post

Царинска вредност на стоката при увоз

Царинска вредност

Царинска вредност

Ќе продолжам со серијалот на постови за царински процедури. При увоз на стока за продажба или опрема за Вашиот бизнис, за да таа пратка пристигне до Вас и за да можете да ја пуштите во слободен промет или пак за да ја користите како Ваша ќе мора да платите царински давачки предвидени согласно Законот за царинска тарифа.

Износот на царинските давачки зависи од два елементи:

  • Тарифна ознака во која спаќа стоката која ја увезувате и
  • Царинската вредност на стоката

Врз основа на тарифната ознака кога станува збор за износот на давачките се определува:

  • колкав е износот на царинската стапка (На пример, дали е 0%, 5% или 10%)
  • дали стоката подлежи на други давачки (акциза, прелевман, еколошка такса…)
  • дали за стоката се плаќа целосна (18%) или повластена (5%) даночна стапка.

Од друга страна сето ова започнува да се применува на царинската основица која во голем дел зависи од царинската вредност на стоката.

Што претставува царинска вредност на стоката?

Наједноставно кажано царинската вредност на стоката претставува вредноста на стоката која Вашиот бизнис ја плаќа за да ја набави и да ја добие таа стока.

Согласно царинскиот закон во членост 28 дефинира царинската вредност на стоката:

Царинската вредност на увезената стока е трансакциска вредност, а тоа е вистински платена цена или цена која треба да се плати за стока која е продадена за извоз во царинско подрачје на Република Македонија, прилагодена таму каде што е тоа потребно, во согласност со членовите 35 и 36 од овој закон.

Ова во однос на членовите 35 и 36 и прилагодовуњето кое е потребно се однесува на сите останати трошоци кои се на товар на купувачот (Вашиот бизнис во постапка на увоз на стока) во вид на:

  • провизии и посреднички провизии
  • трошоци за амбалажа и пакување
  • дополнително вградени елементи
  • трошоци за транспорт и осигурување на увезената стока до место на внесување во царинско подраје,
  • трошоци за утовар, истовар и манипулација поврзани со транспортот на стоката и сл.

Еден пример

Да земеме еден пример. Имате фактура за стоката која ја увезувате во вредност од 20.000 евра. Во фактурата имате наведено услови за испорака CIP Скопје што значи дека трошоците за транспорт и осигурување до Скопје ги плаќа испраќачот (за ова во посебен пост). Не постојат други трошоци на Ваш товар. Во таков случај царинската вредност на стоката ќе биде 20.000 евра изразена во денари.

За да биде поилустративно и за да се види дека процесот на утврдување на царинската вредност може да биде сложен ќе го надополнам горниот пример. Да претпоставиме дека стоката претставува некоја машина за Вашиот погон. За да се пушти во функција таа машина потребно е да се изврши обука на Вашите вработени која ја обезбедува испорачателот. Но, таа обука не е наведена во фактурата. Доколку во договорот за купопродажба експлицитно е наведено дека испорачателот обезбедува обука која ќе чини 5.000 евра и ќе трае 3 дена, тогаш царинската вредност на стоката ќе биде зголемана за износот на сумата за обуката (25.000 евра).

Многумина велат дека тоа не е фер. Во моментот на узвозот не е платена обуката. Но, сепак е поткрепено со членот 28 од царински закон став 3:

а) Вистински платена цена или цена која треба да се плати е вкупното плаќање кое е извршено или кое треба да се изврши од страна на купувачот кон или во корист на продавачот за увезената стока и ги содржи сите плаќања кои се извршени или треба да се извршат како услов за продажба на увезената стока од купувачот кон продавачот или од купувачот кон друго лице за задоволување на обврската на продавачот. Плаќањето не е потребно секогаш да се извршува со пренос на пари. Плаќањето може да се изврши преку акредитив или преносливи инструменти, на директен или индиректен начин и

Забележувате дека болдираниот дел од цитатот од законот вели дека царинската вредност ги содржи сите плаќања кои се извршени или треба да се извршат како услов за продажба на увезената стока. Што значи дека плаќањето може да се изврши подоцна како и обуката, но обуката е наведена во договорот и претставува услов за спроведување на продажбата.

И секако ова ние не сме го измислиле. Еве го извадокот од Царинскиот Закон на ЕУ член 29 став 3 под а):

The price actually paid or payable is the total payment made or to be made by the buyer to or for the benefit of the seller for the imported goods and includes all payments made or to be made as a condition of sale of the imported goods by the buyer to the seller or by the buyer to a third party to satisfy an obligation of the seller. The payment need not necessarily take the form of a transfer of money. Payment may be made by way of letters of credit or negotiable instrument and may be made directly or indirectly.

Ова е тема за која има многу за разглобување. Доколку имате некои прашања слободно поставете ги во вид на коментар. Идната недела ќе продолжиме за 6-те методи за утврдување на царинска вредност.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*