го прави за да си ја зголеми самодовербата е да започне со учење и барање на информации. Но, самото учење и барање на информации не значи дека не одложувате со преземање на акција, туку значи дека барате оправдание за да не преземете акција. Денес навистина имаме премногу информации околу нас, што пак лесно доведува до блокирање поради премногу информации. Сепак, оваа не претставува решение за надминување на проблемот со самодовербата.
  3. Немате јасни цели, што пак доведува до нејасност и конфузија. Запомнете дека како еден претприемач се што работите мора да има одредена цел. Не смеете да си го дозволите луксузот да се нафрлате од една идеја до друга идеја, од еден концепт до друг концепт и од еден проект до друг проект без притоа да знаете што сакате да постигнете со имплементација на таа идеја, тој концепт или тој проект во вашиот бизнис. Од друга страна, јасни цели за онаа што сакате да постигнете како на краток така и на долг рок претставуваат најголемите мотивациски фактори за вас што претставува и дел од процесот на справување со одложувањето.
  4. Вашата “да направам” листа содржи проекти наместо задачи. Навистина многу е проблематично кога наместо задачи ставате проекти во “да направам” листата при што проектот бара многу повеќе време за имплементација отколку една задача која претставува само еден мал сегмент од проектот. Во една ваква ситуација чувството за прогрес во реализација на активностите ќе се изгуби и доколку една иста задача во облик на проект стои повеќе време на вашата “да направам” листа едноставно ви здосадува и започнувате да работите на останатите активности наместо на имплементација на проектот. Од друга страна користење на проект наместо задачи не ви два јасна слика за тоа што треба да правите, а тоа значи дека имате дизајнирано слаб преокт менаџмент за проектот кој сакате да го имплементирате.
  5. Вашиот план не се базира на “IF-THEN” принципот. Оваа причина најмногу се однесува на недостаток на еден систематски пристап во извршувањето на активностите во вашиот бизнис, бидејќи секој систем се базира токму на “IF-THEN” принципот кој едноставно внесува дополнителна доза на јаснотија за секоја ситуација во која можете да се најдете. Од друга страна, кога знаете што треба да направите при појава на одредена ситуација, многу е полесно веднаш да се зафатите со работата наместо да ја одложувате. Сега, голем проблем во деловниот свет е постоењето на неизвесноста и многу случајни променливи не можат да се откријат предвреме за да бидат дел од IF-THEN принципот, но сепак можеме да кажеме дека над 80% од активностите во еден бизнис може и треба да се програмираат, нормално доколку сакате да имате поголема стабилност во креирање и дистрибуцијата на вредноста која вашиот бизнис ја нуди на пазарот.
  6. Имате проблеми со одлучноста. Нормално, доколку не сте одлучни во многу ситуации ќе избирате да го одложите преземањето на акција само затоа што не знаете што да одлучите. Иако понекогаш одлука претставува и недонесување на одлука, односно како што уште се нарекува и “нулта” одлука, сепак таквите ситуации мора да се одржуваат на колку што може пониско ниво, бидејќи кога сте претприемач не ве ослободува од одговорност постојано да носите одлуки.
  7. Вашата работна околина дозволува премногу одвлекувања на вниманието. Кога вашето внимание е прекинато повеќе пати, започнувате да ги промашувате роковите бидејќи едноставно работите не се одвиваат во определен редослед и нормално не се завршуваат. На таков начин започнувате да ги судите активностите кои се од помало значење за вашиот успех и нормално креирате нови проблеми. Па, добро можам и без тоа… Или, ајде да не губам време со тоа, ќе продолжам со ова… Ајде, ќе излезам со Х, па потоа ќе продолжам со работата, ако треба ќе останам и подолго на работа… Ваквите оправдувања и искази претставуваат одлична потврда дека одложувањето е последица на одвлекување на вашето внимание.
  8. Не користите кратки распореди и рокови за да обезбедите фокусирани акции. Земете еден пример, треба да имплементирате проект за подобрување на односи со купувачите следната година. Самото поставување на еден ваков проект на еден ваков начин претставува одложување. Иако проектот е важен, сепак има време. Утре повторно ќе го видите и повторно ќе кажете дека има време. Па, ќе го заборавите. Па едноставно ќе стигнете до него следната година неколку денови пред распоредот што минатата година сте си го поставиле. И тогаш, ајдеее на брзина дај нешто да направиме.
  9. Одложувањето е секогаш поатрактивно во однос на акцијата. Во однос на атрактивноста не можете многу нешто да направите, затоа што секогаш одложувањето ќе биде поатрактивно од преземањето на акција. Сепак, со јасно поставени цели, поголема одговорност и поголема мотивација секогаш ќе го избирате потешкиот пат, а тоа е да преземете акција, наместо одржување на status quo ситуација со одложувањето.
  10. Барате перфекционизам во се што работите. Едноставно сакате се да биде перфектно испланирано пред воопшто да започнете со имплементацијата. Сепак, мора да знаете дека перфекционизмот во услови на многу висока неизвесност во која функционира секој бизнис е невозможна. Од друга страна, разберете дека купувачите не сакаат нешто перфектно, тие сакаат решение кое е во согласност со нивните потреби.
  11. Немате јасни приоритети. Нормално, ако немате приоритет, тогаш се е приоритет или пак ништо нема приоритет. Во такви услови најлесно е да се одложуваат работите. Зошто? Затоа што нема што да ве поттикне за да ги имплементирам.
  12. Едноставно не препознавате или не признавате дека одложувате. Најголем проблем е кога не сте свесни дека грешите. Запомнете дека грешките се дозволиви, но не е дозволиво да не преземете нешто во однос на нивно отстранување и елиминирање на можноста од повторно појавување на истата грешка. Кога не знаете дека грешите, нема ни да знаете дека треба да преземете нешто.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*