post

Цели за 2010 – Како да ги остварите?

Кога завршува претходната година и започнува новата еден претприемач би требало да се занимава со анализа на претходната година, да спореди колку од онаа планираното се остварило и доколку не се остварило да одговори на прашањето зошто не се остварило. Од друга страна, на почетокот на новата година се воспоставуваат целите за истата.

Една од чести грешки е да се постават цели и да се остави времето да покаже дали ќе се исполнат или пак нема да се исполнат. Доколку не се исполнат никому ништо. Си продолжуваме по старото.

Уште кога ги воспоставувате целите би требало да размисилите за следниве дополнителни елементи:

  • Фактори за успех
  • Можни причини за неуспех и
  • Активности за успех.

На сликата е даден еден преглед на овој процес. Во понатамошниот дел накратко ќе ги објаснам елементите.

Како еден претприемач да ги оствари целите?

Можете да забележите дека во овој процес тргнувам од целите за 2010 година, при што ги дефинирам клучните фактори за успех, па потоа за секој клучен фактор за успех дефинирам можни причини за тој фактор за успех да не се постигне и на крај за секоја можна причина ги дефинирам потребните активности за да се избегнат можните неуспеси.

На ваков начин сите овие дефинирани активности ќе влезат во нашиот годишен акционен план. Темплејтот на еден ваков план е еден од 10-те бизнис темплејти на претприемач.

1. Цели

Прво што ќе треба Вие како еден претприемач да го направите е да ги дефинирате Вашите цели, односно која е Вашата главна цел за 2010 година. Целите претставуваат резултат кој сакате да го постигнете на крајот од годината. Тие треба да бидат специфични, претставени во вид на бројки или пак проценти.

Како за пример во овој случај ќе изберам дека моја цел е за 2010 година да остварам приход од 20.000.000,00 денари.

2. Фактори за успех

Фактори за успех претставуваат фактори кои ќе обезбедат остварување на дефинираната цел. Овие фактори треба да бидат специфични и по можност изразени во бројки. На пример за нашата цел ќе имаме нешто вакво:

  • Зголемување на продажба за 20%
  • Зголемување на број на купувачи за 15%
  • Проширување на асортиманот на производите.

3. Причини за неуспех

Секогаш ќе постојат различни препреки за остварување на целите. За секој од факторот за успех обидете се да дефинирате по неколку пречки кои сметате дека ќе претставуваат причини за неуспех. На пример за нашата цел и факторот зголемување на продажба за 20% ќе ги имаме следниве пречки:

  • Економска криза во земјава
  • Недоволно човечки ресурси
  • Слабости на продажниот тим
  • Слаби маркетинг активности

4. Активности на еден претприемач

Последниот елемент од овој процес е да се дефинираат сите активности на еден претприемач со кои би се надминале препреките за остварување на целите. На пример, во однос на препреката слаби маркетинг активности акциониот план би бил:

  • Зголемување на маркетинг активностите
  • Изработка на маркетинг календар
  • Следење на успешноста на секоја маркетинг кампања
  • Зголемување на буџетот за маркетинг за 5%
  • Соодветна анализа на пазарот итн.

Сакам да напоменам дека одредени активности ќе се однесуваат на повеќе препреки или пак одредена препрека ќе биде заедничка за еден фактор за успех. Значи релациите се еден на повеќе и обратно. На пример, соодветната анализа на пазарот како активност ќе биде издвоена и во синџирот кој доаѓа од факторот за успех проширување на асортиманот на производите како би знаеле што точно сака пазарот.

Искористете го овој месец да спроведете еден ваков процес и да ги внесете активностите во Вашиот годишен акционен план. Можете како надополнување на да на секоја активност доделите приоритет врз основа на важноста за исполнување на целта. И повторно, обврзете се на планот со тоа што ќе дефинирате кој и кога ќе треба да ја спроведе активноста.

post

Бизнис план: Најдоброто на претприемач во 2009

Третата тема од серијалот за најдоброто на претприемач во 2009 година е за бизнис планот кој навистина беше доста застапен. Бизнис планот едноставно претставува патоказ за Вас како претприемач и за Вашиот бизнис. Со бизнис планот едноставно одговараме на прашањето кој пат ќе го избереме во следните 2, 3 или пак 5 години? И бизнис план претставува еден од бизнис елементите кои ја зголемуваат бизнис потенцијалната енергија на бизнисот и во исто време ја трансформираат бизнис потенцијалната енергија складирана во бизнис идејата во бизнис кинетичка енергија која всушност изведува работа. Таа работа го води бизнисот кон успешноста.

Во оваа листа на најдобри написи на претприемач за бизнис планот ќе се обидам да направам еден комплетен прирачник за сегашни и за идни претприемачи.

  1. Бизнис план – Сублимирање. Во овој напис едноставно се сублимирани сите наслови од бизнис планот. Тука се и линкови до упатствата за изработка на се кој од насловите на самиот бизнис план. Ова е таканаречениот формален бизнис план, кој мислам дека не претставува едноставен патоказ за Вас и вашиот бизнис туку форма барана од финансиски институции.
  2. Топ 10 Грешки Кои Еден Претприемач Ги Прави При Подготовка На Бизнис План. Пред да започнете со изработка и подготовка на Вашиот бизнис план прочитајте за 10-те грешки кои може да ги направите, за да едноставно не ги направите.
  3. Бизнис План – Опасности во Стилот Планирај го Твојот Бизнис План. Едноставно направете бизнис план кој ќе служи за Вас и Вашиот бизнис, а не за некој друг.
  4. Графичка презентација во бизнис ланот. Користете графичка презентација во која едноставно ќе се снаоѓате во иднината и која ќе овозможи компарација на реалноста со планираното.
  5. Бизнис план – алатка за комуникација, планирање и менаџмент. Користете го бзинис планот како една алатка за комуникација во Вашиот бизнис, но и како алатка за планирање и менаџмент во вашиот бизнис.

Она што повторно би го напоменал за бизнис плановите е дека се важни две работи:

  1. Содржината на бизнис планот – нека биде едноставен патоказ
  2. Обврзување кон бизнис планот – Подобро е и да не правите бизнис план доколку не се обврзете за негово спроведување.
post

Бизнис идеи: Најдоброто на претприемач во 2009

Бизнис идеи се навистина една од почетните карики од синџирот за успешен бизнис и успешен претприемач. Навистина доста се концентриравме на бизнис идеите на претприемач изминатата година. Но, секогаш постои нешто што би го одделил како нешто навистина покорисно од друго. Бизнис идеите се еден од елемнтите кои ја зголемуваат бизнис потенцијалната енергија на секој бизнис.

Ова е втората тема од серијалот Најдоброто на претприемач за 2009 за бизнис идеи.

Во оваа листа за најдобрите написи на претприемач за бизнис идеи ќе се обидам да оставам еден комплетен прирачник за креација и имплементација на различни бизнис идеи.

  1. 20 Бизнис идеи за 2009 и по неа. При крај е обработката на втората верзија на збирката со 20 бизнис идеи и ќе биде доставена до сите регистрирани за неделни билтени на претприемач во јануари 2010.
  2. Како да откриете за што имате пасија? Пасија е важен претприемнички елемент кој ја дефинира идната успешност на бизнисот. Бизнис идеја без да биде интегрирана Вашата пасија во неа нема да биде со висока бизнис потенцијална енергија.
  3. Бизнис Идеја преку Одговор на 50 Прашања. Еден напис во кој се дизајнирани 50 прашања кои ќе ве водат низ процесот на генерирање на бизнис идеи.
  4. 3 Елементи кои Секоја Бизнис Идеја Мора да ги Има. Основните 3 елементи кои ќе морате да ги вклучите во дизајнот на Вашата бизнис идеја.
  5. Избегнување на негативците. Постои веројатност дека ќе бидете опкружени со негативци кога сакате да започнете сопствен бизнис.
  6. Книга со бизнис идеи. Користете книга со бизнис идеи постојано низ целиот Ваш претприемнички век. Темплејтот на книгата е во состав на 10 бизнис темплејти на претприемач.
  7. Како до вистински избор на бизнис идеја? Еден процес кој ќе ве води до избор на вистинската бизнис идеја.

Во премиум претприемач овој процес на креација, барање, зголемување на креативност и анализа и избор на бизнис идеи е разработен во 5 недели со 10-тина видео материјали, 10-тина алатки и темплејти како и акциони планови за секоја недела.

post

Претприемничка Грешка Која Предизвикува Патење

Патење. Нешто што никој од нас не го сака. Патиме кога нешто не ни оди во љубовта. Патиме кога нешто не можеме да извршиме онака како што сакаме. Патиме кога губиме пари во нашиот бизнис. Во секој случај верувам дека никој не сака да пати.

Грешка која може да доведе еден претприемач да пати

Но, како да се избегне патењето. Оваа веб страна е наречена претприемач и обработува теми од подрачје на претприемништвото и малиот бизнис. Па затоа и овој напис се однесува на патење на еден претприемач или патење на неговиот бизнис.

Велам патење на неговиот бизнис зошто бизнисот го гледам како еден жив организам составен од биолошки, технички и организациски системи.

Што е патење за еден претприемач?

Ќе ја искористам дефиницијата во Wikipedia за целите на овој напис:

Патење, или болка во поширока смисла на зборот, е индивидуално влијателно непријатно искуство и аверзија поврзани со штета или опасност од штета. Страдање може да се квалификува како физичко или ментално страдање. Тоа може да има различен степен на влијание, од благо страдање до страдање кое не може да се толерира.

Еве што е карактеристично од оваа дефиниција:

  • Патење претставува еден вид на болка. Болката може да ја чувствува претприемачот.
  • Патење е поврзано се некоја штета или пак опасност од настанување на штета. Штетата може да ја почувствува и претприемачот и бизнисот.
  • Патење може да биде физичко и ментално страдање. Претприемачот најверојатно ќе страда ментално, додека бизнисот физички (недостаток на финансии, немање на можност за исплата на обврските …)
  • Може да биде премногу опасно така да не може да се истрпи. Кога патењето нема да може веќе да се истрпи претприемачот веќе нема да биде претприемач, а бизнисот веќе нема да постои.

Значи патењето на еден претприемач воопшто не му е потребно.

Грешка која предизвикува патење на еден претприемач

Она што го забележувам кај претприемачите и бизнисите кај нас навистина ме плаши, особено за претприемачи на малите бизниси. Имам искуство со еден претприемач кој навистина не се снаоѓа во улогата на претприемач иако има пасија за бизнисот кој го работи, па затоа страда и пати. А сметам дека 80% од малите бизниси се дизајнирани со една таква „фабричка грешка“ која доведува до состојба да повеќето не можат да се снајдат.

Па која е таа грешка која претставува “фабричка грешка“ за еден бизнис или пак за еден претприемач?

Таа грешка е што при дизајнот на бизнисот уште пред започнување претприемачот е насочен само на пазарот.

Оваа грешка вообичаено ја правиме не по наша вина, туку затоа што така сме научени, така пишува во книгите.

Што значи оваа грешка?

Од самиот почеток во креирање на бизнисот преку генерирање на бизнис идеи претприемачот е насочен само на пазарот. Гледа што е трендовски во моментов на пазарот а што не е. Ако е во тренд да се има бутик се започнува бутик, ако е во тренд такси компанија се започнува такси компанија…

Сигурно се запрашувате што е тука погрешно. Да, нема грешка во тоа да се најде што е она што во моментов се бара на пазарот. Во 3 елементи кои секоја бизнис идеја мора да ги има ги опфативме токму овие таканаречени пазарни елементи на една бизнис идеја:

  • Проблем
  • Желба и
  • Слаба конкуренција.

Но, каде е тука претприемчаот? Каде е централната фигура во секој бизнис – претприемачот? Ја нема. Бараме проблем на пазарот, бараме пазарна ниша со висока желба за купување од нашиот иден бизнис, и бараме ниша на која има слаба конкуренција (иако се сомневам во ова). Токму тука ја гледам и најголемата грешка.

Грешка, бидејќи на таков начин бизнисот го дизајнираме за пазарот без да се вклучиме ние како претприемачи во тој дизајн.

  • Дали имаме знаење за тој бизнис?
  • Дали имаме вештини за тој бизнис?
  • Дали имаме пасија за тој бизнис?
  • Дали ќе го постигнеме она што го сакаме во нашиот живот со тој бизнис?
  • Дали ќе бидеме задоволни со тој бизнис?
  • Што ќе биде нашата задача во тој бизнис?
  • ….

Сето тоа го забораваме и нормално дизајнираме бизнис кој ќе има слаба бизнис потенцијална енергија складирана во нас како претприемачи. Затоа набргу ќе почнеме да патиме. Па потоа и нашиот бизнис ќе започне да пати. И, нормално ќе дојде период кога нема да можеме веќе да го издржиме тоа патење со што ќе прекинеме да се занимаваме со тој бизнис.

Ова не значи дека пазарниот елемент треба да се отфрли. Туку, потребно е да започнеме од самите себеси при што ќе ја дефинираме рамката на нашиот иден бизнис, а потоа врз основа на таа рамка и на пазарните елементи да пронајдеме бизнис идеја за нашиот нов бизнис.

Да бидеме реални, секој претприемач, па и Вие како идни или пак сегашни претприемачи го започнувате бизнисот за Ваша подобра иднина. Па, зошто да не започнете при дизајнирањето на бизнисот од таа Ваша подобра иднина.

Кога го дизајнирав премиум на претприемач (ќе биде достапен од 01.01.2010) тргнав токму со еден ваков модел на започнување и дизајнирање на бизнисот. Модел кој е сосема поразличен од она што досега е пракса и што мислевме дека е вистински претприемнички пат.

post

Како да откриете за што имате пасија?

Пасијата за нешто што го работиме во секојдневниот живот е многу важен елемент кој донесува квалитет во нашиот личен и професионален живот како претприемач.

Пасија на еден претприемач

Многу луѓе имаат пасија за нешто, но не знаат за што всушност тие имаат вистинска пасија. Дури и не знаат дека нивната вистинска пасија може да се трансформира во успешен бизнис.

Најдоброто решение за претприемачите е нивната бизнис идеја да биде подржана од нивната вистинска пасија како надополнување на проблемот и знаењето. Тие ќе имаат пасија за нивниот стартап, ќе имаат пасија за нивната секојдневна работа во нивниот бизнис и пасија за нивниот иден успех во бизнисот. Сетоа ова само ќе ја зголеми веројатноста за претприемничка и бизнис успешност на еден потенцијален претприемач.

Затоа сакам да ги презентирам моите размислувања за откривање и искористување на пасијата во бизнис цели.

Што претставува пасија?

Во Wikipedia за пасија можеме да го најдеме следново:

Пасија може да се претстави како чувство на невообичаено возбудување, ентузијазам или релевантни емоции кон некој предмет, идеја, личност или пак објект. Се вели дека личноста има пасија за нешто доколку има силен позитивен афинитет кон тоа нешто. Љубов кон нешто и пасија кон нешто се многу слични чувства.

Еве ги најважните зборови од оваа дефиниција:

  • Пасија е лично чувство. Какви се твоите лични чувства за твојот сегашен или пак потенцијален бизнис како еден претприемач? Дали се возбудувачки тие чувства?
  • Пасија е еден вид на емоција. Какви се твоите емоции за твојот сегашен или пак потенцијален бизнис како еден претприемач? Дали се ентузијастички?
  • Пасија е силен позитивен афинитет за она што го работиш. Дали имаш позитивен афинитет во однос на она што го работиш.

Вие ќе имате пасија за нешто доколку сте возбудени, имате ентузијастички емоции и позитивен афинитет за тоа нешто.

Што ќе претставува пасија за еден претприемач?

Доколку сте возбудени и имате ентузијастички емоции и позитивен афинитет за вашето започнување на бизнисот, најверојатно е дека ќе имате добра пасија за претприемничката кариера која сте ја избрале.

10 Прашања за да откриете за што имате пасија?

1. Кое е вашето хоби?

Хоби е резултат на Вашата пасија. Доколку Вашето хоби е градинарство, најверојатно Вие имате пасија за градинарство. Доколку Вашето хоби е играње фудбал, веројатно имате пасија за фудбалот. Затоа започни со твоето хоби кое ќе ти каже за што имаш пасија.

2. Што навистина сакате да правите?

Нешто што го правите секојдневно и го правите тоа со љубов, тогаш Вие имате пасија за тоа нешто. Излистај ги работите кои сакаш да ги правиш за да најдеш за што имаш пасија.

3. Кои се работите во кои што уживате?

Да сакате нешто да работите е една работа, додека да уживате притоа е друга работа. Понекогаш можеби ќе сакате нешто, но реално нема да уживате во тоа нешто. Излистај ги сите работи во кои што ужуваш за да откриеш за што имаш пасија.

4. Што е она за што другите луѓе кажуваат дека вие сте добар?

Понекогаш другите луже ќе бидат пореалистични за вас, и за она во што навистина сте добар. Ова ќе можеш да го искористиш во наоѓање на Вашата вистинска пасија.

5. Кои се наједноставните задачи за Вас?

Кога нешто е едноставно за вас, тоа значи дека имате знаење за тоа нешто. Дел од Вашето знаење е базирано на истражување на нешто за што имате пасија.

6. Што е она што особено повеќе сакате да истражувате или пак проучувате?

Истражувањето и проучувањето може да го зголеми вашето знаење за нешто. Доколку навистина сакате да проучувате и истражувате нешто, тогаш тоа нешто може да биде твојата пасија.

7. Кои се темите за кои можете да зборувате со часови или пак денови без престанување?

Темите за кои можете да зборувате со часови и денови исто така се базирани на Вашето знаење за таа тема. Доколку навистина имате познавање за нешто, тогаш тоа може да биде резултат од Вашата пасија за таа тема.

8. За што имате природен талент?

Вашиот природен талент, како нешто вродено во Вас може да биде предмет на Вашата пасија, бидејќи вродениот талент е предмет на постојано подобрување низ животот на еден човек. Морате да имате пасија за нешто за што имате природен талент.

9. Кои предмети на факултет или пак во средно училиште сте ги сакале повеќе?

Сите ние имаме или пак сме имале некои предмети на факултет или пак средното училиште кои ни биле поинтересни и повозбудливи од другите. Овие предмети може да се предмет на Вашата пасија.

10. Каков тип на луѓе сакате да бидат Ваши пријатели?

Пријателството меѓу луѓето се гради врз база на исти интереси и ист јазик на кој говорат тие личности. Не можете да бидете добар пријател со некој со кој не можете да ги споделувате Вашите полиња на интерес на јазик кој Вие го зборувате. Затоа размислете за личности кои се ваши пријатели во однос на тоа која е нивната пасија и веројатно тука некаде ќе биде и Вашата.

Како Вашата пасија ќе Ви помогне да изградите подобар бизнис?

Доколку немате пасија за бизнисот кој планирате да го започнете или пак кој го имате, вашиот бизнис најверојатно ќе страда. Доколку вашиот бизнис страда, најверојатно, Вие како претприемач ќе бидете следен кој ќе страда.

Уште пред започнување на Вашиот бизнис, ќе морате бизнис идејата да ја прилагодите на Вашата пасија. Тогаш:

  • Ќе имате бизнис кој ќе сакате да го развивате.
  • Ќе имате бизнис кој Вие како претприемач ќе знаете да го менаџирате и подобрувате.
  • Ќе имате бизнис кој ќе има голем потенцијал за успех.
post

Предвидување Како Помош за Претприемачот

Работата на секој претприемач е да го управува бизнисот во денешницата, додека во исто време да го подготвува за утрешницата.

Предвидување - Претприемач

Една од алатките за подобра подготовка е да се обиде на некој начин да ја предвиди иднината.

Затоа би започнал со еден серијал од неколку написи на претприемач кои ќе се однесуваат на предвидување.

Што претставува предвидување?

Доколку знам како ќе изгледа иднината ќе бидам подготвен за таа иднина.  Доколку можеме да видиме само во една секунда во иднината, нашиот живот ќе биде многу едноставен. Процесот кој може приближно да ни ги даде координатите за иднината се нарекува предвидување.

Наједноставно кажано предвидување претставува поглед во иднината или проценка на иднината, односно одговор на прашањето: Како ќе изгледа иднината?

Во случај на еден претприемач предвидувањето се однесува на тоа како ќе изгледа неговиот бизнис во иднината.

Постојат еден куп на статистички методологии кои може да бидат користени од страна на еден претприемач за предвидување на иднината врз база на историски податоци складирани во бизнис компјутерот или пак тефтерот (при рачно евидентирање).

Можеби досега сте користеле MS Excel да откриете колкав приход сте имале минатата година од продажбата и додавате некој процент како зголемување за да ја предвидите следната година. Како и да е, ова иако претставува еден вид на предвидување, сепак е погрешна техника. Погрешна бидејќи не се вклучуваат фактори од околината на бизнисот во самото предвидување.

Дали предвидувањето е губење на време за еден претприемач?

Имам прочитано многу различни мислења околу предвидување од страна на еден претприемач. Некои се дека е потребно, а некои се дека е едноставно губење на време.

Неколу пати имам прочитано и еден цитат кој вели:

Единствената сигурна работа околу предвидувањето е дека предвидувањето е секогаш погрешно.

Добро, предвидувањето на иднината не е едноставна задача и Вие како претприемач не можете да очекувате дека ќе имате 100% точност на она што сте го предвиделе. Но, вистинското прашање е:

Колкава е разликата помеѓу реалноста и она предвиденото? Дали е 10%, 20%, 50% или пак катастрофални 100%?

Можам да кажам само дека е корисно да се знае иднината. Но, еден претприемач ќе нема корист од предвидување доколку тоа предвидување ја промаши реалноста за 50% до 100%. Ваквите предвидувања се само губење на време кои ќе имаат драматични негативни ефекти врз претприемачот и бизнисот.

Друг фактор кој влијае на точноста на предвидувањето е временската рамка за која се однесува предвидувањето. Доколу Вие како претприемач предвидувате период од еден месец, предвидувањето ќе биде поточно во однос на предвидување за една година. Колку иднината е поблиску до нас, полесно ќе можеме да ја предвидиме.

Дали е полесно да се предвиди времето утре или после еден месец?

Доколку Вие како претприемач поминувате од едно предвидување во друго, ќе ги зголемите сопствените вештини за предвидување и секој нареден процес ќе биде поточен од претходниот. Ова значи дека Вашите вештини ќе го намалат тој процент на грешки или разлики помеѓу реалноста и предвиденото.

Основни елементи кои треба да се вклучат во предвидување

Пред да наведам три основни предвидувања кои Вие како претприемач ќе треба да ги спроведувате за Вашиот бизнис би сакал да наведам и неколку од повеќето фактори кои се значајни а кои ќе треба да ги вклучите во Вашето предвидување. Тие основни фактори се:

  • Општи бизнис услови во заедницата во која функционира бизнисот. За локален бизнис – локална заедница, за национален бизнис – национална заедница, додека за глобален бизнис – глобална заедница.
  • Конкурентски фактори. Што е тоа што ја прави конкурентноста на пазарот, односно кои фактори прават еден бизнис да биде поконкурентен во однос на друг?
  • Трендови на пазарот. Кои се трендовите во моментов на пазарот. Што се бара?
  • Маркетинг планови. Кои се плановите во однос на маркетингот за бизнисот воиднина?

Од овие фактори во голем дел зависи и иднината на бизнисот.

Основните три предвидувања кои секој претприемач би требало да ги спроведува се дадени подолу.

post

Заштитено: Е-курс: Започнување на бизнис – Недела 6

Оваа содржина е заштитена со лозинка. За да ја видите, Ве молам внесете ја лозинката подолу:

post

Заштитено: Е-курс: Започнување на бизнис – Недела 5

Оваа содржина е заштитена со лозинка. За да ја видите, Ве молам внесете ја лозинката подолу:

post

Заштитено: Е-курс Започнување на бизнис – Недела 3

Оваа содржина е заштитена со лозинка. За да ја видите, Ве молам внесете ја лозинката подолу:

post

Заштитено: Е-курс за започнување на бизнис – Недела 2

Оваа содржина е заштитена со лозинка. За да ја видите, Ве молам внесете ја лозинката подолу: