Archives for јули 2010

post

Претприемач: Претходна недела од 26 Јули и идна од 2 Август 2010

Претприемач претходна и идна недела

Претприемач претходна и идна недела

Помина и последната недела во месецот Јули оваа година. За многу бизниси овој период е мртов период. Најважно е размислување за годишен одмор иако ова лето не личи многу на вистинско лето.

Во неделата што измина на претприемач опфативме 5 различни постови од различни подрачја на претприемништвото + интересни вести. Може да се каже дека преовладува темата за тимска работа со 2 поста. Следува сублимирање на претходната недела и распоредот за идната недела.

Понеделник, 26.07.2010 – SEO – Оптимизација за пребарувачи – анализа

Ја започнавме неделата со почетна презентација на една нова анализа која ја спроведувам во мојата SEO лабораторија. Првичните податоци од анализата покажуваат дека за некои елементи на кои толку многу се насочуваме воопшто или премалку се важни за позицијата на страната со резултатите на пребарувачите.

Вторник, 27.07.2010 – Вебинар – Маркетинг средство 63

Во вторник продолживме со 63-тото маркетинг средство на претприемач – Вебинар. Вебинар претставува релативно ново, но сепак моќно средство кое обезбедува висок квалитет на комуникација и едукација помеѓу еден бизнис и потенцијалните или тековните купувачи.

Среда, 28.07.2010 – Тимска работа и тимска ефективност

Во овој гостински пост е дискутирана улогата на модерниот менаџер во денешната комплексна и конкурентна бизнис средина во областите на мотивирање, организирање и како крајна цел, водење на тим. Интересна анализа на научните согледувања за тимска работа и тимска ефективност.

Четврток, 29.07.2010 – Опасни E-mail пораки

Ова е еден навистина долг пост, но вреден да се прочита бидејќи се повеќе и повеќе добиваме опсни e-mail пораки кои можат да ни наштетат но можат да му наштетат и на нашиот бизнис. Постото е поделен во два дела првиот е практичен пример, додека вториот е едукативен со препораки како да се заштитите.

Петок, 30.07.2010 – Алатки за тимска работа

Во петок педложив 5 алатки кои можат да ја подобрат тимската работа во еден бизнис и соработката во и надвор од бизнисот. Алатките се онлајн апликации (веб апликации) за чие користење не е потребна инсталација, потребно е само интернет конекција. Стана збор за Skype, Google Groups, Google Docs, Dropbox и Google Wave.

Идна недела на претприемач

Распоредот за идната недела е следниов:

  • Претприемничко блогирање во период на годишни одмори
  • Банери – Маркетинг средство 64
  • Потреби на потрошувачи преку WeShop
  • Животен циклус на производите
  • Плаќање по постигнување
post

Алатки за тимска работа

Пред некој ден на претприемач имавме гостински пост кој се однесуваше на тимска работа и тимска ефективност при што главен акцент беше ставен на улогата на менџерот во градење и управување на тимови. Во овој пост би сакал да наведам неколку алатки кои денес може да се користат со цел да ја поттикнат тимската комуникација помеѓу членовите на тимот без потреба од постојани очи во очи состаноци.

Некои сигурно досега сум ги споменал на претприемач, но би сакал повторно да ги наведам бидејќи навистина претставуват моќни алатки во рацете на еден претприемач во ова време каде комуникација и соработка во тимот како и со клиенти е важен фактор за успешноста.

1. Skype

Skype - Алатка за комуникација

Skype – Алатка за комуникација

Skype е алатка која навистина го измени телекомуникацискиот свет. Со гласовни и видео повици, како и чет системот, трансфер на фајлови и конференциски повици Skype стана алатка која мора да се поседува и користи од страна на претприемачите. Големиот број на бесплатни сервиси може да ги намалат бизнис трошоците. Едноставен е за користење.

2. Google Groups

Google Groups - Алатка за соработка

Google Groups – Алатка за соработка

Веќе во некои од претходните постови пишував за Google Groups, кој сметам дека може доста креативно да се користи во бизнис цели. Може да се користи за работа на различни проекти од повеќе луѓе каде ќе се споделуваат идеи, коментари и предлози. Може да се користи за информирање на вработени или група на потрошувачи за разни бизнис новости.

3. Google Docs

Google Docs - Алатка за соработка

Google Docs – Алатка за соработка

Google Docs во подобрена верзија се чини дека повеќе внимание дава на соработка помеѓу група на луѓе. Сега истовремено може повеќе соработници да работат на еден документ без разлика дали е табела, текст или некоја презентација. Доколку имате интернет, немате средства за лиценцирање на MS Office ќе претставува доследна бесплатна замена за Вашите бизнис решенија и во некои случаи дури и подобра.

4. Dropbox

Dropbox - Алатка за соработка

Dropbox – Алатка за соработка

Dropbox се додека не почнав да го користам не ја гледав ползата од него. Но, како место за сигурно чување на различни документи претставува солидно средство за еден бизнис. Бесплатната верзија е ограничена до 2 GB простор. Она што најмногу ми се допадна е што успеав една апликација во MS Access да ја сместам онлајн така да секогаш имам пристап до базата на податоци од таа апликација.

5. Google Wave

Google Wave - Алатка за соработка

Google Wave – Алатка за соработка

Иако последна за мене претставува најважна алатка во моментов без која не можам да го замислам работниот ден. Дури се прашувам како сум можел да функционирам без Wave. Интересно е што оваа алатка од поединци можеби е најнапаѓана како нешто безвредно. Но, сигурен сум дека не ги почувствувале придобивките и можностите од користење. На претприемач веќе пишував во постот Комуникација и продуктивност кога започнав да ја користам. Продолжив и на секој на кој што сум му објаснил како да ја користи веднш станува секојдневен корисник на оваа алатка. Најчесто ја користам за соработка на различните проекти во кои сум вклучен како и за комуникација и размена на идеи со клиентите.

Најголемиот проблем што веднаш не може да се забележи корисноста од Google Wave е што не се работи во група на луѓе. Сам човек, безвреден Wave.

post

Опасни E-mail пораки

Серијал на претприемач и МКХост

Серијал на претприемач и МКХост

Денес ќе продолжиме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена во деловниот свет.

E-mail пораките претставуваат едно од главните средства за комуникација во денешно време. Секој ден примаме и праќаме различни е-mail пораки. Некои се очекувани, некои потребни, некои информативни, додека некои се несакани, непотребни, вознемирувачки и опасни. Целта на овој пост е да навлеземе малку во оние опасните преку споделување на некое техничко и практично наше знаење.

Практичен пример

Пред некој ден добив на e-mail порака од Amazon. Од Amazon добивам често пораки во кои ме известуваат за промоции и нови книги поврзани со моето претходно однесување при купување на нивната веб страна. Повеќе за Amazon како еден бизнис модел можете да прочитате во Што можеме да научиме од Amazon за бизнис. И оваа порака не изгледаше нешто поразлична од оние постојаните, но се однесуваше на потврдена нарачка на книги.

Но, пред едно месец дена една од e-mail пораките од Amazon беше како да се осигурам дека она што го добивам е навистина од Amazon. Не бев мрзлив и едноставно ги прочитав сите препораки и потребни проверки што ги наведува Amazon при добивање на сомнителен e-mail насловен како нивен e-mail. Па така имав некое основно знаење што да проверам пред да кликнам на линковите во пораката.

На сликите подолу се дадени две пораки. Една вистинска (првата) и една лажна порака (втората).

Вистинска E-mail порака од Amazon

Вистинска E-mail порака од Amazon

Лажна E-mail порака од Amazon

Лажна E-mail порака од Amazon

Може да се забележи дека разликата е што во вистинската порака е содржана адресата додека во лажната ја нема адресата. Но, тоа се детали кои често може и да не ги забележиме. Така да во првичното добивање на пораката воопшто не ни забележав разлика дека недостасува адреса. Но, она што го забележав беше дека нарачката гласеше на друго име.

Затоа веднаш отворив и други e-mail пораки од Amazon за потврда на нарачка и детално ги разгледав хиперлинковите за тоа на кој линк водат. Сите од вистинските e-mail пораки водеа до URL кое го содржеше основниот домен на компанијата (amazon.com).

Во лажната e-mail порака хиперлинковите беа сосема поинакви. Водеа до URL до некој .ru домен со додатоци на некои бројки. Затоа, воопшто не кликнав на тие хиперлинкови и веднаш реагирав со тоа што го известив Amazon за она што се случило.

Како функционира измамата?

Најглавно во целата измама е тоа што напаѓачите ги лоцираат и собираат вашите информации (име, презиме, адреса, кредитна картичка, paypal account и други слични податоци кои на вас ви се многу битни и несмее друг да ги поседува). Денес знаеме дека информацијата го врти светот, па така овие информации во рацете на напаѓачите може многу скапо да ве чинат. Ако го кликнете линкот од лажната емаил адреса и ги внесете вашите податоци, пример кредитна картичка, напаѓачот ќе може да ја искористи и вашите средства на неа едноставно да исчезнат.

  • Собирање на цела база на емаил адреси. Прво напаѓачите собираат што е можно повеќе емаил адреси. Овие емаил адреси ги собираат со помош на web spiders (пребаруваат по веб страните и кога ќе налетаат на @ знакчето ја собираат емаил адресата и ја ставаат во одредена база). Има различни софтвери за тоа на кои може дури и да им се стави филтер како да ги собираат. Процесот е спор но вреден за понатаму. Затоа одредени веб страни кај своите контакт информации не го ставаат @ знакчето, туку го пишуваат емаилот со [at] или пак ставаат празни места и слично за да избегнат собирање на нивната емаил адреса. Постојат и многу други начини како напаѓачите ги собираат емаил адресите, меѓу кои и купување на цели мејлинг листи со илјадници емаил адреси кои веќе некој друг ги нашол и ги продава, или пак напаѓаат на одредени веб страни со големи бази на податоци и ги собираат емаил адресите. Значи вашата емаил адреса може да ја пронајдат ако ја оставите било каде на Интернет, дури и на вашиот пријател да пратите емаил, ако нему му го хакираат емаил акаунтот, хакерите ќе проверат со кој тој комуницирал и тие емаил адреси ќе ги стават во базата. Значи не постои 100% метод да ја заштите вашата емаил адреса од ваквиот тип на напаѓачи, но затоа е овој пост да ве поучиме и целата ситуација да ви биде појасна, како би ги приметувале лажните емаил пораки.
  • Креирање на т.н. scam page email. Под овој термин подразбираме креирање на идентичен емаил кој ќе изгледа исто или слично на оригиналниот емаил што компанијата/веб страната би ви го испратила. Ќе го земеме конкретниот пример со email scam page-от на Amazon. Како што може да забележите емаилот е дури ист и ретко се распознаваат разликите. Напаѓачите веќе знаат како изгледа оригиналниот емаил и врз основа на тоа креираат ист таков за да кога ќе го добиете, биде целосно убедлив дека навистина Amazon бара нешто од вас. Емаилот го содржи логото, истите начини на поздрав, започнување и завршување на емаилот, исти бои, препознатливи знаци и слично. Овие емаил пораки се испраќаат во html формат па лесно може да се копираат и креираат слични на нив. Дури постојат и професионални измамници кои ги креираат и програмираат овие емаил пораки а потоа ги продаваат на спамерите кои ги испраќаат.
  • Испраќање на емаил пораката до сите емаил адреси од базата што ја креирал напаѓачот. Ова е најбитниот чекор за спамерите, односно напаѓачите. За нив најбитно е да го испратат лажниот емаил до што е можно повеќе емаил адреси. Во денешно време постојат многу организации кои се против спамерите и во повеќе држави има закони за спам со што доколку ве приметат дека спамирате може да добиете и казна затвор. Овој вид на криминал е доста казнуван во некои држави. И во Македонија постои закон против праќање на непожелни електронски емаил пораки познати како спам. Напаѓачите не често се користат со свои сервери, провајдери, веб хостинг или сопствен интернет за да ги испратат илјадниците пораки, напротив тие наоѓаат и хакираат други машини преку кои потоа ги испраќаат пораките за да не бидат фатени, а исто така за да бидат сигурни дека емаил пораката ќе биде успешно пратена затоа што системот не е во black листа кај организациите за спам. Дури потоа доколку некој се пожали, ип адресата од серверот каде се испраќани овие емаил пораки се додава во black list. Со помош на овие организации денес добиваме помалку вакви несакани емаил пораки. Важна работа кај напаѓачите е да испратат што е можно повеќе емаил пораки за брзо време, затоа што може да им го суспендираат серверот од каде што ги праќаат пораките или пак да го суспендираат серверот каде ги насочуваат оние кои кликнале на линкот за имама од емаилот. Затоа тие често се користат со повеќе сервери за праќање на емаил пораки, како и користат повеќе линкови кон други сервери каде што ќе бидете пренасочени. Ако добиете ваква емаил порака добро е веднаш да ја пријавите за да може надлежните провајдери да го откријат напаѓачот и да ги суспендираат сервисите од каде праќаат.
  • Phishing. Овој чекор е најинтересен и возбудлив за напаѓачите. Познат е како phishing – напаѓачот очекува да се фатат што е можно повеќе „риби“ на неговата мрежа. „Рибите“ се луѓето кои ќе се измамат, оние кои ќе кликнат на лажните линкови во лажниот емаил и ќе ги остават своите информации на линкот кој не е верифициран од страна на компанијата од каде навистина треба да е испратен емаилот. Ќе го земеме конкретниот пример со Amazon scam емаилот. Доколку кликнете на вториот лажен емаил, ќе може да увидите дека линковите не се од самиот домен на amazon.com , туку некои други со .ru наставка и кои имаат слично име на Amazon, пример: amaz0n , am-azon, со што лесно ќе ве натераат да помислите дека се е во ред и ќе продолжите понатаму. Интересно е што кога ќе отидете на лажните веб страни, тие ќе изгледаат исто така идентични со оригиналите и лесно ќе се излажете и ќе ги оставите податоците. Дури нема ни да приметите дека сте ги оставиле податоците на лажен веб сајт. Кога ќе се логирате, лажниот веб сајт ќе ве препрати до оригиналниот веб сајт каде што автоматски ќе ве логира или ќе треба пак да се логирате. Ќе помислите дека ви снемало интернет конекција или нешто се ресетирало и ви бара повторно логирање. Тогаш ќе се логирате и на оригиналниот сајт незабележително дека информациите за логирање сте ги оставиле и на друг сајт претходно. Но сето тоа ќе ви изгледа нормално и незабележително. Затоа секогаш проверувајте ги линковите во емаил пораките затоа што еден клик и потоа ќе се каете за него.
  • Вашите информации ги има некој друг. Ова е веќе неповратен чекор доколку напаѓачот добро ве измамил и сте ги оставиле информациите. Тој сега е моќен и поседува дел од вашите информации кои може да ги продаде и да заработи пари или едноставно да ги злоупотреби. Ако имате оставено кредитна карктичка може многу лесно да ја злоупотреби на интернет за негови цели. Доколку веќе ви се случила ваков тип на измама треба веднаш да реагирате. Контактирајте со провајдерот односно веб страната или компанијата со која соработувате, известете ги дека сте биле измамени и побарајте промена на лозинка, емаил адреса и слично. Ако сте ја оставиле и кредитната картичка, веднаш јавете се во вашата банка и кажете им дека можеби и некој друг ги има информациите од неа, па банката ќе ја стопира сметката и ќе ви го смени бројот од картичката. Колку побрзо реагирате во вакви случаи, толку е подобро за да ги заштитите вашите приватни информации.

Цели на напаѓачот

Напаѓачите целат кон конкретни емаил адреси кои можеби се во некаква врска со веб сајтот со кои планираат да измамат. Во нашиот конкретен пример со Amazon, тие целат кон емаил адреси кои се регистрирани на Amazon и ги користат нивните услуги. Не постои 100% сигурен начин дека сите емаил адреси кон кои испраќаат напаѓачите ќе бидат корисници на Amazon. Напротив, тие испраќаат на што е можно поголем број на емаил адреси и со тоа се зголемува процентот дека некои од нив ги користат услугите на Amazon. Останатите што ќе ја добијат пораката која мами, едноставно ќе ја избришат затоа што знаат дека никогаш не ги користеле услугите на Amazon. Но оние кои навистина ги користат услугите, ќе се размислат и ако не се доволно информирани ќе се фатат на јадицата на измамниците. Затоа напаѓачите користат одредени техники за филтрирање и наоѓање на конкретни емаил адреси, но како што веќе нагласив тоа е многу тешко да се филтрира. Најсигурен начин е доколку навлезат во базата на податоци на веб сајтот и ги извлечат емаил адресите на самите корисници.

Целта се само емаил адресите и тоа илјадници па некогаш и милиони. Колку поголем процент од нив ја користат услугата на целниот веб сајт за кои ќе мамат, толку ќе имаат поголема ефикасност во измамата. Затоа ако добиете чуден емаил за услуга од некоја веб страна за која незнаете, едноставно пријавете го како Spam или избришете го. На тој начин ќе помогнете другите да не бидат измамени. Ако одреден емаил провајдер примети дека добива емаил пораки за кои повеќе корисници го маркирале како спам порака, тогаш и провајдерот ќе го маркира како спам и нема да го доставува во главниот фолдер на неговите корисници, туку ќе го препраќа директно во спам.

Вообичаени измами

  • Измама која досега ја објаснувавме преку емаил кој што ќе ве убеди дека тоа е емаил на компанијата со која соработувате и дека бараат нешто од вас, да се логирате, да промените информации и слично.
  • Измама со емаил порака каде ви нудат милион долари или голема сума на пари, или едноставно дека сте добитници на лото и слично. За секого на прв поглед ова ќе звучи примамливо и ќе ви се покачи адреналинот, но колку тоа е вистинито? Од кога постои лото кое функционира врз основа на извлекување на емаил адреси? Дали сте играле за тоа, како е можно да ве одберат ако не сте играле? Ова е само неколку логични прашања што треба да си ги поставите пред да продолжите понатаму.
  • Измама во која ви бараат сметка за да префрлат одредна сума на пари. Исто како претходниот пример, ова е лажно и не треба да верувате.

Како да се заштитите

  • Внимавајте кога добивате e-mail пораки од непознати. Не кликнувајте на линковите во нив дури и да ви нудат 1.000.000 долари.
  • Секаде каде што имате оставено информација за кредитни картички или пак други лични информации, побарајте упатство за разлика помеѓу нивни и лажни е-mail пораки. Поголемите компании (како во овој случај Amazon) даваат детални информации како да ја забележите разликата.
  • Доколку сервисот кој мислите дека е пробиен нуди опција да ги известите за да превземат истражни мерки секогаш пријавете го сомнителниот e-mail. Така ќе помогнете на истражните органи во борба против еден ваков криминал.
  • Не верувајте на непознати лица/емаил адреси со кои досега не сте имале контакт преку емаил или било каков друг контакт.
  • Штитете си ја вашата приватност. Не кликнувајте на линковите во емаилот доколку не сте 100% сигурни дека тоа е правилниот емаил испратен од вашата компанија-соработник. Може да поминете со глувчето низ линкот и да проверите за каков линк се работи, немора веднаш да кликнувате.
  • Ако треба да се логирате на веб сајтот, наместо да кликате на линковите во емаил пораката, напишете ја веб страната во вашиот пребарувач со тастатура, не кликајте на линковите со маусот.
  • Проверете дали веб страната каде се логирате има напред https:// и дали е валиден SSL сертификатот. Тој служи за енкрипција на податоците при логирање. Измамникот многу ретко да користи https протокол на неговиот сајт за измама.
  • Користете антивирусни и анти спам софтвери кои ќе ја зголемат вашата безбедност на податоците и ќе ве известат за можност за измама.
  • Проверете дали емаил пораката е испратена од вистинската емаил адреса / вистинскиот емаил сервер. Измамникот лесно може да испрати емаил со кој ќе ја препокрие вистинската адреса и серверот од каде се испраќа. За да го проверите ова, најдете ја опцијата кај вашиот емаил провајдер/клиент што ви овозможува преглед на сите детали за испраќачот на пораката (View ALL HEADERS – наместо View Normal Headers).
  • Ако приметите дека веќе сте измамени, веднаш реагирајте и променете ги лозинките и пријавете ја измамата.
post

Тимска работа и тимска ефективност

Тимска работа и тимска ефективност

Тимска работа и тимска ефективност

Ова е гостински пост на Александар Делев, Ba in Marketing, University of Sheffield, UK.

Преку овој преглед на академска литература ќе ја дискутирам улогата на модерниот менаџер во денешната комплексна и конкурентна бизнис средина во областите на мотивирање, организирање и како крајна цел, водење на тим. Пронајдоците од истражувањето ќе бидат презентирани во четири дела и ќе ги опфаќаат најважните аспекти од бизнис врската помеѓу менаџерите и нивните тимови.

Тимска работа

Со зголемената потреба за организациска флексибилност, употребата на тимови станува еден од најважните аспекти од функционирањето на многу компании. Салас (2006) опишува тим како група на луѓе, составена за да постигнат одредена цел. Тој дополнително тврди дека не само што тимовите треба да служат како организациска алатка за решавање на проблеми и зголемување на флексибилноста, туку и самите тимови треба да постигнат внатрешна кохезија и флексибилност. За оваа цел, очигледно, тимовите мора да се составени од луѓе со работни вештини поврзани со проблемот со кој се соочуваат. Во рамките на тимот, исто така мора да постојат ефикасни канали на комуникација поддржани од самата желба на членовите да споделат идеи и знаење.

Кастка (2002) тврди дека работата во рамките на еден тим има повеќе димензии и тоа може да се подели на 3 нивоа:

  • на индивидуално ниво,
  • на ниво на тимот и
  • на ниво на поголемата организациска структура.

Тој исто така дискутира дека ако работата е извршена ефективно на сите три нивоа, тимот ќе има поставено добра основа за успешно завршување на својата задача. Треба исто така да се земе во предвид дека трите нивоа се меѓусебно зависни и дека проблеми на било кое едно ниво лошо ќе се одрази на другите две нивоа. Дополнително на тоа, Салас (2002) тврди дека важен дел од тимската работа е поставувањето и дефинирањето на јасни цели, како и начини на кои тие цели ќе бидат остварени. Понатаму, тој дискутира дека, за менаџерот да обезбеди јасни правци и појаснувања во врска со проблемот и расположливите начини на негово решавање, другите членови на тимот треба да имаат ученички менталитет, отворени кон ново знаење и да бидат флексибилни.

Гелдензоф (2006) го поддржува ова преку нејзиното тврдење дека тимовите мора да имаат внатрешна атмосфера на учење и високо ниво на прилагодливост кон новите предизвици од надворешната средина.

Тимска ефективност

Многу важен аспект од функционирањето на една организација претставува нивото на ефикасност и ефективност со кое тимовите ги извршуваат своите задачи. Ова најчесто се пресметува во смисла на пари или буџет и време. Со ефикасното и навремено извршување на задачите, тимовите значително допринесуваат кон поголемата перформанс слика гледана од организациско ниво.

Како резултат на долгогодишните истражувања, денес можат да се најдат неколку теории и идеи за тоа како најдобро може да се процени тимската ефективност.

Сандрстром (1990) тврди дека тимската ефективност има два дела:

  • Првиот дел го вклучува фидбекот кој членовите на тимот го добиваат од муштериите. Ова е добар начин преку кој може да се види каде се направени грешки и да се изнајдат начини за нивно корегирање. На овој начин тимот, не само што може да ги лоцира своите грешки и послаби страни, туку преку корекција може и да го подобри својот перформанс. Се разбира, во вакви околности не смее да се потцени улогата на менаџерот како фацилитатор на групната работа и неговиот/нејзиниот придонес кон подобрувањето на тимските резултати.
  • Вториот дел е тесно поврзан со внатрешната атмосфера во тимот. Ова имплицира постојана посветеност на членовите на тимот да инвестираат време и напор да го подобрат работењето заедно, и способноста да ги решат потенцијалните конфликти и меѓусебни разлики за доброто на тимот како целина. Повторно, тука менаџерот ја има главната улога преку изградбата на тимска култура внатре во групата. Уште еден важен аспект е дека менаџерите мора да помогнат да се развие чувство на доверба помеѓу членовите на тимот, како и чувство на самодоверба кај секој индивидуален член. Како последица, ова ќе го подобри начинот на комуникација и развивање на нови идеи помеѓу членовите на групата, што ќе овозможи задачите и целите да бидат завршени побрзо и по ефективно.

Дополнително, недостигот на визија и ориентација кон извршување на задачата може да има оштетувачки последици за перформансот на тимот, па уште една од улогите на менаџерот мора да се осигура дека сите членови ја разбираат “поголемата слика” и секој од нив знае како тој/таа се вклопува во таа слика.

Мерење на тимскиот перформанс

Точното мерење на перформансите на организациските тимови е од големо значење за една организација. Тоа е процес во кој се вложува многу време и напор. Успешноста на тимовите на крај го одредува и севкупниот перформанс на компанијата, така да ефективни менаџери кои се способни да воспостават добри односи помеѓу членовите на групата и да изградат добри комуникациски канали се од голема важност за успехот на секој проект со кој се справува тимот. Во таква средина сите членови на тимот ќе бидат во можност да се здобијат со нови вештини и знаења за во иднина. Дополнително на тоа, еден критичен аспект од точната проценка на тимскиот перформанс се изразува преку можноста членовите на тимот да добијат фидбек за нивниот придонес, посочување на грешки и корекција на истите со што би се спречило нивно повторување.

На овој начин сите членови ќе ги подобрат своите индивидуални вештини и знаења со што ќе го достигнат бараното ниво на перформанс од страна на менаџерот, организацијата и индустријата во целост. Една карактеристика на процесот на прецизна проценка на перформанс е дека во многу случаи луѓето не знаат кои аспекти да ги земат како критериуми.

Во секојдневниот живот, димензиите кои што можат да се изразат преку бројки се полесни за дефинирање отколку нематеријалните аспекти како на пример креативноста, искуството, конкурентноста и така натаму. Веќе е утврдено дека пристапот во кој се мери прво успехот на индивудата во тимот и тоа се додадава на успехот на тимско ниво би бил премногу конзумирачки процес во смисла на пари и време, а не нуди никакви гаранции за точноста на резултатите.

Од тоа што дискутиравме до сега, очигледно е дека менаџерите мора да знаат да го постават вистинскиот перформанс бенчмарк за својот тим, и да имаат знаење и искуство како да го проценат перформансот на индивидуално и тимско ниво врз основа на тој бенчмарк. Ова може да се постигне само со ефективен менаџерски стил и поседување на неопходното знаење и искуство поврзани со проблемот кој тимот е задолжен да го реши.

Улогата на менаџерот во перформансите на тимот

Во денешно време, перформансите на тимот и нивото на успех постигнат во најголема мера зависи од квалитетите на менаџерот на тој тим. Различни менаџери имаат различни приоди и начин на решавање на проблемите во зависност од нивното искуство, знаење, емотивна интелигенција и таканаречените “шеми на носење одлуки”.

Како што Варвел (2004) тврди, менаџерите мораат да научат како да ги проценуваат сите членови на нивните тимови, без разлика на нивните лични карактеристики и разлики, што значи дека сите членови во групата мора да бидат третирани како еднакви. Ниво на толеранција мора да биде постигнато и менаџерот мора да ја има главната улога во градењето на таква средина.

Дополнително, менаџерот мора да помогне на секој член да ја развие способноста сам/а да може да го процени квалитетот на завршената работа. За да го постигне ова, менаџерот мора да поседува концептуални и аналитички способности преку кои ќе се креира потребната средина во која членовите ќе можат да ја завршат својата работа на високо ниво. Понатаму, како што расправа Моере (2006), менаџерот исто така мора да има способност да решава проблеми, како и вештина да предвиди и да спречи нови проблеми уште пред да се случат. Со ова дополнително се акцентира потребата за менаџерска проактивност. Ако неопходни мерки не се превземени навреме, може да дојде до сериозно пореметување на тимската работа. На крај, во процесот на комуникација, менаџерите мора да влијаат на членовите на групата преку употребата на стимули кои ќе ја зголемат нивната желба да постигнат подобри резултати, да се почитуваат и помагаат еден со друг, да бидат свесни за важноста на задачата, и да чувствуваат слобода да побараат помош кога им е потребна. Способноста на индивидуалните членови сами да се организираат може дополнително да ја олесни задачата за тимот како целина и да помогне целиот процес да се одвива побрзо во смисла на време, пари и напор. Со сите овие фактори земени во предвид и извршени ефективно, менаџерите можат да создадат средина во која ќе има малку, или пак воопшто нема да има простор за грешки, во која ќе следат одлични резултати, на индивидуално, тимско и организациско ниво.

Користена литература:

  • Salas, Eduardo (2006). Fostering teams effectiveness an integrative theoretical framework.” Department Of Management University of Florida. pp.188-189.
  • Castka P. May (2002). Measuring teamwork culture: The use of a modified EFQM model. Brno University of Technology, Brno, The Czech Republic. Pp. 149-151.
  • Lisa E. Gueldenzoph December (2007). Using teaching teams to encourage active learning. North Carolina A&T State University. Pp. 457-460.
  • Varvel Tricia October (2004). Team effectiveness and individual Myers-Briggs Personality Dimensions Journal of management in engineering. Pp. 141-142.
  • Martin G. Moehrle (2006). Exploring Problems with function analysis. Expirimental Insights for team management Journal compilation Blackwell Publishing. pp. 195-196
  • Gediminas Mekys (2006) Teamwork dysfunctions at large – scale enterprises: Compararative Research based on Norm-Referenced Testing Engineering Economics. Pp. 51-53.
post

Вебинар – Маркетинг средство 63

Вебинар - Маркетинг средство

Вебинар - Маркетинг средство

Вебинар претставува 63-тото маркетинг средство на претприемач кое ќе го претставиме оваа недела. И оваа маркетинг средство претставува релативно ново, но сепак моќно средство кое обезбедува висок квалитет на комуникација и едукација помеѓу еден бизнис и потенцијалните или тековните купувачи.

Што претставува вебинар?

Вебинар е исто што и семинар само што разликата е во тоа што посетителите на семинарот не се во семинарска сала туку пред своите монитори и ја консумираат содржината преку интернет. Во исто време може да постават прашања, да добијат одговори, и да се вклучат интерактивно во комуникација со предавачот и останатите слушатели.

Вебинарот уште се нарекува и веб конференција, пред се затоа што се користи истата технологија за спроведување.

Значи вебинорот служи за спроведување на онлајн, во живо тренинзи, презентации и состаноци со аудиенцијата. Може да има еднонасочна комуникација што претставува презентација од страна на организаторот на вебинарот додека посетителите немаат можност да се вклучат во конверзацијата. Но, може и да се користи повеќенасочна комуникација при што презентерот презентира, а на крајот или во определени временски интервали овозможува поставување на прашања, споделување на идеи или сопствени искуства од страна на посетителите.

Она што е интересно е што одредени сервиси за веб конференциски врски, кои се користат за спроведување на вебинарот овозможуваат снимање на вебинарот при што ќе можете да го објавите на Вашиот блог и едноставно вебинарот да стане една вирозна содржина.

Идеи за користење на вебинарот

Креативноста на претприемачот е основата за идеи за користење на вебинар како маркетинг средство за бизнис цели. Сепак за искористување на целосниот потенцијал на вебинарот мора да се спроведе систематичен пристап со јасна цел за тоа што еден претприемач сака да постигне. Јасно дефинираната цел ќе доведе до јасни идеи и план за спроведување на оваа маркетинг средство во пракса.

  • Обука на потенцијални купувачи
  • Обука за тековните купувачи
  • Продажба преку вебинар
  • Претставување на производот и/или услуга
  • Споделување на знаење и искуство
  • Дознавање на желбите на потенцијални купувачи
  • Одржување на редовен контакт со купувачите

Чекори за спроведување

Она што е најважно при спроведување на вебинари е можноста луѓето навремено да бидат известени за да се пријават како посетители. Постои можност и за ограничување н број на посетители или ограничувањето да биде како дел од сервисот кој го овозможува вебинарот. Повеќето сервиси имаат ценовен план за користење на сервисот. Тој ценовен план најчесто зависи од бројот на посетители, можност за интерактивност и можност за снимање на целиот вебинар.

  • Избор на теми за вебинар
  • Изработка на план. Препорачливо е годишен план со специфични теми во определен период од годината.
  • Подготовка на вебинарот. Може да се користи Power Point презентација.
  • Избор на платформа за вебинарот.
  • Најавување на вебинарот со темата, точно време и датумот.
  • Потсетување најдоцна еден час пред започнување.
  • Имплементација на вебинарот.

Сервиси за спроведување на вебинари

Постојат повеќе сервиси кои нудат ваков вид на услуга. Тука само би ги набројал некои до кои дојдов при пребарување нa интернетот. Искрено, сум го користел само сервисот на GoToMeeting и како слушател и како тест во бесплатна проба. И доколку се одлучам да изработувам вебинари би го избрал овој сервис иако е нешто поскап од останатите. Па еве некои можни сервиси кои можете да ги разгледате споредите и изберете она што на Вас најмногу би ви одговарало врз основа на Вашите потреби и секако буџетот.

  • GoToMeeting.com. Во моментов цените се движат од 50$ до 150$ на месец врз основа на број на посетители и можностите на сервисот.
  • Webex.com. И ова е еден од премиум сервиси за вебинари чија почетна цена е 50$ на месец.
  • Zoho Meeting. Провајдерот на многу онлајн апликации има и сервис за веб конференции и вебинари. Цената за 5 партиципанти е 12$ месечно додека за 100 партиципанти е 49$ месечно.
  • Dim Dim. Овој сервис има бесплатна верзија до 20 партиципанти додека за повеќе ќе ве чини 25$ на месец.
  • Vyew. Бесплатната верзија на овој сервис е со 10 партиципанти и со реклами, додека имаат платежни опции од 7$ и 14$ месечно.
post

Интересни неделни информации 19.07-25.07.2010

Неделни информации на претприемач

Неделни информации на претприемач

Карактеристично за овој период од годината е намалена бизнис активност и се е насочено кон размислување за годишните одмори. И тие што не планираат одмор, мора да се прилагодат на потребите на своите клиенти и соработници кои веќе се или го планираат својот заслужен одмор. Неделата што помина не изобилуваше со премногу вести поврзани со економијата и бизнисот, претпоставувам претходната констатација е и причината за тоа.

Наш избор за денешниот пост е:

Многу често се спомнува за нова глобална криза, како продолжување на последната, но и како продолжеток поради несоодветните антикризни мерки кои беа превземени од најголемите и најсилните светски економии. Последиците од тоа на големо се чувствуваат и кај нас и не верувам дека има некој што се чувствува тотално комотен и релаксиран во моменталното бизнис опкружување. Големо внимание треба да се посвети да се постави црта под која не би требало да одиме надолу, да се превенира состојба во која светот западна пред 2 години. Македонија нема голем удел во глобалната светска економија, но случувањата од таму длабоко не засегаат.

СЕДУМ ЕВРОПСКИ БАНКИ НЕ ГО ПОМИНАА СТРЕС ТЕСТОТ

Комитетот на европски банкарски супервизори тестираше 91 банка за издржливост на уште една финасиска криза. Само седум банки не го издржаа стрес-тестот, меѓу кои грчката ,, АТЕ банк’’, германската ,, Хипо Риал Естејт” и пет шпански банки. Тестирани беа и банки кои со својот бренд се присутни и во Македонија : Нациоанална банка на Грција, НЛБ Словенија, грчката Алфа Банка и Сосиете Женерал. Сите се покажале успешни во справување со евентуална појава на нова финансиска криза, падот на вредноста на државните обврзници или рецесија. Со оглед на фактот дека ова се најголеми финансиски институции кај нас, заклучок е дека банкарскиот систем кај нас е стабилен. Освен ова банките кај нас се предмет на тест и од страна на Народна Банка на Македонија, кои како што известуваат, го тестираат банкарскиот сектор на секои 3 месеци и дека банките учествуваат во финансирањето со над 10% сопствен капитал.

МАКЕДОНИЈА СО ЛОША ПРОГНОЗА ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ

Европска Банка прогнозира раст за макекодонската економија за 0,5% што е втора најлоша прогноза по Романија споредбено со 7 земји од регионот. Владата прогнозираше раст од 2 %, но првите 3 месеци од годинава имаше многу поголем пад на економијата од планираното. Индустријата највува пад во периодот што следи, што може да ја доведе Македонија до повторна рецесија. Буџетскиот дефицит е над планираното, владата има поголеми расходи од приходи, само за првите 6 месеци е 100 милиони евра од вкупно планираните 170 милиони до крајот на годината. Потфрлаат планираните буџетски приходи што заедно со прокциите од Европска банка водат до заклучок дека ребалансот е нереален. Мора да се најдат нови извори на приход:

БЛОКАДА НА ФИРМИ ОД СТРАНА НА ПЕНЗИСКИОТ ФОНД

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Макединија вршеше контрола  на 20.000 фирми за неплатени придонеси во вкупен износ од 20 милиони евра. Блокирани се сметки на 4.000 компании. Загрижува фактот што постојат фирми чии сметки се блокирани, а кај кои не постоел долг. По добивање на решението на наплата на долгот, без информација по која основа и за која сума станува збор и по упатена жалба на решенито за непостоење на таков долг, сепак сметките на поголем број компании се блокирани. Можеби е административна грешка, но сепак државниот апарат треба попретпазливо да ја спроведува својата функција и да биде подржувач, а не да го кочи процесот на функционирање на приватниот бизнис сектор.

САД ПРОГНОЗИРААТ ДЕФИЦИТ ОД 1,47 ТРИЛИОНИ ДОЛАРИ

Иако помал од предвиденото на почетокот на годината, ова е рекорден буџетски дефицит во САД. Се должи на намалени приходи и пад на економската активност. Економијата заздравува побавно од планираното, стапката на невработеност се искачи на 9%. Дури 41 цент од секој долар поотрошени пари од страна на Американската влада се од кредити.

Кризата е глобална главоболка, некој полесно се снаоѓа, некој потешко, некој е помоќен да го издржи периодот, некој не, факт е дека сите превземаат мерки за превенција и справување со последиците од овој удар. Она што треба да се размислува е када да се бара излезот, како да почнат инвестициите, да се креираат нови бизниси, нови работни места.

АФРИКА ЌЕ ГО ПРИДВИЖИ РАСТОТ НА СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА

Поранешниот премиер на Британија, Гордон Браун истакна дека идниот раст на светската економија ќе зависи од Афика. Сиот светски продуктивен потенцијал треба да се насочи кон општото корисничко побарување на овој континент.

Можеби е во право, таму кај што има огромна популација на која и е неопходно инфраструктура која ќе го поплоча патот за да го стигне остатокот од светот е местото кај што тие што ги чуваат парите (ММФ, Светска Банка…), треба да ги вложат за имплементација на проекти во кои би се вклучиле компании кои би вработиле и обезбедиле милиони нови работни места. Се отвора патот  за индустријата ширум светот. Ако Англија, заедно со САД и другите Западноевропски земји во изминатиот и овој век ја креираа глобалната политика, ваква изјава на до неодамна нејзин челен човек не е за потценување. Можеби треба да размислуваме како да се пробиеме и да го фатиме возот по кој ќе се движат финансиите во наредниот период. Зборувам за стратегија како индивидуалци, но и на државно ниво. Кои ни се предностите, потенцијалот и можностите ?

post

SEO – Оптимизација за пребарувачи – анализа

SEO - Оптимизација за пребарувачи - Анализа

SEO - Оптимизација за пребарувачи - Анализа

Има многу пишувано, нагаѓано и образложувано за SEO – оптимизација за пребарувачи во однос на тоа кои се поважни фактори, кои се помалку важни и што има поголемо или помало влијание. Доколку сте го прочитале серијалот за SEO на претприемач, сигурно сте забележале дека веќе извесен период вршам анализи и истражувања во однос на оваа проблематика. Досега вообичаено анализите се однесуваа преку реална веб страна и аналитиката која покажува различни однесувања и резултати при мои различни активности на таа веб страна.

Но, пред една недела започнав со проширување на мојата SEO лабораторија со анализа на податоци од други веб страни. Започнав со собирање на дополнителни податоци и дополнителни анализи од досегашните при што мерам, анализирам и споредувам различни влијанија на позицијата на пребарувачите. Така, ова ќе претставува прв пост во кој ќе ги споделам првичните сознанија од едната од 10-те дополнителни анализи.

Опис на SEO анализата

Анализата се состои од избор на 20 збора и резултатите за првите 10 веб страни на Google. Што значи дека се анализирани 200 веб страни, со сите нивни SEO фактори и влијание на тие фактори на позиција на пребарувачите.

Во моментов постојано ја проширувам базата на податоци со цел да се добијат поквалитетни резултати.

Факторите кои ги анализирам во однос на позицијата на пребарувачите се следниве:

  1. Google Page Rank – Рангирањето од страна на Google во однос на авторитетот на веб страната
  2. Дојдовни линкови – Колку дојдовни линкови има соодветната веб страна
  3. Зборови – Колку зборови има соодветната веб страна која излегува на резултатите по пребарување.
  4. Повторувања – Колку пати тој збор се повторува во текстот на страната.
  5. Густина – Колкав е процентот на појавување на тој збор.
  6. Наслов – Колку пати е содржан зборот во насловот.
  7. Линк – Колку хиперлинкови има на тој збор во текстот.
  8. Alt – Колку пати во Alt делот се користи зборот (Alt служи за давање на опис на сликата).
  9. Клучни зборови – Колку пати е содржан зборот во клучните зборови.
  10. Опис – Колку пати е содржн зборот во описот.
  11. Болд – Колку пати е болдиран зборот низ текстот.
  12. H1 – Колку пати е содржан зборот во H1 tags.

Врз основа на сите овие податоци анализата се состои од спроведување на корелациона анализа со Пирсонов коефициент на корелација со што го споредувам различното влијание на секој од факторите со позицијата на страната на резултатите на Google.

Резултати од оваа SEO анализа

Глобално од резултатите се забележува релативна слаба корелација на факторите со самата позиција на пребарувачите. Но, сепак резултатите претставуваат една основа и приказ за тоа што пребарувачите го ценат при прикажување на резултати по барање на одреден збор. На сликата е прикажан само дел од анализата кој се однесува на овој пост иако анализата е спроведена и на меѓусебното влијание на еден фактор со друг.

SEO - Оптимизација за пребарувачи - Фактори

SEO - Оптимизација за пребарувачи - Фактори

Од овие резултати прикажани на сликата може да се заклучи следново:

  • Најголемо влијание врз позицијата на страната на резултатите на пребарувачите имаат насловот на веб страната и описот на веб страната.
  • Најмало влијание врз позицијата на страната на резултатите на пребарувачите има делот клучни зборови. Затоа можете да бидете добро рангиран за некој збор иако не сте го поставиле тој збор во клучни зборови.
  • Карактеристично е што PR на веб страната исто така не е премногу импресивно за резултатите. Затоа можете да забележите веб страни со послаб PR да излегуваат на повисока позиција на страната на резултатите.

Овие сознанија би ги издвоил како покарактеристични, иако анализата и истражувањата продолжуваат со зголемување на базата на податоци.

post

Претприемач: Претходна недела од 19 Јули и идна од 26 Јули 2010

Претприемач - Мината и идна недела

Претприемач - Мината и идна недела

Во претходната недела на претприемач опфативме 5 нови постови од различни теми поврзани со еден претприемач. Неделата што измина немавме вести затоa што колегата кој ги подготвува неделните вести беше на одмор. Но, затоа во понеделник се надевaм дека ќе продолжиме со оваа категорија.

Ајде да сублимираме за сите оние кои можеби испуштиле нешто.

Понеделник, 19.07.2010 – Домен име за Вашиот бизнис – Совети при избор

Една доста контроверзна тема кога станува збор за маркетинг на Вашиот бизнис преку интернет презентација. Некои препорачуваат брендот да биде основата, да биде кратко домен името и дека не е важен клучниот збор. Што не значи дека не е точно. Но, во некои ситуации, кога брендот не е доволно препознатлив и кога бизнисот не е доволно познат подобро е да се користи описно домен име со инкорпориран клучен збор и да се користи оптимална должина. Повеќе детали околу технологијата и изборот на домен името прочитајте ги во постот.

Вторник, 20.07.2010 – Подкастинг – Маркетинг средство

Во вторник продолживме со серијалот од 100-те маркетинг средства на претприемач. За оваа недела изборот беше на подкастингот како маркетинг средство. Иако релативно ново, сепак доволно моќно некои бизниси со правилно спроведување на истото да ги катапултира на патот кон успехот. Подкастингот претставува дигитален запис на радио емитување или некоја слична програма достапна на интернет при што може да се симне и да се користи на лични аудио или некои други плеери. Повеќе за корисностите, идеите и чекори за спроведување можете да прочитате во постот.

Среда, 21.07.2010 – Купувачот секогаш има повеќе алтернативи

Целта на овој пост е да покаже еден начин како да се дојде до Важните елементи кои ќе претставуваат информација и знаење за потенцијалниот потрошувач во однос на она што добива или пак што може да изгуби и зошто при избор на нашата алтернатива. Секој потенцијален купувач пред да донесе конечна одлука за купување анализира, споредува и донесува одлука. Колку се подостaпни информациите, толку подобро ќе може да ја утврди разликата и да донесе позитивна одлука во однос на Вашиот бизнис.

Четврток, 22.07.2010 – 77 подобрувања на бизнисот за 77 дена

Во овој пост на претприемач е претставена една листа од 77 подрачја кои можат да се подобрат за 77 дена. Листата не значи дека е конечнi и дека не може да се прошири. Можете да ја искористите и само во некој дел. Најдобро е да започнете од првиот ден и по завршување на 77-иот ден повторно да се навратите од почеток. На ваков начин секогаш ќе бидете пред конкуренцијата.

Петок, 23.07.2010 – Достапност на испорачаното

Претприемачите се лица кои испорачуваaт некаква вредност за купувачите, за пазарот и за потенцијалните купувачи. Но, Вие можете да ја испорачувате најголемата вредност за потенцијалните купувачи, но доколку тие не знаат што испорачувате како ќе може да дојдат до Вашата испорака.

Идна недела на претприемач

Распоредот за идната недела е следниов:

  • Опасни е-mail-ови
  • Вебинар – Маркетинг средство 63
  • Тимска работа и ефективност
  • SEO – Оптимизација за пребарувачи една анализа
  • Алатки за тимска работа
post

Достапност на испорачаното – Прашања за претприемач

Достапност на испорачаното

Достапност на испорачаното

Во еден од претходните постови пишував за тоа дека претприемачите се испорачатели на вредност. Но, постои и еден друг елемент при оваа испорака. Вие можете да ја испорачате најголемата вредност за мене, но доколку јас не знам што испорачувате како ќе можам да дојдам до Вашата испорака. Затоа по испорака мора да се размислува за достапноста на она што го испорачувате.

Да претпоставиме дека навистина нудите вредност на високо ниво, без разлика дали ја испорачувате бесплатно или во замена за пари. Но, потребен е пат кој ќе ги доведе Вашите потенцијални клиенти до дистрибуцискиот канал на таа вредност што сакате да ја испорачате.

Денес светот функционира на следниов начин:

Ако побарам добивам, ако не барам, не ме гњави.

Поминаа времињата кога беше функционално напаѓање и вознемирување за добивање на она што го сака бизнисот. Иако, мора да бидеме свесни дека кај доста луѓе сеуште функционира стариот начин. Еден пријател за една компанија ми го кажа следново:

Бреееј ама се здодевни секој ден на телефон ме бараат, па им кажав ајде направете така за да обезбедам мир за една година.

На ваков начин сметам дека нема да се изгради долгорочна бизнис успешност, туку само краткорочно преживување.

Затоа е потребен магнет, магнет кој привлекува на патот до барање на Ваша испорака.

Магнет – Внимание, Репутација и Доверба

Како можен магнет за достапноста на она што го испорачувате претставува Внимание, Репутација и Доверба. Доколку не се постигнат сите 3 елементи веројатноста на видливоста и достапноста за секого на она што го испорачувате ќе биде на ниско ниво.

Платформа

Постојат различни платформи како за испорака така и за достапноста на она што го испорачувате. Која или поточно кои ќе ги изберете ќе зависи од она што го испорачувате и секако пазарот кој сакате да го допрете, односно за кого е наменета Вашата испорака.

Колку повеќе платформи за испорака користите толку ќе биде поголема и достапноста на Вашата испорака.

Прашања за претприемач

  • Која испорака за кого е наменета?

Веројатно е дека како претприемач имате повеќе испораки. Имате бесплатни и платежни испораки на вредност. Имате физички и дигитални испораки. Имате официјални и неофицијални испораки.

За кого е наменета секоја од испораките без разлика за каква испорака станува збор. Ова прашање ќе мора да го одговорите за да можете да изберете соодветни платформи за доставување.

  • Кои платформи се користат од страна на потенцијалните приматели на моите испораки.

Каде се оние кои сакаме да ја примт испораката. Дали се во соседното кафуле? Или пак се на Facebook (каде што се наоѓаат над 700.000 граѓани на Македонија). Можеби читаат весници. Можеби гледаат вести 3 пати на ден на секоја ТВ.

  • Дали мојата испорака стигнува онаму за каде е наменета?

Дали оној кој треба да ја прими Вашата испорака ја примил? Дали ја забележал? Ова се прашања на кои секогаш ќе треба да барате одговор.

post

77 Подобрувања на бизнисот за 77 дена

77 Подобрувања за 77 дена

77 Подобрувања за 77 дена

Подобрување е основа за конкурентска предност. Најуспешните бизниси се бизниси кои денес не се исти како вчера, а утре воведуваат нешто ново со што денешницата претставува подобрена. Во овој пост на претприемач подготвив една листа од 77 елементи кои можете да ги подобрите за 77 дена. Секако листата не е конечна, можеме да одиме со уште многу елементи. Но, сепак ја ограничив на 77 најважни елементи.

Можете да ја искористите одеднаш, но моја препорака е да ја користите во циклуси. Започнете од првиот ден и по 77-иот ден повторно навратете се на првиот. Така ќе имате бизнис кој тешко ќе може некој да го копира. Па да започнеме со подобрувањето.

Бизнис идеја

Ден 1: Креативност

Прво место каде има секогаш простор за подобрување е да ја зголемите Вашата креативност.

Ден 2: Комуницирање на идејата

Вие не сте сам и идејата нема да биде само за вас доколку ја реализирате. Комуницирај ја идејата и извлечи подобрувања од таа комуникација.

Ден 3: Заедница

Бизнис идејата се комуницира со Вашата заедница во која Вие и Вашиот бизнис опстојувате или ќе опстојувате. Важен елемент од процесот на креирање и имплементација на бизнис идеи.

Ден 4: Приоритизација

Ќе имате многу идеи, многу проекти но приоритетот на истите не е ист. Можете да го подобрите процесот на приоритизација.

Ден 5: План на имплементација

Многу добри бизнис идеи не се трансформираат во успешни бизниси заради недостаток на едно нешто – имплементација.

Ден 6: Процес на имплементација

Бизнис идејата може да е одлична, но доколку не се имплементира на вистински начин целиот процес ќе биде залуден.

Ден 7: Лидерство

Кој е лидерот кој ќе го води целиот процес?

Ден 8: Капацитет на имплементација

Каков е и може ли да се зголеми капацитетот на имплементација на бизнис идеи?

Бизнис план

Ден 9: Претходно искуство

Провери го претходното искуство со бизнис планирање и пронајди ги најголемите промашувања.

Ден 10: Предвидување

Квалитетно предвидување е основа за добро бизнис планирање. Подобри го процесот на предвидување.

Ден 11: Знаење

Бизнис планирање бара знаење, пронајди извори на знаење со што ќе го подобриш истото.

Ден 12: Бизнис модел

Започни со дизајн на бизнис моделот, па потоа инкорпорирај го тој бизнис модел во еден квалитетен бизнис план.

Ден 13: Цели

Што сакате да остварите со бизнис планот? Целите се основа на секој процес на бизнис планирање и нешто што секогаш може да се подобри.

Ден 14: Графици

Бизнис планот претставува графичка презентација на бизнис бројките. Со еден поглед може да се видат потребните подобрувања.

Ден 15: Намената на бизнис планот

За кого е наменет бизнис планот? Не се обидувајте со еден бизнис план да ги задоволите сите страни.

Ден 16: Интересност

Дали бизнис планот е интересен или здодевен?

Ден 17: Реалистичност наместо оптимизтичност

Процес на планирање бара на сте реален, немојте премногу оптимистички да предвидувате или да поставувате цели.

Ден 18: Јас, јас и само јас синдром

Проверете каде го користите и избегнете го!

Ден 19: Поглед кон конкуренцијата

Секогаш можете да најдете можности за подобрување на Вашиот поглед кон конкурентите.

Ден 20: Перспективи

Изберете една перспектива преку која ќе биде насочен Вашиот поглед, подобрете ја и само напред!

Ден 21: План за имплементација на планираното

Имајте, подобрете го и применете го планот за имплементација на планираното.

Ден 22: Докази

Проверете дали сите бројки и факти се докажани и извлечени од доследни извори на информации, а не од обични претпоставки.

Финансии

Ден 23: Извор на финансии

Нешто што на секој бизнис му е потребно! Побарајте ги можните извори на финансии и подобрете ги!

Ден 24: Готовински тек

Погледни го графикот на анализа на готовински тек и забележи што може да се подобри.

Ден 25: Вештини за готовински тек

Подобри си ги вештините за готовинскиот тек преку избор на различни извори на знаења за проблематиката.

Ден 26: Трошоци

Верувале или не трошоците се нешто што секогаш може да се подобри (скратат).

Ден 27: Рентабилност

Направи анализа на рентабилноста и види што, каде и како да подобриш.

Ден 28: Проекции на профит/загуба

Погледни во проекции на добивка/загуба и разгледај ја можноста како да го подобрите профитот или пак доколку е загуба како да го направите профитабилен.

Ден 29: Коефициент на економичност

Каков е односот помеѓу вкупните приходи и вкупнит расходи и што треба да направите за да го зголемите тој однос?

Ден 30: Коефициент на повраток на инвестиција

Како се движи повратокот на инвестициите во бизнисот? Како може да се подобри?

Ден 31: Стапка на акумулативност

Каков е односот помеѓу нето приходот и вкупните инвестиции (вложувања) и што треба да направите за да го зголемите тој износ?

Продуктивност

Ден 32: Организација

Организирање претставува мајка на зголемена продуктивност. Подобрете ја организацијата и ќе ја подобрите и продуктивноста.

Ден 33: Планирање

Бизнис планот ја зголемува личната и бизнис продуктивност. Подобри го процесот на планирање за да ја подобриш личната и бизнис продуктивност.

Ден 34: Системи

Бизнис системите овозможуваат побрзо изведување на иста работа во ист временски период. Секогаш постои можност за подобрување.

Ден 35: Личен живот

Подобри го личниот живот и ќе ги видиш разликите во бизнисот.

Ден 36: To-Do Листи

To-Do Листи претставуваат корисни алатки во зголемување на продуктивноста.

Ден 37: Препреки

Секогаш постојат препреки како лични така и бизнис препреки. Пронајди ги и елиминирај ги ќе ја зголеми личната и бизнис продуктивност.

Ден 38: Аутсурсинг

Што може да биде изведено во вид на аутсурсинг како би се заголемила продуктивноста?

Ден 39: Вработени

Бизнис продуктивноста се базира на продуктивноста на вработените.

Ден 40: Менаџмент системи

Бизнис продуктивноста зависи од менаџерските системи кои се користат во бизнисот.

Ден 41: Информативни системи и софтвер алатки

Вистинска информација, во вистинско време, кај вистинската личност ќе помогне да се заврши повеќе работа.

Ден 42: Систем за учење

Знаењето стекнато преку добар систем за учење ќе ја зголеми бизнис продуктивноста.

Бизнис процеси

Ден 43: Организирај го неорганизираното

Секогаш постои нешто во бизнисот што не е организирано онака како што треба.

Ден 44: Систематизирај ги бизнис процесите

Систематизација на бизнис процесите претставува основа за идни подобрувања и одржување на конкурентска предност.

Ден 45: Технологија

Користи ја оптимално технологијата во бизнисот.

Ден 46: Влез/Излез

Секогаш може да се подобри трансформацијата на влезот во излезот.

Ден 47: Бизнис модел

Основата на на секој бизнис секогаш може да се подобри.

Маркетинг

Ден 48: Маркетинг план

Направи подобар маркетинг план. Прочитај повеќе во Маркетинг план во 7 реченици и Дополнувањаво однос на маркетинг планот.

Ден 49: 4P

Производ, промоција, дистрибуција и цената се елементи од маркетинг миксот кои можете да ги имате како предмет на подобрување.

Ден 50: Маркетинг средства

Секое маркетинг средство може секогаш да се подобри.

Ден 51: Маркетинг календар

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај го маркетинг календарот.

Ден 52: Повик за акција

Повик за акција е еден од најважните елементи на секое маркетинг средство кој има огромно влијание на успешноста на одредена маркетинг кампања. Подобри го за да ја зголемиш ефикасноста и ефективноста на маркетинг напорите.

Ден 53: Сегментација

Искористете ги алатките како RFM формула и демографија наспроти активности на потрошувачите.

Ден 54: Листа на потрошувачи

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај ја листата со потрошувачи.

Ден 55: Листа на потенцијални потрошувачи

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај ја листата со потенцијални потрошувачи.

Ден 56: Блог дизајн

Што може да подобрите во дизајнот на блогот.

Ден 57: Дизајн на веб страна

Што може да подобрите во дизајнот на веб страната.

Ден 58: Маркетинг кампањи

Секогаш може и подобра кампања од претходната.

Ден 59: Онлајн стратегија

Онлајн стратегија станува една од најважните бизнис стратегии за еден бизнис. Секое подобрување претставува севкупно бизнис подобрување.

Ден 60: Внимание, репутација и доверба

Подобрете го привлекувањето на вниманието кон Вашиот бизнис како и репутацијата и довербата кон истиот.

Ден 61: Дополнителна услуга

Подобрете ги дополнителните услуги кои ги нудите на потрошувачите.

Ден 62: Запознај ги подобро потрошувачите

Потрошувачот претставува најважната личност во Вашиот бизнис свет. Подобро познавање на Вашите потрошувачи подобар бизнис ќе имате.

Ден 63: Ургентност

Подобри ги елементите кои предизвикуваат ургентност за купување.

Ден 64: Корисности

Подобри ги корисностите на Вашиот производ и/или услуга за потрошувачите.

Ден 65: Кредибилитет

Подобри го кредибилитетот на бизнисот.

Ден 66: Понуда

Подобрете ја Вашата понуда да биде од аспект на потрошувачи. Бизнис понудата мора да се базира на потрошувачите и пазарот, не на желбите на претприемачот.

Ден 67: Социјални медиуми

Подобрете го присуството на Вашиот бизнис на социјалните медиуми.

Ден 68: SEO

Подобрете ја оптимизацијата за пребарувачи на Вашата бизнис веб страна или блог.

Продажба

Ден 69: Продажна инка

Подобрете го подесувањето на продажната инка на Вашиот бизнис. Секогаш има простор за подобрување.

Ден 70: Влез во продажна инка

Подобрете го влезот во продажната инка. Зголемен влез претставува зголемена веројатност за поголема продажба.

Ден 71: Стапка на конверзија

Стапка на конверзија претставува стапка на трансформирани потенцијални купувачи кои влегле во продажната инка во купувачи. Оваа мерка се изразува како процент од вкупниот влез и секогаш може да се најде простор за подобрување.

Ден 72: Просечна продажба

Подобрете го износот на просечна продажба од еден купувач.

Ден 73: Времетраење на продажна инка

Намалете го времетраењето на продажната инка.

Ден 74: Продажен тим

Продажниот тим е оној кој ја завршува последната работа, нека биде поубедлив.

Ден 75: Знаење на продажниот тим

Подобри го знаењето на продажниот тим за твоите производи и/или услуги. Сепак тие се во директен контакт со потрошувачите.

Ден 76: Насмевка

Подобри ја насмевката на лицето на продажниот тим. Не држи луѓе кои не знаат да се смеат.

Ден 77: Објаснување

Секогаш може подобро да се објаснат на потрошувачот карактеристиките и корисностите на производот и/или услугата.