post

Google Places и бизнисите во Македонија

Google Places - Маркетинг средство

Google Places - Маркетинг средство

Во вторник го објавив постот за 95-тото маркетинг средство на претприемач – Google Places и додека го пишував забележав некои интересни елементи кога станува збор за бизнисите во Македонија.

Апликацијата Places за iPhone е одлична, но без присуство на бизнисите на листингот на местата на Google Places мала корист ќе има било кој од овој сервис.

Почеток на апликацијата Google Places

Почеток на апликацијата Google Places

Кога ќе се отвори апликацијата дава почетна страница за да го пребаруваш она што можеби најчесто би ти затребало во еден таков момент. Всушност може секогаш да се додаде некое пребарување на дополнителни места. Така, по дифолт со еден клик можеш да пребаруваш за:

  • Ресторани
  • Кафетерии
  • Барови
  • Банкомати
  • Бензиски пумпи
  • Хотели
  • Атракции (меморијални центри, музеи, споменици на културата…)
  • Пицерии и
  • Пошти.

Се забележува горе дека пребарувањето ќе се врши врз основа на тоа на која улица се наоѓам во моментов. Во случајов се наоѓам во мојот дом кој е на улица Илинденска во Куманово.

Апликација Google Places - ресторани

Апликација Google Places - ресторани

Кога отворам за ресторани, иако има во мојата непосредна близина 2 ресторани, еден веднаш залепен до мојата куќа и еден на 20 метри погоре од мојата куќа, и уште неколку во соседните улици апликацијата не ми дава ниеден ресторан во Куманово во мојата близина.

Од друга страна како најблиски ресторани излегуваат ресторани од друг град – Скопје. Браво за бизнисите во угостителската дејност од Скопје. Што ќе се случи доколку некој од Скопје или било кој друг град се наоѓа во центарот на Куманово и побара листинг на Google Places за да одлучи каде да јаде. Нормално, нема да најде бидејќи сопствениците не го поставиле на Google Places. Затоа, претприемачите мора да го внесат нивниот бизнис во овој свет, бидејќи не е рано, овие алатки се во нашите раце и ги користиме.

Истото се случува и со барови и кафетерии во Куманово. Барем така апликацијата покажува, се надевам дека не е проблем несоодветно пополнување на податоци – адреса или категорија на бизнисот.

Апликација Google Places - Банкомати

Апликација Google Places - Банкомати

Она што ме заинтересира е и иконата со сликичка на банкомат. Нормално, можеби некогаш ќе се најдам во некој друг град и доколку би имал потреба од банкомат би побарал преку апликацијата да најдам каде најблиску има банкомат на банката која ми ја издала картичката. На мојата улица банкомат има Стопанска Банка АД Скопје. Очекував дека ќе имам некои локации на банкомати. Но, се излажав. Она што уште повеќе ме разочара е што очекував дека доколку нема банкомати во Куманово ќе ги има во Скопје. Но, реалноста е сепак „компир“

Пребарувајќи забележав дека копчињата служат за пребарување на англиски. Така да кај банкоматите апликацијата пребарува за ATMs. Затоа се обидов со рачно пребарување за зборот – банкомат. Тогаш се појавија нашите банки. Прво Стопанска која дава локација во Скопје. Како банкомати вистински локации во Куманово забележав кај Тутунска Банка и Комерцијална Банка.

Би напоменал за уште една интересна работа – бензински станици. Многупати сум се нашол во ситуација кога сум на подолг пат и кога не можам со еден резервоар да стигнам до дестинацијата да ме фаќа нервоза кога да застанам да полнам бензин, има или нема бензинска станица… Со помош на оваа апликација едноставно ќе знам каде во близина има бензинска станица за да дополнам гориво.

Кога кликнав од копчето за бензински станици резултатот беше само една и тоа во Прешево. При пребарување на нашинска верзија на зборот се појавија 4 локации. Но, оние поголемите бензински станици (мислам на Макпетрол и Окта) ги нема.

Од ова мое искуство би сакал да сублимирам неколку препораки и заклучоци:

  • да го има вашиот бизнис на Google Places е вредно за вашиот бизнис.
  • забележувате какво влијание за пронаоѓање на еден бизнис може да има опис и категорија во која тој е поставен. Затоа, добро размислете за сите можни категории и описни зборови. Освен на локален јазик, ставете категории и на англиски или некој друг јазик специфичен за локацијата.
post

Google Places – Маркетинг средство 95

Google Places - Маркетинг средство

Google Places - Маркетинг средство

Стигнавме до 95-то маркетинг средство на претприемач – Google Places. Ова е многу важно маркетинг средство, особено за бизнисите кои функционираат врз основа на локација.

Што е Google Places

Google Places претставува бесплатен сервис на Google кој порано се нарекуваше Local Business Center. Преку овој сервис ви се овозможува да креирате страна за ваш бизнис која во основа ја има географската локација на бизнисот.

Замислете некој кој бара некаква локација преку Google Maps или пак се наоѓа некаде и проверува преку мобилниот телефон да види во кој ресторан да јаде или што се наоѓа во негова близина, а би му помогнало да задоволи некоја сопствена потреба и во тој момент се појави локацијата на Вашиот бизнис со слики, со адреса, контакт телефон, веб сајт, моменталните промоции, како и рангирање и препорака од претходни купувачи (посетители) на Вашиот бизнис.

Особено е важна и денешната можност преку апликацијата Google Places за мобилни телефони да еден потенцијален купувач може да најде било што, што го интересира во околината на локацијата на која се наоѓа во моментот и во исто време да го искаже сопственото искуство со бизнисот кој го нашол и пробал. (Забелешка: Сликите подолу се од апликација за iPhone која во iTunes за Македонија сеуште не е достапна.)

Google Places iPhone апликација

Google Places iPhone апликација

Поволности за вашиот бизнис

Ова е од непроценливо значење за Вашиот бизнис. Но, освен овозможување полесно да биде пронајдена локацијата на Вашиот бизнис Google Places ги овозможува и следниве поволности:

  • Подобро рангирање кога Google ги прикажува локалните резултати од пребарување.
  • Пристап до статистички податоци во однос на локацијата на Вашиот бизнис како што се колку пати е видено местото како и интеракцијата со местото.
  • Можност за прилагодување на страната со дополнителни слики и видео од YouTube.
  • Можност за поставување на промотивни и попустни купони директно преку страната на Places.

Поставување на Вашиот бизнис на Google Places

Овој процес е едноставен и може да се изведе во неколку чекори:

Чекор 1: Влезете во сервисот со помош на вашиот Google Account

Одете на страната на Google Places каде ќе ви биде побарано да се поврзете со вашиот Google Account или пак доколку немате да креирате нов.

Google Places - Чекор 1

Google Places - Чекор 1

Чекор 2: Додавање на вашиот бизнис

Откако успешно ќе се поврзете ќе треба да го додадете Вашиот бизнис. Кога го пишувам овој пост системот прво прашува да внесете телефонски број на бизнисот за да провери дали бизнисот е веќе додаден на сервисот.

Google Places - Чекор 2: Проверка дали бизнисот веќе е внесен

Google Places - Чекор 2: Проверка дали бизнисот веќе е внесен

Откако системот ќе провери што има за тој телефонски број ќе покаже листа на бизниси поврзани со него. Доколку го нема ќе треба да кликнете на копчето Додај по што ќе се отвори страната каде ќе треба да ги внесете податоците за бизнисот.

Google Places - Чекор 2: Пополнување на податоци за бизнисот

Google Places - Чекор 2: Пополнување на податоци за бизнисот

Кога пополнувате внимавајте на следниве елементи:

  • Сите податоци да бидат точни онакви како што се.
  • Доколку на мапата се појавува грешка поправете ја. Забележувате под мапата дека имате линк за Fix incorrect market location.
  • Доколку имате веб сајт внесете го.
  • Ставете слики колку што можете подескриптивни и кои ја прикажуваат вашата локација на еден примамлив начин.
  • Внимавајте на категории. Не брзајте и размислете добро во кои категории ќе биде вашиот бизнис.

Откако ќе ги пополните сите податоци кликнете Submit.

Чекор 3: Валидација на локацијата и бизнисот

Сервисот бара секој бизнис да ја валидира вистинитоста на информациите преку валидација. За таа цел ќе добиете телефонски повик на бројот кој што сте го внеле на кој ќе ви биде прочитан кодот за валидација.

Откако ќе го завршите сето тоа, вашиот бизнис веќе се наоѓа на Google Places.

Но, тука вашата задача како претприемач не завршува. Ќе треба да ги ажурирате податоците доколку има некои промени. Поставете различни промотивни и попустни купони. Одговарајте на различните рангирања како позитивни така и негативни. Следете ја статистиката…

post

Бизнис блог во 10 чекори

Бизнис блог во 10 чекори

Бизнис блог во 10 чекори

Кога зборуваме за бизнис блог, веднаш ни се јавува слика во нашиот мозок која ни покажува здодевни корпорациски пресови и премногу непознат бизнис жаргон. Како и да е, ова може да биде сменето кога станува збор за твојот бизнис блог со помош на овие 10 чекори.

1. Одлучи кој ќе пишува

Оваа одлука е едноставна. Доколку е можно, секој член на твојот бизнис треба да пишува за бизнис блогот. Секој може да сподели нешто од негово работно искуство. Секој има нешто да сподели од личниот живот. Блогирањето треба да биде дел од вашата стратегија за социјални медиуми, а социјалните медиуми се за секого, не само за една личност.

2. Направи план за темите

Бреинстормирајте ги сите можни теми поврзани со бизнисот и пошироко. Фокусирајте се на вашата индустрија. Бидете фокусирани на вистинскиот интерес на целниот пазар во вашата индустрија. Не се врзувајте само на една тема. Секоја индустрија во поглед на различните интереси мже да се подели на повеќе теми. Секоја од овие главни теми направете ги да бидат категории на вашиот бизнис блог.

3. Што ќе креира вредност за читателите?

Секој пост мора да креира некаков вид на вредност за посетителите. Вредноста е најважниот ингредиент кој мора да биде содржан во вашиот бизнис блог. Одговорете на оваа прашање со неколку опции кои ќе претставуваат вредност за вашите читатели. На ваков начин, вие едноставно ќе можете да го проверите и подобрите секој пост согласно вредноста што тој ќе ја додаде за читателите.

4. Одлучи за содржината

За секој успешен бизнис блог содржинта е круцијална. Како и да е, постои едно прашање: За што ќе пишувате на вашиот бизнис блог? Бреинстормирајте различни извори на идеи за содржина кои можат да бидат прашања од потрошувачите, искуство на потрошувачте, опис на настани, полезности од вашиот и други слични производи… Дојдете од 10 до 20 различни извори на идеи за содржина кои вие и вашиот тим мора да ги следите за да вашиот блог биде свеж и интересен за чтателите.

5. Одлучи за домен името

Тука имаме неколку опции:

  • Користење на некои од бесплатни платформи за блогирање и да имате домен како nasblog.blogger.com, nasblog.wordpress.com, nasblog.typepad.com…
  • Користење на различно домен име во однос на бизнис веб сајтот. Името на блогот повеќе зависи од вашата бизнис тема отколку од името на вашиот бизнис.
  • Користење на домен име како дел од вашиот вебсајт домен  – blog.vasbiznisvebsajt.com, vasbiznisvebsajt.com/blog/.

Секоја од овие опции има свои предности и недостатоци, кои ќе ги дискутираме во некоја друга прилика.

6. Одлучи за објавување

Колку пати неделно ќе го ажурирате блогот? ова прашање е важно и бара јасен одговор. Доколку објавуваме почесто ќе имаме потреба од повеќе ресурси. Од друга страна, повеќе блог потсови значи повеќе инедксирани страни од Google, што пак значи повеќе потенцијални купувачи за твојот бизнис.

Анализирајте ги вашите бизнис потреби и потребите на вашите потрошувачи и донеси одлука за ова прашање.

7. Нека биде со личен карактер

Кога зборувам за личен карактер на блогот, не мислам за пишување за тоа во кој ресторан ќе бидете за вечера, или за случките од годишен одмор. Мислам за поличен карактер внтаре во индустријата или бизнисот. Мислам за вистински случки, искуства или примери поврзани со вашиот бизнис.

8. Обиди се да поттикнеш интеракција

Вашиот блог мора да има место за коментари. Повеќето блогови денес го користат Facebook за да им овозможат на корисниците брзо да се поврзат и остават коментар или да споделат искуство преку делот за коментирање. Напиши прашање, прашај ги читателите, одговарај на коментарите, биди човек… На ваков начин вашиот блог ќе биде повеќе од еден обичен блог, туку одличен извор на информации за вашиот бизнис.

9. Користи приказни

Приказни се нешто што луѓето сакаат да читаат. Приказните се во нас уште од бебешките денови. Секогаш сакаме да слушаме приказни. Тие започнуваат од нашите родители, училиштето, работното место… Ги сакаме приказните бидејќи тие се интересни и и презентирани на еден таков начин ни кажуваат вистинко искуство на кажувачот на приказната.

10. Користи видео

Живееме во време кога не треба да чекаме да станеме голем бизнис за да контактираме професионална маркетинг агенција која ќе креира видео маркетинг кампања или видео материајали како онлајн ресурси на нашиот бизнис.  Вашето видео не мора да биде професионално продуцирано, но мора да донесе вредност за читателите на вашиот блог. Мора да им помогне да ги решат нивните проблеми, да им помогне да донесат одлука, да им помогне да научат нешто…

post

Книга: Поумно, побрзо, поефтино – Не здодевни, бесплатни стратегии за маркетинг и промоција на твојот бизнис

Книга: Smarter, Faster, Cheaper

Книга: Smarter, Faster, Cheaper

Маркетингот е променет и сеуште се менува во однос на начинот на пристап до потенцијалните потрошувачи.

Поумни, побрзи, поефтини наспроти поглупави, поспори и поскапи стратегии за маркетинг и промоција на бизнисот навистина претставува предизвикувачки за читање.

Како дојдов до оваа книга?

На Twitter објавив дека започнувам да ја читам книгата Нови правила во маркетингот од David Meerman Scott. Набргу потоа добив директна порака на истата платформа (Twitter) од David Siteman Garland (@TheRiseToTheTop) во која ми вели дека книгата која ја читам е одлична, а можам и да го погледнам интервјуто на неговиот сајт со авторот на книгата која ја читав. Веднаш кликнав на линкот, го погледнав видеото во кое имаше доста корисни совети и му се заблагодарив на David. Додека бев на неговиот сајт забележав дека набргу ќе излезе неговата книга насловена како насловот на овој пост.

По неколку недели додека преку мобилен телефон разгледував кои нови книги се излезени на Amazon налетав и на овој наслов. Не можев да одолеам бидејќи веќе на некој начин бев запознат со содржината и со авторот, па затоа со неколку кликови Kindle верзијата веќе беше во мојот телефон спремна за читање.

Како некој од Македонија (Јас) станав купувач и посетител на сајтот The Rise to The Top на David Siteman Garland. Едноставно преку една Twitter директна порака која не продаваше ништо, туку само понудуваше една дополнителна вредност за мене.

Што доколку пораката гласеше: Драган купи ја мојата книга и линк до Amazon.

Сигурно дека не би ја купил ниту би ја погледнал, затоа што добивам стотици такви пораки дневно, што преку социјални медиуми, што преку email пораки…

Ова е само една од стратегиите за кои се зборува во книгата. Стратегија, која очигледно преку мојот пример дава резултати.

Што претставува книгата?

Книгата веќе ја ствив во категорија во една од повредните книги во мојата лична колекција од 400 книги. Не затоа што е нешто спектакуларно прикажано, туку затоа што дава вредност, преку примери, лично искуство и искуство на огромен број на експерти и претприемачи кои David ги интервјуирал.

Книгата обработува тема која е многу актуелна последниве години – градење на препознатлив бренд преку интернет. Од градење на основа на бизнисот на интернет, преку билдање на содржина, споделување на содржина, „промоција на производ“ (во наводници бидејќи не се однесува на онаа традиционалната промоција туку промоција на новото време), комбинација на онлајн со офлајн маркетинг активности… авторот преку практични примери и совети не води низ процесот на градење на присутноста на бизнисот на интернет.

Неколку извадоци од книгата

Имам подвлечено (мислам електронски Highlight) многу елементи тука ќе споделам неколку:

  • Денес се потребни многу помалку пари, но повеќе пасија, повеќе личност, повеќе креативност и можност да се постане доверлив извор и лице во од, спротивно од шематскиот буткач на производот.
  • Поглупаво, поспоро, поскапо  претставува начин кој секогаш не учеле: Вие го маркетирате производот.
  • Спротивно на буткање на производот, овој метод се базира на тоа да станете доверлив извор, авторитет, некој кој другите го сакаат и веруваат.
  • Интернетот ви овозможува да зборувате со повеќе луѓе одеднаш и сеуште да постои чувство на интимност.
  • Потребни се три карактеристики за поумен, побрз и поефтин маркетинг: пасија, личност и знаење.

За кого е оваа книга?

Секоја книга е за секого кој сака да научи нешто ново, кој сака да навлезе во светот кој го обмислува авторот, кој сака да напредува духовно…

Но, не е секој за се. Сепак, првенствено оваа книга би ја препорачал на сите претприемачи на мали бизнис. Тоа се луѓето кои треба да започнат да ги применуваат новите стратегии и секако да престанат да ги трошат парите на активности кои се послабо даваат резултати.

Бидејќи се однесува на маркетинг, оваа книга е одлична и за сите оние кои се занимаваат со маркетинг.

И секако, книгата е добредојдена за сите менаџери кои на некаков начин се вклучени во донесување на одлуки за маркетингот.

post

Бизнис поимник – Ажурирање за Email Маркетинг

Email Маркетинг - Ажурирање на бизнис поимник

Email Маркетинг - Ажурирање на бизнис поимник

По еден подолг период извршив ажурирање на бизнис поимник на претприемач. Додадени се 6 нови термини, кои најмногу се однесуваат на email маркетинг.

Би сакал тука во еден пост да ги претставам бидејќи се поврзани еден со друг и од нивно читање може да се извлечат некои грешки кои Вие како претприемач не би требало да ги правите.

Нови термини

Овие термини не се толку нови колку што во пракса кај нас не се употребуваат многу често.

Следниве термини се додадени во најновото ажурирање на бизнис поимникот на претприемач:

  1. Bounce Rate – Ова е термин кој спаѓа во терминологијата на email маркетинг. Претставува стапка на вратени email-ови до испраќачот кои се карактеризираат со порака од mail системот дека е вратена заради причини како што се непостоечко домен име, преполни инбокс на примателот, непостоечка еmail адреса.
  2. BlackList – BlackList (црна листа) е термин кој спаѓа во терминологијата на email маркетинг. Овој збор означува листа која содржи група на IP адреси, кои се осомничени за испраќање на несакани email пораки (спам). Доколку IP адресата од која ги испраќате вашите email пораки како дел од една email маркетинг кампања имаат висока стапка на жалби до интернет сервис провајдери, висока bounce стапка, или голем број на испраќања на стари и непостоечки адреси ќе постои поголема шанса да влезе во оваа несакана листа.
  3. Deliverability – Термин од еmail маркетинг терминологија кој го означува бројот на испратени email-ови намалени за бројот на email-ови класифицирани како bounce.
  4. Permission Based Email Marketing – Email маркетинг базиран на дозвола од страна на примачот претставува процес во кој се бара дополнителен чекор (во вид на чекирање на поле, или кликнување на на линк за потврда) од страна на примателот за да имате дозвола да испраќате email-ови на тоа лице.
  5. Whitelist – Бела листа е термин кој спаѓа во терминологијата на email маркетинг. Овој збор означува листа која содржи група на одобрени IP адреси како испраќачи. Доколку IP адресата од која ги испраќате вашите email пораки како дел од една email маркетинг кампања е означена како whitelist постои поголема веројатност да тој email сервис провајдер ќе ги прифаќа дојдовните email-ови (иако не постои 100% гаранција – постојат и други фактори).
  6. Conversion Rate Optimization (CRO) – Оптимизација стапка на конверзија е термин кој станува се попопуларен кај интернет маркетарите и претставува процес на оптимизација на конверзија на одредена кампања. Доколку тоа е email маркетинг кампања CRO има за цел зголемување на продажби од еден испратен еmail. Доколку тоа е страна преку која се продава нешто, претставува процес кој треба да доведе до подобрување (зголемување) на бројот на купувачи во однос на бројот на посетители.

Неколку заклучоци и препораки

  • Не треба да дозволите Вашата IP адреса од која ги праќате email-овите да влезе во црната листа.
  • Потребно е да имате чиста email листа што значи редовно ажурирана со постоечки email адреси за да имате колку што може поголем bounce rate.
  • Би требало, ќе повторам уште еднаш, би требало секоја email маркетинг кампања да ја базирате на дозвола (одобрение од страна на примачот).
  • Постојано работете на оптимизација на конверзијата која секој испратен email ја остварува. Мери, подобрувај, проверувај, оптимизирај…
  • Користи провајдери на email маркетинг услуга кои имаат висока репутација и кои ќе обезбедат максимална стапка на испраќање на секој email. На пример професионални сервиси како Aweber секогаш кога ќе испрати email на email адреса која заради било која причина е класифицирана како bounce автоматски ja брише таа email адреса од листата.
post

JV (Joint Venture) – Маркетинг средство 94

JV Партнерство како маркетинг средство

JV Партнерство како маркетинг средство

Ова е 94-тото маркетинг средство од серијалот на маркетинг средства на претприемач. Ќе стане збор за JV (Joint Venture) партнерство во цели на интернет маркетинг. Доколку имате веб сајт преку кој вашиот бизнис врши одредена продажба овој вид на маркетинг средство може да биде од исклучителна корист на вашиот бизнис.

Што претставува Интернет JV?

Моќта, онаа вистинската моќ на интернетот лежи во едноставноста на остварување на партнерство меѓу претприемачите. Партнерство кое обезбедува висока профитабилност поради синергетски настап кој се овозможува (заедно се посилни отколку поединечно).

Во суштина, фразата JV опишува едно партнерство кое обезбедува взаемен интерес на две или повеќе страни во остварување на одредени економски активности на пазарот. Но, интернет JV партнесртво не е:

  • Спојување на две или повеќе компании
  • Општо партнерство
  • Купување на други компании
  • Не е нешто што значи делење на капитал.

Интернет JV партнерство претставува партнесртво заради остварување на поединечна цел и заради тоа влегува во групата на краткорочни активности. Целта се постигнува и партенрството завршува на взаемно задоволство. Ова не значи дека за некој друг производ, или некоја друга кампања партнерството нема повторно да се оствари.

Она што е карактеристично за интернет JV партнерство е што вообичаено функционира на принципот на делење на приходот меѓу партнерите. Вие имате производ и/или услуга, јас ќе го промовирам преку моите ресурси и од секоја продажба ќе заработам одреден процент.

За да функционира едно вакво JV партнерство една страна мора да има производ и/или услуга и интерес, додека другата страна мора да има ресурси и секако интерес.

На пример, компанија А има производ и/или услуга и има листа од 5000 потенцијални потрошувачи. Компанија Б во моментов нема производ и/или услуга, но има листа од 100.000 потенцијални потрошувачи за компанија А и производот што таа компанија го нуди. Затоа, компанија А ќе се обиде освен сопствените ресурси да ги користи и ресурсите на компанија Б при што ќе дојде до 100.000 нови потенцијални купувачи. За таа цел компанија А прави JV партнерство со компанија Б и за секој продаден производ од страна на компанија Б, компанија А ќе исплати одреден процент на компанија Б.

Интересно е да се напомене дека во пракса оваа делење на приходот може да биде различно во зависност од производот кој се продава. Во некои случаи кога се продава информациски производ, процентот кој компанијата со ресурси може да го добие изнесува и до 100%. Би се прашале зошто да се даде целосниот приход. Затоа што со помош на тоа партнерство компанијата ќе добие многу драгоцен ресурс, а тоа е листа на потенцијални потрошувачи.

Ова е слично како affiliate маркетинг и може да се каже дека affiliate маркетинг може да се разгледува како еден вид на JV стратегија кога станува збор за интернетот.

Неколку факти за JV партнерство

Би сакал да напоменам неколку факти кои се цврсто поврзани со оваа маркетинг средство, врз основа на искуството на експертите од оваа подрачје.

  • Нормално е првите неколку партнерства да не завршат онака како што се планирало.
  • Не постои брз начин за остварување на успех.
  • Можноста за учење од претходни неуспеси е голема.
  • Како и секое друго маркетинг средство бара вештини и соодветна координација и комуникација меѓу страните.
  • Потребен е вистински партнер, кој има огромно влијание врз сопствената аудиенција.

Процес на користење на оваа маркетинг средство

Накратко ќе се обидам да претставам еден процес кој што јас би го дизајнирал кога би го користел оваа маркетинг средство.

  • Трансформација на бизнис моделот. Прво што би направил би го проверил мојот бизнис модел дали би бил соодветен за едно вакво маркетинг средство и доколку има потреба би извршил соодветни прилагодувања. Не може секој бизнис да го користи оваа маркетинг средство. Мора јасно да се дефинира дали, каде и како може да се користи.
  • Дефинирање на цели на партнерството. Која е целта на остварување на едно такво партнерство? Дали е тоа откажување од приход на еден поевтин производ со цел да се понуди upsale со поскап производ? Дали е градење на листа со квалитетни потенцијални потрошувачи? Дали е тоа брзо остварување на приход? Дали е тоа зголемивање на препознатливост на брендост? Сите овие и уште многу други прашања треба да бидат одговорени пред започнување.
  • Избор на идеални партнери. Овој чекор од процесот е многу важен за успешност на едно вакво партнерство. Мала е веројатноста компанија која продава храна да биде идеален JV партнер за компанија која продава мебел. Потребно е добро да се дефинираат идеалните партнери. Користете специфична индустрија, специфична компанија, специфично лице… Внимавајте партенрите треба да бидат влијателни во подрачјето на вашиот бизнис.
  • Контактирање на потенцијални партнери. Откако ќе ги изберете потенцијалните партнери можете да ги контактирате и да понудите една таква соработка. Можете да им го испратите Вашиот производ или да ја опишете услугата која ја нудите. Прецизирајте точно што ќе добијат.
  • Подготовка и потпишување на договор. Чекор кој ќе обезбеди соодветно спроведување на договореното и заштита на сите страни.
  • Подготвка на план. Без соодветен план успехот на кампањата однапред ќе биде осудено на пропаст. Потребно е добро да се дефинираат сите активности од двете страни. Доколку тоа е испраќање на email до потенцијални потрошувачи, ќе треба да се дефинира содржината, фреквенцијата на email-овите… Кординацијата и комуникацијата помеѓу партнерите треба прецизно да биде дефинирана за да не се случуваат грешки во процесот на самата кампања.
  • Започнување. И секако последен чекор е започнување на кампањата.
post

План за социјални медиуми – Маркетинг средство 93

План за социјални медиуми

Досега направивте SWOT анализа за градење на присутноста на вашиот бизнис на социјални медиуми од која ги откривте сите ваши слаби и јаки страни како и можности и закани кои доаѓаат од надворешноста на вашиот бизнис. Изготвивте стратегија за градење на присутност на Вашиот бизнис на социјални медиуми која резултираше во активности кои го трасираат патот за посигнување на поставените бизнис цел.

Сега е време да изготвите соодветен план за сето тоа што го опфаќа сратегијата за да може истата да се преточи во реалност. Инако стратегија како документ останува обичен безвреден документ доколку не се примени во пракса. План за социјални медиуми е 93-тото маркетинг средство на претприемач.

Што значи план за социјални медиуми?

Наједноставно кажано планот ќе треба да даде одговор за тоа кои активности ќе треба да се превземат, кога треба да се превземат, од кого треба да се превземат и што значи успех за завршена активност.

Планот треба да служи како патоказ за тоа каде треба да се движиме согласно зацртаната стратегија за градење на присутност на социјалните медиуми. Од друга страна планот ќе ни биде единственото средство со кое ќе можеме да го мериме учинокот од сработеното.

Што треба да содржи планот за социјални медиуми?

Веќе знаете дека не сакам некои сложени планови кои изгледаат повеќе како приказни отколку како план. Во стратегија можеме да користиме приказни преку реченици кои започнуваат на ќе…

Но, во планот мора да имате специфични активности кои ќе го водат вашиот бизнис кон исполнување на се она што е предвидено со планот. Така да минималните елементи кои ќетреба да ги содржи тој план се:

  • Листа на активности
  • Точен датум на реализација на секоја активност
  • Одговорни лица за спроведување на тие активности
  • Мерни индикатори за секоја активност со кои ќе може да ја мерите успешноста на спроведената активност.

Не е лошо оваа листа на активности да ги содржи и специфичните содржини кои ќе бидат споделени на социјалните медиуми. Сепак содржината е нешто што најчесто ќе се спроведува по еден однапред утврден план.

post

Подобрете ја вашата email маркетинг кампања во 2011

Подобрување на email маркетинг кампања

Подобрување на email маркетинг кампања

E-mail маркетинг претставува основа за бизнисите преку која можат да поттикнат комуникација со потенцијалните потрошувачи, да ја зголемат препознатливоста на брендот, да ги едуцираат потенцијалните потрошувачи, да соработува со потенцијални потрошувачи…

Во еден од претходните постови пишувавме за 8 чекори при дизајнирање на email маркетинг кампања за вашиот бизнис. Во овој пост би споделил неколку идеи за тоа како да започнете со подобрување на email маркетинг кампања за 2011.

1. Предмет (Subject Lines)

Предметот на еден email е основа за одлуката на примателот за тоа дали ќе го отвори за читање или не. Погледај во твојата статистика и разгледај ги email-овите и нивните премдети кои даваат најголем одговор (стапка на отворање). Замени ги сите предмети со слаба стапка на отворање и следи дали ќе се зголеми бројот на отворања за читање на тие пораки. Aweber нуди одлична статистика која може да ви помогне во овој процес.

2. Наслови во содржината на пораката

Откако ќе го погледне предметот и ќе донесе одлука за отворање на пораката, приметлот не започнува веднаш со целосно читање од почетокот до крајот. Тој ја скенира пораката и доколку има наслови ќе ги прочита првин нив за да види дали има во нив нешто за него интересно. Затоа разгледајте ги насловите на сите пораки заради можни подобрувања кои ќе поттикнат читање на целата порака или барем на она најважното за вас.

3. Содржина

Целта на вашата еmail маркетинг кампања може да биде различна. Содржината мора да биде дизајнирана така што ќе помогне за остварување на тие цели. Дали во содржината има доволно неодолива понуда. Дали содржината содржи доволно јасен повик за акција?

4. Најдобро време

Понекогаш одредено време за испраќање на порака може да доведе повисока стапка на отворање на email пораката. Погледнете во аналитиката и разгледајте ги временските интервали кои даваат најдобри резултати.

5. Фреквентност

Многу често испраќање на email пораки може да претставува причина за повисока стапка на отпишување (откажување од тоа да бидат дел од вашата еmail листа). Ќе мора да ја најдете оптималната зачестеност која ќе ви овозможи испраќање на максимален број на пораки со најниска стапка на откажување. More frequently emails send to your list can be the reason of higher unsubscribing rate.

6. Споделување

Разгледајте ги вашите пораки и запрашајте се дали се довлно социјално споделиви. Доколку не се, време е да содржат копчиња за социјални медиуми кои имаат потенцијал да поттикнат споделување од страна на примателот. Друга можност е да ги поттикнете примателите да ја споделат пораката преку социјални медиуми. Понекогаш копчињата нема да функционираат.

7. Сегментирајте ги примателите

Нешто што навистина ме нервира е кога примам премногу email пораки без да биде содржана вистинската причина за која за првпат сум се вклучил на таа листа. Погледнете во листата за да пронајдете однесување на членовите во вид на отворени email-ови и кликнати линкови. На ваков начин ќе идентификувате сегменти и ќе ја подобрите содржината за секој сегмент. Во еден таков начин, ќе имате различна содржина за различен сегмент.

post

Scorecard за социјални медиуми

Scorecard за социјални медиуми

Scorecard за социјални медиуми

Сеуште сме на социјални медиуми како дел од серијалот за маркетинг средства на претприемач. Досега направивте SWOT анализа и резултатите ги имате вклучено во стратегијата. Но, што е со изборот на специфични платформи на социјални медиуми кои ќе ги користите.

Оваа маркетинг средство претставува алатка која ќе ви помогне за останатите маркетинг средства во делот на социјални медиуми. Помошта се однесува на правилен избор на платформи кои ќе ги ористите за вашиот бизнис.

Што е scorecard за социјални медиуми?

Scorecard за социјални медиуми претставува еден лист на кој ќе ги евалуирате и рангирате социјалните медиуми во однос на тоа кои се оние вистинските и вредни за Вашиот бизнис.

Ова е едноставна табела на која од левата страна на прва колона ќе ги имате наведено социјалните медиуми, додека во првиот ред во наредните колони ќе бидат карактеристики за рангирање и вкупна оценка.

Ова може да биде и обичен MS Excel фајл кој ќе ви овозможи рангирање согласно последната колона – вкупна оценка.

Целта на Scorecard за социјални медиуми

Целта на scorecard за социјални медиуми е да направите листа на највлијателни и најкорисни социјални медиуми на кои треба да започнете да ја градите присутноста на Вашиот бизнис.

Некои социјални медиуми ќе одговараат за вашата индустрија, за видот на вашиот бизнис, но некои воопшто нема да одговараат. Затоа не треба да губте ресурси и енергија на тие што нема да одговараат.

На пример, постојат многу платформи за споделување на видео, но YouTube е број еден кога станува збор за популарноста и бројот на посетители како и појавата при пребарување на пребарувачите.

Освен вистинскиот избор, оваа алатка може да ви помогне и за понатамошна анализа, додавајќи уште една колона – резултати од присутноста. Креативноста за користење на една ваква алатка е огромна.

Дизајн на Scorecard за социјални медиуми

Како ќе го дизајнирате ќе зависи од вас и вашиот бизнис. Но, во овој дел би сакал да наведам неколку можни карактеристики врз основа на кои можете да ги рангирате платформите за користење во бизнис цели:

  • Популарност на платформата,
  • Присутност на вашите целни потрошувачи на платформата,
  • Вашата организациска способност за нивно користење,
  • Потребен буџет
  • Постигнати резултати.

За секоја карактеристика ќе треба да дадете оценка. Каков систем за оценување ќе користите повторно ќе зависи од вас. Препорачливо е да ги оценувате карактеристиките на секоја платформа со оценка од 1 до 5 (каде 5 е највисока оценка  додека 1 е најниска оценка).

post

Google VS Facebook реклами

Google VS Facebook реклами

Google VS Facebook реклами

Многу бизниси го открија брзиот раст на Facebook и започнаа да ја градат својата присутност. Некои напрвија личен профил како бизнис профил, некои го избраа оној правиот пат преку изработка на Facebook страна како основа на присутност на нивниот бизнис на оваа платформа. А, пак некои направија комбинација со бесплатна презентација преку страна и PPC реклами кои водат или до таа страна на Facebook или пак до веб сајтот на бизнисот.

2010 година беше година кога Facebook се доближи и во одредени аспекти и го надмина Google.

Но, едно прашање кое се поствува од страна на сопствениците на малите бизниси (претприемачи) е дали ова се знаци за изумирање на една индустрија која се појави со појава на Google на пазарот како главен играч во PPC реклами? Сигурно се прашувате:

  • Дали овој брз развој и раст на Facebook и другите социјални медиуми има значење за нашиот бизнис?
  • Дали SEO сеуште треба да има голема улога во градење на интернет присутноста на мојот бизнис?
  • Дали треба целосно буџетот да го реалоцираме на Facebook реклами наместо на Google Adwords.

Дали социјалните медиуми имаат значење за нашиот бизнис?

Првото прашање е прашање на кое би одговорил со ДА. Бидејќи се појавува очигледна промена во досегашното однесување на луѓето на интернетот бизнисите ќе мора да се приспособат кон истата. Како еден претприемач Вие ќе мора да започнете да ги анализирате социјалните медиуми и однесувањето на различните индивидуалци и бизниси кои може да бидат ваши потрошувачи за да утврдите какво влијание тоа однесување може да има во однос на Вашата стратегија за привлекување на сообраќај кон Вашиот бизнис веб сајт.

Дали SEO уште е значајно за нашиот бизнис?

Кога станува збор за второто прашање повторно би го одговорил со ДА. SEO не треба да биде запоставено, барем не сеуште. Светот на бизнисот не е толку едноставен за да можете да кажете веднаш дека нема да има влијание врз Вашиот бизнис. Сепак, оптимизација за пребарувачи е една сосема друга работа и она што можете да го постигнете со Вашиот веб сајт или блог тешко дека ќе можете да го постигнете само со Facebook страна за Вашиот бизнис.

Каде да се потроши буџетот?

На третото прашање мојот одговор би бил НЕ. Дали секој вид на бизнис може да ре рекламира на секков медиум или пак секакво место. На пример, дали на факултетите ќе делите летоци за дом за стари лица?

Можеби ќе ни се чини логично оваа делење на летоци на факултетите бидејќи можеби во некоја блиска или подалечна иднина ќе имаме потреба за такво нешто.

Но, мозокот на еден студент кој е потенцијален примател на информацијата од тој леток воопшто не се наоѓа во состојба да размислува за такво нешто. Па затоа може да го погледне летокот 2 секунди и во наредните 2 секунди да го заборави како воопшто и да не го видел.

Зошто за време на фудбалските натпревари најмногу се рекламираат компании за производство и дистрибуција на пиво? Затоа што гледање на фудбалски натпревар и пиење на пиво со некакви грицки оди едно со друго.

Ваква е и ситуацијата со социјалните медиуми вклучувајќи го и Facebook. Луѓето на социјалните медиуми се присутни заради:

  • комуникација со пријатели
  • комуникација со роднини
  • играње на игри
  • споделување на слики
  • споделување на смешни видео материјалчиња
  • споделување на нешто за што споделувачот ќе смета дека ќе има вредност за своите „виртуелни пријателчиња“.

На пример, доколку со моите пријатели споделувам информации за ресторани во кои би сакале да се состанеме за вечера, а ми излезе реклама за мебел нема воопшто да ја забележам бидејќи мојот мозок е насочен на избор на вистинскиот ресторан за вечера.

Но, доколку во тој момент видам реклама за некој добар ресторан, ќе ја кликнам, ќе ја погледам, ќе ја прочитам нивната понуда и ќе ја вклучам како опција за мојата моменталната потреба.

Но, за жал со Facebook рекламите тоа сеуште не е можно. Можете да таргетирате по демографија и интерес кој всушност претставува она што вие лајкувате, но и не мора да значи дека сето тоа е вистина и дека токму во моментот на барање на решение на Вашиот проблем вие мислите за некој од тие лајкови.

Ајде да го продолжам примерот. Во таа комуникација со пријателите за вечерно излегување одам на Google и барам некој специфичен ресторан во градот во кој сакаме да одиме. Во моментов кога го пишувам моето прашање илегуваат неколку реклами за ресторани согласно моето барање и уште дузина веб сајтови поврзани со ресторни за тој град.

Ова значи дека сеуште Facebook во конеткстуалност на нивниот систем за рекламирање е далеку зад Google.

Ова не значи дека треба да се игнорира Facebook, туку значи дека сеуште не треба да се откажувате од пребарувачите, а во исто време добро да го проучувате однесувањето на потенцијалните купувачи на социјални медиуми како би можеле соодветно да ги таргетирате истите.

Од друга страна Facebook сеуште е нов играч на ова поле и се надевам дека брзо ќе додадат опции за контекстуалност во реклмирање преку нивниот систем.