Archives for ноември 2011

post

Претприемнички циклус на ветувања

Во светот на бизнисот, еден претприемач го базира сопствениот бизнис на ветување.

Ветуваш дека твојот бизнис ќе ги реши проблемите и задоволи потребите на потенцијалните потрошувачи, и доколку тие ти веруваат, ќе купат од тебе. Но, доколку го испорачаш ветеното, автоматски ти стануваш личност од доверба и со поголем кредибилитет кое заслужува да ја ужива нивната доверба.

Како и да е, доколку пак не успееш во испорака на ветеното, твојот кредибилитет и доверба ќе бидат нула, и тоа е крајот на твоите односи со тој потрошувач.

Многу е важно за тебе да го испорачаш сето она што си го ветил. Испорачување или испорачување на повеќе од ветеното, по автоматизам гради кредибилитет на тебе како еден претприемач, но и на твојот бизнис како целина.

Размисли за ситуација кога си купил нешто поради ветувањето од рекламен материјал за тоа нешто и по пробување на твојата нова играчка доаѓаш до заклучок дека ветувањето за решавање на твоите проблеми не е исполнето. Како се чувствуваш во една таква ситуација? Ќе купиш ли нешто во иднина од истата компанија? Дури и ако направат уште едно, подобро ветување, едноставно нема да им веруваш. Те губат засекогаш.

Размисли малку на спротивен начин. Што мислиш за претприемачи и нивните бизниси кои ти го испорачале она што го ветиле? Дали би купил нешто повторно во иднина од нив?

Циклус на ветувања

Бидејќи ветувањата се нешто што постојано се користи од страна на претприемачите од една страна, а има голем потенцијал да ја издигне или пак уништи компанијата ид друга страна, ова го нарекувам циклус на ветувања.

Ветуваш нешто и го испорачуваш ветеното. Твојот кредибилитет е на повисоко ниво отколку претходно.

Повторно ветуваш уште нешто и го испорачуваш ветеното. И повторно се појавува раст на твојот кредибилитет.

И повторно, ветуваш и го испорачуваш ветеното и повторно кредибилитетот ти расте.

Сето ова продолжува, повторно, и повторно, и повторно…

Ова е циклус кој никогаш не завршува се додека е жив и твојот бизнис. Но, од друга страна, секоја испорака на ветеното и зголемување на кредибилитет и доверба значи и зголемување на твојата бизнис потенцијална енергија. Поголема бизнис потенцијална енергија значи и поздрав бизнис.

post

Постигнување на совршенство во се!

Совршенство, перфекционизам…

Сигурно дека можеме да бидеме совршени во нешто, но дали можеме да бидеме совршени во однос на се што го работи нашиот бизнис?

Реално барање на перфекционизам во се претставува опасност за бизнисите особено поради фактот што праксата покажува дека совршенството не се постигнува 100% секогаш. Па затоа започнуваме со калкулации, 100% совршенство минус 1% совршенство, дали е прифатливо? Или пак некои други бројки, за да откриеме што е прифатливо за нас како одалеченост од совршенството.

Ние сме израснале во општество кое преку сопствениот образовен систем бара да бидеме совршени постојано. Но, совршенството сепак е далеку од нас. Не можеме да бидеме совршени во се. Можеби и грешката на самиот образовен систем лежи токму во тоа барање на совршенство од секое дете, а не насочување во нешто во кое може да биде најблиску до совршенството.

Како еден претприемач секогаш бараш да бидеш совршен во се што го работиш за твојот бизнис. Но, и мало отстапување значи дека не си совршен, иако можеби блиску сепак совршенство значи 100%.

Сега, размисли колку време ти треба за да стигнеш до совршенство кое всушност не е совршенство, бидејќи секогаш ти недостига тој 1% за целосно совршенство. Без тој еден процент нема совршенство.

Пред да продолжам со некои идеи за постигнување на “несовршено совршенство” би сакал првин да презентирам еден дијаграм позајмен од книгата на Seth Godin насловена како Linchpin. Добро погледајте го дијаграмот.

Секогаш блиску до совршенство

Што гледате? Гледате дека совршенството е недостапно и тоа оди до бесконечност. Секогаш ќе недостасува нешто. Но, многу е важна и втората оска Х која го покажува времето. Колку време ќе потрошите за да стигнете до “несовршено совршенство”. Затоа, кога го бараме совршенството секогаш треба да започнеме со прашањето: Вреди ли?

Но, како да го постигнеме тоа “несовршено совршенство” кое сепак е потребно за нашиот бизнис?

#1 Пасија

Работи го она за што имаш пасија. Тоа е она во што уживаш, што сакаш да го работиш, што претставува најголемо задоволство за тебе и секако во што си најдобар.

Доколку целосно се фокусираш на твоите силни страни, односно она во што си најдобар, и за што имаш пасија секогаш ќе може да стигнеш најблиску до совршенството кое тука го нарекуваме “несовршено совршенство”.

#2 Вежбај

Исто како и во спортот, постојано вежбање е нешто што доведува до совршенството. Колку повеќе тренираш во однос на твоите најсилни страни, толку поблиску ќе бидеш до “несовршено совршенство”.

#3 Пробувај, ништо не се постигнува од прва

Ништо не се постигнува од прва. Зошто? Затоа што единствената константа во бизнисот е неизвесноста. Доколку не пробаш, нема да знаеш. Доколку не погрешиш, нема да научиш. Доколку не научиш, не можеш да стигнеш до тоа посакувано “несовршено совршенство”.

#4 Каде што си најслаб, пополни со експерт од надвор

Сепак, да се биде претприемач бара многу знаења, искуства или совршенства. Не можеш да бидеш совршен во сите, но можеш да најмиш “несовршено совршенство” па да ја комплетираш целината.

post

Верувај во себе, да, ти можеш…

Бизнис 101: Маркетинг Како еден претприемач, еден од најважните фактори кои те прават успешен претставува твојата спремност да преземеш акција.

Доколку ја немаш инкорпорирано оваа особина во тебе, се останато ќе изгуби на значајност.

Постојат многу луѓе кои што имаат одлично знаење и вештини. Тие се креативни, имаат многу добри идеи. Тие се интелигентни, но сепак не го преземаат тој прв чекор кој води да неговите соништа станат реалност.

Дали тие се претприемачи? Не, тие се сонувачи. Тие може да сонуваат, но не успеваат нивните соништа да ги преточат во реалност. Тие не се претприемачи, бидејќи не прават нешто од ништо и се заради тоа што не се спремни да преземат акција кон исполнување на нивните соништа.

Зошто ова претставува чест случај?

Една од најголемите пречки кон успехот е кога луѓето не веруваат во нивните сопствени соништа и нивните способности за да ги реализираат тие соништа. Зошто?

Се плашат од непознато. Секој сон и секоја акција кон успехот бара да се напушти удобната зона во status quo позиција. Напуштање на денешната удобност за да се псотане успешен претприемач во иднина носи многу неизвесности.

Тие стравуваат дека не можат да успеат. Неизвесноста не гарантира успех. Како и да е, доколку не веруваш во твоето знаење, вештини, силни страни и искуство за да ја промениш иднината, како може да очекуваш дека некој друг ќе ти верува?

Мора да излезеш од сопствениот страв и започнеш да преземаш нешто во однос на твоите соништа. Тоа е најголемиот предизвик за човекот. Сите ние имаме потенцијал и можности да го промениме светот во кој што живееме.

Доколку се прашаш себеси можеш ли да започнеш бизнис, одговори да, јас можам.

Доколку се запрашаш себеси можеш ли да успееш со тој проект, одговори да, јас можам.

Доколку се запрашаш себеси можеш ли да го промениш светот, одговори да, јас можам.

Верувај во себе. Ти го можеш тоа. Можеби нема да биде едноставно (што е веројатно), но сепак чекор по чекор можеш да ги реализираш твоите соништа.

post

Зошто онлајн успех води до офлајн успех?

Онлајн стратегија Понекогаш постои страв дека онлајн активности не влијаат на офлајн подобрувања на бизнис функциите. Некои претприемачи сметаат дека постои јасна и недвосмислена граница меѓу офлајн и онлајн активности на еден мал бизнис и дека за некои бизниси не можат да се применуваат онлајн стратегии за да се успее целосно во офлајн светот на бизнисот.

Можеби постои мислење дека еден бизнис кој целосно е фокусиран на офлајн продажба нема потреба од онлајн присуство.

Но, сето тоа не е точно. А, еве и зошто.

#1 Се повеќе луѓе имаат интернет и го користат секојдневно

Дали се присутни заради комуникација, забава, информација, проширување на знаењето или било што друго, факт е дека луѓето поминуваат се повеќе време и се почесто се наоѓаат закачени на интернетот. Дали директо преку PC или пак лаптоп или пак во движење со мобилен телефон, тие се таму. Тие се присутни, комуницираат, споделуваат, се забавуваат, слушаат, гледаат, бараат, се информираат…

Каде ти и твојот бизнис се наоѓате во тој свет? Дали твоите летоци се присутни и достапни на овој се поголем и поголем сегмент? Дали твоите радио реклами или брошури се таму?

#2 Онлајн дава нов приод на комуникацијата

Знам дека имаш телефон и го користиш за повикување на потенцијални купувачи, примање на нарачки од тековни купувачи, обележување на некои денови како честитки за роденден или празници со тековните купувачи…

Знам дека користиш и состаноци, ручеци, вечери, кафиња… Сето тоа е твојата секојдневна комуникација со пазарот.

Но, може ли и нешто поинаку. Што е со видео презентација, коментар на блог пост, Google Hangout, Skype, социјални медиуми… Треба ли да ги избегнуваш. Доколку и мал дел од твоите потенцијални купувачи се онлајн, мора да ги користиш и новите онлајн техники на комуникација. Тие му даваат еден сосема нов приод на твојата секојдневна комуникација со пазарот.

#3 Поедноставена препорака

Твојот бизнис во голем дел зависи од препораки кои може да бидат од уста на уста, преку споделување на пишан материјал, преку раскажување за твојата радио реклама или ТВ реклама…

Но, што е полесно, прераскажување на ТВ реклама и чекање кога ќе биде (што воопшто не е така) или еден клик на YouTube видео реклама или презентација на твојот бизнис. Брзината со која препораките се одвиваат онлајн не може да се мери со брзината на препораките офлајн.

#4 Онлајн те поттикнува да излезеш од зимскиот сон

Да, токму така. Се чини дека се наоѓаш во зимски сон со твоите офлајн активности. Но, онлајн мора да бидеш жив, мора твојот бренд да биде жив. Се бара постојата комуникација, постојано споделување, постојана едукација… Нешто што те одржува буден постојано, а со тоа и твојот бренд.

#5 Луѓето се повеќе бараат производи и услуги онлајн

Првин ги интересира решение за проблемот за кое сакаат да се едуцираат. Потоа бараат понуди, споредуваат цени, карактеристики, бенефиции… Потоа проучуваат и анализираат брендови, кредибилитет, репутација, доверба.. А, потоа одлучуваат каде ќе купат.

Дали ти си присутен во овие фази од донесување на одлука на потенцијалниот купувач?

post

Ја имаш таа одлична идеја, но…

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел и онлајн стратегија

Добро, ти веќе ја имаш таа одлична идеја. Нешто што ќе ги решава проблемите на твоите идни купувачи. Нешто што ќе биде хит на пазарот. Што е следното што ќе треба да го направиш за твојата бизнис идеја и твојата идна компанија?

Треба да започнеш со преземање на активности. акции кон твојот личен и на твојот бизнис успех. Чекај, застани за момент.

Во постот насловен како Имате бизнис идеја – Што понатаму напишав дека ќе треба да:

  • ги дефинираш твоите производи и услуги. Твојата идеја е нешто што може да реши нечиј проблем, но сеуште не е трансферирана во одличен производ или услуга кој треба да ја заврши таа работа. Затоа и треба да го дефинирате производот или услугата кои ќе произлезат од таа идеја.
  • го дефинираш пазарот. Иако твојата идеја е веќе нешто што решава нечиј проблем, сепак ќе мора да знаеш многу повеќе за тие кои ќе го решаваат сопствениот проблем преку твоите производи или услуги кои се резултат на твојата идеја. Ќе мора јасно, прецизно и недвосмислено да го дефинирате пазарот кој ќе биде опслужуван со твоите производи и услуги.
  • ги дефинираш главните конкуренти. Мора да ги знаеш тековните услови на пазарот. Кои се главните играчи? Што тие нудат? Како го нудат она што го нудат?
  • ги дефинираш ресурсите. Доколку сакаш да го започнеш бизнисот ќе ти требаат ресурси. Ќе ти требаат финансии. Ќе ти требаат човечки ресурси. Ќе ти треба технологија. Ќе ти требаат згради, канцеларии, погони…

Но, дали тука нешто недостасува?

Кога го напишав тој пост, мислев дека она што недостасува е здрав разум, нешто нормално. Но, направив грешка. Извинете.

Елементот кој што недостасува е нешто најважно за секој бизнис и претприемач по бизнис идејата.

Она што недостасува е одговор на прашањето како бизнисот ќе заработува, односно како ќе прави пари. А, тој одговор го дава твојот бизнис модел.

Денес, може да забележиш различни бизнис модели и различни успешни и неуспешни приказни зад нив. Но, тебе ти треба твој сосптвен и уникатен бизнис модел кој ќе ти каже како твојата компанија ќе заработи пари во иднина.

Не прави грешка да започнеш без еден јасен бизнис модел дури и да е тој само во твојот мозок, или на салфетка од ресторанот во кој си се наоѓал кога ти светнала сијаличката. Твојот бизнис модел ќе ти ги даде врските помеѓу тебе, твоите потрошувачи, твоите партнери и вредноста која твојот бизнис ја нуди. Тоа едноставно значи одговор на прашањето како ќе заработуваш.

post

Претприемач: Интервју со Предраг Стојковски

Ова е прво интервју на претприемач во кое учество зеде господин Предраг Стојковски директор и сопственик на Интро Груп, компанија која се занимава со финансиски консалтинг, од Битола. За ова кратко време од 15-тина минути разговараме за инвестиции, финансии како бизнис плановите особено за малите бизниси.

post

Ден 11: Знаење – 77 подобрувања за 77 дена

Подобрување на креативност Да продолжиме со единаесетиот ден од нашиот предизвик за подобрување на твојот бизнис за 77 дена. Сеуште сме во секторот на подобрување на процесот на бизнис планирање каде веќе работевме на подобрување на претходно искуство и секако предвидување.

Но, како што знаеш, процесот на планирање во голем дел ќе се базира на твоето знаење како еден претприемач, но и на знаењето на твојот тим кој на некој начин ќе биде вклучен во самиот процес било да станува збор за подготовка или имплементација на планот.

Кога зборувавме за факторите кои еден претприемач го прават успешен, вториот слој беше знаење и креативност. Таму зборувавме за знаењето и стекнувањето на тоа знаење.

Секоја личност има некое специфично знаење кое си го носи со себе. Мислам и дека не пости човек кој нема одредено знаење. Знаење почнува уште од нашето раѓање. Секој нов ден од нашиот живот претставува стекнување на одредено знаење. Знаењето го стекнуваме, дома од родителите, во градинка, подоцна во училиште, факултет и од животот.

Кога станува збор за знаење и подобрување во тоа подрачје постојат две работи кои ти како еден претприемач можеш да ги имплементираш во твојот бизнис:

  • Зголемување на знаењето во твојот бизнис.
  • Имплементација на знаењето во секојдневното работење на твојот бизнис.

Но, прашањето е како можеш да го зголемиш знаење во твојот бизнис?

Постојат два основни начини на кои можеш да работиш за зголемување на знаењет:

  • Претходно искуство кое беше дел од подобрување во овој предизвик – ден 9. Со поголемо искуство доаѓа и поголемо знаење за предметот на искуството. Секогаш кога ќе го зголемиш искуството со нешто ново, го зголемуваш и знаењето за тоа ново. Ова е системот пробувај – греши – учи.
  • Едукација. Сите ние голем дел од нашиот живот го имаме поминато низ формалниот едукациски систем кој ни го дава основното знаење кое можеме да го имплементираме во иднина. Но, секоја од нашите идни задачи ќе бара и дополнително знаење кое треба да го стекнуваме преку различни курсеви, семинари, книги, информации од интернет… Сето ова е дел од нашето формално и неформално образование кое ќе ја зголеми нашата бизнис потенцијална енергија.

Следниот дел е имплементација на се она што го знаеш. Зошто ти е потребно знаењето доколку не го имплементираш во твојот бизнис?

Да сублимираме накратко:

  • Ти треба знаење доколку сакаш да го подобриш процесот на бизнис планирање.
  • Доколку знаеш повеќе за твојот бизнис, твојот пазар или пак твојата индустрија ќе имаш и подобар бизнис план.
  • Твоето знаење доаѓа од искуство и преку едукација – учење.
  • Треба да го користиш и имплементираш знаењето во процесот на бизнис планирање и акционите чекори кои ќе бидат резултат на тој процес.

Како можеш да го подобриш знаењето во процесот на бизнис планирање?

Ова е еден систематски приод кој ќе треба да го имплементираш и користиш во твојот бизнис. Како добра стартна позиција за да го дефинираш тој систем одговори ги следниве прашања:

  • Кое знаење е најважно за мојот бизнис?
  • Како може да го стекнам тоа знаење?
  • Како континуирано да го зголемувам тоа знаење во мојот бизнис?
  • За какво знаење имаат потреба различните работни места во мојот мизнис?
  • Кои се извори на знаење можеме да ги користиме во мојот бизнис?
  • Каков ќе биде процесот на имплементација на ново стекнатото знаење во мојот бизнис?
post

Претприемничко однесување

Вредност Во текот на работењето, претприемачите мора да обрнат внимание на своето однесување за да остварат поголема ефикасност и ефективност. Одредени психолошки карактеристики претприемачите ги поседуваат од порано, но некои можат да се научат и развијат во текот на работењето. Ние ги потенцираме претприемнички однесувања презентирани подолу, како карактеристични и пожелни во работењето на секој претприемач.

#1 Способност да се забележи шанса и подготвеност перманентно да се бараат нови шанси

Шансата треба да се гледа во секој проблем. На пазарот има неограничен број шанси. Тие треба да се препознаат и да се операционализираат. Треба да се задоволат потребите кои не се задоволени или кои не се соодветно задоволени. Треба да се креира некоја потреба и да се забележи шансата која  останатите не можат да ја видат.

#2 Доверба во идејата и во сопствените квалитети

Претприемачот размислува слободно и самостојно, при што идеите на почеток претставуваат претприемачки сон. Тој мора да верува дека неговата идеја има пазарна оправданост. Пазарните потреби треба да се проценат реално, а тој треба да биде исполнет со самодоверба.

#3 Ориентираност кон иднината

Претприемачите живеат во сегашноста, но со мислите се во иднината. Претприемачите треба да размислуваат барем неколку години нанапред.

#4 Креативноста

Креативноста треба да е присутна во сите фази, а не само во почетната фаза. Треба да се размислува на неконвенционален и нетрадиционален начин. Треба да се има аверзија кон “status quo”. Образовниот систем ја задушува креативноста, бидејќи настојува да задржи униформно однесување за одредени ситуации, во кои може и покреативно да се реагира.

#5 Пазарна активност и желба за натпреварување

Успехот зависи од способноста да се задржат постојните и да се стекнат нови купувачи. При тоа треба да се поседува натпреварувачки дух и перманентно да се докажува и потврдува на пазарот. Постојано треба да се поставува прашањето: Што можам да направам за купувачите? бидејќи од купувачите зависи се.

Конкуренцијата претставува битен ориентир, кој му покажува на претприемачот каде тој во моментот се наоѓа на пазарот, кои се неговите предности и недостатоци.

#6 Флексибилност и адаптибилност

Мора да постои бизнис план, при што постојано се врши корекција. Треба да се биде флексибилен и да се располага со резервни деловни стратегии.

#7 Реален оптимизам

Оптимизмот е реален поглед на светот, животот и бизнисот и овозможува да се прескокнат пречките во животот и во работењето. При тоа во секоја пригода се гледа шанса. Претприемачот оптимист не гледа многу лошо на пропаѓањето на некој бизнис (макар што тоа не е пријатна случка), бидејќи тоа може да биде едно искуство, врз основа на кое понатаму би се отпочнало и развивало некое поуспешно претприемничко остварување.

Постојат два вида оптимизам:

  • реален оптимизам, кој промовира успех и
  • слеп оптимизам, кој води кон неуспех.

Успехот не значи само 100 % остварување на целите. Треба да се оперира со реални претпоставки и перспективи, при што целите и роковите се поставуваат реално.

#8 Способност за комуницирање

Претприемачите треба да бидат добро социјализирани и комуникативни во сите фази од работата. Тие треба квалитетно да комуницираат со финансиерите, потенцијалните купувачи, потенцијалните партнери, снабдувачите, вработените, треба да се научат да ги презентираат своите идеи, за да го задржат вниманието на слушателите, за да можат да ја постигнат својата цел.

#9 Подготвеност за големи откажувања и целосна посветеност на работата

Претприемништвото подразбира многу тешка работа. Треба и со телото и со духот да се биде посветен на работата. Да се заборави категоријата работно врeме, кое изнесува многу повеќе од 8 часа дневно. Има малку успеси преку ноќ, а семејството и пријателите се во втор план, како и забавата, разонодата, рекреацијата и сл.

#10 Прифаќање на ризик

Ризикот постои во секое одлучување и треба адекватно да биде управуван. Секој има толерантно ниво на ризик, за тоа што се губи во одредена ситуација. Дури и најуспешните претприемачи имале сериозни промашувања и при тоа се учеле на грешките.

#11 Истрајност и упорност

Истрајноста и упорноста се бара во сите фази. Во концепциската фаза – за да не се отфрли добра идеја. Во реализацијата – за да се задржи континуитетот, да се решаваат бројните проблеми и предизвици. Ако е во прашање тврдоглавоста и удирањето со глава во зид, тогаш истрајноста и упорноста немаат смисла.

#12 Акциска ориентираност

Клучен момент претставува реализирањето на идејата во практика. Многу луѓе имаат идеи, но нема многу луѓе кои тие идеи можат да ги реализираат. Бизнисот станува стварност кога претприемачот почнува со акција. Деловните одлуки понекогаш треба да се донесуваат веднаш, за да не се случи некој друг да ја “зграби” идејата за замислениот бизнис.

post

Невистини и вистини за претприемачи и претприемништво

Вистини и невистини за претприемачи Успешните претприемачи побудуваат голем интерес кај целото општество, претставуваат синоним за успех, поседуваат бизнис (што значи во состојба се некого да вработат), поседуваат пари, поседуваат коли и други вредни работи што претставува предмет на желбата на голем број луѓе. Бидејќи често се мета на позитивни а и негативни коментари, за претприемачите може да се слушат голем број на вистини но, секако и невистини

J.A.Timmons ги сублимирал и прецизно ги дефинирал невистините и вистините за претприемништвото и за претприемачите:

Невистина: Претприемачот се раѓа.

Вистина: Успешните претприемачи се оформуваат како резултат на адекватна комбинација од предодреденост, работно искуство, знаење, соодветни претприемнички способности, соодветни претприемнички однесувања и сл.

Невистина: Секој може да започне бизнис. Треба само среќа и одлучност.

Вистина: Ако сакате да започнете бизнис, треба да имате воочена шанса, дефинирана идеја и практична реализација. Треба да се размислува како иноватор, менаџер, администратор.

Невистина: Претприемачите се коцкари.

Вистина: Успешните претприемачи се многу внимателни и знаат да го управуваат ризикот.

Невистина: Подобро е да се биде сам во бизнисот.

Вистина: Тешко е да се работи сам. Посебно е тешко кога бизнисот ќе порасне и кога е невозможно “да се држат сите конци”. Треба да се побара партнер.

Невистина: Претприемачот е свој газда.

Вистина: Претприемачот е далеку од тоа да биде целосно независен. Тука се: инвеститорите (банките), купувачите, снабдувачите, државата, работниците, семејството и сл.

Невистина: Претприемачите се соочени со големи стресни ситуации и затоа плаќаат поголема цена за својот успех од другите.

Вистина: Претприемачот треба да биде подготвен да ја амортизира стресната ситуација. Дискутабилна е тезата дека претприемништвото е постресна професија од другите (политичари, артисти, офицери, пилоти и др.).

Невистина: Ако имаш пари имаш се.

Вистина: Парите не се фактор за успех на некој бизнис. Ако другите фактори се присутни, парите сигурно ќе се појават.

Невистина: Започнување на бизнис е за млади, енергични и темперементни луѓе.

Вистина: Староста не е бариера за отпочнување бизнис. Понекогаш староста може да биде и предност, бидејќи се располага со искуство, деловни пријатели и контакти. Едно истражување покажало дека 20 % од претприемачите се постари од 40 години, 55 % се во триесеттите години, 25 % се помлади од 30 години.

Невистина: Претприемачот е мотивиран исклучиво од финансиските резултати.

Вистина: Долгорочна визија за изградба на стабилна фирма. Реализација на долгорочно дефинирани цели. Инстант богатење не е пожелно.

post

[Видео] Muhammad Yunus за социјален бизнис модел

Уште едо видео од серијата видео материјали кои треба или МОРА да се изгледаат од страна на сегашни или идни претприемачи, а кое се однесува за социјален бизнис модел.

Нобеловецот Muhammad Yunus зборува, односно го објаснува принципот за креирање на социјален бизнис модел. Она што е интересно е што овие бизнис модели стануваат се посупешни во светски рамки, а не тргнуваат и не се однесуваат само на претприемачот, туку на другата страна – општеството. Ваквите бизниси опстојуваат, обезбедуваат зголемување на вработеноста, но и ги решаваат вистинските проблеми кои постојат во општеството. Токму и затоа се успешни.