post

Анатомија на еден претприемач: Факти кои ќе (нема да) ве изненадат

Постојат многу стереотипи кога станува збор за претприемачите и пронаоѓање на оној “супермен” претприемач. Постојат многу анализи и истражувања како и обиди да се најдат некои заеднички карактеристики за успешните претприемачи.

Едно време (барем кога бев средношколец) за претприемачи ги сметав оние кои седат во кафеани, пијат, јадат и разговараат. Но тоа беше почетокот на 1990-тите, распад на системот, директори на компании кои станаа претприемачи… Но, тоа не е она што може да се земе како репер.

Во 2009 година и јас сакав да дадам допринос во оваа насока, па затоа спроведов теоретско и практично истражување во земјава за анализа на фактори кои го прават еден претприемач да биде успешен претприемач. Во таа анализа не навлегував во детали за бекграунд, туку повеќе на лични особини.

Затоа како надополнување на некои карактеристики или како основа за едно следно истражување може да се додадат и дополнителни елементи како образование, семејство, возраст, класа…

Средувајќи ги моите постари Evernote белешки за да утврдам што треба да остане а што да си оди (избрише) налетав на едно истражување од Kauffman фондација за претприемачи насловена како “Анатомија на претприемачи” во која е направен обид да се анализираат претприемачите и нивниот бекграунд. Сметам дека иако истражувањето е постаро (2009) и се однесува на 519 испитаници основачи на компании од различни индустрии, сепак вреди да се видат некои факти.

Основачи на компании се во средна возраст и со подобро образование.

  • Просечна и средна возраст на основачите во анализираниот примерок кои одлучуваат да започнат сопствен бизнис е 40 години.
  • 95,1% се дипломирани, а 47% имаат повисоки степени на образование.
Претприемачите доаѓаат од средна класа или повисока ниска класа и се подобро образовани и попретприемачки расположени од нивните родители.
  • 71,5% доаѓаат од семејства од средна класа, додека 21,8 се изјасниле дека доаѓаат од повисока ниска класа.
  • Помалку од 1% доаѓаат од екстремно богати или екстремно сиромашни средини
Повеќето претприемачи се во брак и имаат деца
  • 69,9% од испитаниците навеле дека биле во брачен однос, кога го започнале својот бизнис, додека 5,2% биле разведени, разделени или вдовци.
  • 59,7% навеле дека имале најмалку едно дете кога го започнале првиот бизнис, додека 43,5% имале две или повеќе деца.
Имаат интерес и склоност да започнат бизнис.
  • 52% имале интерес да станат претприемачи уште во факултетските денови, но 34,7% воопшто не ни размислувале за претприемачкиот живот, а 13,3% имале слаб интерес.
  • Од 24,5% кои биле екстремно заинтересирани да станат претприемачи во факултетските денови, 47,1% започнале повеќе од две компании.
Фактори кои ги мотивираат да станат претприемачи: заработка, имање на сопствена компанија, стартап култура и капитализирање на бизнис идејата.
  • 74,8% од испитаниците навеле дека мотивацијата за започнување на бизнис им била да заработат пари, 68,1% капитализирање на бизнис идејата, 64,2% навеле дека сакале да имаат сопствена компанија, 66,2 навеле дека биле мотивирани од стартап културата додека 60,3% навеле дека да работат за друг не било за нив.
Неважни фактори: не можат да најдат работа или поттикнување од други
  • 80,3% од испитаниците навеле дека неможноста да најдат традиционална работа воопшто не бил одлучувачки фактор за започнување на сопствен бизнис. Само 4,5%, се одлучиле да започнат свој бизнис поради неможноста да најдат работа.
  • 37,8% од испитаниците навеле дека улогата на пријателите и семејството имало влијание на нивната одлука.
Повеќето имале значајно искуство од индустријата кога запонале бизнис
  • 75,4% работеле како вработени во други компании повеќе од 6 години пред да започнат со сопствените компании. Сокоро половина (47,9%) ја започнале нивната прва компанија со повеќе од 10 годишно искуство.

Ова е само еден дел, целосната анализа можете да ја видите на “Анатомија на претприемачи“.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*