Archives for декември 2009

post

Видео материјали – Најдоброто на претприемач во 2009

Како шеста и последна тема од серијалот Најдоброто на претприемач во 2009 година ја избрав темата за објавените видео материјали. Оваа тема ја започнав заради тоа што една слика дава 1000 зборови, а да не зборуваме колку зборови кажува едно видео.

Видео материјалите во изминатата година опфаќаа различни теми. Особено до кулминација дојде со премиум 10 видео материјали за изработка на веб презентација за Вашиот бизнис кои се заштитени и корисничко име и лозинка ја добивате по mail како регистрирани за неделни билтени на претприемач.

Пред некое време отворив и посебен канал за видео материјали на претприемач на YouTube каде ќе можете да ги гледате сите нови видео материјали на претприемач. Каналот е на следново URL: http://www.youtube.com/pretpriemac.

  1. Како со MS Excel до ABC анализа. ABC анализа е една многу корисна алатка за претприемачите особено доколку работат со продажба на физички производи и магацинско работење.
  2. Изработка на график за ABC анализа во MS Excel. Ова е продолжеток на претходното видео.
  3. Маркетинг календар. Ова е видео за користење на маркетинг календарот кој е еден од 10 бизнис темплејти на претприемач кои ги добија сите кои се регистрираа за неделни билтени на претприемач.
  4. Пивот табели – како да се користат. Во оваа видео е дадена презентација како да се користи алатката пивот табели на MS Excel која навистина е корисна во секојдневната работа на претприемачите.
  5. Графикон на рентабилност. Уште една алатка која навистина ќе ви биде потребна за секојдневните бизнис активности.

И за крај секако серијалот на видео материјали за веб презентација на Вашиот бизнис.

post

Менаџмент – Најдоброто на претприемач во 2009

Како пета тема од серијалот Најдоброто на претпримач за 2009 година е менаџментот. Оваа тема беше опфатена и форсирана особено во првите 6 месеци на претприемач. Особено важни елементи се менаџмент филозофиите кои ги обработивме на артиклите на претприемач.

Секој претприемач ќе бидне еден ден менаџер или пак би требало да биде менаџер. Првата потреба од менаџментот ќе се јаво со првиот вработен во Вашиот бизнис. Така, и оваа знаење ќе биде од голема корист за секој претприемач.

Како најдобри наслови од темата менаџмент на претприемач би ги извлекол следниве:

  1. 11 Најважни Задачи за Менаџерите. Видете кои се најважните задачи кои Вие како менаџер би требало да ги спроведувате во бизнисот.
  2. 4Е Рамка За Градење На Тим Кој Победува. Ова е една рмка користена од еден од најголемите докажани менаџери во светот Џек Велч долгогодишниот водач на Џенерал Електрик.
  3. Бизнис Органограм – Теорија наспроти Реалноста. Како да го дизајнирате и имплементирате органограмот во Вашиот бизнис кој ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на бизнисот.
  4. Преглед на менаџмент вештини. Кои вештини ќе треба да ги поседувате за да бидете добар менаџер.
  5. Бирократија – Уништувач на организациски системи. Самото име на написот кажува многу, обидете се да не воведете бирократија во Вашиот бизнис.
  6. Администрација како 20 од 80/20 правило. Обидете се овие административните задачи да ги делегирате на некој друг. Вие бидете сконцентрирани на оние задачи кои носат 80% од резултатите.
  7. Менаџмент филозофии. Тука ќе ги најдете најважните менаџмент филозофии. Ги опфативме TQM, Lean management, KAIZEN, Реинженеринг и фрактална филозофија.
post

Маркетинг: Најдоброто на претприемач во 2009

Четвртата тема од серијалот Најдоброто на претприемач во 2009 е за маркетингот. Како што Peter Drucker бизнис гуру на XX век има кажано:

Маркетинг и иновацијата се единствените бизнис функции кои генерираат приход и креираат бизнис. Се останато е трошок.

Затоа маркетингот е навистина важна бизнис функција која може да се претстави како еден крвоток во бизнисот, бидејќи одлуките во маркетингот се пренесуваат во сите останати бизнис функции.

Во 2009 година статистички најопфатена тема на претприемач беше маркетингот. Ова е особено заради серијалот за маркетинг средства во кој веќе опфативме 35 од 100 различни маркетинг средства за Вашиот бизнис.

Ќе се обидам оваа листа на најдоброто на претприемач за маркетингот да ја претставам во вид на еден комплетен прирачник за сегашни и идни претприемачи.

  1. Како Вашата Продажна Инка Да Ја Одржувате Секогаш Полна? Ова е еден од најголемите цели на сите Ваши маркетинг активности. Доколку продажната инка е секогаш полна нема опасности за Вашиот бизнис.
  2. Влезен Маркетинг – Inbound Marketing. Ова е маркетинг за иднината, едноставно подгответе се и започнете да го применувате.
  3. Маркетинг План во 7 Едноставни Реченици. Подгответе едноставен маркетинг план кој едноставно ќе ве води низ целиот процес на маркетинг во Вашиот бизнис.
  4. Претприемач – Дополнувања за Маркетинг План. Џабе ви е маркетинг планот доколку не се обврзете на истиот и едноставно да го спроведете она што е испланирано, и секако да ги мерите резултатите.
  5. Истражување покажува поголема успешност на веб презентација на мали бизниси со блог. Погледнете го истражувањето и применете ги наодите во Вашата веб прзентација.
  6. Дали Вашата Бизнис Веб Страна е Обична Брошура? Доколку едно од маркетинг средствата ви е веб страна обидете се да не биде обична брошура.
  7. Дали Вашата Бизнис Веб Страна е „Обична“ Брошура – Заборавено Поглавје. Продолжение на бизнис веб страна како обична брошура.
  8. Маркетинг средства. Изберете неколку кои ќе ги користите за Вашиот бизнис.
post

Бизнис план: Најдоброто на претприемач во 2009

Третата тема од серијалот за најдоброто на претприемач во 2009 година е за бизнис планот кој навистина беше доста застапен. Бизнис планот едноставно претставува патоказ за Вас како претприемач и за Вашиот бизнис. Со бизнис планот едноставно одговараме на прашањето кој пат ќе го избереме во следните 2, 3 или пак 5 години? И бизнис план претставува еден од бизнис елементите кои ја зголемуваат бизнис потенцијалната енергија на бизнисот и во исто време ја трансформираат бизнис потенцијалната енергија складирана во бизнис идејата во бизнис кинетичка енергија која всушност изведува работа. Таа работа го води бизнисот кон успешноста.

Во оваа листа на најдобри написи на претприемач за бизнис планот ќе се обидам да направам еден комплетен прирачник за сегашни и за идни претприемачи.

  1. Бизнис план – Сублимирање. Во овој напис едноставно се сублимирани сите наслови од бизнис планот. Тука се и линкови до упатствата за изработка на се кој од насловите на самиот бизнис план. Ова е таканаречениот формален бизнис план, кој мислам дека не претставува едноставен патоказ за Вас и вашиот бизнис туку форма барана од финансиски институции.
  2. Топ 10 Грешки Кои Еден Претприемач Ги Прави При Подготовка На Бизнис План. Пред да започнете со изработка и подготовка на Вашиот бизнис план прочитајте за 10-те грешки кои може да ги направите, за да едноставно не ги направите.
  3. Бизнис План – Опасности во Стилот Планирај го Твојот Бизнис План. Едноставно направете бизнис план кој ќе служи за Вас и Вашиот бизнис, а не за некој друг.
  4. Графичка презентација во бизнис ланот. Користете графичка презентација во која едноставно ќе се снаоѓате во иднината и која ќе овозможи компарација на реалноста со планираното.
  5. Бизнис план – алатка за комуникација, планирање и менаџмент. Користете го бзинис планот како една алатка за комуникација во Вашиот бизнис, но и како алатка за планирање и менаџмент во вашиот бизнис.

Она што повторно би го напоменал за бизнис плановите е дека се важни две работи:

  1. Содржината на бизнис планот – нека биде едноставен патоказ
  2. Обврзување кон бизнис планот – Подобро е и да не правите бизнис план доколку не се обврзете за негово спроведување.
post

Бизнис идеи: Најдоброто на претприемач во 2009

Бизнис идеи се навистина една од почетните карики од синџирот за успешен бизнис и успешен претприемач. Навистина доста се концентриравме на бизнис идеите на претприемач изминатата година. Но, секогаш постои нешто што би го одделил како нешто навистина покорисно од друго. Бизнис идеите се еден од елемнтите кои ја зголемуваат бизнис потенцијалната енергија на секој бизнис.

Ова е втората тема од серијалот Најдоброто на претприемач за 2009 за бизнис идеи.

Во оваа листа за најдобрите написи на претприемач за бизнис идеи ќе се обидам да оставам еден комплетен прирачник за креација и имплементација на различни бизнис идеи.

  1. 20 Бизнис идеи за 2009 и по неа. При крај е обработката на втората верзија на збирката со 20 бизнис идеи и ќе биде доставена до сите регистрирани за неделни билтени на претприемач во јануари 2010.
  2. Како да откриете за што имате пасија? Пасија е важен претприемнички елемент кој ја дефинира идната успешност на бизнисот. Бизнис идеја без да биде интегрирана Вашата пасија во неа нема да биде со висока бизнис потенцијална енергија.
  3. Бизнис Идеја преку Одговор на 50 Прашања. Еден напис во кој се дизајнирани 50 прашања кои ќе ве водат низ процесот на генерирање на бизнис идеи.
  4. 3 Елементи кои Секоја Бизнис Идеја Мора да ги Има. Основните 3 елементи кои ќе морате да ги вклучите во дизајнот на Вашата бизнис идеја.
  5. Избегнување на негативците. Постои веројатност дека ќе бидете опкружени со негативци кога сакате да започнете сопствен бизнис.
  6. Книга со бизнис идеи. Користете книга со бизнис идеи постојано низ целиот Ваш претприемнички век. Темплејтот на книгата е во состав на 10 бизнис темплејти на претприемач.
  7. Како до вистински избор на бизнис идеја? Еден процес кој ќе ве води до избор на вистинската бизнис идеја.

Во премиум претприемач овој процес на креација, барање, зголемување на креативност и анализа и избор на бизнис идеи е разработен во 5 недели со 10-тина видео материјали, 10-тина алатки и темплејти како и акциони планови за секоја недела.

post

Претприемач: Најдоброто во 2009

Во првата тема од серијалот Најдоброто на претприемач за 2009 се однесува на темата за самиот претприемач. Ја избрав како прва бидејќи сметам дека претприемачот е централната фигура на секој бизнис. Претприемачот го осмислува, го започнува, го развива и проширува сопствениот бизнис. Доколку претприемачот нема капацитет или пак потенцијал за тие активности не можеме да очекуваме дека бизнисот ќе биде успешен, бидејќи сепак бизнисот е систем составен од биолошки, технички и организациски систем. А во центарот е претприемачот кој пак е дел и на биолошкиот систем.

Во оваа листа на најдобри написи на претприемач за самиот претприемач ќе се обидам да составам еден комплетен прирачник за сегашни или пак идни претприемачи.

  1. Како да го дизајнирате Вашиот бизнис? Правилен дизајн многу работи ќе ги олесни во иднина на бизнисот.
  2. Што Еден Претприемач Може Да Научи Од Google? Google е една од најуспешните компании на денешницата (а сепак млада компанија). Така да не е лошо да научиме нешто од него.
  3. Дали Претприемач Воркохолик е Успешен? Нешто што кај нас сосема обратно се пропагира кога станува збор за претприемачот. Ако сте претприемач воркохолик не значи и дека ќе имате успешен бизнис, туку само дека нема да можете да го развивате и ширите сопствениот бизнис.
  4. Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Реалност. Кои се одлучувачките фактори кои го подигаат потенцијалот на еден претприемач за да изгради успешен бизнис?
  5. Акција – Прва Претприемничка Особина. Ако не превземете акција џабе ви е и знаење и креативност и било што што би го подиганало потенцијалот за да бидете успешен претприемач.
  6. Заење и Креативност – Втор Слој за Успех на Еден Претприемач. Откако сте спремни за преземање на акција втората работа на која треба да се концентрирате е постојано да го зголемувате сопственото знаење и креативноста.
  7. Што е Претприемничка Продуктивност? Едноставна формула за да ја измерите Вашата продуктивност и секако да ја подобрите.
  8. Претприемнички Менаџмент – 10 Чекори. Како да имплементирате претприемнички менаџмент за да бидете повеќе фокусирани на развојот на сопствениот бизнис?
post

Најдоброто на претприемач во 2009 година

За некој ден ќе завршиме целосно со 2009 година која навистина за мене беше многу интересна. Точно една година од кога се играв на веб и закупив веб хостинг и домеин, поставив неколку странички кои ги крстив претприемач и се чудев што потоа.

Најдоброто на претприемач

Првин што ми текна беше содржина, ама не знаев каде и како да пишувам. Се прашував дали за секој текст за претприемништво да правам посебна страна, дали ова, дали она… Еден куп прашања. Налетав на Joomla и успеав да ја закачам на веб серверот и така започнаа артиклите на претприемач. И секој ден по еден нов текст и мачење со Joomla.

По некое време платив еден курс за блогирање каде увидов дека WordPress е она што ми треба. Па така излезе и блогот на претприемач што всушност сега е претприемач, бидејќи артиклите веќе не ги ажурирам (се откачив од Joomla) и онаа /blog го поставив директно на домеинот.

И така помина цела една година со 245 написи на претприемач и 123 написи на артиклите на претприемач или вкупно (да го земам дигитронот) 368 написи за претприемништво, претприемачите и малите бизниси – повеќе од еден дневно (а не сме весник). Некои и не беа нешто посебно, особено во првите денови кога повеќе ги пишував написите со еден научен поглед. Но, за некои сум навистина горд на самиот себеси, бидејќи сметам дека се навистина уникатни и од помош за претприемачите.

Би се заблагодарил на м-р Илија Чубровиќ кој скоро половина година учествуваше во овој проект и финансиски и едукациски во креација на некои од написите. Би се заблагодарил и на гостинските написи кои во неколку наврати беа објавени а се напишани од Предраг Стојковски – директор на компанијата Интрогруп која се занимава со финансиски консалтинг. Би се заблагодарил на Гого Рафајловски кој во повеќе наврати даваше навистина квалитетни коментари кои го подобруваа квалитетот на написите на претприемач. И на крај би се заблагодарил на сите кои било со коментари преку блогот, преку Twitter, Facebook или пак со директен mail ми даваа подршка преку нивната благодарност или пак прашањата кои ги поставија.

Тоа беше 2009 година, која би сакал да ја затворам со еден серијал за најдоброто на претприемач. А, 2010 ќе ја започнеме турбо преку продолжеток на серијалот за интернет бизнис и уште еден куп на написи и видео материјали кои ги имам во главата и еден по еден ќе ги изложувам тука. Освен тоа при крај е новата верзија на Збирка со бизнис идеи која ќе бидне надополнета со уште 20 бизнис идеи. Подготвувам една е-книга која ја нареков во работна верзија како Претприемнички буквар и која сите регистрирани за неделни билтени ќе ја добијат. И секако, најголемиот проект на претприемач досега кој ќе стартува во јануари е Премиум Претприемач кој ќе биде 54 неделен (годишен) курс, односно виртуелен консултант за претприемачите.

Во следните 2 дена ќе можете да видите серија на написи и артикли кои ќе дадат еден поглед кон најпопуларни написи на претприемач во 2009 година. Секој од тие написи ќе го групирам во теми како листата на написи во овој серијал би била покорисна.

Сепак она што ќе биде вклучено во овој серијал ќе биде сам еден мал дел од севкупниот материјал на претприемач, бидејќи има 368 написи тука, но се надевам дека ќе претставува корисен начин за да посетителите бргу поминат низ нешто што би претставувало како нешто што би требало да се прочита.

Темите кои ќе ги опфатам во овој серијал се:

Како што ќе ги објавувам написите така и ќе ги ажурирам линковите во оваа листа од овој серијал.

post

Интернет бизниси – Информациски производи 2

Ќе продолжиме вториот напис од серијалот за интернет бизниси на претприемач за информациски производи. Претходниот дел можете го прочитате на Интернет бизниси – информациски производи 1.

Информациски производ креирање

Во претходниот дел опфативме некои елементи за тоа што претставува информациски производ и вредноста на истиот во очите на различни луѓе која зависи од проблемот кој го решава то производ.

Затоа и секој информациски производ тргнува од проблем кој постои на пазарот. Но, пред да го претставиме секвенцијалниот процес на креирање на интернет бизнис со информациски производ би сакал да претставам еден поглед кон содржината тие информациски производи.

Содржина на информациски производ

Секој информациски производ содржи информација. Должината на информацијата зависи од проблемот кој се решава со таа информација.

Не треба да бидете премногу засегнати со должината на информацијата, едноставно таа треба да биде доволно долга за да го реши проблемот. Сум видел информациски производ во pdf формат на 6 страни кој имал одлична продажба на интернетот, а продажната цена на тој производ била доста висока (мислам над 50$). Тоа за 6 странички навистина претставува огромна сума на пари. Но, сигурно информацијата која била содржана во таа е-книга била вредна за тие пари. Оваа книга давала информација како да дојдеш до кредитна картичка иако си на црна листа од банките. Многу луѓе доаѓале до таков проблем и не поради нивна вина. Претприемачот кој го доживеал истиот проблем и кој нашол решение на тој проблем направил информациски производ во вид на е-Книга која ја продавал за солидна сума на пари.

Целта со овој пример ми беше дека не мора да значи дека треба да напишете е-Книга од 200 страни за да можете да ја продавате. Едноставно доколку сакате да започнете со еден ваков бизнис треба да знаете дека не треба да пишувате книга – учебник, ѕуку едноставно пренесете ја информацијата која ја знаете и која решава проблем на потенцијалните купувачи.

Еве една структура која би можеле да ја следите при изработка на информациски производ (е-Книга, аудио или пак видео):

  1. Вовед во проблемот. Едноставно опишете гопроблемот кој овој производ го решава.
  2. Ваше лично искуство во врска со проблемот. Опишете го Вашето искуство со тој проблем и накратко како сте го решиле.
  3. Решение на проблемот. Чекор по чекор како сте го решиле проблемот и како Вашите купувачи би можеле да го решат тој проблем.

Процес на креирање на информациски производ

Како и секој бизнис и овој бизнис има сопствен процес на креирање на информациски производ. Не можам да навлезам во детали на сите овие процеси и подпроцеси бидејќи навистина има многу за пишување како и различни погледи. Затоа ќе презентирам еден концептуален приод од два чекори за креација на информациски производи како интернет бизнис.

1. Избор на проблем кој постои на пазарот

Овој чекор е најважниот чекор во креација на информациски производ. Доколку промашите во овој дел, целиот производ ќе биде промашен. Значи, потребно е да имате проблем за кој потенцијалните купувачи се гладни да најдат решение. На пример, доколку знаете како да ослабите 10 килограми за 15 дена и знаете дека се повеќе и повеќе луѓе се среќаваат со еден таков проблем тоа би било добра шанса за вас. Но, сепак првин анализирајте го пазарот, и тоа веб пазарот. Бидејќи Вие ќе продавате информациски производ преку интернет.

2. Концепирајте го производот

Постојат различни можности за концептот на информацискиот производ кој сакате да го продавате. Можете да направите е-Книга со структурата која ја наведовме претходно. Можете како дополнение да интервјурате некој експерт во подрачјето на проблемот кој ќе го решава таа информација. Можете да направите транскрип во вид на pdf е-Книга на аудио материјалот од интервјуто. Можете интервјуто да го направите во видео материјал или пак да го презентирате решението на проблемот преку Вашиот компјутер.

Слободно пријдете му на овој чекор со отворен ум бидејќи можностите и варијациите и комбинациите на концептот на производот се безбројни. Само внимавајте информацијата во која и да е форма да биде вредна, применлива и разбирлива за купувачот – оној кој сака да го реши проблемот.

3. Креирајте го производот

Во овој чекор едноставно она што го знаете го ставате на хартија. Можете директно да пишувате во MS Word и потоа напишаното да го екпортирате во pdf формат кој претставува стандард кога станува збор за е-Книга како информациски производ. За технологија и алатки за креирање ќе стане збор во следниот дел од овој серијал за интернет бизниси за информациски производи.

Доколку сакате Вашиот производ да биде аудио снимка едноставно направете го првин концептот на хартија, подоцна ставете го на компјутер во MS Word и за сите точки од концептот напишете што ќе зборувате. Откако ќе завршите со тоа едноставно вклучете го микрофонот на Вашиот компјутер и читајте го сето она што сте го напишале.

Доколку сакате Вашиот информациски производ да биде видео направете презентација во MS Power Point и искористете ги алатките кои ги наведовме во премиум видео материјали за изработка на веб презентација и за креирање на видео.

4. Одлучете за она што ќе го продавате

Не мора да се врзете само за е-Книга или пак само за аудио. Можете да направите 3 производи: е-Книга, аудио и видео и да ги продавате во состав на истата веб страна. На пример, е-Книгата да биде најевтина и да одите со upsale плус аудио за поскапа цена и како уште еден upsale за плус аудио + видео за најскапата опција.

На ваков начин веќе ќе имате креирано одреден производ следува разработка на маркетинг стратегијата и техничкото поставување на веб серверот на сето она што сте го направиле.

Tретиот дел од овој серијал за информациски производи како дел од серијалот за интернет бизнис на претприемач е насочен на техничката страна од овој тип на бизнис.

post

Кредитни фази

Во денешни услови на стопанисување кредит претставува еден од поважните инструменти за подобрување на работењето. На денешниот пазар во Македонија функционира 18 банки и 10 штедилници кои нудат разни видови на кредити. (податок на Народна банка на Македонија)

Кога ќе влеземе во банка да се информираме за кредит добиваме многу информации за истиот, а и сами не знаеме што точно тие информации значат. Така често се спомнуваат термини како што се: грејс период, отплата, рата, ануитет, интеркаларна камата, динамика на плаќање…. итн.

Во наредниот текст ќе се обидеме да ги објасниме основните поими врзани за кредитот како извор на финансирање. Пред се, кога земаме кредит имаме две страни. Од една страна се наоѓа Банка/Штедилница која го дава кредитот. Тие ги викаме КРЕДИТОРИ. Од  друга страна имаме претпријатие или бизнис кој зема кредит или ЗАЕМОПРИМАЧ.

Обично КРЕДИТОТ поминува низ неколку фази:

  • Мораториум
  • Грејс период
  • Период на отплата

МОРАТОРИУМ претставува временски период во кој не е активирана обврската на плаќањето. Поточно тоа е период во кои каматата се пресметува и се придодава на основниот долг. Мораториум обично се одобрува на долгорочни кредити, за финансирање на набавување на опрема, градежни работи итн.

Пример:

  • Кредит: 100.000,00 ден.
  • Камата: 10%
  • Мораториум: 12 месеци
  • Основниот долг во овој случај е 100.000,00 ден. (износот на кредитот)
  • Каматата за 12 месеци изнесува: 100.000,00 х 10% = 10.000,00
  • Кога ќе истече мораториумот основниот долг ќе изнесува: 100.000,00 + 10.000,00=110.000,00 ден.

Грејс период е временски период во кој не се плаќа главницата на кредитот туку се плаќа само износот на каматата. ГРЕЈС ПЕРИОД во пракса се меша со МОРАТОРИУМ. Така на пример имаме кредитни линии кои даваат грејс период а всушност даваат МОРАТОРИУМ. И грејс период како и мораториум се одобрува исклучиво на долгорочни кредитни линии.

Период на отплата претставува временски период во кој се активира обврска на плаќањето на главницата, и постои кај секој вид на кредит, без разлика дали се работи за краткорочен или долгорочен кредит.

Сега кога сме запознаени со основните кредитни фази да видиме уште некои работи кои се поврзани со кредит.

Кога ќе земеме кредит од деловна банка или штедилница, ни се јавува обврска истиот да го вратиме. Таа обврска се јавува во вид на ануитет што пак претставува збир на каматата и главницата.

Еве како тоа изгледа графички:

Кредитни фази

Ануитетот можеме да го враќаме месечно, квартално – на секоi 3 месецi и полугодишно. Обично ќе добиете кредит со месечен или квартален ануитет.
Да напомнeме дека банката за секој вид на кредит бара обезбедување во случај да не можеме да го вратиме. Обично како инструмент на обезбедување се бара:

  • Хипотека (неподвижен имот во вид на станови, куќи, локали…) во однос 2:1 што значи двојно поголема вредност на хипотеката од вредноста на кредитот. Хипотеката не мора секогаш да биде во ваша сопственост. Ако имате пријатели или роднини кои Ви веруваат и имаат потполна доверба во Вас и тие можат да ја обезбедат хипотеката.
  • Жирант (обично друго правно лице – претпријатие, или за помали износи физички лица).
  • Меница или
  • Самата опрема или објект што ќе го градите со помош на кредитот.

И за крај порака за сите што ќе земаат кредит. ПРОЧИТАЈТЕ ГО ДОГОВОРОТ И ПО 2 ПАТИ ПРЕД ДА ГО ПОТПИШИТЕ!

*****************************************************************

Овој напис е напишан од Предраг Стојковски, директор на компанијата Intro Group ДООЕЛ Битола која се занимава со финансиски консалтинг. http://www.introgroup.co.cc

*****************************************************************

post

Интернет бизниси – Информациски производи 1

Сите редовни читатели на претприемач веројатно веќе имаат прочитано дека повеќепати информациите ги ставам како еден посебен ресурс за бизнисите. Како надополнување на човечките, материјалните и финансиските ресурси информациите стануваат значаен ресурс не само за бизнисот туку и за сите претприемачи, па и за оние кои не се претприемачи, кои се вклучени во некаков процес на бизнисите.

Со право се вели дека најпрофитабилен бизнис во светот е продажбата на информации.

Што се подразбира под информациски производ?

Наједноставно кажано информациски производ е одреден медиум на кој се наоѓа некаква информација.

Да видиме малку поопширна дефиниција на информациски производ:

Информациски производ претставува медиум во било кој облик кој содржи некаква информација која е вредна за оној кој ја прима и кој навистина има потреба од користење на таа информација.

Оваа е едноставно моја дефиниција која сметам дека е најприкладна за онаа што го зборуваме во моментов – интернет бизнис со информациски производ.

Но, постои потреба да се разграничи и медиумот за да се добие вистинскиот смисол на интернет бизнис со информациски производ. Медиумот на информациски производ може да биде:

  • Онлајн – е-книга, аудио курсеви и видео материјали кои се прикачени на интернетот и корисникот може да ги симне за да ги чита, слуша или пак слуша и гледа.
  • Офлајн – CD, DVD, печатена книга, печатен весник итн. кои корисникот мора да ги купи во продавница или преку нарачка на интернет за да ги добие по пошта.

Овој напис за интернет бизниси не се однесува на информациски производ кој ќе го купите во продавница туку само на информациски производи кои можете:

  • Да ги симнете преку интернетот и
  • Да ги нарачате и да ги добиете дома преку пошта.

Информациски производи кои може да се симнат од интернет наспроти оние кои се праќаат по пошта

Поголема предност им давам на информациските производи кои се симнуваат на интернетот бидејќи истите имаат повеќе предности во однос на оние производи кои се продаваат. Еве некои од тие предности:

  • Немате потреба да држите на залиха било каква информација. Оваа е една од најголемата предност бидејќи навистина единствениот магацин што ќе го имате е виртуелен магацин на Вашиот веб сервер каде што е сместена и целата Ваша веб страна.
  • Не мора да правите ништо по продажбата на производот. За разлика од продажба на физички информациски производ каде физичкиот носител на информацијата треба да се однесе до пошта и испрати кај инфо производите кои се симнуваат од интернетот нема никаква потреба од дополнителна работа.
  • Секоја продажба претставува целосен профит. Бидејќи немате никакви трошоци за испраќање или пак за изработка на медиумот едноставно цената по која ќе го продавате тој информациски производ претставува целосен профит.

Иако и инфо производите на физички медиум претставуваат информациски производ тука повеќе ќе се насочиме на оние производи кои можат едноставно да се симнат од интернетот по плаќањето – дигиталните производи.

Што претставува дигитален информациски производ?

Сите сме сретнале е-книга во pdf формат која ја читаме на нашиот компјутер или пак ја печатиме и потоа ја читаме. Сите имаме некоја музика во mp3 формат која ја слушаме или на компјутерот или пак на CD Player или пак на iPod. Сите сме дошле до некое видео на YouTube или пак имаме некои видео материјали на нашите компјутери кои слободно можеме да ги гледаме. Сето тоа се дигитални производи кои едноставно можеме да ги најдеме на интернетот и да ги симнеме да бидат достапни на нашиот компјутер.

Што претставува вредност на информацијата?

Сакам да разграничиме нешто околу вредноста на информацијата. Вредноста на информацијата е различна за различни луѓе. Информација за тоа како да се спречи опаѓање на косата нема вредност за некој кој нема косопадица, но има проблем со вишок килограми. За тој човек многу повредна ќе биде информацијата за како да намали 10 килограми за 15 дена.

За мене никаква вредност нема некој јунак од цртани филмови како Бен Тен, но за мојот син и тоа како е вредно што го гледа.

Значи вредноста на информацијата се мери во големината на проблемот што луѓето го решаваат со таа информација. За да имаме добар информациски производ треба да имаме од друга страна луѓе кои имаат проблем кој можат да го решат со тој наш информациски производ.

Во овој прв дел од интернет бизниси – информациски производи на претприемач дадов едно кратко објаснување за тоа што претставуваат информациски производи.

Можете да ги прочитате следните написи на претприемач: Интернет бизниси – информациски производи 2 каде ќе биде опфатен процесот на креација на информациски производ и Интернет бизниси – информациски производи 3 каде ќе биде опфатена потребната технологија.