Archives for ноември 2009

post

Дали Телемаркетингот е За Губитници?

Доколку ме прашувате мене, Да. На претприемач веќе неколку месеци секоја недела објавуваме маркетинг средства во еден турбо серијал од маркетинг средства. Меѓу тие е и телемаркетингот кој едноставно значи доаѓање до телефонски броеви и нормално вртење (додевање) на луѓето или бизнисите за да се обидете да им продадете нешто.

Првин погледнете го видеото кое навистина е добро и кратко а кое пред неколку денови го објавив на Facebook страната на Претприемач.

Што е Inbound (влезен), а што е Outbound (излезен) маркетинг?

Телемаркетингот е Outbound маркетинг средство. Пред некое време на поимникот на претприемач го опишав значењето на овие зборови:

Inbound маркетинг: термин кој се користи да го опише маркетингот кој денеска има најголемо влијание врз потенцијалните потрошувачи. Inbound маркетинг едноставно значи да бидете присутен таму каде што Вашите целни потенцијални потрошувачи ќе побараат решение за нивен проблем. За разлика од оној традиционалниот или пак како го нарекуваат Outbound Marketing овој тип на маркетинг не се занимава со притисок и додевање и пречење на потенцијалните потрошувачи туку ги остава самите тие на наједноставен начин да дојдат до Вашиот бизнис.

Outbound маркетинг: Ова е нов термин на изразување на традиционалниот маркетинг кој уште Seth Godin го нарекува и Interruption Marketing – Маркетинг со здодевање врз потенцијалните потрошувачи. Се она што го знаеме како маркетинг средства во вид на ТВ, радио, весници, магазини, директна пошта, брошури, флаери итн. спаѓа во овој вид на маркетинг. Спротивен на овој вид на маркетинг кој остава потенцијалните потрошувачи да го најдат Вашиот бизнис кога имаат потреба е Inbound маркетинг.

Може да се каже дека влезен маркетинг претставува inbound маркетинг бидејќи самите потенцијални потрошувачи влегуваат по сопствена волја во Вашиот маркетин систем, додека излезен маркетинг е outbound маркетинг каде Вашата маркетинг кампања излегува од Вашиот бизнис и влегува на местата на потенцијалните потрошувачи како непоканет гостин.

Можеме да ги преведеме и како поканет (inbound) и непоканет (outbound) маркетинг.

Повеќе за овие влезен и излезен маркетинг во следниот напис каде подетално ќе навлезам во сржта на истите.

Едно мое искуство!

Постојано ме бомбардираат со телемаркетингот како едно од најкористени маркетинг средства во Македонија. Зошто е најкористено, затоа што е наједноставно. Земеш златна книга и се јавуваш на телефонските броеви кои си ги избрал. Ако свртиш денес на 100 телефонски броеви кај еден да упали си велиш тоа е супер завршена работа.

Оваа маркетинг средство е ОК, но доколку се користи онака како што треба, но во никој случај неможе да биде поефективно од групата на влезни маркетинг средства.

Минатата недела со помош на телемаркетингот ми се јавија од една компанија за веб дизајн бидејќи го пронашле бројот од златна книга за еден од моите бизниси кој се однесува на локално ниво и кој има сопствена веб страна која служи за спроведување на некои inbound маркетинг активности на бизнисот. Еве неколку грешки кои се катастрофални за таа компаниаја (која на нивната веб страна има наведено дека се лидери, најдобри, не се како другите итн.):

  • Од златна книга имаат погрешна информација бидејќи веб страната која првично беше на google pages домеин сега е сменета.
  • Ми здодеваат. Едноставно ми се јавија кога не бев расположен да разговарам, бидејќи си имав други обврски.
  • Бизнис кој продава електронски производ базиран на интернетот користи излезни маркетинг техники. Смешно.
  • Ми предлагаат да ми ја пуштат понудата на факс. Господе, дали не слушнале за е-mail?
  • Ги побарав на Google не можев да ги најдам меѓу првите 5 страни на резултатите. Затоа тие користат телемаркетинг.

Мислам дека се доволни грешките за да ја разберете суштината на проблемот на бизнисите кај нас.

Следува подетален напис за влезен маркетинг (inbound маркетинг) кој ќе опфати некои размислувања зошто уште денес треба да започнете да размислувате поинаку за Вашите маркетинг напори. Инаку во однос на маркетинг средствата што ги разработуваме на претприемач едно 50-тина ќе се однесуваат на влезниот маркетинг.

post

Претприемач – Дополнувања за Маркетинг План

Вчера пишував за маркетинг планот кој го препорачува Jay Conrad Levinson во третата панел дискусија од The League of Extraordinary Minds каде 53 најголеми светски експерти од областа на бизнисот и маркетингот дискутираат секоја недела. Тоа е написот за Маркетинг план во 7 едноставни реченици. Доколку сте го пропуштиле би Ви препорачал да го прочитате бидејќи денешниов текст само ќе претставува едно мое дополнување на овој стил на разработка на маркетинг план во 5 минути.

Marкетинг план дополнување на 7 реченици

Да се потсетиме накратко кои беа тие 7 реченици кои го составуваат маркетинг планот:

1) Целта на маркетингот

2) Конкурентска предност

3) Целен аудиториум

4) Маркетинг средства во вид на листа

5) Што претставувате Вие за Вашата пазарна ниша?

6) Идентитет и

7) Буџет.

      Дали нешто фали во овој маркетинг план?

      Овој стил на маркетинг план ми се допадна веднаш, но бидејќи имам една мана секогаш да барам некој вид на подобрување во истиот забележав дека нешто ми фали. Во претходниот напис – Маркетинг план во 7 едноставни реченици забележав дека една од грешките што ги прават претприемачите е да не го исполни тој план што веќе го направил.

      Ако веќе имате маркетинг план и со тоа половина грешка веќе не е грешка поврзана со маркетингот, тогаш мора да се заколнете на тој документ дека ќе го искористите и спроведете онака како што сте испланирале во истиот.

      Но, како да се заколнете? Ова едноставно ќе се случи доколку тој маркетинг план содржи, кој, што, каде, како и кога.

      Во овие 7 реченици имаме веќе одговорено на што и како. Но, фали кој и кога.

      Дополнителни елементи на маркетинг план во 7 реченици

      Значи ги имаме елементите:

      • Што – Конкурентска предност, Идентитет и она што претставувате Вие за вашата пазарна ниша.
      • Каде – Целен аудиториум.
      • Како – Маркетинг средства во вид на листа.

      Ни фалат следниве прашања во однос на маркетинг планот:

      • Кој ќе биде задолжен за кое маркетинг средство и
      • Кога ќе биде спроведено секо маркетинг средство.

      Значи двата дополнителни елементи кои што фалат влегуваат во четвртата реченица од маркетинг планот – маркетинг средства. Па, оваа нема да биде реченица ниту листа туку едноставно една табела со 3 колони:

      • Маркетинг средство
      • Задолжена личност за спроведување на тоа маркетинг средство
      • Датум кога ќе започне спроведувањето на тоа маркетинг средство.

      На ваков начин маркетинг планот ќе биде обврзувачки за лицата кои ќе треба да го спроведуваат.

      Уште еден елемент кој фали

      За крај уште еден многу важен ако не и најважен елемент кој забележав дека фали во маркетинг планот во 7 едноставни реченици. Овој елемент е популарно наречен повратна врска – Feedback. Како ќе ја вршиме контролата во однос на тоа кое маркетинг средство е успешно а кое неуспешно?

      Овој елемент е значаен заради тоа што ќе ни овозможи да видиме кои маркетинг средства да ги исфрлиме, кои да ги подобриме и кои да ги замениме со нови. На ваков начин, реченицате 4 за маркетинг средства ќе има 4 колони во кои дополнителната од погоре колона ќе биде за успешноста на маркетинг средството.

      Со еден ваков маркетинг план ќе имаме можност постојано да ги подобруваме нашите маркетинг активности. Всушност, како еден приказ на таа табела може да биде и маркетинг календарот кој го имаме како еден од 10-те темплејти на претприемач.

      post

      Маркетинг План во 7 Едноставни Реченици

      Сржта на секоја маркетинг програма на секој бизнис па и на малиот бизнис е квалитетен маркетинг план. Мислам, дека како претприемачи често го избегнуваме и целокупно ги базираме нашите маркетинг активности на случајноста. На претприемач досега опфативме многу теми кои навлегуваат во проблематиката на маркетингот (дури 50 блог написи во кои 30-тина се за различни маркетинг средства, барем досега).

      Маркетинг план во 7 реченици

      Во однос на маркетинг планот досега на претприемач пишувавме во три наврати:

      Последното, се однесува на тоа што треба да содржи еден маркетинг план. Но, написот се однесува за маркетинг план онаков како што изгледа по книгите. Во тој маркетинг план опфативме 5 поднаслови:

        1. Резиме
        2. Анализа на пазарот
        3. Маркетинг стратегија
        4. Финансиски елемент на маркетингот и
        5. Контрола.

      Грешка која еден претприемач најчесто ја прави во маркетингот

      Пред една недела се одржа третата панел дискусија на The League of Extraordinary Minds еден од екпертите беше и Jay Conrad Levinson популарно познат и како „таткото на герила маркетингот“ и автор на бестселерот „Герила Маркетинг“. Едно од прашањата беше која е најголема грешка која претприемачите ја прават во маркетингот? Како најголема грешка тој ги издвои следниве две:

      • немање на маркетинг план и
      • доколку претприемачот има маркетинг план не се обврзува да го исполни.

      Доколку сте претприемач и имате мал бизнис одговорете си на прашањето дали имате некаков вид на маркетинг план за Вашиот бизнис и доколку го имате колку го исполнувате?

      Jay Conrad Levinson е и еден од креаторите на маркетинг кампањата на Marlboro во 1960-тите години кога Marlboro станува бренд број еден во светот од една просечна компанија (Таа кампања се однесува на каубојот со Marlboro). И ден денес Marlboro како бренд е препознатлив по тој каубој и цигара. Но, она што Jay го напоменува е дека тој маркетинг план не бил долг и компексен но целосно обврзувачки за менаџментот и компанијата воопшто.

      Она што можеме да го извлечеме од препораката на овој маркетинг експерт е тоа што не е важен изгледот или формата на Вашиот маркетинг план, туку важно е да имате едноставен кој секогаш ќе го исполните.

      Маркетинг план во 7 реченици

      Овој маркетинг експерт, кој слободно можеме да го ставиме во еден од најголемите екперти во светот за маркетингот вели дека кога како консултант за компаниите бил најмуван секогаш предлагал едноставен маркетинг план во 7 реченици и тоа за 5 минути. Следниве 7 реченици се однесуваат на еден таков маркетинг план:

      1) Целта на маркетингот

      Првата реченица се однесува на вистинската цел на Вашиот маркетинг. Одговорете на прашањето зошто ви е потребен маркетинг планот или која придобивка сакате да ја добиете од маркетингот.

      2) Конкурентска предност

      Втората реченица е конкурентската предност која сакате да ја истакнете за да потенцијалните потрошувачи преку Вашата маркетинг кампања направат нешто. Запрашајте се која е Вашата конкурентска предност во облик на бенефит на потенцијалните потрошувачи.

      3) Целен аудиториум

      Секој маркетинг има целен аудиториум кој треба да ја прими маркетинг пораката врз основа на која Вие како претприемач сакате да потенцијалниот потрошувач превземе некоја акција. Во една реченица претставете го тој целен аудиториум.

      4) Маркетинг средства

      Четвртата реченица е најдолга и всушност не претставува реченица туку листа и тоа листа на маркетинг средствата кои ќе ги користите за да ја исполните целта. На претприемач веќе неколку месеци обработуваме различни маркетинг средства (досега 31 од 100). Во книгата „Герила Маркетинг“ имате 200 маркетинг „оружја“ како ги нарекува Jay Conrad Levinson.

      5) Што претставувате Вие за Вашата пазарна ниша?

      Оваа реченица треба да го претстави она што Вие како бизнис или пак како претприемач претставуваат за Вашиот пазар односно Вашата пазарна ниша.

      6) Идентитет

      Шестата реченица која треба да ја содржи секој маркетинг план согласно Jay Conrad Levinson е за Вашиот идентитет како претприемач и идентитетот на Вашиот бизнис.

      7) Буџет

      Последната, односно седма реченица е буџетот односно колку пари планирате да потрошите во одреден временски период за кој се однесува маркетинг планот. Во овој дел Jay предлага маркетинг буџетот да го изразите како процент од бруто продажба. На пример доколку имате 300.000 денари продажба и изберете 5% маркетинг буџет, тогаш значи дека ќе потрошите 15.000 денари за маркетинг на месечно ниво.

      post

      Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Реалност

      Во вчерашниот напис за Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Резултати со помош на анкетата која ја спроведовме во изминативе две недели и една дополнителна анализа на истите дојдовме до 15 фактори кои влијаат на успешноста на претприемачот. Тие 15 фактори кои ги идентификувавме наведени по важноста на истите се:

      1. Спремност да превземе акција,
      2. Знаење,
      3. Креативност,
      4. Вештини,
      5. Интелигенција,
      6. Истрајност,
      7. Упорност,
      8. Тимска работа,
      9. Вкалкулирано ризикување,
      10. Самодоверба,
      11. Искуство,
      12. Талент
      13. Чесност,
      14. Врски и
      15. Среќа.

      Како што наведов во резултатите од анализата еден од одговорите најмногу ми се допадна, а тоа е ниеден од горенаведените фактори.

      Зошто ниеден од 10 фактори во анкетата не е најважен?

      Првин сите наведени фактори без спремност да се превземе акција претставуваат потенцијал на еден претприемач. Всушност оваа е онаа бизнис потенцијална енергија складирана во претприемачот која може и треба да биде претворена во кинетичка енергија која ќе врши одредена работа. Повеќе за бизнис потенцијална енергија можете да прочитате во:

      Ова беа меѓу првите написи кои ги напишав на претприемач во моментот кога како термин и процес на бизнис потенцијална енергија започнав да го развивам и во моментов ова претставува една алатка која може да му помогне на секој бизнис да ја зголеми сопствената бизнис потенцијална енергија и да ја претвори во продуктивен и профитабилен бизнис. За овој процес во некој од понатамошните написи на претприемач.

      Но, ниеден од тие фактори нема да го направи еден претприемач успешен доколку не превземе соодветна акција. На пример, џабе знаењето и креативноста ако не го направите првиот чекор да го започнете Вашиот бизнис.

      Познавам многу луѓе кои имаат знаење и креативност, вешти се и интелигентни, истрајни и упорни… Сепак тие луѓе не се претприемачи, работат за друга компанија или пак некоја државна служба. Тие не се претприемачи не заради тоа што немаат знаење или пак не се интелигентни или пак не ги поседуваат останатите карактеристики од факторите за успешност, туку заради тоа што не го направиле првиот чекор, односно не превземале акција да станат претприемачи.

      Затоа во оваа хиерархиско пирамидална структура на одлучувачки фактори за успешност (сликата на почетокот) на еден претприемач како прва карактеристика или како темел за успешноста ја ставив способноста за превземање на акција.

      Каков би бил профилот на успешен претприемач?

      Профилот на еден претприемач – супермен би бил:

      Спремен да превземе акција која ја надградува со знаење и креативноста при што ги комбинира вештините и интелигенцијата, а е истраен и упорен, има способност да работи во тимови, превзема ризик, но не луд ризик и има самодоверба и искуство, а притоа е чесен, понекогаш има среќа и има некои врски кои можат да го подбутнат во работата.

      Во секој случај сите фактори или карактеристики се важни, бидејќи само ќе ја зголемат бизнис потенцијалната енергија на претприемачот, а со тоа и севкупната бизнис потенцијална енергија.

      Во наредниот период ќе продолжиме со разработувањето на сите овие фактори или карактеристики за да еден претприемач биде успешен претприемач.

      post

      Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Резултати

      Кои се одлучувачки фактори за да кажеме дека еден претприемач е успешен претприемач? Ова беше една анализа која ја спроведовме во изминативе две недели. Во анализата учествуваа над 100 читатели на претприемач кои одвоија неколку минути од своето драгоцено време. Благодарност до сите кои учествуваа и кои допринесоа во оваа анализа на некој начин.

      Овој напис е една анализа на самите резултати и коментар на истите, а секој од овие 10 фактори и сите оние кои беа дополнително наведени од Вашата страна ќе бидат презентирани како посебни наслови.

      Резултатите се навистина интересни и откриваат различни размислувања за тоа што го прави еден претприемач да биде успешен претприемач.

      Резултати за одлучувачки фактори за да бидете успешен претприемач

      Како што можете да забележите на сликата погоре различно е мислењето во однос на одлучувачките фактори за еден претприемач да биде успешен претприемач. Еве како изгледаат истите во проценти:

      ФАКТОР ЗА УСПЕХ
      % НА ОДГОВОРИ
      Знаење
      16,50%
      Креативност
      16,50%
      Вештини
      13,30%
      Интелигенција
      12,80%
      Истрајност
      10,60%
      Искуство
      10,10%
      Воркохоличност
      6,90%
      Талент
      5,00%
      Врски
      4,60%
      Среќа
      3,70%



      Забалежувате дека знаењето и креативноста убедливо се на прво место. и поради тоа би ги ставил во групата на најважни фактори. Во втората група на важни фактори кои го прават претприемачот успешен претприемач се вештините и интелигенција. Средно важни фактори се истрајност и искуство, додека најмалку важни фактори се воркохоличност, талент, врски и среќа.

      Според овие резултати го добиваме следново:

      Еден претприемач за да биде успешен претприемач треба да има:

      • Знаење за проблематиката на бизнисот кој ќе го започне,
      • Креативност за да биде уникатен и постојано да го подобрува бизнисот,
      • Вештини за различни бизнис потреби,
      • Интелигенција за да се снаоѓа во секакви ситуации и да ги решава најтешките проблеми,
      • Истрајност за да не се откажува по првиот пораз, бидејќи ќе има многу порази кои не значат и загубена војна,
      • Искуство за да ги применува сите досегашни искуствени состојби кои ги имал.

      Значи ова се едни од најважните особини. Истото ова ќе го пронајдете и во секој учебник за претприемаништво и малиот бизнис. Дека не е важно дали е воркохолик или не е веќе пишував во: Дали претприемач воркохолик е успешен претприемач? Талентот може да помогне, но не е неопходен.

      Врските ми се малку проблематични бидејќи знам претприемачи кои изградија империја на својот бизнис со помош на одредени врски во Владата во изминативе 15-тина години. Најслатки и најчисти пари за секој бизнис се државните пари, така да некое тендерче, јавна набавка или било што поврзано со трошење на буџетски средства може навистина да му помогне на секој претприемач да изгради успешен бизнис. Но, ОК во учебниците не пишува за можноста една врска да го катапултира претприемачот во светот на успешните.

      Среќата претставува психолошки фактор. Некој претприемач може да каже дека нема среќа, некој пак ќе каже дека му се сложиле коцките и едноставно успеал. И навистина има некои „среќлии“ кои едноставно се нашле случајно на вистинско место и во вистинско време. Но, сепак тоа се еден мал процент и не може да се вклучи како некој озбилен фактор за успех.

      Дополнителни фактори за успех на претприемачот

      Во самиот прашалник како второ прашање имаше можност да се внесат дополнителни фактори за кои сметате дека се значајни еден претприемач да биде успешен претприемач. И навистина некои од размислувањата се креативни и ми се допаќаат. Следниве фактори беа наведени дополнително:

      • Тимска работа. Никој не може ништо да постигне сам па ни претприемачот бидејќи претприемачот не е „супермен“, така да во целост се сложувам дека треба да има карактеристика на тимски играч.
      • Визија, мисија и победнички став. Визијата претставува поглед во иднината и секако дека претставува важен елемент иако мислам дека визијата е комплекс од креативноста, знаењето, интелигенцијата, искуството и знаењето кои пак се елементи кои веќе ги опфативме како најважни. Ќе имам квалитетна визија доколку ги имам наведените карактеристики. Мисија пак е нешто што треба самите да го дефинираме за нашиот бизнис – што ќе правиме во иднина. Но, победнички став е нешто сосема друго. Победнички став е резултат на самодоверба што пак е наведено како една карактеристика подолу.
      • Преземање на ризик. Ова е навистина едно од најотворените прашања: Дали претприемачот превзема ризик? Да, секое започнување на бизнис претставува преземае на ризик. Но, поважно е каков ризик превзема еден успешен претприемач? Најчесто се споменува зборот вкалкулиран ризик како најсоодветен збор за оваа карктеристика на претприемачот. Повеќе за оваа карактеристика во еден од наредните написи кога целосно ќе ги разработиме овие карактеристики.
      • Чесност. Чесноста е важна во секој случај, но понекогаш чесноста, да бидеме реални може да му биде и најголемиот непријател на еден претприемач во сложени услови како што се нашиве.
      • Самодоверба. Навистина самодовербата е еден важен и клучен фактор за секој претприемач. Сметам дека никој не би бил претприемач доколку немал самодоверба дека може, знае и умее да започне и води сопствен бизнис.
      • Упорност. Упорноста едноставно претставува одбивање да се откажете од нешто, односно способност да ги продолжите вашите акции наспроти Вашите лични чувства дека не сте подготвен за тие акции. Чувствата и мотивацијата не произведуваат резултати, туку акција е таа што произведува резултати. Упорноста и истрајноста која претходно ја идентификуваме се значајни фактори за успех на еден претприемач.
      • Спремност да превземе акција. Ова е можеби и најважниот фактор за успешноста на еден претприемач кој намерно го изоставив од предложените 10 фактори. Но, наредниот напис во однос на овие фактори за успех ќе даде целосно обрзложение зошто овој фактор е најважен.
      • Ниедна од горенаведените. Овој предложен фактор ми се допаѓа најповеќе бидејќи навистина мислам дека ниеден од досега изложените фактори (освен спремност да се превземе акција) не се нешто без кое не може да се биде претприемач. Но, и за оваа во утрешниот напис – Теорија наспроти реалност за успешен претприемач.

      За крај на овој прв напис од серијалот за профил на успешен претприемач накратко би ги сублимирал сите фактори кои преку оваа анализа ги идентификувавме:

      1. Спремност да превземе акција,
      2. Знаење,
      3. Креативност,
      4. Вештини,
      5. Интелигенција,
      6. Истрајност,
      7. Упорност,
      8. Тимска работа,
      9. Вкалкулирано ризикување,
      10. Самодоверба,
      11. Искуство,
      12. Талент
      13. Чесност,
      14. Врски и
      15. Среќа.

      Продолжува: Успешен претприемач – Одлучувачки Фактори – Реалност

      post

      Претприемач – Маркетинг Средство 31

      Оваа недела на ред е 31-то маркетинг средство од овој турбо серијал на маркетинг средства кој го започнавме пред неколку месеци. Досега како 18-то маркетинг средство го опфативме Вашиот продажен тим и како 21-во маркетинг средство го опфативме Вашиот бизнис преку ставови на Вашиот бизнис.

      Но, во овие две маркетинг средства фали централната фигура и тоа Вие како еден претприемач. Овие три маркетинг средства (бизнис, вработени и претприемачот) се севкупните внатрешни живи елементи на еден бизнис. Овој термин живи ми дојде на ум сега кога го пишувам овој напис бидејќи сите овие елементи дишат, а претприемачот и вработените се потсистеми на бизнисот. Дишат бидејќи претприемачот и вработените се биолошки системи, додека бизнисот како еден поголем систем ги содржи тие два биолошки подсистеми. Од друга страна оние неживи елементи се производот, услугата, технологијата итн.

      Втора работа што сакам да ја напоменам е што овие три елементи (претприемач, бизнис и вработени) го градат кредибилитетот и репутацијата на еден бизнис како посебни маркетинг средства.

      Како што постојано ќе бидат следени однесувањето и ставовите на Вашиот бизнис од Вашата околина така и Вие како претприемач ќе бидете постојано следени.

      Од кого Вие како претприемач ќе бидете следени?

      Како што веќе пишував во ставовите на Вашиот бизнис така и тука ќе бидат идентификувани истите следачи:

      • Потрошувачи. Во оваа група спаѓаат и сегашните и потенцијалните, односно идни потрошувачи. Оваа категорија е една од најважните Ваши аудиенции. Потребно е посебно внимание да се обрне кон истите.
      • Конкуренти. Во оваа категорија спаѓаат Вашите конкуренти кои имаат за цел или да ве стигнат или да се заштитат од Вас и Вашиот бизнис доколку им се приближувате премногу. Оваа категорија како маркетинг средство воопшто не е важна, но сепак има големо влијание врз Вашиот бизнис.
      • Медиуми. Оваа категорија на Ваши следачи може да одигра голема улога за Вашиот бизнис. Еден краток прилог во вестите на некој медиум може да ви донесе огромен публицитет. Но, вниманието на оваа категорија тешко се свртува особено на малите бизниси. Посебно е важно да забележиме дека оваа категорија може и непријателски да се однесува кон Вас па затоа е потребно особено внимание.
      • Вработени. Во категорија на следачи спаѓаат и вработените. Од една страна како потенцијални вработени за да привлечете квалитетна работна сила и од друга страна како веќе вработени кои можат директно да се вклучат во Вашите маркетинг активности и тоа неформални маркетинг активности. Ставовите навашата компанија можат бргу да бидат проширени преку Вашите вработени при нивни секојдневни контакти со надворешниот свет. Треба да се искористат на вистинскиот начин.
      • Добавувачи. Ова е уште една категорија на Ваша аудиенција која постојано ве следи, а може да има огромна улога во Вашите маркетинг кампањи.
      • Влада. Моќта на владата е толку голема што може да има огромни последици за секој бизнис, како позитивни така и негативни. Сведоци сме како со една одлука може да се унишатат империи од бизниси. Но, сведоци сме како со помош на Владата може да се изгради брзо бизнис империја. Потребно е особено внимание.

      На оваа група на ентитети кои ќе ве следат би додал уште две групи:

      • Вашето семејство. Каде се движите, како се однесувате, колку време поминувате на состноци и на работа. Оваа е нормална појава кога станува збор за Вас како една личност – претприемач.
      • Вашите роднини и пријатели. Колку можат да ви помогнат, толку можат да бидат и љубоморни на Вашиот успех како претприемач. Затоа сметам дека и оваа група на ентитети од Вашата непосредна близина треба да биде добро избалансирана во Ваша корист и во користа на Вашиот бизнис.

      Што е тоа што ќе го следат кај Вас како еден претприемач?

      Ќе бидете следени на различни начини и во однос на различни Ваши лични елементи. Како што во Бизнис копија – Моќта на имитација наведов еден начин или пак еден процес како да следите некој успешен идол кој ќе го копирате и вметнете во Ваш сопствен бизнис модел така и некој друг ќе се обиде да ве следи и копира нормално. Освен тоа доколку има можност ќе се обиде да му наштети на Вашиот бизнис и на Вас лично.

      • Ваши општи и бизнис ставови. Вашите општи и бизнис ставови во голем дел може да влијаат на градење на солиден кредибилитет и репутација.
      • Начин на однесување. Вашето лично однесување ќе дава одредена слика на вашиот бизнис воопшто и може да биде едно од клучните маркетинг средства за луѓето со кои доаѓате во контакт.
      • Начин на трошење. Имам еден пријател претприемач кој навистина започнува со сопствен бизнис веднаш по завршување на средното училиште. Бизнисот го води и развива и во текот на неговото високо образование. Може да се каже слободно дека за негови години има квалитетен успех како еден претприемач во однос на она што го има како материјални средства. Но, секогаш кога седиме и разговараме ми вели дека мора да внимава каква кола ќе вози и како ќе се облекува за да не се случи премногу да биде над другите – обичните луѓе бидејќи смета дека ќе му наштетат. И навистина има право. Љубомората е една лоша работа која може навистина да наштети на еден бизнис. Можеби во САД оваа не е проблем, но кај нас мислам дека сеуште постои.
      • Начин на менаџирање на бизнисот. Ако сте успешен претприемач кој успешно го менаџира сопствениот бизнис ќе имате добар кредибилитет и репутација. Вашите вработени ќе бидат задоволни и ќе се обидат на секој начин да го промовираат Вашиот бизнис.
      • Ваша појава воопшто како една фигура. Многу луѓе ќе ве гледаат како една фигура која се појавува и исчезнува. Сликата која ќе им остане во однос на Вас и вашиот бизнис ќе има големо влијание за понатамошната можна соработка со тие луѓе. Секогаш некаков детал кој човекот ќе го запази на Вас ќе остане по што ќе Ве памети. Така да внимавајте оваа Ваша фигура да биде усогласена со типот на бизнисот и кругот во кој се движите.
      post

      Претприемач – Како Кршач На Правила

      Претприемачите по непишано правило се кршачи на правила. Едноставно не ги сакаат. Едни од најуспешните претприемачи се луѓето кои се добри во оваа кршење на правила.

      Претприемнички правила

      Некаде пред извесно време прочитав дека понудувачите на франшизата не сакаат да продаваат франшиза на претприемачот. Зошто? Единствено поради тоа што франшизата бара следење на строго дефинирани правила, а вистинските претприемачи едноставно сакаат да работат по сопствени правила кои постојано ги менуваат. И навистина има логика.

      Но, сепак постојат различни типови на правила. Како основни јас ги поделив на две групи и тоа:

      • Правила кои мора да се почитуваат.
      • Правила кои не мора да се почитуваат.

      Правила кои мора да се почитуваат

      Во оваа група спаѓаат сите законски и подзаконски акти кои го регулираат работењето на еден бизнис и еден претприемач, а донесени од страна на законодавниот дом или владата.

      Знам дека се многу ограничувачки, но тое е нешто што се мора бидејќи може да не заболи на крајот.

      Еден проблем кој го гледам тука е погрешното толкување на овие правила. Малите бизниси немаат доволно ресурси да имаат посебен правен оддел кој ќе го следи сето онаа што се менува и донесува секојдневно, а што има влијание врз работата на бизнисот. Па затоа нормално е секој мал бизнис да најми компанија која ќе ги води сметководствените и правните работи. Ода оваа компанија се очекуваат вистински правни совети.

      Но, токму тука се случуваат одредени проблеми бидејќи не е лесно во денешно време да ги следиш сите закони кои постојано се менуваат. Затоа овие компании во голем дел своите совети ги базираат на она што ќе им го кажат соодветните надлежни инспекциски организа за примена на одредено правило кое мора да се почитува. На ваков начин произлегуваат еден куп на правила кои немаат врска со онаа што законодавецот го мислел.

      Оваа натаму продолжува да се шири со еден огромен вирозен елемент. Еден кажува на друг, тој на трет и се така натаму додека едно измислено правило направи огрома збрка.

      Еве еден пример. Пред некое време во еден малопродажен објект наминува купувач кој вели дека некој друг бизнис го казниле заради тоа и тоа. Претприемачот и вработените во малопродажниот бизнис ги известуваат останатите малопродажни бизниси во околината. Сите се растрчуваат и го пренесуваат гласот еден на друг додека веста не се прошири како вирус низ целиот град. Сите се прилагодија во работата согласно новите рекла-казала правила. Се додека еден ден еден претприемач не побара низ службените весници да види за што се однесува тоа правило. И знаете што, немаше никаква врска околу едно такво правило кое сите започнаа да го применуваат.

      Значи пред да започнеш со примена на одредено правило обиди се да бидеш сигурен за истото.

      Правила кои не мора да се почитуваат

      Освен оние правила кои мора да се почитуваат постојат и правила со кои сме бомбардирани секој ден, а кои навистина понекогаш треба да се игнорираат. Понекогаш навистина мислам дека треба да се почитува онаа изрека дека правилата постојат за да се кршат. Во оваа група на правила се и оние кои ги опишавме во претходниот поднаслов – измислени правила кои мора да се почитуваат. Кои се овие правила:

      • Измислени правила кои мора да се почитуваат. Ова се правилата кои веќе ги спомнавме погоре.
      • Правила кои го кочат развојот на бизнисот. Често пати претприемачот несвесно за да се спаси од анархија усвојува правила кои не би требало да важат за луѓето задолжени да донесуваат нови идеи, да иновираат и да го развиваат бизнисот.
      • Правила кои не овозможуват мислење со сопствена глава. Многу правила едноставно го запираат мозокот да си ја извршува својата главна функција – мислење. Ова се навистина правила кои не се потребни.

      Неколку размислувања за овие правила

      1. Правилата ја намалуваат инвентивноста на еден претприемач.
      2. Правилата може да превладеат и еден претприемач да престане да биде претприемач бидејќи ќе започне да се занимава повеќе со правила наместо со идеи и резултати.
      3. Правилата замараат.
      4. Правилата ја одржуваат status-quo состојбата во еден бизнис.
      5. Правилата создаваат навики кои претставуваат пречки за промени и подобрувања во бизнисот.
      6. Правилата ја прават работата еднолична и здодевна.
      7. Правилата го штитат бизнисот од анархија.

      Забележувате дека само последното размислување е ОК, додека сите останати прават штета на бизнисот. Она што сакам да го кажам не треба да се дозволи да се работи без никакви правила, но претприемачот треба да биде внимателен во она што ќе биде вистинското правило за неговиот бизнис.

      post

      4Е Рамка За Градење На Тим Кој Победува

      Тимската работа е основа за успех на секој бизнис. Но доколку Вие како претприемач не изградите тим кој има потенцијал да победува, тимската работа нема многу да помогне за успешен развој на Вашиот бизнис.

      Тимска работа

      Пред неколку години во Адижесовиот Институт во Нови Сад купив 15-тина книги, меѓу кои и Winning (Преведена како Вештина на победување) од Jack Welch. Jack Welch е поранешен CEO на General Electric, компанија која ја водел 30-тина години и за кое време ја зголемил вредноста на компанијата повеќе од 30 пати. Како еден од клучните елементи за успехот на компанијата е што тој трошел 50% од сопственото време на стекнување, евалуирање и развој на таланти. Сето ова всушност тој го правел со помош на оваа Рамка 4Е. Еве што вели тој за 4Е:

      Ми беа потребни години да ја формирам Рамката 4Е. Без сомнение, постојат и други луѓе кои имаат изградено некаква рамка која добро функционира во градењето на победничките тимови. Меѓутоа, јас дојдов до сознание дека оваа рамка е проверено делотворна во сите бизниси и сите граници.

      Но, што всушност претставува таа рамка? Рамката всушност претставува збир од 4 критериуми врз основа на кои може да се евалуира талентот во еден бизнис. Сите тие критериуми започнуваат на буквата Е (на англиски). Ќе ги претставам накратко тие 4 Е критериуми.

      Енергија

      Првото Е се однесува на енергија (Energy). Прво што треба да побарате кај луѓето кои сакате да ги вклучите во Вашиот тим кој победува е енергија и тоа позитивна енергија. Луѓето со голема енергија се луѓе кои се движат 100 на час во околина во која сите се возат 20 на час. Тие се спремни да напредуваат и да работат за секој успех. Еве што Jack Welch вели за овие луѓе:

      Луѓето кои имаат позитивна енергија вообичаено се екстровертни и оптимисти. Тие лесно покренуваат разговор и се спријателуваат со другите. Денот го започнуваат и го завршуваат полни со ентузијазам, а ретко се заморуваат. Не се жалат бидејќи работат, а сакаат да работат.

      Енергизирање

      Вториот критериум е енергизирање (Energizing). Освен сопствената енергија потребно е да имаат и способност и во другите да влеваат енергија и ентузијазам. Оваа способност е навистина важна за еден бизнис бидејќи повеќето луѓе ја губат енергијата со текот на времето па затоа луѓе со оваа карактеристика овозможуваат една квалитетна работна атмосфера во самиот бизнис. Еве што Jack Welch вели за овие луѓе:

      Луѓето кои влеваат енергија можат да ги инспирираат членовите на тимот да се фатат за невозможното и во тоа ѓаволски да уживааат.

      Срце – Храброст

      Третиот елемент е да имаат срце, односно храброст (Edge) за да носат клучни одлуки. Не се потребни луѓе кои постојано ќе анализираат, а нема да донесуваат одлука во клучен момент. Секогаш треба да се пресече и да се донеса важна одлука. Еве што Jack Welch вели за овие луѓе:

      Ефикаснисте луѓе со срце и храброст знаат кога е време да престанат да процеснуваат и да донесат тешка одлука, дури и кога немаат доволно информации.

      Спроведување

      Четвртиот критериум или пак 4-тото Е е Спроведување (Execute). Ова е и клучот за целиот овој модел бидејќи без некои резултати претходните 3 Е не се доволно корисни. Оваа карактеристика ги конвертира енергијата и одлучноста во вистински мерливи резултати. За оваа Е Jack Welch вели:

      … можете да имате позитивна енергија, да влевате енергија и ентузијазам во другите, да донесувате тешки одлуки, но сепак да не стигнете до целта. Способноста нешто да се спроведе е посебна вештина. Таа подразбира дека личноста знае како одлуките да ги спроведе на дело и да ги турка се до нивна потполна финализација, надминувајќи ја отпорноста, хаосот и неочекуваните препреки.

      Користете ги овие карактеристики за да успеете да изградите тим кој навистина победува.

      post

      Бизнис Копија – Моќта На Имитација

      Копирај го ова, копирај го она, копирај, копирај… Над 90% од се што постои на пазарот е копија на нешто друго. Дали имитацијата е профитабилна и ефективна стратегија за постоечките и идните претприемачи? Мислам, да. Една од најголемите грешки што потенцијалните претприемачи никогаш не стануваат претприемачи е бидејќи тие се обидуваат да најдат уникатен производ за уникатна пазарна ниша која воопшто и не постои. Можеби таа пазарна ниша не постои бидејќи воопшто не постои потреба за таквите производи или услуги. Имитацијата е профитабилна и ефективна стратегија доколку се изведе на вистинскиот начин бидејќи претприемачите ќе имаат повеќе користи:

      Бизнис копија - Имитација заради успех

      • Влегувате на пазар кој веќе постои,
      • Имате многу помал ризик (оставете го настрана тоа дека претприемачите се превземачи на ризик сеуште постојат и практични и теоретски дилеми околу тоа бидејќи никој не става здрава нога во трн),
      • Имате многу помали трошоци и
      • Имате многу помал претприемнички стрес.

      Денес на светскиот пазар постојат толку многу успешни бизниси кои едноставно се изродиле како копија од некоја друга идеја или пак некој друг веќе постоечки бизнис. Имитацијата едноставно претставува правење на нешто што веќе се прави од некој друг. Таа е користење на идеја која веќе постои.

      Би дал неколку совети за копирање на друг веќе постоечки бизнис за да креирате сопствен бизнис кој ќе биде супериорен на пазарот.

      Не се обидувајте да најдете бизниси кои никогаш не биле пробани претходно

      Понекогаш претприемачите се заглавуваат во наоѓање на бизнис идеја која не постои на пазарот. Не дека не е добро да се има една таква идеја, но постои опасност дека таа идеја не поминала досега бидејќи не била барана. Доколку оваа стратегија со уникатна идеја успее има голема веројатност дека бизнисот ќе биде успешен. Но, процентот на успех со оваа стратегија е многу мал, па така да и веројатноста на успешноста на оваа стратегија се намалува. Со оваа стратегија ќе мора да инвестирате време, пари и енергија за да изградите нешто што не гарантира успех на бизнисот. Што ќе се случи доколку не постои интерес на пазарот за таа идеја? Умните претприемачи не превземаат ризик со нешто што не гарантира успех. Не можеме сите да бидеме еден вид на Bill Gates (Microsoft) или пак Larry Page (Google).

      Затоа доколку сте претприемач кој штотуку започнува или пак планира да започнува бизнис или пак веќе сте сопственик на мал бизнис не обидувајте се да најдете бизнис кој не бил пробан. Оставете го тоа за големите компании кои имаат доволно ресурси со кои ќе си го покријат својот неуспех во нешто ново. Но, доколку тие успеат во тоа копирајте го нивниот успех во Вашиот бизнис.

      Пронајдете го вашиот идол

      Секоја личност има сопствен идол кој сака да го копира за да личи на него, да живее како него, да се однесува како него, да работи како него… Мора да најдете успешен претприемач или пак бизнис кој ќе го копирате во Вашиот бизнис. Вашата задача е да најдете некој кој веќе го има искусено успехот кој што вие толку желно го посакувате. Направете листа од можни претприемачи и бизниси која ќе ви служи за наредните чекори од процесот.

      Следете ги вашите идоли

      Кога ќе ги најдете и изберете Вашите идоли потрошете одредено време на нивно следење. Ова не значи дека треба да одите по нив, односно да ги следите во буквална смисла на зборот. Ова значи прибирање на информации за нивниот успех. При следењето обидете се да одговорите на следниве прашања за Вашите идоли:

      • Што е тоа што тие го прават за нивниот деловен успех?
      • Кој е нивниот чекор по чекор процес кој ги одвел до успехот?
      • Какво е нивното однесување?
      • Како тие го користат маркетингот во нивниот бизнис или пак производ и услуга?

      Проучете и научете за се што тие прават за да бидат успешни

      Проучете и научете, проучете и научете… Ова е основата за успешно копирање на нечиј друг бизнис. Ќе мора да одговорите на следниве прашања по проучување на успехот на Вашите идоли:

      • Во што се тие подобри од останатите бизниси во истата индустрија?
      • Што тие прават поразлично од другите?
      • Која е нивната супериорна вредност?
      • По што се препознатливи на пазарот?
      • Како го градат нивниот кредибилитет?

      Копирајте ги сите успешни фактори во вашиот бизнис

      Откако ќе го соберете знаењето за нивната деловна успешност можете да започнете со планирање на имплементацијата на тоа знаење во Вашиот сопствен бизнис. Имплементирајте ги сите фактори кои ги идентификувавте во претходните чекори. Не се обидувајте да испуштите некој фактор кој ви е идентификуван како елемент кој Вашиот идол го прави успешен претприемач. Копирајте се во Вашиот бизнис.

      Подобрувајте ги сите фактори

      И за крај зборот кој најмногу ми се допаѓа во целиот овој процес, а кој прави да не бидете обични имитатори – подобрување. Досега во процесот веќе изградивте систем и потенцијал за Ваша сопствена бизнис успешност.Но, Вие сакате да бидете број еден на пазарот. А, кој не сака? Затоа не запирајте тука. Подобрувајте ги факторите на успех. Подобрете ги сите фактори и имплементирајте ги новите кои ќе ги откриете за да бидете подобри од бизнисот кој веќе го копирате. Подобрувајте, доколку сакате да бидете препознаени како нешто уникатно на пазарот.

      ***

      Сега што мислите? Дали Вашиот бизнис е фалсификувана копија или пак уникатен бизнис кој претставува подобрена копија на некој друг бизнис? Мислам дека имате оригинален бизнис иако е роден од идеја и успех на други. Процесот е едноставен:

      Пронајди + Научи + Копирај + Подобри = Уникатна успешност





      post

      Што Еден Претприемач Може Да Научи Од Google?

      Google е еден од најмладите пребарувачи на интернетот кој започнува при крајот на последната деценија во минатиот век. Но, за кратко време станува број еден пребарувач користен низ целиот свет. Како една млада компанија во еден претприемнички дух Google ја започнува борбата со тогашните џинови во светот на пребарување на интернетот како што се Yahoo, Altavista, Lycos, Inktomi, Excite, AOL Search,  AllTheWeb и уште многу други.

      Што еден претприемач може да научи од Google?

      Што го прави Google толку посебен?

      Кога го купив првиот персоналец во 1998 година продавачот нормално ми инсталираше оперативен систем и придружни програми и ми ја подеси интернет конекцијата (dial-up se разбира). При тоа подесување како почетна страна на Internet Explorer-от ми го ставија Yahoo. И нормално кратка обука дека тоа е пребарувач, напишеш во полето за пребарување клучен збор и тој ти ги листа веб страните кои се најблиску до клучниот збор. Се сеќавам дека во тоа време кога барав некоја информација требаше да одам дури и до 50-тата страна за да го најдам она што го барав. Понекогаш како прв на Yahoo ми се јавуваше некоја страна која немаше никаква врска со тоа што го барав. Она што уште ме нервираше е што почетната страна на Yahoo беше преполна со слики и банери па мојот спор интернет уште поспоро ја отвараше. Не се сеќавам како, но случајно налетав на тогаш новиот пребарувач кој подоцна го измени изгледот и начинот на користењето на интернетот – Google. Од тогаш веќе заборавив на Yahoo како алатка на интернетот за да дојдам до информација. Што е она што мене, а сигурно и милионите корисници во светот ги натера да го заборават Yahoo.

      • Едноставен дизајн. За разлика од другите пребарувачи Google на почетната страна ја имаше само формата за пребарување со сликичката на нивното лого и ништо повеќе. Мојот спор интернет ја отвораше многу побргу во однос на другите пребарувачи. Значи претприемачите мора да размислат за дизајнот на сопствениот производ или пак услуга во однос на корисниците.
      • Точни резултати. Кога пребарував нешто наместо да одам до 50-тата страна успевав да дојдам до потребните информации барајќи низ првите 5 страни од резултатите. Ова значи дека Google даваше многу подобри резултати. Втората работа еден претприемач што може да ја научи од Google e функционалноста на нивниот производ за мене како корисник.
      • Лесно читливи резултати. Резултатите кои ги добивав се лесно разбирливи и читливи. Значи можев брзо да разберам дали е тоа тоа што го барав.
      • Постојано воведување на новини. Постојано Google воведуваше нови функционалности на нивниот пребарувач. Воведоа пребарување на слики, пребарување на весници, пребарување на блогови… Сето ова постојано го подобруваше моето искуство во однос на барање на информација на интернет.
      • Постојано подобрување на релевантноста на резултатите. Google е компанија која со текот на времето постојано учи и го подобрува сопствениот алгоритам. Кога сопствениците на веб страните го научеа алгоритмот на Google и се обидуваа да го преварат тие ги откриваа сопствените слабости и постојано ги подобруваа.

      Што е тоа што еден претприемач треба да го извлече како поука?

      • Без разлика што сте нов играч во индустријата, доколку навистина сакате да победите ќе победите.
      • Постојано размислувајте со очите на тековниот и потенцијалниот купувач. Размислувајте за дизајнот, квалитетот и функционалноста на Вашиот производ или пак услуга со очи на корисниците на тие производи или услуги. Нека биде едноставно, високо-квалитетно и функционално.
      • Најдете го проблемот што го имаат потенцијалните купувачи и решете го со Вашиот производ или пак услуга. Проблемот што Google го идентификувал во своето започнување е точноста на резултатите од пребарување и преголемо бомбардирање со банери и реклами. Сето тоа е вклучено во дизајнот и во нивниот алгоритам за пребарување.
      • Постојано подобрувајте. Не треба да помине ниту еден ден без барем еднаш да помислите како да го подобрите Вашиот бизнис или пак Вашиот производ или услуга.

      Инаку филозофијата која го води Google да биде тоа што е релевантноста: Дајте им го на луѓето она што го сакаат и тоа што побргу, и колку што може поедноставно.

      Доколку имате друга поука од областа на претприемништвото која можеме да ја извлечеме од Google, слободно поделете го Вашето мислење преку оставање на коментар.