post

Процес на бизнис планирање – 2011

Бизнис план

Бизнис план

Веќе скоро 3 години во овој период објавуваме постови за изработка на бизнис план како дел од процес на бизнис планирање. Како и претходната година (2010), така и оваа година направивме некои измени во тој процес согласно актуелноста на истиот и секако со надополнување на некои елементи кои искуствено гледано се повеќе од потребни во еден бизнис план.

Ова не се однесува на бизнис план кој ќе го искористите за добивање на финансиски средства и ќе го ставите во фиока каде ќе собира прав врз него. Ова е бизнис план кој треба да ја зголеми бизнис потенцијалната енергија на вашиот бизнис и во исто време да ве води низ патот кон успешноста на вашиот бизнис.

Оваа 2011 година во процесот на бизнис планирање вклучивме три дополнителни елементи – бизнис модел, план за социјални медиуми и ризик и менаџирање со ризик.

Со цел да се обезбеди еден поедноставен пристап до сите овие наслови истите ќе ги групираме во овој пост:

  1. Насловна Страна
  2. Содржина и Резиме
  3. Општо за Компанијата
  4. Производи и/или Услуги
  5. Дефинирање и редефинирање на бизнис моделот
  6. Анализа на пазарот и индустријата
  7. SWOT Анализа
  8. Ризик и менаџирање со ризикот
  9. Онлајн Стратегија
  10. План за социјални медиуми
  11. Маркетинг Стратегија и Имплементација
  12. Продажна Стратегија и Имплементација
  13. Менаџмент
  14. Финансии
  15. Анекси

Сега наместо 12 наслови имаме 15 наслови во бизнис планот. Целта на овие три нови елементи како дел од процесот на планирање е да овозможи зајакнување на капцитетот на вашиот бизнис преку соодветно моделирање на бизнисот во определен временски период и врз основа на тоа ремоделирање да се изработи остатаокот на бизнис планот. Освен ремоделирање, додадовме уште еден елемент кој се однесува на социјални медиуми кои се чини стануваат неизоставен дел на еден модерен бизнис. И секако уште еден важен елемент кој често пати се заборава е менаџирање со ризикот кој има за цел да ви помогне да го процените ризикот и преку соодветни механизми на менаџирање на истиот да го елиминирате или сведете на минимум.

post

Google Adwords – Маркетинг средство 74

Google Adwords - Маркетинг Средство

Google Adwords - Маркетинг Средство

Стигнавме до 74-тото маркетинг средство на претприемач кои во изминатата година ги обработуваме по едно неделно. Како што најавив претходно, оваа маркетинг средство ќе биде претставено во еден серијал на неколку постови, бидејќи сметам дека е значајно, а не може да се опфати се одеднаш.

Како прво што можам да кажам е дека иако изгледа едноставно, сепак не е. Успешна Google Adwords кампања претставува комбинација на уметност и наука. Комбинација на креативност и математика. Комбинација на идеи и аналитичност. Доколку не се гледа вака, едноставно кампањата ќе е поблиску до неуспех, отколку до успех. Запомнете, неуспехот може да ве чини големи пари.

Во една ваква кампања постојат многу правци: од едноставни до сложени. Од оние кои ќе се завршат за неколку часа за активирање на кампањата, до оние за кои ќе бидат потребни неколку денови па дури и цела недела. Од оние кои ќе дадат резултати до оние кои само ќе ви потрошат одредена сума на пари. Целта на овој серијал на постови е да спроведете кампања која нема да биде дизајнирана за неколку часа и која нема единствениот ефект да биде потрошени пари.

Што ќе биде опфатено во овој серијал?

Серијалов сакам да биде колку што може покомплетен и затоа многу време потрошив во дизајнирање на квалитетна презентација преку блог постови. Не сакам да биде едноставен серијал од точки за тоа како да направите нешто бидејќи иако изгледа едноставно сепак претставува едно доста комплексно маркетинг средство. Доколку сакав да го претставам едноставно би го напишал во еден пост со следниве точки:

  • Регистрирај се за Google Adwords сметка
  • Избери клучни зборови
  • Постави ги тие клучни зборови во кампањата
  • Определи буџет
  • Активирај

Сепак, согласно мое лично искуство и проучувања во изминативе две години и согласно неколку обуки и вебинари (за кои плаќав и до 500 долари еден) не е така едноставно како што е наведено во горните подточки. Недостасува цел еден процес пред започнување и цел еден континуиран процес по започнување, кои всушност се клучните за успешна кампања и секако најсложените.

Затоа овој серијал ќе биде дизајниран без оние горни чекори (кои ќе бидат опфатени во насловите) туку со следниве наслови:

  • Вовед во Google Adwords. Во овој пост ќе навлеземе во Google Adwords како маркетинг средство. Ќе презентираме што претставува, како било во минатото и како „треба“ да биде сега.
  • Клучни зборови. Како и за SEO и овие кампањи бараат клучни зборови. Затоа посебен наслов ќе посветам на клучни зборови кои имаат сличност со она што го зборувавме за SEO но со некои разлики кои може да имаат големо влијание на кампањата.
  • Негативни зборови. Темата за негативни зборови ќе ја „начнеме“ во воведните излагања, но тука со овој наслов ќе навлеземе малку подлабоко во однос на тоа што претставуваат негативни зборови, зошто се важни и како да ги користите.
  • Вредноста на посетителот. Посебен наслов ќе посветам и на една мерка од која што во голем дел ќе зависи севкупната кампања, а тоа е вредноста на посетителот. Никој не сака да губи пари.
  • Петоаголник за рангирање на квалитет на кампања – Quality Score Pentagon. Рангирање на квалитетот на кампањите Google го изведува за секоја збор, не кампања. Затоа е и многу важно да севкупната кампања и соодветните зборови во истата да бидат во согласност со овој петоаголник кој ќе го презентираме тука.

Во меѓувреме доколку во текот на овие посебни постови дојдам до нешто што би сметал дека ќе биде важно ќе додадам нов наслов. Па, започнуваме уште оваа недела.

post

SEO – Оптимизација за пребарувачи

SEO - Оптимизација за пребарувачи Во претходните 10-тина дена имаше еден серијал на написи за оптимизација за пребарувачи (SEO) на претприемач. Бидејќи останаа некако расфрлани се одлучив да ги групирам во овој еден со линкови до секој дел.

Овој серијал всушност претставува еден почетнички водич за спроведување на една ваква оптимизација на Вашиот веб сајт. Па така она што беше опфатено е следново:

  1. SEO – Оптимизација за пребарувачи – Маркетинг средство 60. Овој напис беше најава на серијалот за оптимизација за пребарувачи како еден вид на маркетинг средство на претприемач. Тука навлегов во некои основи на SEO и некои претходни постови во кои ја чепнав оваа проблематика.
  2. Што претставува SEO? SEO не значи измама за да пребарувачот смета дека токму твојата веб страна треба да се појави меѓу првите кога некој пребарува за нешто на интернет. SEO едноставно значи да се прилагоди веб страната за да се обезбеди полесна достапност од страна на пребарувачите…
  3. SEO – Основни столбови – Столб 1 – Клучни зборови. Во овој пост се наведените трите основни столбови на еден SEO процес и целосно се навлезе во првиот од трите столба – истражување и анализа на клучни зборови. Овој столб е еден од најважните столбови за еден SEO процес. Велам најважен бидејќи и останатите два столба ќе ги користат информациите од овој столб.
  4. SEO Основни столбови On-Page оптимизација. Овој наслов се однесува на вториот столб на овој процес. Во овој столб спаѓаат фактори и елементи на кои што вие имате влијание и се наоѓаат на Вашиот сајт и слободно можете да ги менувате, едитирате или организирате, а во исто време имаат влијание на појава на вашата веб страна на резултатите на пребарувачите…
  5. SEO Основни столбови – Off-Page Фактори. Овој наслов се однесува на третиот столб на овој процес. Основата на овој столб е да имате повеќе влезни линкови со подобар квалитет за да имате подобро рангирање на страната со резултати на пребарувачите.
  6. Блогирање како дел од SEO стратегија. Блогирање е една од најдобрите алатки кога станува збор за SEO, особено што претставува и како посебно маркетинг средстви и како алатка за подобрување на Вашите напори во однос на SEO процес…
  7. SEO – Дали размена на линкови вреди? Овој наслов се однесува на размената на линкови што всушност третиот столб ве тера да го правите. Се обидов да презентирам неколку информации и сознанија за ова преку тестирањата и анализите кои ги имам спроведено.
  8. SEO – Алатки кои може да се користат. Во овој последен пост од овој серијал дадовме кратка презентација на најважните алатки (бесплатни) кои можете да ги користите и комбинирате за целиот овој SEO процес кој го опфативме досега.
post

50 Правила за Бизнис Продуктивност

50 Правила за бизнис продуктивност

50 Правила за бизнис продуктивност

Бизнис продуктивност претставува еден елемент на секојдневна работа на секој претприемач. Таа продуктивност доаѓа директно од членовите на бизнисот и нивните работни активности. Доколку тие се продуктивни и се е дизајнирано перфектно, тогаш севкупната ефикасност на бизнисот ќе биде ОК.

Подолу е една листа на 50 правила поврзани со бизнис продуктивноста, која може да се користи од страна на претприемачите да ги имплементираат и да го подобрат сопствениот бизнис.

  1. Доколку станете порано, Вашата дневна продуктивност ќе биде поголема.
  2. Вашата дневна продуктивност ќе влијае на неделна, што пак ќе влијае на месечна…
  3. Кафето нема да ви помогне во бизнисот.
  4. Продуктивноста претставува завршена работа во единица време.
  5. Повеќе завршена работа во ист временски период со исти ресурси претставува зголемување на продуктивноста.
  6. Организирање претставува мајка на зголемена продуктивност.
  7. Бизнис планот ја зголемува личната и бизнис продуктивност.
  8. Бизнис системите овозможуваат побрзо изведување на иста работа во ист временски период.
  9. Личниот живот влијае на бизнис животот и продуктивноста.
  10. 80/20 правило значи дека 20% од активностите прават 80% бизнис успех.
  11. Продуктивноста варира од ден во ден, од месец во месец и од година во година.
  12. Умно работење значи завршување на повеќе работа.
  13. Повеќе работни часови не значи повеќе завршена работа.
  14. Напорно работење не значи дека повеќе работа ќе биде завршена.
  15. Работа со пасија значи дека ќе биде завршена повеќе работа.
  16. Уживање во она што се работи ќе помогне да се заврши повеќе работа.
  17. Инспирацијата е креатор на продуктивноста.
  18. Негативни индивидуални емоции имаат негативен ефект на бизнис продуктивноста.
  19. Бизнис продуктивноста може да ја зголеми среќата во приватниот живот.
  20. Подготовка ќе ја зголеми веројатноста на квалитетно завршување на работата.
  21. Фокусирање на посакувани резултати ќе ја зголеми веројатноста на квалитетното извршување.
  22. Секогаш ќе постојат можности за подобрување.
  23. Следење на прогресот ја зголемува продуктивноста.
  24. To-Do Листи претставуваат корисни алатки.
  25. Пронаоѓање на препреки и нивно перманентно елиминирање ќе ја зголеми личната и бизнис продуктивност.
  26. Секогаш ќе постојат неважни задачи.
  27. Аутсурсинг на неважни задачи ќе ни помогне.
  28. Првин треба да се завршуваат најважните задачи.
  29. Помошта од други луѓе е секогаш добредојдена и прифатлива.
  30. Проверка на E-mail треба да е последна активност на листата.
  31. Понекогаш завршување на повеќе полесни задачи може да ја зголеми продуктивноста.
  32. Преценувањето на потребно време има негативен ефект.
  33. Одолговлекувањето ја намалува продуктивноста.
  34. Нешто што може да се заврши денес не треба да се остава за утре.
  35. Бизнис продуктивноста се засновува на продуктивноста на вработените.
  36. Бизнис продуктивноста зависи од способноста на претприемачот и менаџерите, а не од способноста на вработените.
  37. Кратка пауза ќе ја подобри личната продуктивност.
  38. Освежување на мозокот ни дава дополнителна енергија.
  39. Прифаќање на критицизмот овозможува подобро завршување на работата во пократок временски период.
  40. Одвлекување на вниманието има негативен ефект на продуктивноста.
  41. Вистинска информација, во вистинско време, кај вистинската личност ќе помогне да се заврши повеќе работа.
  42. Времето може да се раздели на семејно и бизнис време.
  43. Учење од други бизниси ќе ни помогне да ги избегнеме нивните грешки.
  44. Стресот има негативен ефект на продуктивноста.
  45. Прославување на успехот со вработените ќе ни даде дополнителна потенцијална енергија.
  46. Самодовербата е важна.
  47. Проактивност, а не реактивност е основа за успехот.
  48. Дневните рутини ја зголемуваат продуктивноста, но ја намалуваат креативноста.
  49. Бележниците се важни кога нешто важно ни доаѓа во умот.
  50. Нормално е понекогаш да работите да не се движат онака како што треба.
post

Дали онлајн стратегија претставува бизнис стратегија?

Живееме во време на интернетот, каде информациите не се заштитени само за одредена група на луѓе. Од друга страна се е поприсутна двонасочната комуникација во секојдневниот живот на просечен граѓанин кој е поврзан на некаков начин на глобалната мрежа. Сето ова остава голема трага и на бизнисите и на претприемачите. Дури и да има некои кои не го почувствувале оваа влијание набргу ќе го почувствуваат. Се почесто слушам зборови порано беше вака, во старите добри времиња…

Бизнис стратегија и онлајн стратегија

Онлајн стратегија и бизнис стратегија

Но, тоа порано или тие стари добри времиња денес се минато и доколку се навраќаме на нив само може да ни наштетат. Потребно е брзо погледите да се насочат колку што може подлабоко во иднината.

Пред некое време добив e-mail од Аmazon за да направам пред нарачка за книга која сеуште ни тие не ја добиле. Насловот ми се допадна затоа што го содржеше токму она што го ставив во насловот на овој пост во вид на прашање: Marketing in the Age of Google: Your Online Strategy IS Your Business Strategy (Маркетинг во ера на Google: Вашата онлајн стратегија e Ваша бизнис стратегија). И секако додека ја очекувам книгата да ми пристигне ми налетаа неколку прашања во главата.

  • Дали бизнис стратегија може да се поистоветува со онлајн стратегија?
  • Дали навистина онлајн стратегија во иднина ќе биде и единствена бизнис стратегија?
  • Дали бизнисот мора да продава преку интернет за да има онлајн стратегија?
  • Дали онлајн стратегија ќе опфаќа само продажна и маркетинг онлајн стратегија за бизнисот?

Ќе се обидам накратко да го дадам моето размислување за одговори на овие прашања.

Дали бизнис стратегија може да се поистоветува со онлајн стратегија?

Бидејќи стратегијата е средство за исполнување на бизнис цели која е составена од тактики и активности кои треба да се спроведат може да се каже слободно дека онлајн стратегијата може да се поистоветува со бизнис стратегија. Се повеќе луѓето, па и бизнисите бараат информации на интернет, купуваат преку интернет, комуницираат преку интернет, се спријателуваат преку интернет, споделуваат преку интернет… Затоа и се повеќе бизнис релациите ќе се селат од кафеани на интернетот, па од тука и потребата онлајн стратегијата да биде дел од бизнис стратегијата.

Дали навистина онлајн стратегија во иднина ќе биде и единствена бизнис стратегија?

Во поразвиените земји ова е веќе реалност, а неможам да кажам дека нема да биде реалност и кај нас. Многу бизниси целосно своите операции ќе ги префрлат на интернетот, дел од бизнисите ќе префрлат само дел во вид на продажба и маркетинг, некои само ќе бидат присутни минорно, но оние кои воопшто нема да бидат присутни мислам дека ќе го започнат процесот на умирање од животните циклуси на бизнисите. Можностите се огромни, не само во продажба и маркетинг туку и во се останато, штета е да не се искористат.

Дали бизнисот мора да продава преку интернет за да има онлајн стратегија?

Не. Едноставен, но сигурен одговор. Во никој случај продажбата не е и не треба да биде поврзана со присутноста на глобалната мрежа. За да бидете најдени едноставно треба да бидете присутен таму каде што некој бара нешто што вие можете да му го понудите. На кој начин ќе ве исконтактира, на кој начин ќе комуницирате и на кој начин ќе се договорите останува на Вас како еден претприемач, а можностите и слободата за креативноста се огромни.

Дали онлајн стратегија ќе опфаќа само продажна и маркетинг онлајн стратегија за бизнисот?

И тука одговорот кој мислам дека е точен е НЕ. Маркетинг и продажба претставуваат срце на бизнисот, но за да функционираат онака како што треба потребни се многу други елементи како истражување и развој, анализи, идеи, подобрувања… За сето ова постои можност да се користи интернетот. На пример, однесувањето на купувачите можете да го предвидите преку интернетот, потребите на потенцијалните купувачи и нивните проблеми исто така можете да ги откриете преку интернетот. Можете да развивате нешто со колегакој е во некоја трета земја без никаков проблем.

post

Бизнис Идеја преку Одговор на 50 Прашања

Процесот на развивање на бизнис идеја не е едноставен процес. Некои луѓе ја имаат таа способност да дојдат до еден куп на бизнис идеи, но кај некои навистина се јавива таканаречена претприемничка блокада и не можат да дојдат до квалитетна идеја.Во ово процес може да се појават 2 проблеми:

  • Првиот проблем е генерирање на премногу идеи и опасност од останување во фазата на сонување засекогаш.
  • Вториот проблем е кога немаме идеи а сакаме да станеме претприемачи.

Најоптималниот начин е да се обезбеди еден систематски приод во генерирање и избор на бизнис идеја која ќе биде трансферирана во реален бизнис. Затоа тука на претприемач развив една група на основни прашања која ќе не води низ процесот на генерирање на бизнис идеи:

Поставување на рамка

Оваа е првиот чекор во процесот на генерирање на идеи и има за цел да воспостави рамка за следните чекори. Се што ќе биде надвор од оваа рамка нема да биде вклучено во наредните чекори на процесот. Овие чекори се повеќе за нас како идни претприемачи. Прашањата кои мораме да ги одговориме се:

  1. Дали претприемничкиот живот е нешто што сакам да го живеам?
  2. Дали сум психолошки подготвен за започнување на бизнис?
  3. Кои се моите цели за иднината?
  4. Колку сакам да заработувам по неколку години?
  5. Како ќе го започнам мојот бизнис, соло и во тим со други луѓе?
  6. Колку пари имам за започнување на бизнис?
  7. Колку пари имаат моите партнери за започнување на бизнисот?
  8. Колку можам да потрошам за започнување на бизнисот?
  9. Колку долго можам да издржам пред бизнисот да започне да генерира пари?

Brainstorming

Brainstorming е процес на генерирање на идеи каде не се гледа на квалитетот на идејата туку само на квантитетот на идеи. Пред да започнете со овој чекор подобро е првин да подготвите книга со бизнис идеи каде ќе можете да ги забележувате сите генерирани идеи. Темплејтот е дел од 10-те темплејти кои ги добиваат сите регистрирани членови за билтени на претприемач. Одговарањето на следниве прашања ќе ни ја даде насоката каде да ја бараме нашата бизнис идеја:

  1. Кое е моето круцијално знаење?
  2. Што можам да работам со моето знаење?
  3. Можам ли да продавам нешто поврзано со моето знаење?
  4. Како моето знаење може да го подобри светот?
  5. Какво е моето претходно искуство?
  6. Што можам да работа согласно моето претходно искуство?
  7. Можам ли да продавам нешто што е поврзано со моето претходно искуство?
  8. Како моето претходно искуство може да го подобри светот?
  9. Кои се моите клучни вештини?
  10. Што можам да работам со моите вештини?
  11. Можам ли да продавам нешто поврзано со моите вештини?
  12. Како моите вештини можат да го подобрат светот?
  13. Какви проблеми постојат на пазарот поврзани со моето знаење?
  14. Какви проблеми постојат на пазарот поврзани со моите вештини?
  15. Какви проблеми постојат на пазарот поврзани со моето искуство?
  16. Кое е моето хоби?
  17. Можам ли да го трансферирам моето хоби во бизнис?
  18. Што можам да подобрам во моето хоби?
  19. Какви се моменталните пазарни практики поврзани со моето знаење и можам ли да ги подобрам?
  20. Какви се моменталните пазарни практики поврзани со моето искуство и можам ли да ги подобрам?
  21. Какви се моменталните пазарни практики поврзани со моите вештини и можам ли да ги подобрам?

Избор на бизнис идеја

Овој чекор е едноставно да се изберат најдобрите бизнис идеи од еден куп на бизнис идеи генерирани од претходниот чекор – brainstorming. Целта на овој чекор е да се најдат една или неколку бизнис идеи кои ќе одат во процесот преку следните чекори.

  1. Можам ли да исфрлам некои идеи генерирани во претходниот чекор?
  2. Има ли идеи кои не се компатибилни со одговорите во првиот чекор – рамката?
  3. Што мора да биде проверено во генерираните идеи?
  4. Кои се мислењата на моите пријатели за останатите генерирани идеи?
  5. Кои се мислењата на моите претходни колеги за останатите генерирани идеи?
  6. Кои се мислењата на експертите на пазарот за останатите генерирани идеи?
  7. Какво е моето лично мислење за останатите генерирани бизнис идеи?
  8. Кои се неколкуте бизнис идеи кои имаат добиено најмногу гласови од претходните прашања во овој чекор?

Истражување

Четвртиот чекор вршење на истражување за избраните бизнис идеи од претходниот чекор. Во овој чекор потребна ни е поширока аудиенција која мора да биде вклучена во нашата анализа. Една алатка која можеме да ја користиме тука се анкетните прашалници.

  1. Дали јас имам способности да ја имплементирам таа бизнис идеја?
  2. Која е очекуваната реакција на пазарот за тие бизнис идеи?
  3. Колкав износ на пари пазарот е подготвен да плати за производи или услуги од тие бизнис идеи?
  4. Дали пазарот има силна желба за нешто како моите бизнис идеи?
  5. Колку ќе ме чини производот или услугата?
  6. Која ќе биде соодветната цена на производот или услугата?
  7. Дали е тоа цената која пазарот е спремен да ја плати?
  8. Можам ли да направам прототип?
  9. Доколку направам прототип какво е мислењето на моите потенцијални купувачи – луѓе кои ги вклучивме во претходниот чекор и тука?
  10. Каков е фидбекот од тестирање на прототипот?
  11. Можам ли да направам прилагодувања согласно фидбекот од претходното прашање?
  12. Можам ли да започнам по прилагодувањата?

Одете прашање по прашање на оваа листа од прашања од првото кон последното и ќе имате бизнис идеја која навистина ќе има голема бизнис потенцијална енергија што е основа за успех на еден претприемач.

post

Анализа на Индустријата преку Одговор на 40 Прашања

Анализа на индустријата е алатка која овозможува бизнисите и претприемачите да ја разберат нивната позиција на пазарот и во однос на другите компании кои нудат исти или слични производи и услуги. Производ од анализа на индустријата е документ кој ќе ни помогне во донесување на квалитетни одлуки за идниот развој на нашиот бизнис. Исто така, овој документ ќе ни помогне да ги подобриме нашите стратегии за конкурентност при што ќе се позиционираме подобро во одредена индустрија. Анализата на индустријата може да биде и дел од бизнис планот.

Во понатамошниот текст се дадени некои од основните прашања кои јас ги развив како помош во спроведување на една ваква анализа.

Идентификација на индустријата

  1. Која е шифрата од Национална Класификација на Дејностите (НКД)?

Преглед на индустријата

Кога ја знаете историјата на индустријата ќе ви биде полесно да ги разберете основните правила кои постојат во таа индустрија.

  1. Каква е историјата на индустријата?
  2. Што влијае на растот на индустријата?
  3. Кои се лидерите во индустријата?
  4. Постојат ли некои законски и подзаконски акти кои го регулираат работењето во таа индустрија?

Трендови во Индустријата

Трендовите претставуваа едноставен поглед во историјата во која се бараат некои трендови во статистичките податоци, а кои можат да се користат за предвидување на иднината.

  1. Каква е проценетата големина на индустријата во пари и продадени производи?
  2. Какви се трендовите на продажба во претходните неколку години?
  3. Каква е чувствителноста на индустријата?
  4. Кои видови на маркетинг стратегии вообичаено се користат во индустријата?
  5. Какви се трендовите во менаџментот во индустријата?

Потрошувачи/Купувачи/Потенцијални Потрошувачи

Потрошувачите, купувачите или пак потенцијалните потрошувачи претставуваат централен елемент на секоја бизнис анализа. Нашиот бизнис им служи на нивните потреби. Со подобро нивно познавање ќе обезбедиме подобра конкурентска предност за нашиот бизнис.

  1. Која е големината на популацијата на пазарот?
  2. Која е просечна старост на пазарот?
  3. Колкав е процентот на мажи и жени?
  4. Колкав е просечниот приход на пазарот?
  5. Колкав е процентот на секоја етничка заедница на пазарот?
  6. Каков семеен статус постои на пазарот и каква е застапеноста на секој статус?
  7. Каков животен стиле е релевантен на пазарот?
  8. Какви се купувачките навики на пазарот?
  9. Каде се наоѓаат потенцијалните потрошувачи?
  10. Каква е преговарачката моќ на купувачите?
  11. Дали е тешко за твоите купувачи да се преобрнат од Вашите на производите на Вашите конкуренти?

Конкуренти

Конкурентите се важен елемент на пазарот. Доколку тие имаат помало учество на пазарот Вие ќе имате поголемо и обратно. Како и да е, постојат и можности и други компании да влезат на пазарот и да земат дел од Вашето учество.

  1. Колку конкренти постојат во индустријата?
  2. Кои се главните конкуренти во индустријата?
  3. Колку долго тие се присутни во таа индустрија?
  4. Колкаво учество на пазарот имаат тие конкуренти?
  5. Каде е нивната локација?
  6. Колку е едноставно другите компании да навлезат на пазарот и да постанат Ваши конкуренти?

Снабдувачи – Добавувачи

Снабдувачи се бизниси кои го снабдуваат Вашиот бизнис со репроматеријали или пак други производи и/или услуги кои се круцијални за нормално функционирање на Вашиот бизнис. Премногу бизнис активности се базираат токму на снабдувачите. Понекогаш моќните снабдувачи можат да станат конкуренти.

  1. Кои се главните снабдувачи во индустријата?
  2. Колкава моќ имаат тие снабдувачи врз Вас и врз Вашите конкуренти?
  3. Дали постојат повеќе од еден снабдувач?
  4. Дали постојат потешкотии да вашите снабдувачи влезат директно на Вашиот пазар и продаваат директно на Вашите потрошувачи?
  5. Кој е делот од нивниот бизнис со работата со Вас?
  6. Дали можете лесно да извршите промена и да набавувате субститути од други снабдувачи?

Производи

За производите или пак услугите Вие и Вашите конкуренти земате пари од потрошувачите. Важно е да се направи анализа за позиционирањето на Вашите производи во однос на конкурентските на пазарот.

  1. Кои типови на производи се нудат во индустријата?
  2. Каква е уникатноста на Вашите производи?
  3. Кои производи се нудат од конкурентите?
  4. Кои производи Вашите потрошувачи можат да ги купат наместо Вашите производи?
  5. Дали постојат субститути на пазарот?
  6. Како субститутите влијаат на пазарот?
  7. Кои се клучните фактори кои влијаат на закана од субституција?

Со квалитетно и прецизно одговарање на овие 40 прашања ќе имаат солидна анализа на индустријата каде Вашиот мал бизнис работи.