Archives for јуни 2011

post

Дали Toyota ќе се врати од катастрофата?

Toyota

Toyota

Не дека возам еден од нивните брендови, ниту дека премногу емотивно сум врзан за брендот, туку едноставно во 1990-тите и почетокот на 2000-тите години премногу бев и уште сум восхитен од перфектноста на нивниот производствен систем и нормално успехот кој го остваруваа на патот кон број еден во светот.

Од друга страна духот на самата компанија е нешто што навистина сите ги остава без здив. Знаејќи дека Јапонија е земја со ограничени ресурси и повеќето компании од таа земја едноставно во многу мал дел се базираат на националните ресурси, Toyota сите овие години докажа и покажа дека може голем дел од сопствениот бизнис модел да го базира на матичната земја иако е распространета на сите континенти. Тој дух на „Јапонски начин на водење на бизнис“ е карактеристичен само за оваа компанија па затоа и се нарекува „Toyota Way“. Ова е најимпресивната бизнис филозофија на модерната ера. Комбинација на филозофиите како Kaizen (континуирано подобрување) и genchi genbutsu (увери се самиот) со вредностите и тимската работа креира моќна организациска култура.

Во 2002 години оваа компанија си постави цел за двојно зголемување на учеството на пазарот на глобалбо ниво до 2010 година, што би значело станување на глобален лидер во автомобилската индустрија.

Тој раст не помина без проблеми. Целите се остварија, но репутацијата како компанија која произведува квалитетни автомобили почна да опаѓа. Големиот притисок врз снабдувачите, да произведуваат повеќе неминовно доведе до намалување на квалитетот на испорачаните делови кои се вградуваа. Цената мораше некако да се плати и се случи првин 2009 година со отповикување на возилата заради определени грешки. Потоа кога се чинеше дека катастрофата помина се случи уште едно отповикување во 2010. Проблемите почнаа!

Непојмливо е за оваа компанија да зборува за превземени корективни акции на возилата, за реакција на проблемите, за решавање на појавените грешки. Зарем немаа одличен квалитет, постојано подобрување кое не значи реактивно подобрување, работа со нула грешки (Poka Yoke)… Како кога сите мислевме дека се безгрешни се појавија грешки?

Но, освен сопствените грешки во чекори за брзиот раст и развој на цена на квалитетот ниту природата не беше милосрдна кон оваа компанија. Се случи земјотрес и цунами при што едни од главните фабрики лоцирани токму во тие региони имаа огромно влијание врз работата на компанијата на глобално ниво. Освен овие природни ктастрофи се случи и истекување на радиоактивен материјал од нуклеарна централа и повтороно проблеми за компанијата.

Дали одлуките за тоа секаде каде што може производството да го базираат во матичната земја се причина за толкави последици од овие катастрофи? Имаат влијание, но сепак природните катастрофи може да се лучат секаде.

Но, јапонците користат еден симбол наречен jojo кој значи постепено, постојано, тивко и што побргу. Мислам дека токму тоа и го применува компанијата во моментов и затоа и верувам дека ќе излезат од оваа катастрофа или серии на катастрофи дури и посилна од она што биле.

Зошто сметам дека ова е реално? Би го сублимирал во три причини:

  • Првин менаџерскиот процес кој го имаат како и луѓето и организациската култура кои се основен столб на постојано подобрување во сите аспекти на организацијата ќе извлечат поука од грешките и на крајот ќе следува подобрување кое само ќе ги направи уште посилни.
  • Како што цените на нафта се се повисоки се чини дека Toyota со својот Prius, најиновативниот автомобил на деценијата е вистинско решение за заштеда на трошоците. Но, и различните регулативи кои најверојатно ќе следуваат за намалување на потрошувачката на нафта и загадување на воздухот од страна на западните земји ќе одат во корист на Toyota која сепак и покрај горенведените катастрофи е најспремната компанија во оваа подрачје.
  • Toyota е компанија која многу добро знае да ги искомбинира иновацијата и имитацијата на она што другите го прават и на таков начин да изнесе на пазарот автомобил кој е со „нормален“ квалитет со прифатлива цена, но не скапа цена.
post

Секогаш имајте SMART цели

Поставување на цели и нивно остварување е една од основните задачи на еден претприемач. Но, понекогаш грешките се правата токму во основата – поставување на цели. Често пати може да се постават цели кои:

  • тешко може да се следи нивната реализација и едноставно воопшто да не знаеме дали се остварени или не, или
  • кои се премногу општи, или
  • кои се неостварливи, или пак
  • кои не се знае за кој временски период се однесуваат.

За да не се прави една ваква грешка вообичаено се користи техниката SMART цели која означва дека истите се:

  • Специфични (Specific)
  • Мерливи (Measurable)
  • Остварливи (Achievable)
  • Реалистични (Realistic)
  • Временски ограничени (Time-Limited)

SMART цели

SMART цели

Specific – Специфични цели

Да земеме една цел која се однесува на зголемување на профит. И велиме нашата цел е да го зголемиме профитот. Што значи оваа цел за нас освен дека треба да го зголемиме профитот? Ништо друго. Целите на целта се да поттикнат акција за да истата биде остварена. Зошто ни се целите доколку не ги остваруваме?

Главното прашање тука кое треба да ја конкретизира целта е: За колку треба да го зголемиме профитот? Така целта може да биде: зголемување на профит за 10%.

Целите се специфични значи да содржат конкретни бројки како %, денари, број на луѓе… На ваков начин при подготовка на планот лесно можеме да дојдеме до она што треба да направиме за да ја оствариме целта која значи зголемување на профит за 10%.

Мерливи – Measurable

Од друга страна, целите треба да бидат нешто што може да се измери. На пример, многу е потешко да мериш цел како зајакнување на бренд отколку зголемување на број на потенцијални купувачи. Профитабилноста може да се мери. Приходот може да се мери. Раст на компанијата може да се мери. Може да се мери се она што се изразува во соодветна бројка која можеме да ја споредиме со целта.

Остварливи – Achievable

Не, треба да заборавите дека вие и вашиот бизнис треба да имате потенцијал за остварување на тие цели и секако да бидете реални во однос на нивно поставување.

Реалистични – Realistic

Лесно е да поставите цел за зголемување на број на потенцијални купувачи за 3000%  иако знаете дека тоа е неостварливо и нереално.

Временски ограничени – Time-Limited

Од друга страна целите мораат да имаат временска рамка за која се однесуваат. На пример, целта во вид на зголемување на стапка на конверзија за 20% кажува дека треба да се зголеми стапката на конверзија за 20% но, не кажува до кога тоа треба да се направи. Секогаш целите се поставуваат да важат за одреден временски период.

post

Маркетинг трикови за стартап бизниси

Имате бизнис идеја, сте преминале во следната фаза од животниот циклус – започнување и тука започнуваат вистинските проблеми. Немате доволно купувачи, а со тоа и приходите се слаби, а со тоа и финансиите за финансирање на бизнисот се на исклучително ниско ниво. Потребно е сите сили да ги насочите кон обезбедување на база на потенцијални потрошувачи кои ќе купат нешто колку што може побргу. Ова се постигнува со маркетингот. Секој бизнис се занимава со продажба, односно продава нешто за пари. Без разлика дали продавате производ или услуга на Вас во овој момент ви се потребни купувачи. Затоа една од основните цели е да навлечете колку што можете повеќе потенцијални потрошувачи во Вашата продажна инка.

Продажна инка

Продажна инка

Првата фаза од Вашата продажна инка за стартап бизнис е преку соодветна маркетинг кампања да пробудите свест за Вашиот бизнис кај колку што може повеќе луѓе. На сликата е прикажана продажната инка со фазите во неа.

 

Од друга страна во оваа фаза од животниот циклус финансиите не се на некое ниво со кое може да се вложат средства во маркетинг. И токму тука лежи најголемиот проблем во фазата на проблематичен период од животниот циклус на бизнисот. Затоа предлагаме некои од евтини стратегии за привлекување на потенцијални потрошувачи.

  1. Изработете интересно лого со името на Вашиот бизнис кое ќе пробуди интерес кај секој кој ќе го види. Логото нека бидне во боја и особено интересни бои кои привлекуваат внимание. Подобро е да платите за дизајнот на Вашето лого или пак да побарате на интернет веб апликации за изработка на лого кои може да бидат и платежни и бесплатни.
  2. Направете веб сајт со неколку содржини за Вашиот бизнис. Сајтот не мора да биде нешто професионално изработен бидејќи нема да имате многу посетители. Можете да направите сопствен блог во вид на веб сајт со редовно објавување на некои содржини од подрачјето на Вашиот бизнис. Ова можете да го направите без да вложите ниту денар.
  3. Поврзете се на социјалните мрежи како facebook, linkedin и twitter. Во почетните фази нема да имате многу луѓе, но направете профил, напишете нешто за Вашиот нов бизнис и што нудите, поставете линк до Вашиот блог или веб сајт. И започнете да барате пријатели, познаници и врзувајте се. Оваа стратегија во понатамошниот развој на Вашиот бизнис може да одигра голема улога. Отворете акаунт на StumbleUpon и започнете да барате сајтови од подрачје на Вашиот бизнис и поврзете се со луѓе од кои ќе ги пронајдете и кои се заинтересирани за истите подрачја.
  4. Изработете флаери и бизнис картички во боја со логото на Вашиот бизнис. Визит картички изработете и на клучните луѓе во Вашиот продажен тим. Можете да ги изработите самите со персонален компјутер и отпечатете ги на ласерски печатач или пак платете на некоја компанија која изведува графички услуги. Флаерите и бизнис картичките обавезно да ја содржат адресата на Вашиот веб сајт и по можност како луѓето да ве најдат на социјалните мрежи.
  5. Поделете ги флаерите на роднини и пријатели за да тие ги поделат на своите познаници и да кажат неколку збора за Вашиот нов бизнис. Но, немојте сите флаери да ги поделите кај роднините и пријателите бидејќи постои опасност тие да не се распространат понатаму туку да завршат како хартија за потпалување. Совет е да се поделат околу 30% од овие флаери на оваа група на луѓе. Така, доколку имате 500 флаери околу 150 можете да поделите на роднини и пријатели.
  6. Изберете 5 деца кои може да бидат од Вашиот комшилук или пак некои роднини и дајте им џепарец од неколку стотици денари за да застанат на посебни реони од градот и да ги делат флаерите на луѓето кои што поминуваат. Препорачуваме 50% од флаерите да ги поделите на Ваков начин.
  7. Останатите 20% имајте ги Вие и Вашите вработени за да ги делат онаму каде што се движите во кафетерии, ресторани, фризерници … Оставајте секаде по 10-тина флаери.
  8. Направете листа од 100 луѓе (пријатели, роднини, познаници, интересни групи кои ќе ги пронајдете во именикот) и јавете се по телефон. Разговарајте за она што го нудите и како можете да им помогнете. Но при разговорот немојте да бидете премногу упорни да продавате и здодевни. Бидете повеќе слушатели за да дознаете како Вашиот бизнис ќе може да им помогне на тие луѓе. Прашајте ги за нивните контакт детали доколку сакаат да им испратите нешто информативно за Вашиот бизнис. Ова правете го секој ден јавувајќи се на тројца дневно.
  9. Кај секој кој оставил контакт детали (свеста е веќе пробудена, потребно е да се пројави интерес) еднаш неделно или месечно испраќајте дел од Вашиот рекламен материјал. Ова комбинирајте го преку e-mail или пак директна пошта.
  10. Изведувајте ги овие чекори секој месец.

 

post

Анализа: Какво е влијанието на политиката врз бизнисите во Македонија?

Анализа - Политика и бизниси

Анализа - Политика и бизниси

Дали политиката влијае врз бизнисите во Македонија? Прашањето иако се чини едноставно и нешто што е општо познато сепак е интересно за анализа. Она што е најинтересно е дека вообичаено одговараме врз основа на нашата политичка определеност. Затоа и сакавме да спроведеме една анализа на можното влијание на политиката врз бизнисите.

Започна со еден пост насловен како Бизнис и политика – Одат ли едно со друго? Во тој пост во неколку црти наведовме зошто политиката треба да нема директно големо влијание врз работата на бизнисите. Потоа поставивме еден анкетен прашалник за Анализа на влијание на политиката врз бизнисите во Република Македонија кој беше онлајн во периодот март и април оваа година.

Прашалникот во тој период го отворија 964 луѓе и резултатите од анализата на одговорите се прикажани на следнава презентација. Можете и да го симнете истиот кој е во pdf форма.

 

post

10 Причини да имате WordPress блог за вашиот бизнис

Гостински пост од Владимир Апостолски: Авторот е дипломиран инженер по информатика. Моментално е развивач на софтвер. Еден од ентузијастите позади агрегаторот на попусти http://bagatela.mk. Повеќе информации на: http://about.me/vladimir.apostolski

Бизнис блог со WordPress

Бизнис блог со WordPress

Како претприемачи, досега би требало да ви е јасно дека ви е потребен блог за поддршка на бизнисот. Блогот дава уникатна можност да допрете до вашите идни клиенти, им оставате простор да се едуцираат околу вашите активности, услуги и производи. Тој треба да биде интегриран, но независен од примарната веб страница која ја користите за презентирање на вашите бизнис активности.

За оние што се уште немаат блог за својот бизнис, но јасно им е како треба да изгледа и што е неговата цел, еве еден предлог за изборот на платформата на блогот: WordPress. Во продолжение се наоѓаат 10 причини зошто е добро да ја одберете оваа платформа за блогирање

1. WordPress е бесплатен

Meѓу ретките бесплатни работи на овој свет. И покрај тоа што во бизнис светот се вели „Не постои бесплатен ручек“, кај софтверот ова не е секогаш случај. WordPress е еден ваков пример, па затоа е многу поволен за да биде платформата на која ќе се потпира блогот.

2. Набрзина се инсталира

WordPress е исклучително лесен за „инсталирање“. Доволно е да го превземете (http://wordpress.org/download/) и да го поставите на веб сервер и со минимални подесувања вашиот блог ќе биде подготвен за вашиот прв напис. Добра идеја е да го поставите на посебен поддомен од вашиот сајт, како на пример blog.mojdomen.com или mojdomen.com/blog .

3.Можете да се искажете „на долго и широко“, а сепак уредно

Со помош на WordPress можете да напишете и подолги, но лесно читливи написи, со слики, видеа и поврзани содржини. На клиентите им е многу важен уредниот изглед на текстот, а за самиот автор е важно да може без многу напор да објавува вакви написи. Интегрираниот уредувач на текст многу ќе ви помогне во оваа работа

4.Едноставно споделување содржини преку друштвените мрежи

Со оваа платформа, на вашиот блог лесно се активираат додатоци за споделување на написите преку социјалните мрежи. Како што знаеме, блогот е моќна маркетинг алатка и како таков е одлична можност за да допрете до потенцијалните клиенти преку друштвените мрежи.

5.Wordpress е популарен

Популарноста значи дека софтверот го користат многу луѓе и дека генерално се задоволни од неговите функционалности. Штом постојат над 20.7 милиони WordPress блогови ширум светот, тогаш сигурно постои добра причина тоа. Освен што шансите за багови се помали, и самите читатели ќе се чувствуваат побезбедно да остават коментар на платформа која ја познаваат.

6.Стабилност

Зад WordPress стојат 8 години развој, надоградување и поправки на багови. Она што е мошне фасцинантно, Wordrpess развивачката заедница ги слуша потребите на корисниците, па со гласање се одлучува што ќе биде овозможено во следната верзија. Со WordPress вашиот бизнис блог би бил во сигурни раце и можете мирно да спиете дека нема некои елементарни грешки да го нарушат вашиот кредибилитет.

7.Отворен код

Технологијата која е употребена за развивање на самата блог платформа (PHP) е една од најпопуларните во светот и што е поважно, целиот код за неа е отворен. Тоа значи дека доколку вашиот бизнис блог користи WordPress, многу лесно ќе најдете развивач на софтвер или дизајнер што може да го уреди неговиот изглед да биде по ваш вкус.

8.Лесна оптимизација за веб пребарувачи

Веб пребарувачите (како Google и Bing) во целост ги разбираат содржините кои ги пласирате и им даваат големо значење при рангирањето на резултатите. Бизнис блогот може да ви послужи како моќно SEO оружје за да се рангирате подобро за одредени клучни термини за вашиот пазар.

9.Многу развивачи и дизајнери

Уште една предност која ја уживаат WordPress блоговите. Лесно ќе најдете дизајнер што ќе ви направи дизајн по ваша мерка и ќе го отсликува корпоративниот дух, ќе го интегрира блогот со амбиентот од вашата примарна веб страница или ќе приспособи некој веќе постоечки дизајн (кој исто така може да биде бесплатен). Истото важи и доколку сакате некои посебни функционалности на блогот, но за тоа ќе ви треба програмер.

10. Бесплатни и корисни додатоци

Скоро на се што ќе помислите, веќе постои бесплатен додаток, кој можете да го инсталирате со два клика. WordPress платформата не бара да имате програмерски способности за да додавате нови функционалности и однесувања.

За крај, запомнете, дури и да не користите WordPress, важно е да имате блог кој ќе го поддржува вашиот бизнис. Во најмала рака, ќе ви помогне да изградите свој сериозен бренд, а ќе бидете и изненадени од потребата на корисниците да ве контактираат преку блогот, и покрај добро познатите можности, како на пример, е-пошта, Фејсбук и Твитер.

За да не биде дека зборувам напразно, туку од искуство, можете да го погледнете блогот на bagatela.mk (http://blog.bagatela.mk/) да видите како овие совети се применети на дело.

Имате ли бизнис блог? Која платформа ја користите и дали успевате да допрете до клиентите со помош на блогот?

Кои функционалности најмногу ви вршат работа?

post

Дали носите добри одлуки?

Добри одлуки

Добри одлуки

Како еден претприемач приморани сте секојдневно да носите одлуки – да пресечувате за различни прашања поврзани со вашиот бизнис. Некои одлуки се крупни и може да имаат големо влијание врз вашиот бизнис, но некои одлуки се мали и секојдневни кои немаат големо влијание врз вашиот бизнис или пак немаат краткорочно видливо влијание (доколку се изземе ефектот на пеперутка кај бизнисите).

Дури и вашата To-Do листа и тоа дали нешто ќе завршите што е предвидено за денес или ќе го оставите за утре претставува еден вид на одлука. Дури и да не донесете одлука за нешто претставува еден вид на одлука (нулта одлука).

За да видите дали сте добар „одлучувач“, односно дали носите добри одлуки и да ја увидите можноста од ваше лично подобрување одговорете ги следниве прашања:

1. Со колку одлуки сте соочени на дневна основа?

Започнете со анализа на вашиот просечен бизнис ден. Колку одлуки донесувате во просек дневно? Можеби прмногу потребни одлуки во еден ден од ваша страна ви вршат притисок и со тоа се зголемува веројатноста во дел од тие одлуки и да погрешите.

2. Какви се тие одлуки?

Дали тие одлуки се важни за секојдневно работење? Дали тие одлуки се секојдневни при што може да се автоматизираат? Морате ли токму вие да ги донесете? Што ќе се случи доколку некој друг донесе дел од тие одлуки?

Ова се прашања кои ќе ви помогнат да ги класифицирате одлуките кои ги носите на дневна основа како по важност, така и по приоритет.

3. Колку од одлуките делегирам?

Дали и колку од одлуките ги делегираш на останатите луѓе во бизнисот? Какво е досегашното искуство?

Ова е многу важно прашање бидејќи повеќето претприемачи се обидуваат да бидат столбот за сите одлуки како да бизнисот не може без него во сите аспекти од работењето. Ова може да биде погрешен пристап во практицирање на претприемништвото и нормално да доведе до неуспех на бизнисот.

4. Што преферирате повеќе акција или анализа?

Понекогаш во процесот на донесување на одлуки претприемачот може да се однесува на два начини:

  • Да реагира (донесе одлука) а потоа да ги анализира последиците и
  • Да ги анализира можните последици а потоа да донесе одлука.

Доколку сте првиот вид на претприемач вие носите брзи одлуки и навистина реагирате брзо на секоја ситуација. Но, една таква брзина може да доведе до грешки за кои подоцна ќе се каете зошто сте ја донеле таквата одлука.

Од друга страна доколку вие прво ги анализирате можните последици од можните одлуки веројатноста е поголема да донесете добра одлука, но времето за анализа понекогаш може да значи задоцнето носење на одлуки.

5. На какви информации ги базирате одлуките?

Квалитетна одлука бара квалитетни информации. Може да има различни ситуации во зависност од тоа како ги гледаме информациите. Но важно е да ги класифицирате потребните информации за различните одлуки во однос на важноста и приоритетот. Па така некои одлуки ќе бараат краткорочни информации базирани на чувство, додека другите ќе бараат долгорочни информации базирани на интуиција.

6. Имате ли систематски приод во процесот на одлучување?

Добро размислете на оваа прашање бидејќи може да биде од исклучителна важност за вашиот бизнис. Проучете го добро процесот на одлучување и доколку можете, а можете додајте еден вид на систематски приод во истиот. Ова значи дека одлуките ќе се донесуваат врз база на издржани механизми поставени во самиот систем на вашиот бизнис.

post

Идеја во успешен бизнис за еден викенд – Startup Weekend

Startup Weekend Skopje

Startup Weekend Skopje

Од идеја до успешен бизнис за 54 часа. Дали е можно тоа?

Може доколку процесот во однос на креативноста, знаењето и комерцијализација биде воден на вистински начин.

Викендот 24-26.06.2011 во Скопје се организира Startup Weekend за првпат кој веќе е организиран во повеќе од 110 градови низ светот и кој даде одлични резултати во креирање на нови компании од страна на млади луѓе.

Настанот ќе биде организиран викендов 24-26.06.2011 на ФОН Универзитетот.

Што претставува Startup Weekend?

Startup Weekend е 54 часовен процес на креирање на мобилни или интернет базирани решенија со потенцијал да се трансформираат во успешен бизнис.

Додека трае процесот се собираат експерти од различни полиња: ИТ експерти, графички дизајнери, бизнис експерти… Целта е да се креираат апликации во кои ќе биде содржана и комерцијална сратегија за нивна имплементација на пазарот.

Сите оние кои ќе аплицираат ќе имаат 60 секунди време за воведна презентација на идеите, по што ќе се формираат тимови за идеите кои треба да изработат прототип на производот. На крај од настанот проектите се презентираат пред комисија и потенцијални инвеститори за проектот. За најдобрите тимови следуваат награди за поттик и финализирање на проектот.

Повеќе детали на официјалниот сајт на Startup Weekend Skopje.

post

11 Чекори за маркетинг со содржина

11 чекори за содржина како маркетинг
11 чекори за содржина како маркетинг

Содржина како маркетинг средство повеќе пати е обработувана тука. Се појасно е дека компаниите мора да земат активно учество во креирање на квалитетна содржина за да допрат до поголем број на потенцијални купувачи.

Промените во маркетингот кои ги носи технологијата и секако однесувањето на потенцијалните купувачи не доведуваат во ситуација кога МОРА да извршиме промени во досегашниот начин на нашето однесување.

Иако во делот на маркетинг средства ја обработивме и содржината сепак не навлеговме во некои од поважните чекори кои ќе треба да ги спроведете за да спроведете успешни кампањи. (Доколку може да се кажат како кампањи бидејќи кампањите асоцираат на нешто што е активно и по одреден временски период прекинува. Од друга страна содржината е нешто што бара континуитет за да се почувствуваат корисностите од истата.)

1. Поставување на цели

Која е целта на содржината како маркетинг средство? Што сакате да постигнете со креирање и споделување на содржина за вашиот бизнис?

Овој чекор мора да започне од севкупните бизнис цели кои ги имате воспоставено и секако од маркетинг целите во вашата маркетинг стратегија.

2. Целен пазар

До кој сегмент од пазарот сакате да допрете со вашата содржина?

Не можете да очекувате дека содржината ќе биде маркетинг средство кое ќе допре до целиот пазар на кој настапува вашиот бизнис. Од друга страна целта на овој чекор е да знаете кои се оние со кои ќе комуницирате преку содржината бидејќи само на таков начин ќе можете да преминете на следниот чекор – дефинирање на нивните потреби.

3. Дефинирање на потребите кои треба да се задоволат со содржината

Што тој целен пазар сака да добива како содржина? Кои се нивните потреби и желби?

Кога го знаете целниот пазар едноставно преминете на бреинстормирање на сите потреби кои тој целен пазар ги има, но во термини на содржинакоја ќе треба да ја креирате.

На пример, доколку сте бизнис кој нуди различни видови на производи, во поголем квантитет по вид на производи, за различни сегменти на пазарот некои од потребите би можеле да бидат:

  • Како да изберам кој производ е за мене и мојата индустрија?
  • Како најефикасно и нејефективно да го користам тој производ?
  • Како да дојдам до тој производ?
  • Како да ги следам новитетите и научно-технолошкиот развој во индустријата?
  • Како да го монтирам тој производ?
  • Кои се најдобрите практики?

На ваков начин со помош на овој чекор вие веќе ќе знаете што треба содржината да опфаќа и во која насока да се развива истата.

4. Платформи за содржина

Каков вид на содржина ќе споделуваме? На кои платформи ќе бидеме застапени? Каде се нашите потенцијални купувачи?

Кога станува збор за содржина иако е најлесно и најчесто се мисли на онлајн содржина сепак реба да напоменам дека оваа маркетинг средство се спроведува и офлајн преку каталози, брошури, билтени, периодични весници…

Затоа во овој чекор првин преминете на бреинстормирање на сите можни видови на платформи на кои можете да настапите. Кога зборувам за платформи мислам на блог, социјални медиуми, електронски билтен, печатен билтен, е-mail маркетинг, писма, упатства…

Понатаму бреинстормирајте и анализирајте каде се наоѓаат тие потенцијални купувачи дефинирани во вториот чекор. Дали се онлајн или пак помалку време поминуваат на интернет? Дали сакаат повеќе да читаат печатени изданија или пак електронски? Дали се присутни на социјални медиуми?

Овој чекор на крајот ќе треба да ви даде една листа на можни платформи комбинирани со сегменти на кои ќе се однесува секоја платформа.

5. Каква содржина имаме во моментов?

Во овој чекор вашата задача е да ја соберете целокупната содржина која ја поседува вашиот бизнис. Можеби тоа се каталози, брошури, упатства, билтени, презентации…

Целта е сета оваа содржина да ја поврзете со претходните откритија од претходните чекори. Од друга страна сакаме да знаеме и што веќе имаме и може да биде спремно да го користиме, а што е она што ни недостасува согласно чекорот 3 (потребите).

На крајот од овој чекор вие веќе ќе имате една мпа која ќе ви покаже на кои платформи до кои потенцијални потрошувачи ќе допрете со која содржина која веќе ја имате и што е она што ви недостасува.

6. Процес на креација на содржина

Кој ќе креира содржина? Кога ќе креира содржина?

Во овој чекор треба прецизно да го дефинирате процесот на креирање на содржина. Веќе знаете која содржина е потребна и преку кои платформи ќе се споделува, сега е време да го креирате и процесот на креирање и споделување на таа содржина.

7. Календар за содржина

Содржината како мркетинг средство користи различни платформи за различни сегменти на пазарот со различна содржина за истите. Затоа за да се зголеми ефикасноста и ефективноста добро е да креирате еден календар каде пред време ќе биде наведена која содржина кога ќе се сподели на кого и од страна на кого.

8. Имплементација

Дали се е имплементирано?

Кога имате календар едноставно можете да ја следите имплеметацијата на истиот. Обидете се да обезбедите дека се она што е наведено во тој календар ќе биде имплементирано во периодот за кој е наменет календарот.

9. Ажурирање на календарот со нова содржина

Ова е процес, а не обична кампања која има почеток и крај. Постојано во временски период пред завршување на календарот од чекорот 7 направете ажурирање со нова содржина и одговорности за наредниот период.

10. Мерење на резултати

Какви се резултатите од имплементацијата?

Едноставно, она што е испланирано не мора да биде се онака како што е планирано. Затоа мора да следите што ќе се случува во процесот на имплементација. Мора да дефинирате како ќе ги следите резултатите и кои ќе бидат мерните индикатори за тие резултати.

11. Подобрување

Што може да биде подобро од денес?

Ова е еден циклус кој никогаш не завршува и секогаш може да се подобри. Претходниот чекор од мерење ќе ви даде добри информации кои ќе ви кажат што дава а што не дава резултати, што треба да се промени, подобри, а што треба да се отфрли.

 

post

Најдобри совети за организациски промени

Теорија на менаџментот - неколку дискусии

Совети за организациски промени

Организациски промени како нешто континуирано и можеби најважен дел од претприемничкиот живот се мој главен предмет на интерес уште од 2000 година.

Имам спроведено неколку истражувања во компании од различни индустрии со повеќе од 100 менаџери од сите нивоа на организациската хиерархија. Изненадувачки е како промените предизвикуваат неизвесност и страв кај сите менаџери. Дали нешто ќе тргне наопаку? Прашање кое ги остава без здив, бидејќи одговорот не може уште на почетокот да биде познат.

Од друга страна постои и секогаш ќе постои одредено ниво на отпор кон тие промени со што целиот процес станува уште потежок за имплементација. Ништо не е онака како што е планирано.

Со овој пост би сакал да опфатам неколку совети за сите претприемачи или пак менаџери кога се наоѓаат во ситуација на имплементација на истите.

1. Навремено откривање на сите можни извори на организациски промени

Основата на успешни промени лежи доколку навреме сватите дека нешто треба да менувате. А, ќе сватите доколку соодветно ги следите можните извори на организациските промени.

Повеќе во Истражување: Главни извори на промени и Извори на организациски промени.

2. Редизајн на бизнис моделот

Секогаш започнете го процесот со поглед во бизнис моделот и барање на можности за негов редизајн. На ваков начин ќе можете да дојдете до сите можни извори на промени како и до сите можни подрачја кои треба да се подобрат.

Повеќе во Дефинирање и редефинирање на бизнис моделот.

3. Претходни промашувања

Погледни во историјата на претходните промашувања во услови на имплементација на процес на организациски промени. На ваков начин можете да дојдете до дополнителни причини за организациски промени како и до можни извори на отпорот.

Повеќе во Подобрување – последица на грешки.

4. Извори на отпор кон промени

Мора да ги пронајдеш сите можни извори на отпорот кон промените и да се обидеш уште во фазата пред започнување со имплементација да ги елиминираш или во најмала рака да го намалиш нивното влијание врз севкупниот процес.

Повеќе во Отпор кон организациски промени – 28 фактори.

5. План за имплементација

Направи јасен план за имплементација во кој ќе бидат содржани сите одговорности, временски рокови и очекувани резултати.

Повеќе во Процес на бизнис планирање.

6. Набљудување на процесот на имплементација

Не заборавај постојано да го набљудуваш процесот на имплементација и секогаш кога ќе се појави потреба да смениш нешто смени го.

Повеќе во Следење на имплементација на бизнис планот.

7. Краткорочни победи

Секогаш обидувај се да ги поттикнуваш луѓето вклучени во процесот на имплементација да креираат краткорочни победи (успешно завршување на одредени фази) кои едноставно ќе им покажат на луѓето дека успехот е остварлив и блиску.

8. Прослава на успехот на имплементацијата

Не заборавај да го прославите успехот на имплементацијата на процесот на организациски промени. Како и да е, можете прославите да ги имате и во средината на процесот по успешно завршен одреден број на фази со што повторно ќе се зголеми моралот и поттикот за завршување на процесот.

9. Мерење на резултати и споредба

Не заборавај по завршување на процесот да започнеш со мерење и споредба на оствареното со планираното.

post

Бизнисот и видео камери

Бизнис и видео камери

Бизнис и видео камери

Денес живееме време кога технологијата ни е достапна по многу нормални цени. Кога станува збор за видео камери дури и не мора да се купуваат посебни видео камери доколку имате добар мобилен телефон во кој е интегрирана камера.

Во секој случај полека но сигурно поминува времето кога малите бизниси беа ограничени за сопствени видео кампањи заради високи цени на подготовка на истите.

Во овој пост би сакал да напоменам некои иде како можете да ги користите видео камерите во полза на вашиот бизнис.

1. Видео туториали за користење на вашите производи и/или услуги

Знам дека имате упатство на една страничка можеби во вид на текст и чекори (чекор 1, чекор 2…) или пак имате скица како да се монтира вашиот производ и/или услуга. Но, сепак нема ли да биде подобро доколку сето тоа го ставите на едно видео кое чекор по чекор ќе покажува како да се монтира или пушти во употреба производот кој го продавате.

2. Препораки од сегашните купувачи

Сигурно имате задоволни купувачи. Зошто да не ги прашате да ги снимите нивните изјави за препораки или искуство со вашиот бизнис. Овие видео материјали можат да имаат огромен потенцијал за вашиот бизнис.

3. Интервјуа за анализи

Доколку правите една анализа преку анкетен прашални составена од неколку прашања и поврзана со вашата индустрија, можете едноставно да го смените во вид на видео анализа преку која ќе ги интервјуирате луѓето за поставените прашања и на крај би ги сублимирале одговорите и дале заклучок од спроведената анализа.

4. Интервјуа со експерти во индустријата

Во секоја индустрија постојат експерти па и во вашата. Можете да контактирате некој од нив и да спроведете интервју за нивните мислења, предвидувања, предлози…

5. Зад сцената во вашиот бизнис…

Луѓето по природа се љубопитни. Сите сакаат да видат што се случува зад сцената во вашиот бизнис. Можете да го снимите работниот простор како канцеларии, погон, вработени… Можете да снимите дел од производствен процес на вашиот производ.

6. Зад сцената кај вашите купувачи…

Освен зад сцената во вашиот бизнис интересно и корисно би било да снимите видео за зад сцената кај некој од вашите клучни клиенти. Дури и ако можете да покажете како се користат вашите производи и/или услуги кај него би било супер.

7. Објаснувања

Објаснувања претставуваат можност да прикажете како нешто работи. Дали вашиот производ или услуга оди со некој друг производ или услуга, како да се омбинираат тие различни производи, како да се извлече максимумот… Ова се само дел од можностите кои можете да ги користите за да објасните нешто во врска со вашиот производ и/или услуга.

8. Промотивни видео материјали

И секако на крај како 8-ма идеја во овој пост да не ги заборавиме и промотивните видео материјали во кои едноставно можете да го покажете производот, да ги наброите карактеристиките, полезностите и како да може потенцијалните купувачи да дојдат до нив.