Archives for јуни 2012

post

Како до потребниот фокус?

Дали сте се нашле во ситуација кога сте планирале да завршите многу важни работи за денес, но сепак вечерта доаѓате дома без да го завршите она што сте планирале?

Сите претприемачи, без разлика за каков бизнис станува збор имаат потреба од фокусираност во она што го работат.

Мултитаскингот во многу случаи иако е корисен и ја зголемува продуктивноста, сепак може да допринесе до лоши последици како за претприемачот така и за бизнисот воопшто.

Не можете да го дадете сопствениот максимум и да ги искористите вашите суштински компетенции како еден претприемач доколку не сте фокусирани на она што го работите.

Но, како до потребната фокусираност кога живееме во навистина хаотично време?

Успешните претприемачи добро се справуваат, но и добро го управуваат хаосот околу нив.

Социјални медиуми, вработени, партнери, снабдувачи, потреба од проширување на знаење, премногу достапни информации… Ова се само еден дел од креаторите на хаосот во бизнисот.

1. Користи “да направам” листа

“Да направам” листа едноставно ви кажува што треба да направите и кога треба да го направите тоа. Одлична алатка за задржување на вашиот фокус кон она што е важно за вас како претприемачи.

2. Обврзи се за нејзина целосна реализација

Од друга страна имање “да направам” листа не гарантира целосен фокус за нејзино комплетирање во целост.

Доколку секој искрено би кажал колкав е процентот на комплетирање на една таква листа, би се зачудиле колку е низок.

Затоа, за да биднете фокусирани целосно кон она што треба да го направите, потребно е да бидете обврзани дека ќе го комплетирате се она што ќе го ставите на една таква листа. И не само тоа, комплетирањето треба да биде конкретно за тој ден без одложување.

3. Затвори ја вратата се додека не завршиш со имплементација на она што е планирано

Отворена врата значи дозвола на огромен број на одвлекувања на внимание, што пак значи намалување на фокусот.

Мора да обезбедите одлична работна атмосфера доколку сакате да бидете во целост фокусирани на она што го работите. За се останато има време.

И еден совет, запомнете дека секој кој доаѓа кај вас не доаѓа првенствено да реши ваш проблем или пак да ви помогне да го завршите она што реба да го завршите, туку доаѓа со негов проблем за кој ќе сака да одземе дел од вашето време. Сепак, ова не значи дека нема да ги примите тие луѓе (можеби ваши вработени), но значи дека ќе им обрнете внимание кога ќе дојде време за тоа, а тоа откако ќе ги завршите вашите обврски.

4. Користи приоритети

не постои нешто што не може да се приоритизира. Вашиот најголем фокус е најпотребен во најприоритетните задачи.

Затоа користете приоритизација во вашата “да направам” листа и обезбедете 100% фокусираност на најприоритетните активности.

5. Воведи правила како да ве контактираат вработените

Барем денес е лесно да се обезбеди соодветна комуникација без да ви се одземе фокусот од она што го правите.

Тие правила треба да обезбедат прецизно дефинирање како вработените ќе ве комуницираат во однос на проблемите кои им се појавиле во текот на работата. Голем дел може да биде преку епошта која еднаш дневно ќе ја прегледате (откако ќе завршите со вашите приоритети за тој ден). Можете да определите точно дефинирано време во кое ќе разговарате со вашите соработници за тие проблеми кои ги мачат.

Но, без прецизно дефинирани правила лесно ќе навлезете во еден хаос, и секако вашите приоритети ќе бидат заборавени.

6. Избери време во кое ќе прегледуваш епошта и ќе одговараш

Според многу истражувања епоштата претставува еден од најголемите прекинувачи на вашиот тековен процес, а со тоа и ваш дефокусатор.

Еден начин да го избегнете овој проблем е да имате прецизно дефинирано време еднаш или двапати дневно во кое ќе ја прегледувате епоштата и одговарате на она што треба да се одговори.

7. Избери време во кое ќе бидете присутни на социјалните медиуми

Освен епоштата ги имаме и социјалните медиуми кои исто така може да претставуваат дефокусатори во вашата работа. Затоа избери време, кое нема да биде кога работите на вашата “да направам” листа.

8. Исклучи ги веб сајтовите кои еднставно ти го вшмукуваат времето

Интернетот е страшна работа кога станува збор за продуктивноста и фокусот на вашето внимание.

Колку пати ви се случило да започнете со барање на нешто, но да завршите со читање на нешто воопшто неповрзано со она што сте го барале.

Затоа, добро е да ги блокирате сајтовите кои се најголеми одвлекувачи на вашето внимание во периодот во кој работите на вашата “да направам” листа. Во еден од претходните наслови пишувавме за Google Chrome апликации за зголемување на продуктивноста. За оваа намена добро решение е Stay Focused.

9. Прави паузи по одредено време поминато во целосна посветеност на работата

Како поминува времето во посветеност на работата стануваме се поизморени и се подефокусирани за да го дадеме вистинскиот максимум.

Затоа обидете се со кратки паузи во текот на работата кои едноставно ќе ве релаксираат и ќе ги дополнат вашите батерии за продолжување на работата. Можете да се обидете со Pomodoro техника за оваа намена. (Ќе напишам и посебен пост во кој ќе резентирам и една апликација за оваа намена).

10. Награди се себеси за завршување на она што си го планирал

И секако вака организираниот ден, обезбедува да завршите се што сте планирале, но и да решите “туѓи” проблеми преку одговарање на епошта, состанок со вработени…

Заслужувате награда. Утре ве очекува истото темпо.

post

Добрата подготовка е половина пат до успехот

Секој почеток бара соодветна подготовка. Потребно е да се почне нешто, потоа силите на инерција ќе не движат нанапред правејќи различни егзибиции за да стигнеме до целта.

Но, постои опасност подготовката да се одолжи со што никогаш нема да започнеме со имплементацијата. Сепак, доколку соодветно се организирате и подготвите, лесно ќе започнете со она што сакате да го започнете.

Еве ги основните 6 чекори за вашата подготовка да започнете со нешто.

#1 Скицирај што сакаш да постигнеш

Запомнете дека се што правите и се што започнувате има одредена цел. Прво вие сакате да постигнете нешто. Можеби сакате да ги подобрите бизнис процесите. Можеби сакате да ја зголемите продуктивноста. Можеби сакате да ја зголемите продажбата…

Затоа како прв чекор започнете со скицирање на она што сакате да го постигнете, бидејќи многу полесно ќе дојдете до чекорите кои ќе треба да ги преземете. Обидете се со визуелизација и поттикнување на емоционалните фактори кои ќе ве мотивираат во понатамошните чекори.

Овој чекор всушност претставуваат целите кои си ги поставувате пред вас.

#2 Концепирај го она што треба да го направиш

За да го постигнеме она што го сакаме ќе бара преземање на повеќе активности од наша страна. Доколку останеме инертни и не преземеме ништо, нема ни да го постигнеме она што го сакаме.

Затоа кога веќе знаете што сакате да постигнете, едноставно направете еден концепт на она што ќе треба да го направите за да го постигнете токму тоа.

Овој чекор претставува дефинирање на тактики со кои ќе можете да ги постигнете целите.

#3 Дефинирај ги конкретните чекори

Иако е многу тешко да дефинирате нешто за во иднина, сепак добро е да се обидете да го определите патот што треба да го изодите и тоа во форма на чекори.

На пример, доколку станува збор за зголемување на продуктивноста преку набавка на нова опрема, тука ќе треба да имате резултат во форма на:

  • Чекор 1: Дефинирање на потребната опрема
  • Чекор 2: Анализа на можни снабдувачи
  • Чекор 3. Рангирање на снабдувачите
  • Чекор 4: Контактирање на најдобрите и барање на понуди
  • Чекор 5: Анализа на доставените понуди
  • Чекор 6: Избор на најоптимално решение
  • Чекор 7: Имплементација на решението

#4 Приоритизирај ги дефинираните тактики

За постигнување на она што сакате да го постигнете не се сите тактики со исто значење или ист придонес во однос на дефинираната цел.

За да се осигурате дека побргу ќе се доближите до реализација на целта, добро е да ги приоритизирате тактиките, со што ќе започнете со оние најприоритетните.

#5 Делегирај ги чекорите кои може д ги заврши некој друг од твојот тим

Бидејќи сеуште сте во фаза на планирање, добро е да определите и кој што ќе работи, односно кој ќе биде одговорен за кои чекори кои ги дефиниравте со оваа подготовка.

Ако сте претприемач не значи дека мора се сами да сработите. Тоа, дури и не е возможно.

#6 Започни со имплементација

И секако како последен чекор е да започнете со имплементација на она за што се подготвувавте во претходните чекори.

post

Како да се мотивирате себеси?

Мотивацијата е клучен фактор во успехот на секој претприемач. Но, проблемот е што претприемачот нема шеф кој ќе го мотивира преку финансиски бенефити, слободни денови, одлична работна атмосфера…. Сето тоа треба да го обезбеди самиот претприемач.

Од вашата мотивација ќе зависи се што работите, но од тоа ќе зависи и целиот ваш бизнис. Доколку сте повеќе мотивирани и бизнисот ќе биде во подобра кондиција.

Па, тогаш како да се самомотивирате?

  • Гледајте низ призмата на она што ќе го добиете. Најголемата мотивација доаѓа од бенефитите што ќе ги добиете кога ќе завршите нешто. Не гледајте на работите дека нешто мора да се направи, гледајте низ призмата дека ќе стекнете нешто повеќе, ќе си го подобрите животот, ќе гоподобрите животот на другите…
  • Оддржувај позитивна работна атмосфера. Позитивната работна атмосфера претставува навистина еден важен мотивирачки фактор не само за вас, туку и за сите вработени во бизнисот. Негативностите на работното место треба да се откријат и елиминираат, доколку сакаме да имаме позитивна и мотивирачка работна атмосфера.
  • Заборавете на перфекционизмот. Перфекционизмот не помага во завршување на работите, но може да ви ја уништи мотивацијата, доколку завршеното не е перфектно и постојано се навраќате за да го усовршите. Заборавете на перфекционизмот, ништо не може да биде перфектно, но се може да се подобри. Започнете ги работите, прецртувајте ги од листата и следете што се случува.
  • Избегнувајте ги негативните луѓе, а ќе ги има. Негативните луѓе имаат потенцијал во целост да ја убијат вашата мотивација. Нема ни да бидете свесни што ви се случило. Затоа не дозволувајте да навлезете во таа “замка”.
  • Бидете флексибилни, се ќе биде како што треба. Флексибилноста е потребна доколку сакате да ги завршувате работите, особено поради фактот што ништо не може да се заврши онака како што е планирано. На крајот, кога ќе завршите нешто барем ќе научите за вашиот процес и можните подобрувања на истиот.
  • И да погрешите не се разочарувајте, научете ја лекцијата. Грешките нека не ви бидат демотивација. Иако може да бидат болни, сепак тие претставуваат богатство за вас, особено поради фактот што од нив најдобро се учи.
post

Може ли да приоритизирате кога се е приоритет?

Успешното завршување на работите значи и потреба за приоритизација. Што е поважно од останатото? Со што треба прво да започнеме? Што треба да е второ, а што може да остане за утре?

Што доколку се е со ист приоритет?

Иако, не е можно со 100% сигурност да биде така, сепак честопати се наоѓаме во ситуација кога сметаме дека се е приоритетно. Како да се извлечеме од една таква ситуација?

Еве некои совети кои можете да ги имплементирате.

1. Заборавете на приоритизација и завршувајте ги работите

Иако е важна сепак денеска може слободно да се отфрли приоритизацијата бидејќи едноставно вршиме различни работни задачи кои се поврзани со различни елементи од нашата околина.

Во зависност од тие елементи во околината ќе морате да ги завршувате работите. На пример, ако е преглед на примени епошти од купувачи кога ќе сте пред компјутер ќе ги прегледате и одговорите. Доколку пак задачата е да  имате состанок со клиент ќе ја завршите во согласност со клеинтот и на местотот кое го користите за состаноци.

2. Завршувајте ги работите во зависност на местото на кое се наоѓате

Сите работни задачи не мора да се изведат од едно исто место. Сите задачи не користат исти алатки за спроведување. Затоа и завршувањето на задачите во голем дел ќе зависи од тоа дали сте во канцеларија или дома, дали имате телефон при рака или не, дали сте пред компјутер или не, дали сте во производствениот погон или не…

3. Состави “да направам” листа и започни со првата задача

Бидејќи се е приоритет, започнете со првата задача од “да направам” листа и завршувајте ги една по една се до последната.

Важно е да започнете, дури и не мора да започнете со првата задача. Мо-ете да започнете со последната или онаа во средината, или пак едноставно онаа што сметате дека најбргу ќе ја завршите. Важно е да завршите се, бидејќи се е приоритетно.

4. Поделете ја листата на половина – едната за денес втората за утре

Ако се е приоритет и имате премногу задачи, можете да ја поделите “да направам” листата на половина и првиот дел да го завршите денес, а останатиот втор дел да го завршите утре.

post

Лекции за претприемништво од еден бербер

Седејќи во една берберница едно утро заедно со син ми и чекајќи да дојдеме на ред за потстрижување некако ми налетаа повеќе прашања за тоа како еден ваков бизнис опстојува и која е улогата на претприемачот (во овој случај занаетчијата) во бизнисот.

Прво што ми падна на ум е опремата која што се користи. Секој може да купи чешел и ножички како и апаратче за потстрижување. Но, не секој може да биде бербер.

Секој може да земе дуќан под наем и да ја набави потребната опрема, но не секој може да биде бербер.

Опстојување на ваквиот бизнис се базира на две основни работи:

  • Знаење и вештини на претприемачот
  • Личните познанства на претприемачот.

Без знаење и вештини во занаетот што ги поседува еден бербер нема да може да функционира ваквиот бизнис. Од друга страна без доволно голем круг на пријателства и познанства, како и задоволни клиенти (што зависи од знаењето и вештините на претприемачот) повторно нема да се обезбеди долгорочна функционалност на бизнисот.

Да дојдам до клучното прашање: Кои се суштинските компетенции на еден претприемач. Берберот има знаење, вештини и круг на луѓе.

Доколку се потсетите на главните фактори кои го прават еден претприемач успешен претприемач (ги издвоив 15 најважни преку едно истражување од 2009 година) ќе забележите дека знаењето и вештините се главни фактори за успех.

Пред неколку месеци повтроно ги отворив тие фактори со цел да споредам дали нешто е променето во последниве години. Тие сеуште се актуелни и се она искуствено што го дознав во претходниот период претставува дел од некој од тие 15 фактори. Но доколку би ги ставил на една скала (ние користевме и пирамида при што столбовите, основата на пирамидата како најголема по површина и волумен служи да прикаже дека тие фактори имаат најголем потенцијал во успехот на претприемачот) моите анализи покажуваат дека над 30% во суштинските компетенции влегуваат знаењето и вештините.

Инвестирајте во сопственото знаење и започнете да го применувате заради стекнување на искуство. Тоа се вашите суштински компетенции за успех.

post

Зошто повеќето бизнис идеи не успеваат?

Статистички гледано повеќето бизниси не успеваат. Но доколку ги земеме бизнис идеите нивниот неуспех е уште поголем, бидејќи само мал дел од идеите се претвораат во бизнис.

Зошто повеќето бизнис идеи не успеваат?

Подолу се основните 7 причини, кои најчесто се комбинација, а не само една причина за неуспех на една бизнис идеја.

1. Идејата не е добра

Една од најчестите причини за неуспех на една бизнис идеја е доколку таа не е добра.

Што подразбираме под добра или лоша идеја?

Добрите идеи се оние кои нудат вистинска вредност за потенцијалните купувачи. Тие се решенија кои решаваат проблем, или задоволуваат одредена потреба за тие купувачи. Се останато е само идеја, без потенцијал да биде претворена во бизнис.

2. Не е вистинско време за идејата

Доколку идејата не е нешто што се однесува за времето во кое што живееме, веројатноста за неуспех ќе биде поголема.

Секоја бизнис идеја мора да биде во согласност со актуелната состојба на пазарот и актуелните трендови кои се однесуваат за тој пазар. Доколку се однесува на нешто што би можело да биде хит пред 10 или 20 години, или пак премногу е напред во однос на временската рамка и погледите на потенцијалните купувачи истата ќе доживее неуспех.

3. Идејата е добра, но пазарот не е вистинскиот

Добрата идеја, која е во вистинскио време може да доживее неуспех доколку се однесува за пазар кој не е вистинскиот за бизнис идејата.

Секој пазар си има свои специфики преку кои ќе се карактеризира една бизнис идеја. На пример, пазар каде преовалдуваат топли клими и горештини, нема да прифати зимски бунди.

4. Големината на пазарот не е доволна

Освен што пазарот треба да биде вистинскиот, тој треба да гарантира дека ќе има доволен број на луѓе кои ќе купуваат со што би се обезбедило нормално функционирање на бизнисот.

Одлична бизнис идеја на вистинскиот пазар и во вистинското време ќе бара и доволен број на потенцијални купувачи на тој пазар.

5. Бизнис моделот не е соодветен

Иако една бизнис идеја може да ги има сите претходни карактеристики, сепак слабо изработен бизнис модел кој не гарантира профитабилност на бизнисот може да доведе до неуспех на таа бизнис идеја.

Мора да се усогласат сите останати елементи на бизнисот како поддршка на бизнис идејата за да се обезбеди успехот. Станува збор за односите со купувачи, дистрибуција, трошочната структура, висината на приходите, стратегиите…

6. Претприемачот како причина за неуспех

Досега ги опфативме карактеристиките на идејата и идниот бизнис како причини, но и претприемачот како срцето на секој бизнис може да претставува пречка за успех.

Доколку еден претприемач нема соодветно знаење за имплементација на таа бизнис идеја, воопшто не сака да работи во едно такво подрачје, нема пасија за бизнисот како производ на таа идеја или пак не е во состојба да ја имплементира ќе дојде до неуспех.

7. Недостаток на вистински тим

И секако за крај, имплементацијата на идејата ќе бара вистински тим на луѓе кои ќе придонесат за успехот. Задачата на тимот е соодветно претворање на визијата на претприемачот во реалност.

post

Не е до заборавањето, до процесот е…

Запиши, нема да заборавиш. Секогаш не учеле така!

Кога појдовме во прво одделение имавме тетратка во која учевме да пишуваме. Во средно по секој предмет носевме тетратки во кои фаќавме белешки. На факултет, една тетратка или нотес повторно полн со белешки…

На првото работно место и првиот состанок кај шефот со тетратка или нотес за да забележиме што ќе работиме…

Но, сето тоа друг ни го наметнал. Учителката, наставниците, асистентите, професорите, родителите, шефовите…

Но, има повеќе од еден проблем.

Прво, денес не мораме да запишуваме, можеме да снимиме. Денес не мораме да го носиме “тефтерот” со нас, тој е во секој наш уред било каде и да сме.

Но и тоа не е проблем, проблемот е еден чекор понапред… Што потоа?

Можете да имате десетици тефтери, тетратки… Можете да имате илјадници нотеси во вашиот Evernote акаунт. Но, што потоа…

Можете да имате различни рамки, со црвена боја, подвлекувања… Но, тие се само во тевтерот или Evernote или Word документ. Што доколку не се завршуваат работите?

Вашата книга со бизнис идеи може да има илјадници идеи, вредни илјадници евра… Но, доколку не се имплементираат тие се обичен лист хартија.

Постојат успешни луѓе кои воопшто не запишуваат, снимаат или бележат. Немаат потреба за тоа, затоа што веднаш имплементираат.

Затоа, не е до заборавањето… Може да биде заборавено и на хартија и на Word документ и во Evernote акаунт. Најискрено, колку белешки имате во било каква форма?

Важен е процесот на завршување на работите и бришење на она што е во мозокот, на хартија, Word документ или Evernote акаунт.

Заборавањето е наша природна особина. Но, завршување на работите се чини не е. Тоа е процес. Нешто што бара вежбање, стандардизација, подобрување и имплементација.

Еден од најдобрите процеси е GTD (Getting Things Done) од David Allen, иако морам да напоменам дека не гарантира резултати, без прилагодување и обврзување за реализација… Процесот го напоменавме во Evernote и GTD каде можете да го видите и дијаграмот на истиот.

post

Што му е потребно на образовниот систем кај нас денес?

Образованието треба да претставува основната движечка сила на една земја.

Образованието не треба да се натпреварува со родителите на едно дете или да ги гледа како конрапартнер на кој ќе се префрла одговорноста. Тоа не е нешто што треба да не научи да ги искажеме напамет оние формули кои ги учевме, да знаеме да покажеме која земја каде е на географска мапа, да знаеме која година била која војна…

Образованието служи да не научи како да се снајдеме и да дојдеме до инфомацијата која ни е потребна тогаш кога навистина ќе ни биде потребна.

Но, се повеќе стравувам дека тоа не е така.

Дали треба да знаеме која година била некоја битка кога живееме во светот на Wikipedia и Google?

Дури и прашањето како да се дојде до информација денес не е важно. Се чини дека се раѓаме со тоа знаење.

Па тогаш што е она најважното за нашите деца?

Најважно што треба да се научи е што потоа откако ќе се дојде до таа инфомација.

Како да се искористи? Што да се направи? Како да се подобри?

Тоа се прашањата на кои еден модерен човек треба да даде одговор.

Доколку пред десет години мораше да се купуваат специјализирани книги, на пример технички механики за да се проучат основните Њутнови закони, денес лесно можат да се најдат и законите, и она што следува во науката и што се базира на нив. Но, сепак креативното е како да се искористат тие закони во нешто ново за да се креира подобар живот за сите нас.

Денес лесно можеме да најдеме информации за патенти, научно-технички достигнувања во определени области на науката или пак филозофии за подобрувања во повеќе индустриски процеси. Но, повторно прашањето е што ќе правиме со тие информации? Како да ги искористиме?

Доколку во минатото тоа не беше случај, денес е возможно. Едно просечно дете е опкружено со Google, Facebook, Twitter, YouTube, Wikipedia, игри од кои може и да се учи, блогови, информативни сајтови… Слушам дека денешните деца не сакале да учат, биле мрзеливи… А, зошто да не се запрашаме дали им е интересно тоа што го учат? Дали препознаваат нешто корисно во тоа или едноставно гледаат да им помине времето за да завршат со она што мора да го завршат.

Пред некој месец интервјуирав повеќе матуранти кои имаат предмет претприемништво. Ги прашав дали им е интересно тоа што го учат. Одговорот беше многу поразителен: многу здодевен предмет преку кој гледаат да “набубаат” напамет за да ја добијат посакуваната оценка.

Како може предмет кој се нарекува претприемништво да биде здодевен предмет кога би требало да биде нешто највозбудливото за младите луѓе?

Тој предмет треба да поттикне започнување на бизниси, нешто што не беше случај во минатото. Доколку веќе се постигна напредокот во однос на воведување на таков предмет, сега треба да се обидеме да го подобриме процесот, да ги постигнеме целите.

Потребни се огромни промени. Колку побргу започнеме толку побргу ќе изградиме подобра иднина за сите нас. Да започнеме со она што треба да учиме: што потоа?

post

Договор одсега да се спроведува она што претходно било договорено…

Морам да го започнам и самиот овој пост со насловот

“Договор одсега да се спроведува она што претходно било договорено… :)”

Што мислите за реченицата?

Дали ви се случило на некој од состаноците на кои поминувате, да се навратите на она што сте го договориле на претходниот состанок, а на овој повторно да дискутирате и полемизирате и одлучите дека треба да се спроведува?

Договарање за договорен договор… 🙂

Одлучување за веќе донесена одлука… 🙂

Иако нема логика сепак се случува кај повеќето претпријатија.

Од иновирање и култура на иновирање, компанијата преминува во една бирократска култура во која се состаночи, дискутира, полемизира и реодлучува.

Ова е моментот кога за првпат основачот, претприемачот се соочува со потребата од менаџмент.  Тој момент значи дека компанијата досега доста успешно се справувла со сите досегашни фази од својот животен циклус, но сега се наоѓа во доста “деликатна” позиција која бара сосема поинакви одлуки отколку што било праксата досега.

Досега работите се завршувале, без здодевни состаноци, дискусии, полемики и реодлучувања. Еден носи одлука, без разлика дали е добра или лоша и таа се имплементира. Доколку е погрешна, се извлекува поука со што и претприемачот и бизнисот стануваат подобри, посилни, збогатени со дополнително знаење и искуство. Но, сега не е едноставно. Постои хиерархија, структура, правила, процедури…

Но, сепак насоката во која ќе се движи бизнисот сеуште зависи и се наоѓа во рацете на претприемачот. Тој го има клучот на вратата која води до раскрсница за тоа по кој пат ќе се продолжи. Колку побргу ја отвори вратата и го избере патот, толку побргу ќе се знае што ќе се случува понатаму.

Едниот од двата пата е да се забави со растот на компанијата и обид да се врати во претходната фаза кога едноставно семејната атмосфера која што постоела довела до растот кој е постигнат.

Вториот пат е да се продолжи со растот преку имплементација на менаџмент системи кои ќе бидат доволно силни за да го понесат теретот на трансформациите кои што следуваат. Но, прашањето е кој ќе ја преземе таа улога?

Во секој случај и двата пата се оправдани за претприемачот. Сепак, тој од ништо веќе создал нешто. Дали ќе се оддржи на патот на растот или пак едноставно претприемачот ќе си ги ужива благодетите од досега оствареното ќе зависи од него. Неговата одлука ќе биде една од најтешките во неговата претприемачка кариера.

 

post

За да иновирате не ви треба…

Што е иновација? На секој бизнис му е потребна. Секој претприемач е директно поврзан со иновација. Но, постои проблем кога станува збор за претприемачи. Проблемот е што просечните претприемачи сметаат дека иновацијата мора да тргне од нешто големо, нешто спектакуларно, нешто невидено и сеуште незамисливо. Од друга страна, тоа мислење наметнува уште “пострашно” размислување кое едноставно влијае на појава на блокада кај претприемачот и лесно откажување од намерата да се иновира. Тоа размислување е дека за да бидете добар иноватор треба да имате докторат. Иновација значи иновирање во однос на:

  • Нов производ,
  • Подобрен производ и
  • Подобрен процес (производствен, организациски, маркетинг, продажен процес…)

Можеби ќе мислите дека сопственик на бутик не може да иновира бидејќи се е веќе познато. Се набавуваат произвдите, се ставаат во продажниот објект и се продаваат по повисока цена. Но, нели е иновација следново:

  • Соодветна комбинација за презентација на разни производи заради поттикнување на продажба.
  • Додавање на една алка, ремен или било што друго што ќе додаде вредност на основниот набавен производ за бутикот.
  • Комбинација на неколку маркетинг алатки за привлекување на повеќе купувачи.
  • Продажен процес во кој се поттикнува вирозен маркетинг

Ова се само дел од можните иновации во еден традиционален бизнис како што е овој од примеров кој го потенцирам. Се што ќе додаде вредност за купувачот, се што ќе го разубави и подобри животот на купувачот, се што ќе ги намали фрустрациите на купувачот од десегашниот начин на функционирање на истиот ќе претставува иновација и можност еден бизнис да профитира од тоа. Разгледајте ги основачите на најголемите компании (освен Google) на глобално ниво и видете колку од нив се доктори на науки. Ова не значи дека образованието е непотребно, туку значи дека не мора да се гледа како пречка за да започнете да го промените светот во кој што живеете. Мора да иновирате без разлика во која фаза на животниот циклус на вашиот бизнис се наоѓате. Тоа е факт. Бидете креативни и започнете да го менувате светот.