На 30.09.2010 година прославивме мал јубилеј од 500 постови на претприемач. Денес, по една година и три месеци од тој јубилеј можеме да се пофалиме дека ја поминавме границата од 1000 наслови.
Денешниот наслов Глобални маркетинг цели – пазар во однос на производот напишан од страна на Илија Чубровиќ ја имаше таа чест да биде јубилејниот илјадитиот пост на претприемач.
Имајќи во предвид дека 99% од содржината е сопствена креација на авторите и истовремено креаторите (двајца) на претприемач, сепак претставува еден солиден напредок за оваа кратко време од три години колку што и постои овој сајт. Знаењето кое е опфатено тука би можел да го претставам како:
- Над илјада книги од оваа проблематика прочитани од страна на авторите во последните 15 години.
- Искуство собрано од работа службено и неслужбено со стотици компании како клиенти, како пријатели, како поддржувачи…
- Десетици научно-истражувачки проекти од проблематиката на претприемаштво.
- Континуирано следење на развојот на науката кога станува збор за претприемаштво и менаџмент во последните 15 години од страна на авторите.
- Континуирана желба за обезбедување на издржани и докажани алатки и техники за претприемачите во Македонија од страна на авторите.
- Континуирана желба на авторите Македонија да ја видат во едно поубаво светло како општество кое креира, развива и го менува животот не само на жителите на оваа земја туку и на целиот свет.
- Реализација на мисијата поставена уште во 2009 година да креираме знаење лесно достапно за претприемачите.
Тоа е она што секој може да го препознае во 1000-те наслови на претприемач. Со сопствени средства, со скромни буџети, без никаква поддршка го постигнавме она што денес претставува овој сајт. Кога почнавме Илија ми кажа дека набргу ќе нема за што да пишуваме, дека ова се исцрпни теми. Но, праксата покажа дека темата која ја обработуваме претставува една научна тема, која постојано треба да се истражува и проучува. Постојано се доаѓа до нови сознанија, дури и со некои од почетните текстови и самите ние нема да се сложиме во целост. Но, тоа е основата, тоа е процесот, тоа е знаењето… Секогаш има нешто подобро. А, тоа значи дека и во овој сајт постојат уште премногу места за подобрување за што ќе се насочиме во периодот кој следува.
Благодарност до сите читатели на претприемач.
Благодарност до сите меилови за поддршка, бидејќи тоа е основниот двигател кој не тераше и не тера да продолжиме со работа на оваа содржина.
Благодарност до сите оние кои пратија свој текст за да се објави и се вклучија во придонесот за развојот на претприемаштвото во Република Македонија.
Благодарност до сите оние кои преку свој коментар ја дополнија содржината и се вклучија во придонесот за развојот на претприемаштвото во Република Македонија.
Благодарност и до сите оние кои преземаа и реобјавија наслови од овој сајт, онака како што треба “машки” со сите нишани на фер плеј.
Благодарност и до оние на кои не им се допаднавме, кои не опсипаа со “пцовки”, иако се помалку од 0,1%, сепак ги почитуваме и цениме.
И секако ќе го искористам ова за едно известување. Артиклите на претприемач од сабота веќе не постојат, ги избришав и доколку се обидете да пристапите на http://www.pretpriemac.com/articles ќе ве пренасочи на почетната страна. Таму се наоѓаа над 150 наслови, од кои еден дел се префрлени и преобработени тука, а одреден дел не се. Оние кои не се префрлени тука во следниве неколку денови ќе бидат преработени и реобјавени, додека некои едноставно се уништени. Но, забележав дека еден дел од уништените се по грешка (на пример не можам да го најдам текстот за BCG матрица) која ќе се обидеме да ја исправиме со наоѓање на тие текстови во нашата лична архива или едноставно повторно составување и објавување.
Затоа во следниот период има едно 10-тина наслови кои ќе бидат доста долги бидејќи претставуваат групирани и преработени серијали токму од тој избришан дел. На пример, серијалот за реинженеринг кој имаше три наслови сега ќе биде преработен објавен во еден, бидејќи сметаме дека ќе биде од корист некому. Истото е и со TQM, Lean менаџмент и фрактална филозофија.



При регистрација за двонеделни билтени добиваш пристап до е-книгата блогирање за бизнис, 10 Видео материјали за веб презентација на вашиот бизнис, 10 Бизнис темплејти, и по една тема за претприемништво месечно.








