Archives for март 2010

post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 2

Ќе продолжиме со вториот дел од серијалот на постови за започнување и водење на бизнис за 30 дена. Веќе имавте можност да прочитате за првите девет дена во насловот Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 1. Продолжуваме со десетиот ден од овој процес.

Започнување на бизнис за 30 дена

Календар за започнување на бизнис за 30 дена

Ден 10: Направете иницијално истражување на пазарот

Пред да го започнете бизнисот вие како иден претприемач ќе треба да разберете зошто луѓето купуваат одредени производи и услуги, а навистина може да постојат различни причини за тоа. Некои купувачи купуваат заради едни причини додека другите за други причини. Истражување на пазарот е значаен дел од секој бизнис кој сака да понуди производи или услуги на пазарот. Потрошете го 10-тиот ден за да направите одредено иницијално истражување на пазарот. Можете да ги користите упатствата за истражување на пазарот од следните постови:

Ден 11: Направете иницијално проценка на продажбата

Овој единаесети ден од започнување на бизнис за 30 дена потрошете го за да направите иницијална проценка или пак предвидување на продажбата која ќе се остварува во иднината. Ова не е едноставна задача, но ќе мора да ја завршите и имате цел еден ден. Повеќе детали за тоа како да го спроведете предвидувањето можете да прочитате во следниве постови:

Ден 12: Определете ги иницијалните трошоци

Во овој ден време е да го определите буџетот за трошоци кои ќе ги има вашиот нов бизнис за одреден период на време. Вклучете ги трошоците за наемнина, маркетинг, даноци и сите други трошоци кои ќе ги направите во периодот по започнување на бизнисот, а кои во вид на пари ќе треба да ги имате. Користете месечни проценки на трошоци.

Ден 13: Определете ги трошоците за започнување (стартап трошоци)

Откако веќе ги имате предвидено иницијалните трошоци можете да започнете со предвидувања и пресметки на стартап трошоците или трошоци за започнување на бизнисот. Користете ги сите трошоци кои ќе ги имате пред започнување на бизнисот како и потребната актива која ќе треба да ја имате по започнување на бизнисот.

Ден 14: Направете бизнис план

Бизнис планот е една од најопфатените материи на претприемач. Набргу ќе започнам со нов серијал за сите елементи, односно поднаслови на бизнис планот. Веќе досега ги имате направено различните делови од бизнис планот како проценка на продажба и трошоци. Дополнително ќе мора да вклучите и специфични активности кои ќе треба да ги спроведете во иднина, како и организациски дијаграм со различни позиции на различни луѓе во бизнисот. Вклучете и анализа на готовински тек во бизнис планот комбинирајќи ги податоците од проценката за продажба и трошоците.

Повеќе за бизнис планот можете да прочитате во БИЗНИС ПЛАН – СУБЛИМИРАЊЕ.

Ден 15: Направате маркетинг план

Добар маркетинг план ќе ви помогне да знаете кои чекори ќе треба да ги превземете за да привлечете доволен број на вистински потенцијални купувачи за Вашиот бизнис. Искористете го овој 15-ти ден за изработка на добар маркетинг план. Повеќе за маркетинг планот можете да прочитате во:

Започнување и Водење на Бизнис за 30 дена – Дел 3

post

Подобрување на бизнисот – Основни елементи

Подобрувањето на бизнисот е број еден задача на секој претприемач. Тоа е нешто што секојдневно треба да биде како приоритет број еден на работната маса. Основните прашања се:

  • Што може да се подобри денес?
  • Што може да се подобри утре?

Бизнис подобрување

Бизнис подобрување - Основни елементи

Бизнис елементи кои еден претприемач може да ги подобри веднаш ги опфатив на некој начин во насловот 5 Бизнис Елементи Кои еден Претприемач може да ги Подобри Уште Денес и тоа беа:

    1. Самиот претприемач
    2. Маркетинг
    3. Сратегија
    4. Бизнис модел
    5. Капитал

Во овој дел би сакал да додадам уште елементи кои може да се подобрат или би требало да се разгледаат како можни подрачја за подобрување.

1. Луѓе

Бизнисот е составен од луѓе. Тие се оние кои ги завршуваат бизнис активностите и без кои еден бизнис не може. Сите останати работи имаат врска со луѓето, односно врабтените во бизнисот. Побарајте одговор на следниве прашања:

  • Дали нивната секојдневна работа може да се подобри?
  • На кое ниво е ефикасноста и ефективноста?
  • На кое ниво е квалитетот на завршената работа и дали може да се подобри?
  • Што влијае на работата на Вашите вработени?

2. Ресурси

Досега кога се споменуваа ресурсите најчесто се мислеше на човечки, финансиски и материјални ресурси. Јас вообичаено додавам уште еден вид на ресурси за еден бизнис кои стануваат се поважни и поважни, а тоа се информациските ресурси. Потребно е секојдневно да се запрашате за следниве работи:

  • Каква е продуктивноста на сите ресурси?
  • Какова е корисноста на истите?
  • Има ли резултати од ресурсите кои се користат?
  • Каква е ефективноста и ефикасноста на истите?

3. Идеи

Идеите се основа за напредок и развој на еден бизнис. Идеите се оние кои прават разлика помеѓу бизнисите од иста индустрија и ист пазар. Затоа и потребата од постојано генерирање на нови идеи кои се преточуваат во иновација. Едноставно размислете за тоа:

  • Како се генерираат бизнис идеите?
  • Од каде најчесто доаѓаат?
  • Како се применуваат?
  • Колкава е временска рамка помеѓу генерирана идеја и реализација (иновација)?

4. Маркетинг и Продажба

Маркетингот и продажбата се елементи кои се надоврзуваат еден со друг и без кои ниеден (барем профитни) бизниси не можат да опстојат на пазарот. Затоа е потребно постојано да се размислува за подобрување на овие елементи.

  • Колкав е односот помеѓу маркетинг буџет и приходот?
  • Има ли потреба за зголемување на маркетинг буџетот?
  • Дали продажбата го следи маркетингот?
  • Кои маркетинг средства може да се додадат?
  • Кои маркетинг средства треба да се исфрлат?

5. Финансии

Без финансии нема ни бизнис. Сепак целта е правење на профит, а не само обезбедување на работа за претприемачот. Повремено поставувајте си ги следниве прашања:

  • Како се движи приходот?
  • Дали сме рентабилни?
  • Како стоиме со готовинскиот тек?
  • Што можеме да подобриме за поголем приход, поголема рентабилност и позитивен готовински тек?
post

ЈАС, ЈАС и Само ЈАС – Маркетинг Средство 50

Стигнавме до 50-тото маркетинг средство на претприемач кое е последно, од таканаречените офлајн маркетинг средства. Во секој случај кога ќе ја поминам бројката од 100 меѓу кои втората половина се наменети за онлајн маркетинг средства ќе продолжиме со останатите, намерно или ненамерно заборавени или неправедно запоставени во оваа прва бројка од 50 маркетинг средства.

Маркетинг средства - Негативен синдром

Негативен синдром на маркетинг средства

Иако, ова маркетинг средство не ми беше на листата во првите 100 кои ги обработувам на претприемач, го ставив пред две недели и секако заради тоа редоследот на она што требаше да биде 50-то сега е 101-во. Ова маркетинг средство доби приоритет заради повеќе реални случки кои што ги забележав кај нас во Македонија во последните две недели за кои сметам дека имаат негативно влијание врз самите бизниси.

За разлика од претходните, оваа маркетинг средство се однесува на тоа што не треба да содржи едно маркетинг средство кога го дизајнираме. На пример, добивате можност Вие или некој Ваш вработен да се појавите во некоја емисија на ТВ и вие свесно сите ваши одговори ги прилагодувате за да бидат во полза на Вашиот бизнис со тоа што премногу се насочувате на Вас и Вашиот бизнис, при што сите други производи (конкурентски ги напаѓате). Единствено нешто што можам да забележам од едно вакво однесување е самобендисаност, преголема провидност на намерите и едноставно непочитување како на конкуренцијата така и на потенцијалните купувачи. Ваквиот начин барем кај мене ствара контраефект, бидејќи ја губам довербата во лицето кое што ми пренесува една таква порака.

Вчера погледнав една веб страна која се обидува да продаде свои производи или услуги. Истото беше и таму, Јас, Јас и само Јас. Можеби беше во стилот Ние, Ние и само Ние. Каде е тука корисноста, што има тука за мене, што ќе добијам јас како потенцијален потрошувач.

Како да го избегнеме овој синдром?

Пред да се одлучам за овој наслов како прв наслов на овој пост го поставив Синдром – јас, јас и само јас. Согласно The Free Dictionary синдром претставува:

Комплекс на симптоми кои покажуваат на постоење на непосакувана состојба или квалитет.

Бидејќи ваквото дизајнирање на маркетинг средства навистина создава несакани последици, односно контраефекти затоа и сметам дека претставува еден синдром кој предизвикува негативности за бизнисот воопшто. Сите ние сакаме да продадеме и се да претвориме во маркетинг средство, но ми се чини дека принципите кои ги користиме се сеуште оние од XX-тиот век и кои немаат веќе толкаво влијание како во времето кога биле хит. Зошто немаат влијание? Затоа што начинот на кој луѓето комуницираат денес е сосема променет за разлика од минатото. Во минатото сите информации ги добивавме од неколку весници и неколку телевизии, додека сега имаме пристап скоро до стотици ТВ канали, еден куп на весници како офлајн така и онлајн и секако интернет кој нема неодговорено прашање. Така да не може некој да ми го зборува она што сака да ми го зборува туку она што јас како потенцијален купувач сакам да добијам информација. Повеќе можете да прочитате во Влезен Маркетинг – Inbound Marketing – Претприемач.

Еве некои совети како да го избегнете овој негативен синдром:

  • Биди човек пред се.
  • Сподели информација а не производ кој сакаш да го продадеш.
  • Не си само ти на светов, постои и другата страна која сакаш да ти биде купувач, но постои уште една страна која исто така сака истата публика да му биде купувач.
  • Биди реален и ако треба сподели ги недостатоците на твојот производ или услуга за да изградиш доверба.
  • Покажи дека се согласуваш со можни недостатоци и дека работиш за да ги решиш.
  • Биди самиот ти, така си попрепознатлив, не глуми.
  • Вклучи се во комуникација не за да продадеш туку за да дадеш допринос во самат конверзација.
post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 1

Периодот на започнување на секој бизнис може да претставува вистинска ноќна мора за еден претприемач. Постојат различни активности кои ќе треба да се завршат за да една идеја се трансформира во вистински бизнис.

Започнување на бизнис за 30 дена

Календар за започнување на бизнис за 30 дена

Во периодот на започнување едно прашање кое е актуелно е колку време му реба на еден претприемач да го започне својот бизнис. 30 дена за започнување е доволен период за сите важни задачи да бидат завршени, но ова не мора да значи дека е точно за сите видови на бизниси. Некои може да се започнат за помал временски период, други за подолг од овие 30 дена.

Во овој пост ќе презентирам започнувањето расчленето во период од 30 дена. За секој ден по една задача која ќе мора да се заврши или за некоја задача по неколку дена.

Ден 1: Прибирање на различни бизнис идеи

Секој бизнис започнува врз основа на идеја. Потрошете го првиот ден од вашиот претприемнички пат за да приберете различни идеи кои ќе можете да ги трансформирате во успешен бизнис. На овој ден ќе морате да бреинстормирате колку што можете повеќе идеи. На претприемач веќе има различни постови за развој на добра идеја:

Прочитајте ги овие написи од листата и користете ги за да дојдете до различни идеи кои потоа ќе ги забележите во книгата со бизнис идеи.

Ден 2 – 3: Анализа на бизнис идеите

Вториот и третиот ден потрошете ги на анализа на идеите кои ги собравте во првиот ден. Јас вообичаено сакам да користам една мерка која ќе ми ги даде најдобрите идеи, а тоа е бизнис потенцијалната енергија која е складирана во самите идеи.

Ден 4: Изберете ја најдобрата идеја

Во претходните три дена вие веќе собравте доволно идеи кои ги анализиравте. Сега е време да донесеме одлука која идеја ќе ја започнеме како бизнис. Подредете ги анализираните идеи од претходните два дена и изберете ја онаа која е на прво место.

на крајот на овој четврти ден ќе мора да бидете на чисто која идеја ќе ја започнете.

Ден 5: Сопствеништво

Овој ден ќе биде потребен доколку бизнисот ќе го започнете со некој партнер. И подобро е уште сега да го дефинирате сопствеништвото отколку подоцна кога бизнисот ќе започне да носи приходи и профит. Одговорете на следниве прашања:

  • Чија е идејата за да се започне овој бизнис?
  • Колку пари кој ќе инвестира?
  • Кој и што ќе работи?

Разговарајте со партнерите, евалуирајте и анализирајте. Целта е на крајот од овој ден да го имате процентуалното сопствеништво на секој од партнерите.

Ден 6: Направете иницијален договор за сопствеништво

Сега е време да се направи еден договор со партнерите за тоа кој колкаво учество ќе има во сопствеништвото. Овој договор ќе треба да ги содржи сите точки кои ги дефиниравте претходниот ден (инвестирани пари и време, работни активности и процентуално сопствеништво).

Ден 7: Brainstorm и Избор на најдобро име

Можеби ова звучи како премногу едноставна задача, но запомнете да обрнете поголемо внимание на името. Ова го знам од лично искуство од пред 6-7 месеци кога брзавме да започнеме, а сега се мислиме дали името е ОК за работата која ја изведуваме. Започнете со браинсторминг на повеќе имиња кои ќе го отсликуват Вашиот бизнис и личниот имиџ кој сакате да го изградите. Размислете за тоа како името ќе направи разлика и уникатност од остатаокот.

Ден 8: Направи добро лого

Логото е вториот идентификатор на Вашиот бизнис, односно сликовит приказ на името. Кога потрошувачите ќе размислуваат за Вашиот бизнис во главата ќе им се појави визуелната идентификација – Вашето лого.

Потрошете го 8-миот ден да дизајнирате добро лого или пак да најмите графички дизајнер за да ја заврши таа работа место вас.

Ден 9: Размисли и избери слоган

Слоганот е третиот идентификатор на бизнисот како надополнување на името и логото. Потрошете го овој ден за да дојдете до добар слоган. Добар слоган е оној слоган кој лесно може да се поврзе со Вашиот бизнис и кој лесно ќе се запамети од потрошувачите.

Доста е за овој прв дел, следуваат попрактични работи како истражување на пазарот, предвидувања, маркетинг план…

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 2

post

Дали работите се придвижуваат нанапред?

Пред некој ден на еден од оние надворешните хард дискови пребарувајќи разни слики кои ги чувам наидов на една слика која прикажува резултати за пребарување на Google за зборот pretpriemac. Штета што не сум направил слика заради евиденција со кирилично писмо, но сметам дека слични би биле резултатите. Она што е забележливо е дека пред скоро една година зборот pretpriemac не бил некој популарен збор кој се користи на веб страните. Така од сликата може да се види дека само 876 страни биле прикажани од Google за тој збор.

Пребарување за претприемач пред една година

Резултати од пребарување за pretpriemac пред скоро една година

По неполна година кога ја најдов таа слика направив нова за ист збор на ист пребарувач за да видам дали сме се подобриле, односно дали имаме повеќе извори. Па, да видиме како е денес по скоро една година откако сум ја направил таа слика.

Пребарување за претприемач денес

Резултати од пребарување за pretpriemac денес

Денес за истиот збор се прикажуваат 61.600 страни (или за над 70 пати повеќе), што сметам дека работите се придвижиле или пак се придвижуваат нанапред. Можеби за некоја година деновите кога баравме нешто на македонски јазик и ништо не наоѓавме ќе биде само една обична историја.

Само кога ќе си споменам кога на почетокот на 2000-тите години спремав магистерски труд колку малку информации можеа да се најдат за оваа проблематика (можам да кажам и дека на македонски скоро никакви) и што се требаше да правам и колку се пари требаше да потрошам за книги од Amazon за да ја проучам проблематиката за која истражував. Заради тоа и започнав со претприемач како блог на кој полека но сигурно ќе објавувам разни написи за претприемачите. Среќа што полека, но сигурно ова станува само една историја од нашиот живот.

Можеби ова не значи ништо, но сепак е еден податок или пак една статистика за тоа како работите се менуваат бргу и кај нас каде што доцнењето со прифаќањето на новите нешта е една од карактеристиките.

И секако одговорот е да, работите се придвижуваат нанапред.

post

10 Google Апликации кои може да се користат од бизнисите

Google има безброј алатки, апликации и веб страни кои навистина можат да го олеснат животот на еден претприемач. Понекогаш не сме ни свесни колку можеме да си ја зголемиме продуктивноста со соодветен микс на овие алатки и соодветно користење во склоп на бизнис активностите на еден бизнис.

Овие алатки кои ќе ги набројам во овој напис скоро секојдневно ги користам за различни причини. Некои започнав уште пред 4 години и сеуште ми се наоѓаат во секојдневната работа.

1. Google Docs

Пред 4 години целосно бев зависен од MS Office за било кој документ кој го работев на мојот компјутер. Денес веќе не е така. Се повеќе го користам Google Docs за изработка на текст документ, или пак обработка на некоја табела. Ова особено ми ја зголемува продуктивноста кога работам на ист документ со моите колеги. Едноставно со споделување на документот со различни акаунти на Google можеме да го ажурираме документот без да го праќаме по mail и да се чудиме која беше последната верзија.

Од друга страна оваа алатка има можност и за креирање на форми кои едноставно можат да се постават на веб во вид на анкети или некои мини апликации за соработка помеѓу учесниците.

2. Gmail

Gmail од самата појава навистина го измени начинот на користење на некој mail клиент. Бидејќи е веб базиран едноставно од било каде каде имаме пристап можеме да пристапиме кон истиот. Огромниот простор (во моментов 7437 MB) кој го овозможува претпоставува дека никогаш нема да имаме потреба да ги бришеме старите mail-ови. Ова особено ми помага кога барам нешто што сум испратил или пак примил пред неколку години.

(Овој додаток е тргнат од страна на авторот) Од друга страна со помош на еден додаток за Firefox – Gspace го користам и како простор за складирање на моите фајлови кој изнесува скоро 7 гигабајти. А од друга страна сето она што е складирано на тој простор ми е достапно од секаде каде што имам пристап на интернет, а тоа е секаде и секогаш.

3. Google Calendar

Едно време користевме тефтери, оние популарно наречени роковници каде ги забележувавме нашите активности или состаноци кои треба да ги спроведеме. Денес популарните роковници освен што се делат како маркетинг средство, и што служи како обична тетратка се повеќе се намалуваат во користење за нивната вистинска намена. Мобилните телефони, интернетот и веб календарите како овој Google Calendar си го направија своето во модерниот начин на живеење и работење. Како имаме се помалку време оваа алатка е навистина корисна.

Кога започнав да го користам овој календар она што ми беше најпотребно тогаш беше што бесплатно го подесив да ме известува во определен временски период за активности кои треба да ги завршам преку SMS на мојот мобилен.

4. Google Analytics

Доколку имате веб страна за бизнисот оваа алатка претставува стандард за следење на аналитиката за она што се случува на Вашата веб страна. Едноставно со оваа алатка можам да следам од каде доаѓаат посетители, да ја споредувам AdWords кампањата во однос на успешноста, да следам различни графици кои јас ќе ги поставам во однос на перформансите на веб страната…

5. Google Site

Оваа алатка претставува еден вид на алатка за едноставна подготовка на веб презентација за Вашиот бизнис. Но, јас повеќе ја користам во вид на интранет решение заради квалитетна комуникација со сите со кои соработувам на одреден проект. Повеќе детали за користење на Google Site како интранет бизнис решение можете да прочитате во Како до бесплатно интранет решение за малите бизниси?

6. Google Talk

Google Talk е една мала апликација која се инсталира на компјутерот и која праќа известувања за примените mail-ови на вашиот Gmail акаунт и која има можност за чет како и за праќање и примање на поголеми фајлови. Оваа алатка започнав да ја користам пред едно 15 месеци и сеуште ја користам за повремен чет со сите со кои соработувам онлајн. Освен текст чет има и опција за видео чет како и праќање на гласовни пораки.

Може да се користи и како замена на телефонски повици со лица кои ја имаат инсталирано оваа апликација при што претставува достојна замена на Skype.

7. Google Reader

Без Google Reader не би можел да си го замислам животот денес. Го користам веќе 4-5 години и ми има решено навистина големи проблеми во работата. Првото користење ми беше за прибирање на информации по клучни зборови од странските весници кои ми беа потребни за работа. Денес едноставно при пиење на првото утринско кафе ги читам сите наслови кои ми се подесени и класифицирани во оваа алатка.

8. Google Wave

Беше бомбастично најавен и колку што гледам се повеќе и повеќе луѓе го користат. Оваа алатка е особено корисна за зголемување на комуникација и продуктивноста при работа на повеќе проекти со повеќе луѓе во исто време. Повеќе за начинот на кој може да се користи Google wave можете да прочитате тука.

9. Google Groups

Оваа алатка претставува еден вид на јавен форум кој служи за комуникација помеѓу луѓе од различни страни на светот за различни теми. Кога станува збор за бизнисот може да се користи навистина на многу начини. На пример, јас првпат ја искористив оваа алатка за да направам затворена група преку која ќе споделувам различни информации во Секторот во кој работев во царина. Ова го направив по неколку обиди за креирање на алатка од страна на ИТ Секторот кои завршуваа неуспешно. Може да се користи и како алатка за е-mail маркетинг.

10. Google Webmaster Tools

И како последна во овој напис ј издвојувам алатката Google Webmaster Tools која се однесува за сите оние бизниси кои имаат сопствена веб страна која не им ја одржуваат технички лица. Преку оваа алатка едноставно следите како функционира вашата веб страна, што треба да направите за да ги подобрите перформансите, кои грешки се откриени итн.

Ова се 10 алатки, кои не се единствени. Овој напис ќе продолжи со останатите алатки за кои сметам дека може да помогнат на еден претприемач и еден бизнис.

post

Промената не е опционална!

Пред малку прочитав твит на @LeadToday во кој се вели дека:

Промената не е опционална и секогаш кога ќе се обидеме да ја победиме ќе изгубиме. Не се борете против промените, контролирајте ги, дозволете да се случат.

Досега почесто се занимавав со она како да се спроведе промената во еден бизнис или пак организациски систем. Но, успешна имплементација на организациски промени зависи од три елементи:

  • Навремено откривање на потреба од промени
  • Одлука за имплементирање на промената и
  • Имплементација на промената.

Неколку елементи од овој цитат ми привлекоа внимание:

  • Промената не е опционална. Ние не сме во состојба да бираме која промена ќе се случи а која нема да се случи. Ова особено се однесува за надворешните извори на промени. Внатрешните на некој начин и можеме да кажеме дека ги контролираме иако не со 100% сигурност. На пример, за промени во технологија не можеме да бираме. Или ќе ја прифатиме и ќе ја користиме таа нова технологија или ќе оставиме конкуренцијата да ја искористи.
  • Доколку не ја прифаќаме секогаш ќе изгубиме. Во војна со промената ние секогаш ќе бидеме губитниците. Бидејќи таа едноставно се случува, се наоѓаме во ситуација каде важи правилото земи или остави. Доколку се одлучиме на остави некој друг ќе земе, а ние ќе бидеме губитниците.
  • Промената треба да се контролира. Лесно е да се каже, но тешко е да се спроведе. Како да контролираме нешто на што немаме влијание? Едноставно, одговорот е во следење на изворите на промените кои едноставно ќе ни дадат идеја и ќе не подготват за она што следува.
  • Треба да дозволиме промената едноставно да се случи. Не смееме да ја одбиваме промената која се случува околу нас, мораме да дозволиме истата таа да влезе и во нашиот бизнис.

Значи:

  • Промената ќе се случи сакале ние или не.
  • Промената ќе ја прифатиме кога тогаш, но колку порано толку подобро.
  • И секако промената не е невозможна.
post

6-ти Слој за Успех на Еден Претприемач

Стигнавме до последниот слој за успех на еден претприемач. Овој слој согласно анализата која ја спроведовме претставува микс од повеќе елементи кои имаат влијание на успехот, но сепак тоа влијание не е круцијално како оние првите слоеви.

Талент

Зошто сметам дека талентот не е на прво место за еден претприемач да биде успешен? Наједноставно кажано затоа што не постои специфичен претприемнички талент кој е потребен за да може да кажеме дека тој е претприемач со вроден талент. Различни бизниси имаат различни претприемнички потреби за одреден вид на талент. Некој бизнис бара повеќе финансиски талент, други од менаџерски талент, трети пак талент за квалитетна аналитика, а повеќето бизниси од сите типови на можни таленти. Значи бизнисот е микс на таленти, кои претприемачот или пак менаџерот треба да ги управува за да го извлече максимумот.

За талентот и бизнисот можете да прочитате и во Бизнисот е една обична игра.

Чесност

Да се биде чесен е втора потребна карактеристика, при што не може да се каже дека само чесните претприемачи се успешни претприемачи. Постојат многу примери на изградени бизнис империи каде чесноста не постоела како карактеристика кај претприемачот. Затоа и не ја сметам како нешто без што не се може. Но, сепак треба да се нагласи дека во многу ситуации кога си чесен, можеш да добиеш и повеќе корисности како од твоите потрошувачи, така и од твоите снабдувачи.

Врски

Неизбежен елемент во нашето општество. Да завршиш најмала работа треба да имаш некоја врска особено во администрацијата. За најбаналните работи како вадење на матична книга од родени или пак лична карта бараме некој познат кој ќе ни ја забрза постапката. Тоа е нашето општество. Во едни вакви услови на стопанисување врските можеби можат да имаат големо влијание на успешноста на еден претприемач.

Кога сум кај условите за стопанисување и малите бизниси можете да дадете свој придонес со пополнување на анкетата за истражување на услови за стопанисување на малите бизниси во Македонија која ќе биде достапна уште кратко време.

Среќа

Некој навистина верува во среќа, иако јас лично не сум некој кој верува и сака да се базира на среќа во бизнисот. Но, понекогаш навистина е потребно да се поклопат коцките за да се постигне некој успех.

Ова би бил последниот напис од овој серијал на фактори кои еден претприемач го прават да биде успешен кој го започнавме уште во Успешен претприемач – одлучувачки фактори. Ова не значи дека нема да се занимаваме уште со оваа тематика.

post

Не Може Секој да Биде Ваш Идеален Потрошувач

Насловот навистина е контрадикторен со се она што постојано еден претприемач го прави за да го одржи во живот или за да го издигне едно скалило погоре. Овој напис на некој начин е продолжување на она што го започнавме за она што се нарекува сегментација на листата на потрошувачи преку RFM Формула за Сегментација на Потрошувачи и Демографија VS Активности на потрошувачите.

Идеален потрошувач

За потврда на тврдењето на насловот на овој напис најдобро може да послужи цитатот на Bill Cosby:

Не го знам клучот за успехот, но клуч за неуспех е да се обидете да ги задоволите сите.

Ова навистина е одлично кажано. Не можете да ги задоволите сите и тоа поради следниве причини:

  • Сите немаат потреба од ваш производ или услуга.
  • Немате капацитет да задоволите премногу потрошувачи.
  • Сите потрошувачи немаат капацитет за вашите производи или услуги
  • Подобро еден ама вреден наместо 1000 кои не додаваат вредност на бизнисот.
  • Вашата фокусираност кон важните потрошувачи ќе се намали.

Во наредниот дел ќе се обидам да навлезам во еден ваков начин на размислување кога станува збор за потрошувачите.

1. Секој претприемач има потреба од потрошувачи

Оваа е основата на секој бизнис, без потрошувачи која ќе биде целта на постоењето на бизнисот. Единствената постојана потреба за секој бизнис претставува потрошувачот. Дури и при започнување на бизнисот пред да започнете отпрвин треба да се прашате дали ќе имате барем еден потрошувач а да не сте тоа вие, вашата мајка, татко, брат или пак сестра.

Иако не може секој да биде ваш потрошувач не треба да заборавите дека постојано ќе имате потреба од потрошувачите и тоа нека ви биде првата мисла кога ќе влезете во вашата канцеларија на работа.

2. Кој е вашиот идеален потрошувач?

Одговорот на ова прашање ќе претставува основа за понатамошниот дизајн на вашиот бизнис модел. Целта е на ваквиот начин да навлезете подлабоко во суштината на вашиот бизнис, а не само површински да ги гледате работите.

Кога станува збор за бизнис модел и површинско гледање на работите честопати забележувам дека повеќе претприемачи се насочуваат на површината а не на суштината на моделот. На пример, таквите претприемачи ја гледаат технологијата наместо процесот, технологијата наместо системот, продажба наместо процес на продажба… За да не ја правите таквата грешка одговорете на оваа прашање колку што можете подетално.

Еве неколку прашања како пример кои можат да ве водат низ процесот, но запомнете дека не сте ограничени само на нив.

  • Какви проблеми има мојот идеален потрошувач?
  • Колкав приход има мојот идеален потрошувач?
  • Каде се движи и кои се навиките на мојот идеален потрошувач?
  • Дали е маж или жена?
  • Која е возраста на мојот идеален потрошувач?
  • Од каде е мојот идеален потрошувач?
  • Какви коли возат моите идеални потрошувачи?
  • Со кого живеат моите идеални потрошувачи?
  • Што сакаат да читаат, да гледаат, да јадат…?

3. Кој не е ваш идеален потрошувач?

Кога веќе ќе знаете кој е вашиот идеален потрошувач, лесно ќе можете да кажете кој не е ваш идеален потрошувач. Целта на одговор на ова прашање е за да го намалите вашиот фокус на тој сегмент на пазарот за да едноставно не губите ниту време ниту пари. Се што е спротивно на вашиот идеален потрошувач кој го дефиниравте претходно спаѓа во оваа група.

Бидејќи светот не е само во црна и бела комбинација ќе има уште една група која ќе се наоѓа помеѓу двете. Ова се потрошувачи кои во секој случај ќе треба да се обидете да ги имате, но сепак главниот фокус треба да биде ставен на оние идеалните, нормално ако постојат такви. Ако не постојат слободно редефинирајте го Вашиот идеален потрошувач.

post

Повик за Акција – Маркетинг Средство 49

Понекогаш можеби ќе се запрашате зошто никој не се јавува, не ве контактира, не прашува ништо за вашиот бизнис… Ако го барате одговорот на тие прашања првин прашајте се следново:

  • Дали користам маркетинг средства за мојот бизнис?
  • Доколку ги користам кои се тие?
  • Дали во секое од тие маркетинг средства јасно е назначено што сакам потенцијалниот купувач да направи?

Доколку не е јасно назначено, тоа е одговорот на тоа зошто никој не е заинтересиран.

Што претставува повик за акција?

Повик за акција едноставно претставува маркетинг порака, односно порака која мора да биде содржана во сите досегашни маркетинг средства кои ги презентиравме на претприемач, како и во сите наредни маркетинг средства кои допрва ќе ги презентираме (а тоа се уште 50).

Ова маркетинг средство се користи или пак треба да се користи во сите други маркетинг средства а претставува барање или покажување на насока за да се направи нешто од страна на оној до кого пристигнало некое наше маркетинг средство.

Препораки при дизајнирање?

Во понатамошниот дел ќе се обидам да дадам некои препораки при дизајнирање на вашиот повик за акција:

1. Јасен и прецизен

Повикот за акција треба да биде јасен и прецизен така да оној кој сакаме да направи нешто лесно ќе може да го направи тоа нешто без да се збуни.

Повик за акција на Skype

Skype има едноставен повик за акција да го симнете преку едно копче, а претходно е покажана корисноста што ќе ја добиете доколку го симнете

2. Оптимално користење на повикот за акција

Не претерувајте со повикот за да не се постигне контра ефект. Во зависност од од видот на маркетинг средството ќе зависи и тоа колку пати ќе го повторите. На пример на веб страна која е подолга или пак е-mail кој е подолг можете да го повторите неколку пати. На пример, на почеток, средина и на крај, како би му овозможиле на читателот да не се враќа на почеток доколку сака да превземе акција или пак едноставно да го потсетите за тој повик.

3. Прикажи или понуди корисност

Понудете некоја корисност за сите оние кои ќе реагираат на Вашиот повик во определениот временски интервал. На пример, пониска цена, подарок, бесплатна испорака… На пример на сликата на Skype јасно е дефинирана корисноста во вид на бесплатни разговори со други корисници и многу поефтини разговори за повик кон други телефонски броеви.

4. Користете чекори

Немојте да мислите дека ако на вас ви е јасно тоа што треба да се направи, дека истото е јасно и на сите други. Затоа каде се потребни повеќе чекори за таа акција користете чекори. На пример, Чекор 1: одете на нашата веб страна; Чекор 2: Пополнете ја формата за да…; Чекор 3: Потврдете ја регистрацијата за…; Чекор 4: Уживајте во… Можете да го видите примерот на E-Junkie на сликата подолу.

Повик за акција на E-Junkie

E-Junkie користи чекори кои се графички прикажани, а подолу се наоѓа и наративен опис на истите

5. Лесно видливо место на повикот за акција

Поставете ја пораката на лесно видливо и највпечатливо место на маркетинг средството во кое ја користите.

6. Ограничувања

Користете ограничување (чувство на ургентност) за времетраење на тој повик.

7. Мерете и подобрувајте

Едноставно воспоставете систем на постојано подобрување на повикот за акција со тоа што ќе го мерите ефектот на секоја ваква кампања.