post

Зошто повеќето бизнис идеи не успеваат?

Статистички гледано повеќето бизниси не успеваат. Но доколку ги земеме бизнис идеите нивниот неуспех е уште поголем, бидејќи само мал дел од идеите се претвораат во бизнис.

Зошто повеќето бизнис идеи не успеваат?

Подолу се основните 7 причини, кои најчесто се комбинација, а не само една причина за неуспех на една бизнис идеја.

1. Идејата не е добра

Една од најчестите причини за неуспех на една бизнис идеја е доколку таа не е добра.

Што подразбираме под добра или лоша идеја?

Добрите идеи се оние кои нудат вистинска вредност за потенцијалните купувачи. Тие се решенија кои решаваат проблем, или задоволуваат одредена потреба за тие купувачи. Се останато е само идеја, без потенцијал да биде претворена во бизнис.

2. Не е вистинско време за идејата

Доколку идејата не е нешто што се однесува за времето во кое што живееме, веројатноста за неуспех ќе биде поголема.

Секоја бизнис идеја мора да биде во согласност со актуелната состојба на пазарот и актуелните трендови кои се однесуваат за тој пазар. Доколку се однесува на нешто што би можело да биде хит пред 10 или 20 години, или пак премногу е напред во однос на временската рамка и погледите на потенцијалните купувачи истата ќе доживее неуспех.

3. Идејата е добра, но пазарот не е вистинскиот

Добрата идеја, која е во вистинскио време може да доживее неуспех доколку се однесува за пазар кој не е вистинскиот за бизнис идејата.

Секој пазар си има свои специфики преку кои ќе се карактеризира една бизнис идеја. На пример, пазар каде преовалдуваат топли клими и горештини, нема да прифати зимски бунди.

4. Големината на пазарот не е доволна

Освен што пазарот треба да биде вистинскиот, тој треба да гарантира дека ќе има доволен број на луѓе кои ќе купуваат со што би се обезбедило нормално функционирање на бизнисот.

Одлична бизнис идеја на вистинскиот пазар и во вистинското време ќе бара и доволен број на потенцијални купувачи на тој пазар.

5. Бизнис моделот не е соодветен

Иако една бизнис идеја може да ги има сите претходни карактеристики, сепак слабо изработен бизнис модел кој не гарантира профитабилност на бизнисот може да доведе до неуспех на таа бизнис идеја.

Мора да се усогласат сите останати елементи на бизнисот како поддршка на бизнис идејата за да се обезбеди успехот. Станува збор за односите со купувачи, дистрибуција, трошочната структура, висината на приходите, стратегиите…

6. Претприемачот како причина за неуспех

Досега ги опфативме карактеристиките на идејата и идниот бизнис како причини, но и претприемачот како срцето на секој бизнис може да претставува пречка за успех.

Доколку еден претприемач нема соодветно знаење за имплементација на таа бизнис идеја, воопшто не сака да работи во едно такво подрачје, нема пасија за бизнисот како производ на таа идеја или пак не е во состојба да ја имплементира ќе дојде до неуспех.

7. Недостаток на вистински тим

И секако за крај, имплементацијата на идејата ќе бара вистински тим на луѓе кои ќе придонесат за успехот. Задачата на тимот е соодветно претворање на визијата на претприемачот во реалност.

post

Каде да ја побарате вашата следна бизнис идеја?

Не е важно дали сте претприемач и имате постоечки бизнис или пак сте потенцијален претприемач кој сака да започне бизнис, идеите се нешто што постојано ќе ви биде потребно.

Но, проблемот е што тие не доаѓаат лесно. Или пак ќе се појават кога воопшто не сме спремни и во една таква состојба си одат онака како што биле дојдени во мозокот.

Дали сте се обиделе да го насочите вашиот мозок да бреинстормира нешто тогаш кога вие сакате и се јавува блокада? Ништо не доаѓа. Гледате во различни страни, се обидувате да се фокусирате, да се напрегнете… Но, повторно ништо.

Во прилог се само дел од можните потенцијални места каде што можете да побарате квалитетна бизнис идеја. И запомнете, доаѓање до идеи бара слободен ум, без ограничувања или некакви правила.

Вашите лични потреби

Започнете од нешто за што знаете дека имате потреба, која сеуште никој не ја задоволил.

Вашите потреби кои никој не ги задоволува се одлична појдовна основа за нови бизнис идеи.

Трендови кои се актуелни во моментов

Секогаш може да се откријат одредени трендови во вашата околина. доволно е да ги забележите и да дојдете до повеќе идеи.

На пример зголемување на побарувачка на определен производ или услуга и недостаток на сегашните понудувачи да одговорат на таа побарувачка може да претставува одлична можност за вас како претприемач.

Ниша на пазар на кој настапуваат големи играчи

Сигурно дека лесно ќе дојдете до пазар на кој се наоѓаат големи играчи, а знаете дека вие нема да имате шанса.

Но, едноставно доколку се запрашање што може да се подобри, да се понуди подобрен производ или услуга или да се задоволи специфична потреба на тој пазар за која немаат интерес тие големи играчи, сигурно ќе дојдете до повеќе можности во форма на бизнис идеи.

Промени кои се случуваат во индустриите

Секоја индустрија е подложна на промени, а секоја промена претставува одлична можност за претприемачите кои ќе ја забележат приви и реагираат на вистинскиот начин.

Можеби ново законско решение, можеби заситување на пазарот, можеби нова структура на работна сила… Секоја промена може да биде извор на бизнис идеја.

Нови потреби на пазарот

Мислам дека нема потреба да се коментира дополнително. Бизнис идеите задоволуваат потреба на пазарот, па затоа и секоја потреба која ќе биде забележана претставува добра можност за бизнис.

Нови технологии

Новите технологии бараат ново знаење, ново однесување, нови структури… Сето тоа ново за еден претприемач претставува квалитетна можност за заработка.

Нови научни достигнувања

Развојот на науката, како и технологијата претставуваа извори на многу нови можности. Нов алгоритам, нов систем за автоматизација, ново хемиско соединение или пак нов биолошки пронајдок претставуваат добри можности за голем број на нови бизниси.

post

Комерцијално издржлива бизнис идеја

Бизнис идејата во главата на еден претприемач е почетокот на секој бизнис. Но, еден претприемач може и има повеќе бизнис идеи. Некои се комерцијално оддржливи, но некои не се.

Што значи комерцијално издржлива бизнис идеја?

Комерцијално издржлива бизнис идеја е бизнис идеја од која ќе резултираат производи или услуги која ќе обезбедат корисности за купувачите, со цена која е прифатлива за поголема маса на купувачи, со трошоци кои ќе обезбедат профитабилно работење на бизнисот и без пречки за реализација.

Следниве прашања ќе треба да се одговорат.

1. Дали во бизнис идејата лесно се препознава корисноста за купувачот?

Што ќе добие купувачот со користење на производот или услугата која е резултат на таа бизнис идеја? Секоја бизнис идеја треба да има содржано корисност за купувачот. Корисноста во оваа фаза се карактеризира преку потребата која ќе биде задоволена или проблем кој ќе биде решен.

Доколку бизнис идејата не ја покажува јасно корисноста не вреди да се разгледува во понатамошниот процес. Може да ја тргнете на страна, или едноставно да се навратите во нејзино преобликување се додека не дојдете до позитивен одговор на прашањето.

2. Дали цената на производот е прифатлива за поголема маса на купувачи?

Бизнис идејата може да има корисност за купувачите интегрирана во неа, сепак да не биде добра бизнис идеја, доколку купувачите нема да бидат спремни да го платат тој износ на пари дефиниран со ценовната стратегија на бизнис идејата.

Ако анализите ти покажат дека доволно голем број на купувачи е спремен да плати за тој производ или услуга, може да се оди на следната фаза од проверка на комерцијалната оддржливост на бизнис идејата. Доколку одговорот е негативен ќе мора да се вратите на почетокот во дефинирање на бизнис идејата.

Не се враќате во проверка на корисност, туку во самата бизнис идеја, бидејќи промена на бизнис идејата заради задоволување на прифатлива стратегија на цени може да промени нешто и во однос на корисноста.

3. Дали трошоците со таа ценовната стратегија ќе обезбедат посакувана профитабилност?

Кога веќе ќе дојдеш до оваа прашање значи дека бизнис идејата гарантира корисност и има прифатлива ценовна стратегија. Но, дали трошоците ќе бидат на тоа ниво со што при таа ценовна стратегија ќе се обезбеди профитабилноста на бизнисот?

Доколку одговорот е да, може да се оди на следното прашање од проверка на комерцијалната оддржливост на бизнис идејата, но доколку одговорот е не повторно се враќате во дефинирање на бизнис идејата и повторување на претходните прашања.

4. Дали постојат пречки за реализација на бизнис идејата?

Кога веќе стигнувате до оваа прашање вие веќе имате бизнис идеја која содржи корисност за купувачите, има одлична ценовна стратегија и трошоците за реализација на идејата при таа ценовна стратегија обезбедуваат профитабилност на бизнисот.

Но, сепак може да се појават некои други пречки, како што се обезбедување на финансии за реализација, недостаток на технологија за реализација, недостаток на луѓе за реализација и слично.

При оваа прашање мора да размислите за сите можни пречки за реализација на таа бизнис идеја. Доколку не дојдете до негативен одговор вие сеуште немате комерцијално издржлива бизнис идеја и мора да се вратите во самото дефинирање на идејата.

post

23 Бизнис идеи во категорија “зелени”

Трендовите на глобално, но и на национално и локално ниво се забележливи кога станува збор за заштита на животна средина, водење на здрав живот и обезбедување на благосостојба за идните генерации и поколенија.

Како и секаде во светот, така и кај нас се јавува потребата од т.н. “зелени” бизниси. Се сретнува и поимот “зелено” претприемништво.

Зелено претприемништво претставува посебна форма на претприемништво и се дефинира како активности на претпријатието со кои избегнува да и се наштети на околината или на некој начин помага за да се заштити околината.

Зелено претприемништво креира т.н. “зелени” претпријатија, односно “зелени” бизниси при што може да обезбеди зголемување на енергетска ефикасност преку заштеда на природните ресурси и заштеда на пари.

Денеска кога постојано се зборува за загадувањето, за можните последици заради наше недолично однесување кон природата, зеленото претприемништво станува се попопуларно и како можност и како нешто што дава допринос за природата.

Анализирајќи повеќе од 500 т.н. “зелени” бизнис идеи, се одлучив за некои кои сметам дека се прифатливи за наши услови и може да претставуваат одлична можност за претприемачите. Подолу се 23 такви идеи.

  1. Производство на органска храна за ресторани.
  2. Еко-туризам
  3. Изнајмување на зелени лимузини
  4. Дизајн на производи кои се напојуваат преку соларна енергија или енергија добиена од ветер.
  5. Зелени фризери
  6. Зелени салони
  7. Зелен мотел
  8. Зелена книжарница
  9. Производство на зелени производи за убавина
  10. Зелен маркетинг експерт
  11. Зелен бизнис консултант
  12. Консултант за енергетска ефикасност
  13. Рециклирање
  14. Зелени услуги на чистење
  15. Зелени градежни компании
  16. Билборди напојувани од соларна енергија
  17. Дизајн на апликации кои обезбедуваат на бизниси да работат без хартија.
  18. Дизајн и производство на органска облека за бебиња
  19. Отстранување, прочистување, продажба и вградување на користени градежни материјали.
  20. Зелено микрофинансирање
  21. Услуги за менаџирање со отпад
  22. Консултант за зелени производствени системи
  23. Инсталација на соларни системи
post

Избор на бизнис идеја од листа со бизнис идеи

Маркетинг пред започнување Како еден претприемач, или пак како некој кој ќе стане претприемач веројатно доаѓаш до голем број на идеи за бизнис. Денес кој нема идеи за бизнис? Барем идеите се најлесни. И тоа е добро, се додека водиш соодветна евиденција дали во твојата книга со бизнис идеи за која што пишував уште во 2009 година и која е дел од 10 бизнис темплејти или пак во некаков нотес било да станува збор за хартиен или пак електронски како што е Evernote.

На ваков начин барем обезбедуваш дека ништо нема да остане во заборав, туку дека можеби некој ден ќе дојде на ред да се претвори во конкретни акции или чекори како за започнување на нов бизнис така и за проширување на активностите на веќе постоечки бизнис.

Но, и тој збор можеби некој ден не гарантира дека некој ќе стане претприемач, ниту пак дека идеите ќе бидат имплементирани.

Вообичаено, претприемачот врши некоја анализа и ги споредува бизнис идеите една со друга врз база на таа анализа и одлучува која ќе ја започне. Иако, овој процес може да се спроведе различно и еден начин се презентира и ќе биде презентиран во текот на оваа година како дел од теорија на бизнис идеи која тука ја развиваме, сепак би сакал да ги опфатам тука можностите за избор на наједноставен можен начин. Во премиум претприемач користам посебна поопширна книга со бизнис идеи каде се врши иницијална анализа и со дополнителни анализи на пазарот и претприемачот се оценуваат бизнис идеите при што се избира онаа со најголема оценка.

Начините на кој може да се избере една бизнис идеја вредна за започнување генерално може да се групираат во:

  • Едноставен начин и
  • Комплексен начин.

1. Едноставен начин за избор на бизнис идеја

Што претставува едноставен начин за избор ан бизнис идеја за започнување?

Првин, овој начин претпоставува дека имаш повеќе бизнис идеи, можеби десетици. Второ, земаш една бизнис идеја и ја споредуваш со друга по случаен избор. При споредбата една ќе биде подобра, така да едната ќе отпадне. Потоа продолжуваш со идејата “победник” и некоја друга од листата и повторно ги споредуваш при што една од нив ќе отпадне. Процесот продолжува се додека не се дојде до една идеја “абсолутен победник”.

2. Комплексен начин за избор на бизнис идеја

Комплексниот начин претставува нешто посистематски начин на рангирање и избор на една од повеќе бизнис идеи преку поглед на различни влијателни фактори кои може да бидат значајни за успехот на бизнисот. На кратко процесот би изгледал вака:

  • Направи листа на атрибути кои ќе се вреднуваат. На пример, лична сатисфакција, големина на пазарот, можности за монетизација на идејата, ризик за неуспех, потребен труд…
  • Додади тежина на секој атрибут која ќе ја определи важноста на атрибутот во процесот валуацијата. На пример, доколку личната сатисфакција претставува нешто важно за тебе, ќе ставиш поголема тежина да има тој атрибут во однос на другите.
  • Оцени ја секоја идеја врз основа на секој атрибут. На пример, може да користи оценка од 1 до 5 или пак од 1 до 10. Внимавај оценката да има нумерички карактер.
  • Помножи ја секоја тежина од атрибутите со оценката на идеата. На ваков начин за секоја идеја ќе добиеш соодветна оценка за соодветен атрибут.
  • Собери ги поединечните оценки на атрибутите за секоја идеја. Ова веќе ќе претставува конечната оценка за секоја идеја.

Идејата со најголемата оценка е идејата која би требало да се избере. Процесот е сличен на оној кога ги споредувавме бизнис моделите.

post

Креирање на нова бизнис идеја преку комбинација на постоечки

Задачи пред започнување на бизнис Креирање на бизнис идеи претставува процес на иновативни можности на еден претприемач. Во серијалот за иновативни можности опфативме повеќе можности за креирање на бизнис идеи кои може да се искористат од еден претприемач.

Зошто на еден претприемач му требаат постојано нови идеи?

Ниеден бизнис не е имун на надворешното влијание. Претпоставките и за најиновативните бизниси дека можат да бидат мирни подолг временски период зарди недостаток на конкуренција не држат вода. Мора постојано да се иновира, менува и подобрува.

Како една можност за стекнување на добри бизнис идеи претставува комбинација на две или повеќе бизнис идеи во една.

Сите го знаеме примерот на појава на видео игри како резултат на еден човек кој работел во детски забавен парк и студирал електроника. Двете идеи, односно индустрии (забавен парк за деца и познавање од електроника) ги искомбинирал во тогашното чудо на техниката наречено како видео игри.

Подолу е еден процес кој би можел да го искористиш за оваа намена:

  • Бреинстормирај колку што можеш повеќе бизнис идеи.
  • Прегледај ги и групирај ги доколку некои се слични или имаат иста намена.
  • Направи табела со две колони во кои ќе ги смести бизнис идеите.
  • Започни со една идеја од првата колона и додека мислиш на неа разгледувај ги идеите од втората колона (без онаа која си ја избрал од првата) и размислувај за можна комбинација меѓу истите.
  • Кога ќе налеташ на идеја од втора колона која може да се комбинира со идеја од првата колона и притоа ти се чини интересна поврзи ги со стрелка.
  • Продолжи со истиот процес за секоја идеја од прва колона се до последната.
  • Во посебна табела извлечи ги можните комбинации.
  • Доколку сакаш да го повториш процесот за комбинација и на трета идеја во комбинација на првите две додади уште една колона каде ќе ги повториш иницијалните идеи.
  • Повтори го процесот на идеите (комбинации) од првата колона со втората колона (иницијални идеи).

Внимавајте при процесот да ги отфрлите сите предрасуди и размислувања за можната изводливост. Како еден претприемач ти бараш иновативна можност, идеја која може да го смени изгледот на светот.

Од друга страна не е лошо кога ќе дојдеш до повеќе комбинации да дадеш и сопствени размислувања, или идеи за подобрување на комбинацијата.

Целта е да дојдеш до идеја, а не до тоа дали е изводлива и дали купувачите ќе ја сакаат. Тој процес е опфатен со теорија на бизнис идеи.

 

post

[Вежба] Избор на бизнис модел кој ќе го тестираме понатаму

Вежба на претприемач Минатата недела секојдневно работевме на финализацијата на драфт верзијата или поточно верзиите на нашиот бизнис модел како дел од теорија на бизнис идеи која цела година ќе ја развиваме тука на претприемач.

Со претходната вежба која ја правевме тука за оваа теорија ти веќе имаш драфт верзија на твојот бизнис модел пополнет од десната страна со поставување на првата хипотеза (постои проблем) интегрирана во самиот бизнис модел. Сега пред да продолжиме со излегување надвор од канцеларија, таа драфт верзија на бизнис модел треба да ја дополниме, да ја поделиме во повеќе бизнис модели и да избереме еден кој ќе започнеме да го тестираме со потенцијалните купувачи.

Тоа беше теоретското излагање од минатата недела, сега е време на вас да го примените во пракса преку оваа вежба.

Да се потсетиме на постовите кои беа дел од она што го работевме минатата недела:

Чекори кои треба да ги спроведеш во вежбата:

  • Дополни ја драфт верзијата на бизнис моделот во однос на односи со купувачи, канали, приходи, клучни активности, клучни ресурси, клучни партнери и трошоци.
  • Дефинирај ги сите карактеристики кои ќе бидат или можат да бидат имплементирани во решението. Вметни се што мислиш дека треба да има како карактеристика, дури и најлудите или најнеизводливите идеи.
  • Процени ја големината на сегментите и до секој сегмент впиши ја неговата бројка.
  • Врз основа на карактеристиките како и сгементите од основниот еден бизнис модел направи повеќе. Главната поделба треба да ја изведеш врз база на карактеристиките на сегментите, како и карактеристиките на решението за соодветниот сегмент.
  • Процени ги трошоците како и приходите во комбинација со големината на сегментите и претпоставката за можното учество на пазарот за тоа решение.
  • Подели ги бизнис моделите на надежни и ненадежни врз основа на профитабилноста. Оној кој дава профит е надежен, додека оној кој не дава профит е ненадежен.
  • Разгледај ги оние ненадежните и провери дали тие карактеристики се потребни за тој сегмент, а врз основа на исфрлања на некои карактеристики ќе ги промениш  останатите елементи да тој бизнис модел.
  • Провери ја профитабилноста на тие ненадежни редефинирани и редизајнирани бизнис модели. Доколку станува профитабилен нека остане како работен, а сите непрофитабилни заборави ги.
  • Направи вредносна анализа како што е прикажана во постот од минатата недела и избери го најнадежниот бизнис модел на кој ќе продолжиш со работа.

На крајот од оваа недела ќе имаш еден бизнис модел кој следната недела ќе продолжиме да го развиваме и тестираме.

 

post

[Видео] Од каде доаѓаат добрите идеи?

Од каде доаѓаат добрите идеи?

Прашање кое не верувам дека нема кој не си го поставил. Дневно сме бомбардирани со милионски информации. Дневно можеме да добиеме стотици идеи, од кои ќе процесираме десетици, а ќе произведеме, односно имплементираме неколку.

Steven Johnson, авторот на книгата со наслов Од каде доаѓаат добрите идеи – природна историја на иновација дава едно сеопфатно гледиште базирано на повеќегодишно истражување дава добар одговор на оваа прашање.

Она што може да се заклучи е дека идеите не се случуваат сами по себе. Тие претставуваат резултат на еден поголем процес на секвенцијални подпроцеси. Од друга страна тие не зависат само од еден човек, креаторот на идејата, туку се потребни и други луѓе кои ќе допринесат за подобрување на добра идеја, од добро кон подобро. А, денешната технологија, интернетот, развојот на социјалните медиуми ги отстрануваат сите граници на една таква комуникациска креативност за добрите идеи. Треба само да се искористат.

post

Ако постои проблем не значи дека решението мора да се има

Голем проблем, голема потреба од решение Само кратко во однос на теоријата на бизнис идеи за некои прашања за размислување.

Првин, дали значи дека ако постои проблем ќе мора да постои и потреба од решение?

Логиката вели да, бидејќи секој проблем е врзан со определена потреба од решение. Но, сепак размислете колку проблеми имате, а за кои воопшто не барате решение. Можеби, вашиот одговор е не сега, не е моментот, прескапо е за овој момент, ајде утре…

Затоа и не можеме во целост да се ослониме на тоа да доколку постои проблем ќе постои и барање за решение. Мора да разграничиме нешто тука.

Првин, барање на решение е едно, додека потреба од решение е друго.

Кога имаш потреба од решение, не значи и дека веднаш го бараш решението. Од друга страна потреба од решение сепак претставува еден сигнал дека може да постои и барање на решение. Да се потсетиме, ти си тој кој имаш решение кое сакаш да го продаваш на пазарот на кој ќе се насочи твојот иден бизнис.

Некој ќе го одложи решението на тој проблем, некој ќе се обиде самиот да си го реши преку некаква импровизација, а некој ќе си се помири со судбината да живее со тој проблем. Зошто? Затоа што во овој случај доаѓа до прашањето за силината на проблемот. Колку проблемот е поголем, толку повеќе ќе се бара и решението за него. Колку проблемот е поголем, толку ќе биде и поитно да се дојде до негово решавање.

Но, што е всушност проблем, кој толку многу го зборуваме? Еве некои можни дефиниции:

  • Препрека на остварување на целта;
  • Непосакувана состојба;
  • Разлика помеѓу посакувана состојба и сегашна состојба;

Сега да ги промениме овие искази за тоа што претставува проблем во нешто што нам ни е потребно за да бидеме сигурни дека ќе постои и барање за решение:

  • Поголема препрека на остварување на целта, поголем проблем, поголема потреба од решение и поголемо барање на решение.
  • Поголема непосакувана состојба, поголем проблем, поголема потреба од решение и поголемо барање на решение.
  • Поголема разлика помеѓу посакувана состојба и сегашна состојба, поголем проблем, поголема потреба од решение и поголемо барање на решение.

Ова е основата при дизајнирање на бизнис идејата и на која треба да го насочиш твоето истражување заради докажување на хипотезите за бизнис идејата.

Целта е да го разбереш нивото на болка на потенцијалниот купувач, но и постоечките алтернативи за кои зборувавме во Теорија на бизнис идеи – хипотеза 1 – постои проблем.

И само уште нешто за крај да не се претвори во подолг пост. Вообичаено резултатите може да бидат следниве:

  • Решението мора да се има,
  • Решението е добро да се има и
  • Решението не мора да се има.

Бизнис идејата ќе го помине тестот доколку повеќето сигнали велат дека првите два резултати преовладуваат, со тоа што ќепреовладува и првиот резултат (мора да се има) во однос на вториот (добро е да се има)

post

Теорија на бизнис идеи: Барај знаци наместо одговори

Досега во развојот на теоријата дојдовме до еден основен бизнис модел преку одговор на неколку прашања:

  • Кој има таков проблем?
  • Кој би можел да има таков проблем?
  • Какви решенија постојат во моментов на пазарот?

Развој на бизнис модел - Прва драфт верзија

Сеуште сме пред хартија или пред компјутер каде го дизајнираме моделот преку докажување на основните хипотези.

При одговор на тие прашања може да дојдеш до голем број на информации. Едно нешто е важно да го знаеш, секоја информација дури и да сметаш дека не е важна во моментов забележи ја во некоја интерна база на податоци.

Зошто?

Затоа што никогаш нема да можеш да дојдеш до сигурен одговор за тоа дека постои проблем на пазарот. Истото се однесува и за останатите хипотези. Ти бараш знаци, а не одговори кои никогаш нема да ги најдеш.

Ајде низ некој пример да го разјасниме ова со знаците и одговорите. Ќе го користам истите прашања.

#1 Кој има таков проблем?

  • Знак 1: Ти си имал таков проблем и затоа си дошол до таа бизнис идеја. Да, најчесто бизнисите се раѓаат преку сопствениот проблем на претприемачот. И тоа е еден знак. Иако велиме дека не е многу силен се додека не потврдиме дека освен тебе и некој друг има таков проблем, сепак постои веројатност дека ти не си ниту првиот ниту последниот кој го почувствувал тој проблем.
  • Знак 2: Некој од твоите блиски имал таков проблем. И ова е случај на знак, кој не дава одговор и доказ дека постои проблем на пазарот, но сепак е еден знак кој ни кажува дека и кај некој друг постои таков проблем.
  • Знак 3: Постои конкуренција која нуди решенија за слични или исти проблеми. Можеби и најдобар пример е овој пример, бидејќи самото постоење на конкуренција не ни кажува директно дека постои проблем, но индиректно кажува дека за таквите слични проблеми веќе некој се бори на пазарот, што значи дека веројатно поминал низ она низ што ти сега поминуваш.
  • Знак 4: На интернет се бара решение. Анализа на преку пребарувачите исто така дава знаци дека постои проблем, но доколку се бара решението.
  • Знак 5: На социјални медиуми се поставува прашањето. И ова е добар знак кој ни кажува дека постои таков проблем.
  • Знак 5: Си избрал неколку луѓе за кои сметаш дека имаат таков проблем и си ги интервјуирал. Овој знак е доста валиден, бидејќи директно преку интервју ќе докажеш дека постои проблем и ќе дознаеш нешто повеќе за тој проблем.
  • Знак 6: …

#2 Кој би можел да има таков проблем?

  • Знак 1: Трендовите на пазарот покажуваат дека во иднина повеќе луѓе ќе го имаат тој проблем. Добар знак, но не и целосен одговор, сепак трендовите се претпоставки.
  • Знак 2: При интервјуирање на потенцијални купувачи тие ти кажале дека и други може да го имаат тој проблем кога… Исто така знак кој ќе каже и дека постои проблем и дека ќе го имаат и другите.
  • Знак 3: …

#3 Какви решенија постојат во моментов на пазарот?

  • Знак 1: Постојат решенија, постои и проблем.
  • Знак 2: Некои карактеристики од тековни решенија се однесуваат на проблемот кој го анализираме. Доколку се утврди специјално дизајнирана карактеристика на некој производ која е насочена на решавање на проблемот кој го анализираме, тоа претставува знак дека постои проблем на пазарот.
  • Знак 3: Конкуренцијата е силна, значи дека постои проблем и пазарот е доволно голем (хипотеза 3). И ова е добар знак.
  • Знак 4: …

Ова е само како пример, во пракса ќе се добијат и анализираат повеќе знаци, тоа ќе го развиваме во нареден период. Она што е важно, а треба да го знаеш е дека не треба да бараш одговори, бидејќи нема да ги најдеш. Твојата задача како еден “ќе бидам” претприемач е да дојдеш до повеќе знаци, колку што може побрзо заради првичното докажување на хипотезите при развој на твојата бизнис идеја.