post

Бизнис план грешки кои не знаете дека ги правите

Бизнис план грешки

Бизнис план грешки

Бизнис план грешки можат да бидат страшни за сопствениците на малите бизниси. Понекогаш некои грешки неможат да бидат избегнати, но не значи дека истите грешки треба да бидат повторени.

Понекогаш, постојат грешки кои едноставно претприемачот не знае дека ги прави. Најголемата грешка на еден претприемач е кога тој не препознава дека направил грешка.

Грешките се болни кога ќе се случат, но години подоцна, колекција на грешки е она што се нарекува искуство. ~ Denis Waitley

Да, тие се нешто што може да доведат до искуство. За ова пишувавме во Подобрување – последица на грешки.

Како и да е, грешките може да бидат трансформирани во искуство само кога знаете дека сте направиле грешка. Без тоа витално знаење, грешките може да се повторат во следниот процес на вашите активности.

10 Бизнис план грешки

Ќе презентирам тука едни од најслабо препознатливи грешки кои вие можете да ги направите кога спроведувате процес на планирање во вашата компанија.

  1. Го гледате планот како документ, а не како производ на процес на планирање. Број еден грешка која спаѓа во група на неприметливи грешки е да го гледате планот само како парче хартија за кое некој побарал да го направите (се мисли на банка, финансиска инсистуција, бизнис план натпревар…). Бизнис план има големо значење за вас и за вашиот бизнис само ако неговото производство претставува процес, и тоа процес кој никогаш не завршува.
  2. Обид да се најде перфекционизам во се. Перфекционизмот е важен елемент, но понекогаш може да ве вовлече во еден циклус на планирање кое никогаш не завршува и планот никогаш да не биде имплементиран бидејќи не е перфектен.
  3. Обид да се задоволат сите страни. Сакаш да се задоволиш себеси како претприемач. Сакаш да ги задоволиш финансиските институции за да ти дадат пари. Сакаш да ги задоволиш вработените. Сакаш да ги задоволиш потрошувачите. Сакаш да ги задоволиш акционерите… На ваков начин го губиш фокусот од најважната работа – бизнис моделот кој мора да се имплементира.
  4. Користење на премногу оптимистичко предвидување. Добро е да се биде оптимист, но во процесот на бизнис планирање погледите кои се премногу оптимистички може да доведат до катастрофа во вашата компанија.
  5. Заборавање дека на пазарот постои и конкуренција. Можеби вашиот бизнис е толку уникатен што ве доведува до констатација дека на пазарот не постои конкуренција. Како и да е, мора да запаметите дека не постои бизнис кој оперира на пазар целосно без конкуренција. Најважната тековна конкуренција и најважната идна конкуренција мора да биде дел од бизнис планот.
  6. Ја објаснувате бизнис идејата, а не бизнис можноста. Можеби вашата идеја е брилијантна, но доколку бизнис идејата не стане бизнис можност тогаш вашата компанија ќе страда. Мора да запаметите дека една бизнис идеја не е секогаш и бизнис можност. Затоа вашиот бизнис план треба да ја објасни бизнис можноста, а не како бизнис идејата е брилијантна.
  7. Не го ажурирате планот постојано. Бизнис планот не е статичен елемент кој може да се напише и заборави. Тој е динамичен документ кој бара постојано мерење, подобрување и ажурирање.
  8. Некомплетно резиме на планот. Понекогаш резимето е единственото нешто што ќе биде прочитано од луѓето кои се задолжени за давање на финансиски средства. Затоа е важно и мора да биде комплетно.
  9. Бизнис планот не содржи конкретни чекори. Секој план мора да резултира во прецизно дефинирани чекори кои мора да се изодат во наредниот период. Без вакви чекори, планот ќе биде само парче хартија.
  10. Одложување на имплементација. Доколку сте го направиле бизнис планот не го одложувајте. Доколку сепак го одложите, тоа е знак дека нешто не е во ред со него.

Ќе го завршам овој пост со уште еден цитат за грешки:

Грешките се тука и чекаат да бидат направени. ~ Savielly Tartakower

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*