post

Билтени – Маркетинг средство 37

Билтените претставуваат навистина интересно и моќно маркетинг средство за секој бизнис, па и за малите бизниси. Оваа е особено точно доколку тие билтени содржат квалитетни информации за примателите. Голема примена има кај малите бизниси кои работат со други бизниси (B2B) но не е исклучена и примената од страна на бизниси кои работат со потрошувачи (B2C).

Билтени како маркетинг средства

Во оваа 37-мо маркетинг средство билтените не ги гледаме како електронски туку како пишани билтени на хартија кои се испраќаат по пошта или пак на рака на примателот на билтенот. За електронски билтени ќе имаме посебно маркетинг средство кое ќе го опфатиме во делот на интернет (онлајн) маркетинг средства.

Што претставуваат билтени?

Билтени едноставно претставуваа збир на информации од одредено подрачје или пак за одредена индустрија во која се наоѓа Вашиот бизнис. Во Wikipedia билтените се дефинираат како:

Редовно дистрибуирани публикации за тема која е од интерес на примателите на билтените.

Можеме да забележиме две карактеристики од оваа дефиниција:

  • Билтените редовно се дистрибуираат. Може да бидат на неделно, месечно или пак годишно ниво.
  • Опфаќаат тема која е од интерес за примателите. Приматели се Ваши потенцијални или пак сегашни потрошувачи.
  • Претставуваат публикации.

Што да содржат билтените?

Како што извлековме од дефиницијата, билтените треба да содржат информации кои ќе бидат од интерес на Вашите потенцијални потрошувачи или пак сегашни купувачи. Што е тоа што ќе ги интересира Вашите потенцијални и сегашни потрошувачи?

Предмет на интерес може да биде:

  • Придобивките од некој Ваш производ или пак услуга.
  • Изјава или пак препорака од некој Ваш задоволен купувач?
  • Како да ги користат производите или пак услугите?
  • Што ќе се случува во иднина во индустријата?
  • Како да ги продаваат производите или услугите доколку се работи за бизнис кој продава на бизнис кој повторно продава понатаму на потрошувачот?
  • Кои се плановите за иднина?
  • Како можат да Ве контактираат?
  • Вести од подрачје на индустријата?
  • Случки кои ќе се случат или пак веќе се случиле.
  • Информации за покрупни договори со поголеми клиенти.
  • Можни попусти за нарачки до некој датум или пак попусти за сите приматели на билтенот.

Ова се само неколку идеи кои можете да ги вклучите во содржината на Вашиот билтен. Сепак, во најголем дел содржината ќе зависи од индустријата во која се наоѓа Вашиот бизнис како и од типот на бизнисот. Останатото е на Вашата креативност како еден претприемач.

Како да се користат билтени како маркетинг средство?

Не можам да претставам еден образец или пак универзален модел на користење на билтенот. Можам само да дадам една моја идеја како јас би го користел оваа маркетинг средство.

1. Сегментација

Првин би направил сегментација на потенцијалните приматели на билтенот. На пример, би ги сегментирал на:

  • Потенцијални потрошувачи, оние кои сакам да ги привлечам за мојот бизнис.
  • Редовни купувачи, оние кои веќе купуваат, но сакам да се вратат повторно.

2. Дефинирање на содржина

Врз основа на претходната сегментација би дефинирал што ќе содржи билтенот за потенцијалните потрошувачи, а што за редовните купувачи. Мора да внимавате дека Вашата цел е потенцијалните потрошувачи да ги трансформирате во редовни купувачи, додека редовните купувачи да ги натерате да се вратат и да го повторат бизнисот со Вас. Што е тоа што ќе ги исполни овие Ваши цели?

3. Дефинирање на начин на испраќање

Оваа е посебен дел кој сепак зависи од креативноста на претприемачот. Можете да ги испраќате преку пошта на сегментираните приматели. Можете да ги давате кога ќе го постетат Вашиот бизнис. Можете при телефонскиот контакт на потенцијалните потрошувачи да ги прашате за нивната адреса како би им испраќале бесплатен билтен по пошта. Било каков начин на испорака кој ќе служи за исполнување на Вашите маркетинг цели е дозволен.

4. Изработка

Изработката можете да ја оставите на некој професионалец кој и ќе ги печати Вашите билтени или пак самите да ги изработувате и печатите на Вашиот печатар. Имате можност и да отпечатите еден примерок, па потоа останатите да ги фотокопирате. Сето ова ќе зависи од Вашиот маркетинг буџет.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] 37-мо маркетинг средство на претприемач пишував за билтени и сето она што таму е опфатено може да важи и за […]

Speak Your Mind

*