post

3 Елементи кои Секоја Бизнис Идеја Мора да ги Има

Гледам многу бизниси кои никнуваат секој ден, но мислам дека само 1% од тие што ги гледам се навистина уникатна бизнис идеја. Гледам секојдневно како луѓе кои се враќаат од печалба ги вложуваат своите пари во бизнис. Но, сепак бизнис кој веќе е виден и бизнис кој насекаде околу мене го имам. Тие бизниси немаат ни трунка инвентивност во себе, туку само стихијно започнување. Едно време по осамостојувањето на Македонија во тренд беа бакалниците – локални драгсторчиња. Сега само мал број од истите опстојуваат на пазарот. Во мода е козметичко студио и ајдее  сите да започнеме козметичко студио. Се пие и јаде во Македонија и ајде сите да отвориме кафеани. Но сето тоа е без некој логичен приод во избор на сопствениот бизнис. Не е секој за бизнис. Парите можат да помогнат во побрзо започнување но знаењето е тоа што ќе го развива бизнисот. Затоа пред да започнете бизнис разгледајте ги овие три елементи првин.

Бизнис идејата е стартна точка на секој бизнис. На таа идеја се базира успешноста на бизнисот во иднина. Доколку сакаме да го опишеме значењето на бизнис идејата едноставно би кажале дека бизнис идејата е едноставно решение на некој проблем на пазарот. Поради тоа како најважни елементи кои секоја бизнис идеја МОРА да ги има се:

  1. Проблем
  2. Желба
  3. Мала шанса дека проблемот ќе биде решен.

Проблем во Бизнис Идеја

Првиот елемент кој што мора да го има нашата бизнис идеја е проблем. Кој би купувал нешто доколку нема проблем кој би го решил со тоа купување? Во Wikipedia проблемот е дефиниран како:

Препрека која остварувањето на целта ја отежнува. Се однесува на состојба, услов или спор кој сеуште е нерешен. Во поширока смисла на зборот, постои проблем кога одреден индивидуалец станува свесен на значењето на разликата помеѓу она што е во моментов и она што се посакува.

Луѓето секогаш посакуваат нешто. Помеѓу желбата – она што го посакуваат и тековната состојба се наоѓа проблемот. Секој проблем бара решение и тоа решение е бизнис идеја. Колку поголема ќе биде разликата толку поголем ќе биде и проблемот кој пак ќе предизвика и поголема желба за решение.

Секогаш на пазарот ќе постојат проблеми. Исак Адижес вели дека секогаш ќе имаме проблеми, а ќе немаме проблеми само доколку сме мртви. Како и да е, секој проблем нема иста тежина. За да го најдеме вистинскиот проблем на пазарот мора да ја анализираме тековната состојба со одговарање на следниве прашања:

  • Каков е типот на проблемот кој постои на пазарот?
  • Колку луѓе го имаат истиот проблем?
  • Кои се потенцијалните решенија на проблемот?
  • Можеме ли да понудиме најдобро решение за проблемот?
  • Дали тоа решение целосно ќе го реши проблемот?

Желба

Некои проблеми се големи проблеми, но некои се мали. Некои проблеми можат да бидат игнорирани но некои не. Претприемачите мора да размислуваат за проблеми за кои постои голема желба да се најде решение. Зошто голема желба за решение? Бидејќи доколку тие гладуваат за решение кое нашиот бизнис ќе им го понуди постои голема веројатност за успех на нашиот бизнис со таквата бизнис идеја.

Желбата претставува емоционална состојба на личноста која го прикажува нивото на посакување на нешто, или во нашиот случај ниво на посакување да се најде решение за проблемот. Колку повеќе личноста посакува да најде решение за проблемот ќе има и поголема желба и полесно ќе се одлучи да го купи решението.

Желбата како еден елемент на бизнис идејата е важна и поради цената на решението. Доколку желбата е поголема решението ќе биде поскапо и ќе носи поголем профит за бизнисот кој го нуди тоа решение.

Мора да ги одговориме следниве прашања за да откриеме дали нашата бизнис идеја има голема желба:

  • Колку е голем проблемот кој што бизнис идејата го решава?
  • Дали тие гладуваат за решение?
  • Како го бараат можното решение?
  • Какво е нивото на посакување да го решат проблемот?

Мали Шанси Проблемот да Биде Решен со Тековната Понуда

Ова е навистина важен елемент за успехот на бизнис идејата и се однесува на конкуренција на пазарот за истиот проблем. Доколку на пазарот не постои голема конкуренција за тој проблем тогаш шансите за успехот на нашиот бизнис се навистина поголеми.

На крајот треба да си ги поставиме следниве прашања:

  • Колку конкуренти продаваат ист или сличен производ и/или услуга на пазарот кој ние го определивме како целен пазар? Доколку на пазарот постојат повеќе конкуренти ќе имате навистина тешка борба со нив.
  • Каква позиција да заземеме која ќе не разликува нас од конкуренцијата? Диференцијацијата е една од најважните работи за секој бизнис. Ова е како нашиот бизнис ќе изгледа во очите на потрошувачите или пак потенцијалните потрошувачи. Доколку успееме да го направиме нашиот бизнис поразличен од остатокот на светот тогаш нашата бизнис идеја ќе биде успешна.

Не мора да иновираме нешто за да започнеме бизнис. Доколку бараме да најдеме нешто сосема уникатно, можеби никогаш нема да го пронајдеме и ќе останеме во нивото на сонување засекогаш.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] 3 Елементи кои секоја бизнис идеја мора да ги има – 3 работи кои ќе мора да ги вклучиш во идејата за да изградиш успешен бизнис. […]

  2. […] Следи што се случува на веб. Во моментов тој може да биде единствен валиден и брзо достапен извор на информации за различни бизнис идеи. […]

Speak Your Mind

*