post

7 Прашања во однос на големи податоци и малите бизниси

Живееме во едно навистина интересно време, кога предвидувањата стануваат многу полесни отколку што беа пред пет до шест години и тоа благодарение на технологијата и нашата се поголема храброст да го означуваме, односно бележиме нашиот живот на секаков можен начин.

Големи податоци

Можностите за користење на големи податоци се навистина големи и ги имам видено резултатите од многу мои тестирања и работа со разни компании во анализа на такви податоци. Но, ќе се обидеме да навлеземе во основите на користење на големите податоци особено кога станува збор за малите бизнис.

Затоа ќе се обидам да дадам одговор на неколку прашања.

Напомена: Овој пост претставува извадок од транскриптот на епизодата 10 од подкастот “претприемачки пат“, за целосна содржина можете да го симнете транскриптот или пак да ја слушате епизодата преку следниов линк: големи податоци и малите бизниси.

1. Каде се наоѓаме денес во поглед на големите податоци?

Google со поголема прецизност предвидува за ширењето на вируси не само на национално ниво туку и на регионално и локално ниво уште пред официјалните институции да го предвидат тоа. Дури неколку недели пред да се дознае за вирусот H1N1 инженерите на Google објавиле труд во научното списание Nature во кое објаснуваат како го предвиделе распространувањето на вирусот и тоа врз база на тоа што луѓето барале преку нивниот пребарувач на интернет. Едноставно нивниот софтвер пронашол комбинација на 45 термини кога се користат заедно во математички модел кој има силна корелација помеѓу нивните предвидувања и официјалните бројки.

Бројот на пораки на Twitter се зголемува за околу 200% годишно и на крајот на 2012 надминале 400 милиони твитови дневно. Facebook има над 10 милиони аплоадирани фотографии секој час или пак некој коментира или кликнува лајк над три милијарди пати на ден. На YouTube се аплоадира над еден час видео материјал секоја секунда.

Можеби се прашувате што има тоа врска со малите бизниси и вас. Сепак, сакам да дадам една претстава за тоа каде сме денес, а од друга страна и вие имате опции во оваа “џунгла” од големи податоци. На пример, постои достапност на дел од податоците на Google во поглед на тоа што се бара на нивниот пребарувач. Google Now е првиот обид Google да го стави на располагање неговото знаење за нас индивидуалците.

2. Кој е најголемиот проблем за малите бизниси?

Иако, постојат доста експертски размислувања дека колку се понеорганизирани големите податоци толку се подобри и попрецизни трендовите кои се влечат од нив, сепак кога станува збор за малите бизниси несомнено еден од поголемите проблеми е недостаток на соодветна организација на тие податоци и немање на човечки ресурси кои имаат доволно познавање на математички модели и техники со кои тие податоци би се споредувале или анализирале за да се извлече потребното знаење од нив.

Ако земеме еден просечен мал бизнис кој продава и офлајн и онлајн тој најверојатно ќе ги има следниве внатрешни извори на податоци за него:

  • CRM систем за менаџирање на односи со купувачи.
  • Трансакциска база на податоци.
  • Бази на податоци за финансиско и материјално сметководство.
  • Продажен и маркетинг тим.
  • Аналитика на веб сајтот.
  • Еmail маркетинг статистика.
  • Коментари на бизнис блогот.
  • Прашања поставени преку специфична веб форма.

Оваа листа не е целосно исцрпена во поглед на можностите сепак е доволна за целите на овој пост.

Првин, сите тие податоци имаат вредност во самите себеси, вредност која ја нарекувам тековна вредност, што значи прикажување на информација за тековен проблем и донесување на одлука во однос на истиот. Но, вредноста ќе биде уште поголема доколку сите тие податоци се комбинираат и преку различно вкрстување се анализираат и донесуваат заклучоци во вид на предвидувања или трендови.

3. Кои се изворите на големи податоци кои малиот бизнис може да ги користи?

Веќе спомнав некои од внатрешни извори на податоци и информации во претходното прашање, но одговорот на оваа прашање би бил сите информации.

Се што е на некој начин поврзано со вашиот бизнис ќе биде одличен извор на информации за вашиот бизнис. Така да клучна улога во вашите големи податоци ќе имаат вашите системи за менаџирање на документи, вработени, потенцијални вработени, социјални мрежи, снабдувачи, маркетинг, прашалници и анкети, контакт форми, клучни индикатори на перформансите, продажен тим, аналитика на веб сајт, систем за менаџирање на односи со купувачи, систем за наплата, систем за продажба, епошта, владини веб сајтови, службен весник, пребарувачи, RSS, агрегатори, производство, традиционални медиуми, институти, универзитети, научни списанија, саеми, конкурентски производи, маркетинг материјал на конкуренцијата, веб сајт на конкуренција итн.

Сега сигурно гледате што значат големи податоци, кој од кои извори со понеструктурирани и во понестандардизирана форма на податоци, а сите важни за вашиот бизнис.

4. Што е со несреденоста на големите податоци?

Способноста на денешните бизниси да ги соберат сите овие информации, складирани во соодветна форма и анализирани врз основа на соодветен процес претставува клучен фактор за успех. Но, од друга страна сепак треба да бидеме среќни што денес поседуваме технологија за таа намена, или пак доколку немаме таа не е скапа и не е недостапна за малите бизниси.

Способноста да се собере и запише информација претставува граница која ги дели примитивните од напредните општества. Оваа реченица ја прочитав во книгата “Големи податоци – револуција која ќе трансформира како живееме, работиме и размислуваме“.

Прво мора да бидеме задоволни дека процесот на дигитализација е веќе во завршна фаза, што кажува дека многу податоци како што се слики , книги, весници и други веќе се дигитализирани. Но, дигитализирано не значи и разбирливо за компјутерите. Затоа во голема мерка процесот на “податификација” или процес за сите тие информации да бидат разбирливи за компјутерите зафаќа голем замав. Така сликите претставуваат разбирливи преку ознаки и препознавање на текст доколку постои во нив со помош на OCR технологијата. На пример, сите се чудеа зошто Google инвестира толку пари во Google Books иако сега од оваа позиција е јасно што правел Googlе. Тој ги дигитализирал книгите и ги направил во вид на податоци со што преку споредба на истата книга преведена на различни јазици поставува математички модели преку определување на веројатноста за да открие кој збор најдобро одговара помеѓу останатите на различни јазици. Сите знаеме дека Google Translate не беше некоја одлична опција на почетолкот, но од ден на ден е се подобра и подобра и тоа подобра и од комерцијалните производи во кои се вклучени илјадници јазични експерти за да се изградат тие преведувачи.

5. Кога веќе знаеме каде се податоците, што со нив?

Можеби наједноставното прашање е токму оваа прашање. Што со податоците кога знаеме веќе каде се.

Наједноставен одговор би бил користи ги. Податоци кои не се користат за донесување на одлуки или за подобрување на вашиот бизнис исто како и да не ги знаете или да ги немате. Вредноста на податоците е голема само доколку истите се користат.

Мора да користите корелација при што ќе ги вкрстувате едни со други тие податоци и ќе ги споредувате за да дојдете до квалитетно знаење кое навистина ќе има вредност за вас како претприемач но и за вашиот бизнис воопшто.

6. Што е со визуелизацијата и аналитичноста?

Успехот на вашиот бизнис освен што ќе се базира на препознавање и користење на големите податоци ќе се базира и на способноста на вас како еден претприемач и вашиот бизнис тим да успеете во визуелизација на сите тие податоци.

Аналитичност е способност да се препознае скриено знаење кое лежи во тие податоци. Во документарецот насловен како “Лов на човек” интересно е опишан процесот на работа на разузнавачите и успехот на нивната работа. Интересно е што од стратешко разузнавање се префрлуваат на оперативно со следење на луѓе, и воочување на нивното однесување и врски со останатите ентитети како би дошле до целта. Значи имаме различни пристапи кои можеме да ги користиме, сепак лесно воочување на врски, и нивна презентација во соодветен облик претставува способност која ја нарекуваме аналитичност. Можеби ќе користите статистички модели, можеби ќе користите ливчиња кои ќе ги лепите на ѕид и ќе ги поврзувате на соодветен начин или пак ќе користите апликација со која ќе црткате за таа намена, важно е да ја имате способноста за забележување на нешто незабележително во самите информации.

Големите податоци значат и несреденост. Земете еден ворд документ. Можеби само една реченица е важна за да ја поврзете со податок од вашата CRM база на податоци и податок од вашата трансакциска база на податоци. Затоа визуелизацијата е важен елемент кога зборуваме за големи податоци и нивно користење.

7. Зошто големите податоци ги менуваат основните теории на кои се базира економијата и вреднувањето на компаниите?

Facebook согласно важечките сметководствени принципи преку имотот кој го поседува во форма на компјутерски хардвер, опрема во канцеларии и друг имот вредел 6,3 милијарди долари во моментот пред да котира на пазарот. Но, во моментот на пуштање на акциите на берза една акција била вреднувана 38$ што покажува дека компанијата вреди 104 милијарди долари. Огромна разлика.

Даг Лејни потпретседател на истражување во Gartner, ги анализирал податоците пред и по котирање на берзата и врз основа на број на соберена содржина во форма на лајкови, слики, коментари и написи доаѓа до резултат дека еден корисник на Facebook вреди околу 100$ бидејќи креаторот на информациите и податоците кај Facebook се луѓето.

Очигледно е дека начинот кој денес се користи за дефинирање на корпорациска вредност преку гледање на вредноста од книгите не кореспондира со вистинската вредност на компанијата.

Питер Дракер вели дека 50 години информациската револуција се фокусира на податоци – нивно собирање, складирање, трансмисија, анализа и презентација. Тоа е фокус на Т (односно технологијата) во ИТ. Следната информациска револуција прашува кое е значењето на информацијата и која е целта на таа информација.

Логично, кога веќе имаме технологија, имаме извори на информации. Време е да ги користиме, а користењето го определува и нивното значење и целта на информацијата.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*