post

Бизнис план во стартап фаза

Прво нешто што традиционално се користи за намалување на една таква висока неизвесност и секако за тестирање на овие три хипотези произлезени од теорија на бизнис идеи претставува бизнис планот. Забележувате дека во однос на постот насловен како започнување на бизнис во 2012 и она што ќе ти треба го заборавивме бизнис моделот, но не е заборавен едноставно го скокнувам за да се преслика практична состојба која најчесто се применува. Ќе се навратиме на бизнис моделот со посебен пост. Сепак ова е серијал кој ќе трае цела година и од кој ќе произлезат сосема нови теории и сосема нови пристапи за започнување на бизнис. Следете не ќе биде многу забавно.

Вчера кога зборувавме за теорија на бизнис идеи стигнавме до еден основен дијаграм како на сликата подолу.

Теорија на бизнис идеи - основи

Теорија на бизнис идеи - основи

Овој дијаграм на теорија на бизнис идеи вели дека за да постои бизнис идеја мора да се проверат три претпоставки или хипотези и тоа:

  • Хипотеза 1: На пазарот постои проблем кој ќе се реши со бизнисот како резултат на една бизнис идеја
  • Хипотеза 2: Пазарот сака и има желба да го реши проблемот кој идниот бизнис како резултат на една бизнис идеја ќе понуди решение.
  • Хипотеза 3: Пазарот кој сака да го реши проблемот е доволно голем за да се обезбеди успешно започнување и развивање на бизнисот.

Кажавме дека пред да се започне со бизнисот, односно пред да се донесе одлука за започнување ќе мора да се потврдат хипотезите. Доколку хипотезите се потврдат како вистинити тогаш може да се оди со следниот чекор, а пак доколку се невистините се запира понатамошната постапка. Но, не кажавме што значи запирање на постапката.

Ќе продолжиме да градиме на истиот дијаграм. Првин, запирање значи враќање назад кај самиот претпиремач за да се прилагоди бизнис идејата од која ќе произлезат нови хипотези и повторно тестирање и проверка на истите. Овој циклус продолжува се додека не се дојде до бизнис идеја чии хипотези ќе се потврдат како точни или барем ќе се дојде до некој сигнал кој сепак ќе потврди дека може да поминат. Па, доколку го ажурираме дијаграмот на теорија на бизнис идеи ќе го добиеме следново:

Теорија на бизнис идеи - непотврдеи хипотези

До тука е јасно и секако и логично и теоретски потврдено. Останува сега уште една празнина во дијаграмот онаков каков што е, а тоа е празнината помеѓу хипотезите и доказ за потврдени или непотврдени хипотези / тестирање на хипотези. Токму оваа подрачје претставува и најважното подрачје кога станува збор за стартап, па затоа и ќе се насочиме на него, почнувајќи од овој пост. Со дополнување на дијаграмот ќе имаме:

Во делот на тестирање на хипотезите, она што најчесто се користи во пракса е бизнис планот. Првата и основната цел на бизнис планот не е она за што е наречен – планирање, туку за тестирање на основните хипотези произлезени од бизнис идејата. Во него вие едноставно од прифатената практика докажувате дека вашата бизнис идеја е издржана. Како? Ќе ги наведам основните принципи на кои се разгледува издржливоста на една бизнис идеја преку традиционалниот бизнис план малку подоцна, првин би навлегол во неколку детали за содржината на бизнис планот и мал коментар во однос на оваа фаза на започнување на бизнис во која се наоѓаме ние.

Да повториме, имаме бизнис идеја, имаме поставено хипотези дека има проблем, се бара решение и постои доволно голема критична маса за да го купи нашето решение. Во развојот на нашиот бизнис ние сме до тука, односно во ниво кога ги тестираме хипотезите. Одлучуваме тоа да го спроведеме со помош на бизнис план, така да водено и ќе анализирам и истражуваме и тестираме, но и ќе имаме документ наречен како бизнис план (можеби за во фиока, 🙂 но не е важно).

Бизнис планот кој ќе го работиме ако одиме согласно прирачникот за бизнис планирање на претприемач ќе ги има следниве елементи/наслови:

  1. Насловна Страна. За моменталните наши цели воопшто не е важно. Оваа страна содржи лого, име на бизнисот, слоган, наслов на документот (со големи букви: БИЗНИС ПЛАН), и контакт детали за оној кој го изготвува. Но, ние воопшто не знаеме дали хипотезите ќе поминат, затоа ниту можеме да размислуваме за име или пак лого за бизнисот. Не губи време скокни ја.
  2. Содржина и Резиме. И по “правилниците” овие елементи се наоѓаат први но се подготвуваат последни. Скокни ги иако резимето има за цел да покаже дека хипотезите се точни.
  3. Општо за Компанијата. Сеуште не сме во фаза да работиме на овој дел од бизнис планот, затоа што краткиот вовед, сопствеништво, правна форма и локација воопшто не се важни за фазата во која сега се наоѓаме. Можеби почетните трошоци и потребни инвестиции би биле од корист, но напоменувам дека ние тестираме хипотези да видиме дали бизнис идејата решава проблем чие решение се бара од доволно голема критична маса за успех на бизнисот. Доколку бизнис идејата помине, потоа ќе размислуваме за можните трошоци и потребни инвестиции, бидејќи потврдени хипотези како што се поставени треба да гарантираат успех. Затоа и ова претставува губење на време, скокај.
  4. Производи и/или Услуги. Овој дел навистина ни е потребен, но не во преголемо навлегување за точно дефинирање на производите или услугите и нивната иднина за наредни 5 или 10 години туку доволна ни е вредноста која ќе произлегува од тие производи или услуги за купувачите, односно оние кои се дел од таа критична маса и кои имаат и сакаат да го решат проблемот.
  5. Дефинирање и редефинирање на бизнис моделот. За целите на оваа упатство на претприемач го вметнав овој наслов како посебен за да успеам барем колку толку пристапот на процесот да го направам подинамичен. Посебно ќе стане збор и за бизнис модел како опција за тестирање на хипотезите, но тука треба да напоменам дека ова е можеби и она најпотребното во оваа фаза. Зошто? Затоа што преку дизајнирање на бизнис моделот ќе ги дефинираме и вредностите (опис на производ или услуга), пазарот (точните сегменти), канали на комуникација и дистрибуција, ресурси, клучните активности, партенти со кои ќе соработуваме, трошоците и приходите.
  6. Анализа на пазарот и индустријата. Овој дел е секогаш потребен во оваа фаза, но и нормално најтежок. Сеуште немаме производ, имаме само идеја и хипотези кои сакаме да ги докажеме. Можеби идејата е толку напредна да воопшто и не постои индустрија која би ја анализирале. Постоењето на пазарот треба да го докажеме, а токму таа анализа ќе ни каже дали постои пазар со таков проблем и дали е доволно голем за да го поддржи растот и развојот на бизнисот кој планираме да го почнеме. Добро, со овој пост сме во фаза на навлегување на основните принципи на теоријата, но сакам да напоменам дека во изминативе 10-12 месеци работев токму на развивање на еден процес за брза анализа и повратни информации заради тестирање на овие хипотези пред некои поголеми вложувања од страна на претприемачот кои во моментов ги користам само за клиентите за кои работам, сепак нешто е во план да се разработи тука, а поголемиот дел ќе биде презентиран како посебен модул на премиум претприемач.
  7. SWOT Анализа. SWOT анализа може да биде доста корисна алатка за проверка на хипотезите па затоа ќе биде и дел од посебно разгледување во однос на развој на оваа теорија.
  8. Ризик и менаџирање со ризикот. Едно нешто е јасно, ризикот секогаш ќе постои, а нашата цел со оваа теорија е да го сведеме на минимално ниво. Затоа е добро да се знаат најризичните точки во однос на бизнис идејата.
  9. Онлајн Стратегија. Иако можеби изгледа дека е сосема непотребна, сепак може да даде доста добра анализа и тестирање на хипотезите. Иако поголемиот број на урнеци не го содржат овој наслов сепак јас го имам вметнато со последната верзија на упатството затоа што оние кои не го ставаат не се ни свесни какви информации пропуштаат.
  10. План за социјални медиуми. Истото како за онлајн стратегија се однесува и планот за социјални медиуми. Сепак живееме во време во кое не смееме да ги игнорираме ниту социјалните медиуми ниту онлајн настапот без разлика дали идејата ќе преживее или не.
  11. Маркетинг Стратегија и Имплементација. Маркетинг како анализа да, но во некои делови и маркетинг како привлекување на луѓе кон идејата заради тестирање може да биде од корист.
  12. Продажна Стратегија и Имплементација. Освен начинот на кој ќе се изведува продажбата кој го дефинира бизнис моделот не треба во оваа фаза да навлегуваме премногу во однос на продажната стратегија и имплементација на истата.
  13. Менаџмент. Во оваа фаза менаџментот воопшто не е важен. Овој дел се занимава и со проекции на продажба, но како ќе ги поставиме кога сеуште не знаеме ниту дали постои пазар. Дали ќе гу лупнеме така од “ѓутуре”. Не, не го препорачувам ова, иако некој кој би го бодувал твојот бизнис план би сакал да види шарени графикони. Слободно можеме да го прескокнеме.
  14. Финансии. Морам да кажам дека финансиите иако се важни, сепак не се најважни во оваа фаза. Но, доколку некој од економско гледно стојалиште го прашате ќе ви каже дека се најважни. Но, ние не зборуваме за пари сеуште. Не зборуваме за потребни инвестиции, за трошоци до најситни детали, биланси на состојба… Ние сеуште немаме доволно информации дали вреди или не вреди нашата идеја. ние зборуваме за инженеринг на еден бизнис. За систематско градење на бизнис од ништо во нешто.
  15. Анекси. Воопшто не ни треба за оваа фаза.

Она што можам да го кажам како заклучок е дека бизнис планот може и има потенцијал да се користи за проверка на хипотези, сепак еден добар дел ќе претставува губење на време. Ние зборуваме за претприемач. Човек кој секогаш брза. Човек кој сака да знае што да одлучи колку што може побргу. За времето и брзината во некој од наредните постови во кој и ќе покажеме и докажеме зошто во оваа фаза не ти треба бизнис план, сепак сеуште сме само на почетокот. Цела година е пред нас, сега ги разгледуваме опциите кои ни стојат на располагање за тестирање на хипотезите. А, тоа е и целта на оваа теорија.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*