post

ПО БИЗНИС ИДЕЈА – ШТО ПОНАТАМУ

Можеби една од најлесните работи при започнување на бизнис доаѓање до бизнис идеја. Ќе размислите малку повеќе, ќе стигнете до Вашата најголема креативност, ќе направите brainstorming, ќе разговарате со роднини и пријатели, може да ви помогне и гереатор на бизнис идеи и веќе ќе имате не една туку повеќе бизнис идеи.  Но, веќе тука се јавува вистинскиот проблем. Потребен е чекор во наредна фаза, а тоа е избор на една од тие бизнис идеи која ќе се започне.

Ќе се задржиме на 3 чекори од започнување на бизнисот што претставуват и три фази од животен циклус на бизнисот:

  • Првиот чекор во започнување на бизнисот е добивање на бизнис идеја.
  • Вториот чекор е анализа на тие бизнис идеи за да се избере најдобрата.
  • Третиот чекор е најопасниот чекор од животниот циклус на бизнисите а тоа е вистинско започнување – стартување на бизнисот. Зошто најопасен? Најопасен е затоа што преминот од вториот во третиот чекор може да трае, да трае и да трае се до бесконечност. А, ова значи смрт на бизнисот во раната фаза на постоење.

Значи една многу важна одлука која секој иден претприемач треба да ја донесе е да премине од фазата „сакам да започнам бизнис“ во фазата „имам и водам бизнис“.

Овој премин значи дека престанувате со сонување, планирање и анализирање и започувате со реалноста на Вашиот нов бизнис. Доколку дојдете до фазата во која имате изберено бизнис идеја, веднаш стартувајте ја за да не станете вечни сонувачи.

Но, како да се избегне овој потенцијално долг премин од втор чекор во трет чекор? Може да има две ситуации:

  • Имате бизнис идеја, но сеуште не сте сигурни дали е вистинскиот избор. Ако вториот чекор – анализа и избор на бизнис идеја сте го извеле на вистинскиот начин треба да ви даде самодоверба за да го покренете стапалото во третиот чекор – стартување. Оваа самодоверба ќе предизвика акција која ќе даде некои резултати, иако тие резултати нема да бидат спектакуларни, но сепак се резултати бидејќи Вашиот бизнис преминал во нова фаза од животниот циклус.
  • Не знаете која бизнис идеја да ја изберете иако сте полни со идеи. На ваков начин суште сте на првиот чекор од започнувањње на бизнисот и суште не можете да одите во третиот без да го поминете вториот чекор – анализа и избор на бизнис идеи. Искористете го темплејтот за анализа на бизнис идеи за да ви помогне за да преминете побргу во третиот чекор. И која било идеја да ја изберете преземете акција, направете го конкретниот трет чекор.

Основните елементи кои Ви се потребни за овој премин од втор во трет чекор е да ја изградите вашата самодоверба и да превземете акција. Непревземање на акција значи дека останувата во status quo ситуација и останувате вечен сонувач.

post

БИЗНИС ПЛАН – ГРАФИЧКА ПРЕЗЕНТАЦИЈА

Бизнис планот претставува трасер на патот кон успехот на еден бизнис. Но, доколку бизнис планот не е реално изработен нема ни да вреди ниту да му помогне на претприемачот да го постигне зацртаниот план. Веќе неколку пати пишувавме дека бизнис планот може да биде едноставно како чек листа за она што треба да се направи, и за почеток тоа е доволно. Но, за да се отиде малку во иднината (бидејќи бизнис планот би требало да го исцрта патот на движење на бизнисот за 3 или 5 години) ќе мора да се опфатат и повеќе елементи од самата листа на задачи.

Бизнис планот мора да користи графички презентации за да бидат лесно воочливи тековните и идните карактеристики на бизнисот во елементот од бизнис планот. Зошто мора графичка презентација? Еве некои од причини:

  • Вашиот бизнис план во текот на периодот за кој се однесува ќе го отварате повеќе пати. Доколку морате да читате текст за да најдете каква проекција има приходот за тековната година ќе изгубите повеќе време отколку кога ќе видите во графикот за проекција на приходи по години. Истото ова се однесува и на движењето на профитот и на движењето на маржата.
  • Постои изрека која вели дека една слика менува илјада зборови. Значи на еден график од половина страна од А4 формат хартија можете да ги претставите најважните елементи на бизнисот за повеќе години.
  • Доколку Вашиот бизнис план ќе се користи за добивање на финансиски средства од банки или инвеститори тие нема да го читаат целиот бла бла бла план. Тие првин ќе ги погледнат графиците за приходи, маржа, профит, готовински тек… Доколку не бидат импресионирани во тој момент воопшто нема да го читаат текстуалниот дел за да видат која е идејата. Значи Вашата идеја за инвеститори не е важна туку планираните и предвидените резултати.

Ова се само три причини за потреба од графичка презентација кои се најважни за комплетирање на бизнис планот. Но, за кои елементи треба да се подготви графичка презентација? Следниве се основните елементи кои треба да се нагласат со графичка презентација:

  • Проекции на продажба
  • Бруто маржа
  • Проекции на приход
  • Проекции на трошоци
  • Проекции на профит

Внимавајте, ова се елементите на кои се мери успешноста на бизнисот, па и на бизнис плано по завршување на периодот за кој се однесува овој бизнис план. Немојте ниту да ги потцените ниту да ги прецените проекциите. Обидете се да ги направите колку што може пореално.

post

ИНКУБАТОР ИЛИ ЧАДОР СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ НА ПРЕТПРИЕМАЧОТ

Светските искуства зборуваат дека со отварање на инкубатори или со примена на чадор стратегијата во голема мерка може да се допринесе за развојот на една економија. Инкубатори се место каде нешто се развива, а чадор представува заштита за да тоа нешто се развива. Двата термина означуваат развој на мали и средни претпријатија, а со тоа и на развојот на претприемништвото. Главни ефекти од развојот на економијата подразбира зголемен прилив на финансиски средства, развој на техника и технологија, како и зголемено вработување, што придонесува за подобра економска состојба во општеството.

Економска кризата во Јапонија покажа дека главниот товар за излегување од кризната состојба ја понесоа малите и средните претпријатија. Тие поради својата флексибилност успеаа да се прилагодат на тешките економски услови, ги намалија трошоците во работењето и прифатија намалување на профитот, а со тоа ги растеретија големите гиганти кои и понатаму останаа конкурентни на светскиот пазар.

Така да развивање на малите и средни претпријатија претставува благодет за владата, за големите компании а и за секој поединец од општеството. Па во светските рамки имаме голема примена на инкубатори или чадор стратегија во кои се развиваат мали и средни претпријатија.

Најголем промотер на отварање на инкубатори е државата. Државата може значително да го олесни започнувањето и развојот на претпријатието, како и да му отежне во работење дури и да го уништи. Но, државата има моќ и интерес за отварање и развој на инкубаторски центри, бидејки добива нови даночни обврзници, што значи зголемен прилив во буџетот, а добива и социјални мир бидејки се овозможува отварање на нови работни места. Некои автори поставуваа прашање дали е потребно да се ангажира држава со своите инструменти на моќ околу започнување и развојот на малите и средни претпријатија. Но, со појавата на најнова економска светска криза и со отворената помош на своите претприемачи која ја промовираат светски лидери, таа дилема веќе јавно се надминува и не се остава веќе бизнисите стихијски да се развиваат во сурови реални услови во работењето туку несебично се помага на напорите на претприемачите околу развојот на секоја позитивна бизнис идеја. Така да државата која е значаен и моќен фактор треба да помага во развојот на претпријатието се додека не стане отпорно како на надворешни така и на внатрешни закани (види SWOT-анализа). Со развојот на инкубаторски центри државата влијае на развојот на претприемништвото како и на развојот на самите претприемачи, кои преко работењето стекнуват искуства како и финансии со кои понатаму можат да влезат во следни позначајните проекти. Средствата за отварање инкубаторски центри може да се побараат и од земјите донатори, кои би помогнале за развој преку доделување на поволни финансиски кредитни линии, преку донирање на одредени технички средства ( компјутери, некои машини за производство…), преку организирање на предавања семинари, гостувања на експерти преку кои претприемачите ќе се здобијат со нови знаења, искуства како и со практична примена на тие нови знаења и искуства. Земјите донатори добиваат зголемена значајност во очите на локалното население и ја зголемуваат репутацијата на својата земја. Донаторите најчесто се поразвиените земји. Па доколку не го поддржат развојот на помалку развиените земји можат да го затворат идниот пазар на својата земја бидејки неразвиените земји нема да имаат ниту средства ниту знаење масовно да ги користат идните технолошки производи. Така да од една страна се работи за добро дело, а од другата страна се работи за взаемен интерес. Меѓутоа оној што треба да се моли не треба да се лути, така да во контактот со странски донатори треба да се потенцира нивното добро дело, а не взаемниот интерес.

Инкубаторски центри најчесто се отвараат таму каде некоја одредена деловна гранка доживеала пропаѓање па се јавува голема сиромаштија и невработеност. Бидејки кај нас економска состојба не е розева има потреба за отварање на инкубаторски центри низ целата држава.

Локација на инкубаторски центри можат да бидат напуштени хали, воени објекти или други расположливи капацитети. Поради напуштање на ЈНА на големиот број на касарните низ целата држава останаа големи просторни капацитети неискористени каде би можело да се отворат инкубаторски центри. Плаќањето на киријата и комуналиите треба да биде симболично колку да се платат одредени трошоци и одржување на животна средина за да не се предизвика загадување односно да се избегнат еколошки проблеми.

Претпријатијата би требало да можат да останаат во инкубаторот до неколку години се додека не зајакнат, а потоа треба да настапуваат на пазарот под пазарни услови и треба да се повлечат од инкубаторите за да им отстапат место на други претприемачи кои сакат да се развиваат. Доколку има неискористени просторни услови претпријатието може и понатаму да остане во инкубаторски центар, но бидејки сега работи во реални услови и надоместокот ќе треба да го плаќаат во реален износ.

Покрај обезбедување на просторни капацитети државата мора да обезбеди и финансиски средстав, кои би биле доделувани по поволни услови. За таа цел државата може да формира агенција за развој, која би обезбедувала финансиски средста, а би давала и гаранција кај банките дека финансиските средства ќе и бидат надокнадени доколку претприемач не успее во својот потфат. Со цел да не се злоупотребат овие поволности внимателно треба да се набљудува работењето на претприемачот, а финансиски средства да се доделуваат во неколико етапи според нивото на спроведување на активностите од бизнис планот. Функција на таа агенција би била и образование, обезбедување на потребните информации, обезбедување на меѓународната соработка, поттикнување на научно истражувачката работа, овозможување на трансфер на технологијата, давање на подршката за иноваторите, настапи на саеми и други манифестации и подршка на извозот.

Инкубаторите можаат да организираат и да управуват со нив и универзитетите. Бидејки таму е сконцентрисано големо знање па претприемачите можат да добијат квалитетна техничка и стручна помош за реализирање на својата бизнис идеја со минимална финансиска помош. За реализирање на оваков инкубаторски центар потребни се минимални услови, најмногу добра воља на членовите на универзитетскиот состав, секако со помош на државата и на странските донатори кои би обезбедиле просторни капацитети, поволни финансиски средства, како и технички средства. Членовите на универзитетот би имале пред се морална сатисфакција бидејки заработка би била во втор план, понатаму би го преточувале своето огромна теоретско знаење во остварување на практични проекти и полесно би се докажале во реален пазарен натпревар. Добиените резултати од работењето би можеле да го презентират на научните собири, а би можеле и да ги презентираат во своите стручни трудови. Кај нас најдобар пример за вакво однесување е Машински факултет-Скопје, каде под раководство на професорот Д-р Радмил Поленаковиќ се развива претприемништвото, а со тоа и целокупна економија.

Инкубаторски центри можат да отворат и големи компании, кои имаат интерес за развој на малите и средни претпријатија. Тие најчесто ги форсират инкубаторите за своите поранешни вработени, помагајки им на поранешните колеги кои поради одредени контракции во работењето останаа без работа да продолжат со самостојно работење. Меѓутоа најчесто не прават проблем ни на луѓе од надвор кои сакат да се вклучат во работење на ваков инкубаторски центар. Тие можат да отстапат дел од своите просторни капацитети, каде би се одвивале деловни активности. Понатаму можат да понудат квалитетна стручна помош, можат да отстапат некоја од постарите производствени машини, а можат да понудат и финансиска подршка за развојот на производствени програми кои за нив не се доволно атрактивни ни профитабилни, а претприемачот од нив може да заработи одредена сума на пари.

Инкубаторски центри можат да отворат и големи франшизери. Значи за да се стане член на овој инкубатор потребно е да се купи соодветна франшиза. Со самото купување на франшизата (види текстовите за франшизата) продавачот на франшиза се обврзува да дава обука на купувачите на франшизата со што би се остварило униформно работење во секоја одделна франшизинг единица. Низ целиот свет може да се уочи униформно однесување во секој Mc Donalds центар, а има и многу други слични примери.

Постојат можности да се отворат и инкубатори како самостојни претпријатија. Тие претпријатија се специјализираат само за давање помош на претприемачите во почетен стадиум на работење, со одреден финансиски надоместок.

post

ГЕНЕРАТОР НА БИЗНИС ИДЕИ

Дали некогаш сте се обиделе да дојдете до бизнис идеја и баш кога мислите не може да ви дојде на ум ништо? Тоа е заради креативноста која доаѓа во различни моменти кај различни лица на различни места. На пример, додека возите автомобил сами, на некој досаден состанок, на WC школка …

Заради тежината на моментот на креативноста Creative Consultancy The Director’s Bureau разви алатка која може да Ви помогне во зголемување на креативноста за добивање на бизнис идеа. Оваа алатка се нарекува ГЕНЕРАТОР НА БИЗНИС ИДЕИ. Но повторно, напоменуваме ова алатка нема да може да ви даде уникатна бизнис идеа, туку само една идеа за понатамошно развивање на бизнис идеата.

Како работи генераторот на бизнис идеи? Составен е од 3 групи на зборови кои кога ќе кликнете на копчето за генерирање на идеи се вртат и по случаен избор застануваат во линија од 3 збора која всушност треба да ве поттикне за креативно размислување на спојот на тие производи.

Од сликата можете да забележите дека се погодија зборовите смешен музички ресторан. Ова е веќе почеток на бура од идеи (brainstorming) со тоа што велите: Да добра идеја, нема таков ресторан. Па си ги поставувате прашањата:

  • Што е тоа смешен музички ресторан?
  • Дали ќе биде смешен со смешна музика или со изгледот?
  • Како да се изведе да еден ресторан биде смешен?
  • Каква музика ќе го симболизира тој ресторан?
  • ….

Во секој случај добра алатка за покренување на креативноста за бизнис идеи. Можете да ја пробате доколку кликнете на линкот:  http://www.tdbspecialprojects.com/

post

БИЗНИС ПЛАН – АЛАТКА ЗА КОМУНИКАЦИЈА, ПЛАНИРАЊЕ И МЕНАЏМЕНТ

Бизнис планот е основна водилка на секој бизнис. Бизнис планот е елемент на бизнисот што и ја зајакнува потенцијалната енергија на севкупниот бизнис и ја претвора таа потенцијална енергија во кинетичка енергија, а тоа е успешен бизнис. Зошто во однос на потенцијалната енергија бизнис планот се јавува и како средство за зголемување на потенцијалната енергија и како средство кое ја трансформира таа потенцијална енергија во кинетичка енергија? Сега ќе го претставиме одговорот на оваа прашање:

  • Бизнис план како билдер на потенцијална енергија. Секоја подготовка на бизнис план бара разгледување на тековните аспекти на бизнисот како и разгледување на идни (можни) бизнис аспекти. Ова се однесува на било каква форма на бизнис план (листа на работи кои треба да се завршат или пак сеопфатен бизнис план по ПС). На ваков начин ќе се разгледаат аспектите кои може да се подобрат (да им се зголеми потенцијалната енергија). Од друга страна бизнис планот дава временска рамка на некои активности и му овозможува на менаџментот да ги следи тие активности и да превзема корективни акции за да се зголеми потенцијалната енергија на бизнисот. Од трета пак страна, преку бизнис план се овозможува комуникација со финансиски институции и потенцијални инвеститори што може да доведе до прилив на свежи финансии со што во добар дел ќе се зголеми тековната потенцијална енергија.
  • Бизнис план како трансформатор на потенцијална во кинетичка енергија. Секој бизнис започува со бизнис идеја. За да таа бизнис идеја постане вистински бизнис се ставаат на хартија и идејата и планираните активности и спроведените анализи како и предвидувања. На ваков начин потенцијалот на бизнис идејата се трансформира во вистински бизнис. Временската рамка за изведување на некои активности и увидот на претприемачите и менаџерите во реализираното и сеуште нереализирано дава надеж дека се ќе биде завршено како што е планирано, а со тоа и бизнисот ќе постигне нешто (ќе заврши некоја работа – кинетичка енергија).

Може да забележиме дека бизнис планот не е само алатка за планирање, туку многу повеќе од тоа. Бизнисо планот е:

  1. Алатка за планирање
  2. Алатка за комуникација и тоа со потенцијални инвеститори и финансиски институции, помеѓу менаџментот и вработените, и помеѓу она што не е сработени и она што треба да се сработи.
  3. Менаџмент алатка за следење на прогресот на бизнисот.
post

ВЕБПРИЕМАЧ – ЕДЕН НОВ ТЕРМИН

Се почесто во развиените земји се користи терминот „вебприемач“ (WebPreneur). Овие лица се дефинираат како личности кои започнуваат или водат веб базирано претпријатие. Како што зборот прет-приемач се однесува на луѓе кои започнуваат или водат нови бизниси (претпријатија) така терминот вебприемач се однесува исто така на бизниси но веб базирани бизниси. овој збор вебприемач го исковавме ние како превод на англискиот збор. Можеби не е адекватен преводот, можеби специјалистите за македонски јазик ќе ни забележат. Но, целта тука не е да го надградуваме македонскиот јазик, туку да ги видиме бизнис можностите што ни се нудат.

Веб базирани бизниси се оние кои целосно функционираат преку веб. Овие бизниси немаат физички локации како продавници, канцеларии, служби итн. Продажбата се изведува директно преку веб и зад тие продажби вообичаено стојат автоматски процеси кои целата работа наместо продавачот ја изведуваат за одреден процент од трансакцијата како надоместок.

Основните предности на овој тип на претприемачи се:

  • Ниски трошоци за започнување на бизнисот (од 200-300 евра). Потребен хостинг за сајтот, регистрација на домеин име и автоматизиран систем за наплата.
  • Изгледа професионално исто како и големите компании
  • Работата на различни служби ја изведува преку автоматизирани процеси и нема потреба од дополнителни вработени.
  • Глобален пазар. Пазарот не е ограничен само на локално или национално ниво, туку достапен е глобалниот пазар.

Но за вакви типови на претприемачи во Република Македонија постојат многу ограничувачки фактори како што се:

  • Сеуште слабата свесност кај граѓаните за користење на интернетот како виртуелна продавница. Кај нас сеуште можете по шалтерите на банките да видите луѓе кои вадат пари од картичка (стојат на шалтер, а не пред банкомат).
  • Страв од злоупотреба на картичките при изведување на трансакција. Јас лично имам купувано преку интернет повеќе пати и никогаш не ми се случило нешто непредвидено.
  • Неразвиен систем за наплата. Една од банките нешто воведе но тоа не е тоа.
  • Невозможен пристап до глобалните системи за наплата како ClickBank и PayPal.
post

ФИСКАЛНИ И СОФТВЕРИ ЗА ПРОДАЖБА

Како стоиме со фискални апарати, принтери итн. Да, тоа е регулирано со Закон за регистрирање на готовински плаќања со кој се уредува воведување и користење на фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и кој стапи на сила на 04.05.2001. Супер, уште малку па 8 години како е на сила.  Нешто што е доста интересно со тој закон е регулирано и постоење на овластени производители и дистрибутери на фискални системи кои учествувале на повик на Министерство за финансии, ги исполниле пропишаните критериуми и добиле дозвола за производство. И на еден таков конкурс се избрани „најдобрите“, „најспособните“, „најквалитетните“ во „грабеж“ на векот во нашава напатена државичка. И така 6 фирми си го поделија кајмакот и уште си го делат од фискализацијата на нашата напатена државичка, а со тоа и успешно учествуваат во рушењето на претприемништвото и претприемничкиот дух. Уште нешто со тој закон. Вие како претприемач ќе мора да им плаќате за одржување на дистрибутерите на фискалните без разлика дали имате потреба од нивно одржување или не. Е ТОА СЕ ВИКА ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА ВО ЦРВЕНА (СОЦИЈАЛИСТИЧКА) БОЈА.

Софтвери за продажба се нешто сосема друго. Доколку сакаш фискален принтер кој работи преку компјутер и мора да има софтвер за продажба ќе мора да го набавиш од истиот дистрибутер (на фискалната) или пак од некој негов близок програмер кој е „најспособниот“ во програмирање за да го направи софтверот компатибилен со фискалниот принтер. Но од друга страна кога ќе појдете по продавници ќе забележите дека во најголем број на случаи се користат софтвери стари „100“ години. Ова се забележува по интерфејсот на истите. Едно нешто реба да се знае, и најдобриот програмер не може да направи бизнис софтвер сам. Не ја знае бизнис логиката. Во секој софтвер 10% е рабта на програмерот, а 90% е работа на бизнис експертот. Овој софтвер кој служи и за продажба и за регистрирање на готовински плаќања треба да му овозможи многу повеќе функции на претприемачот во вид на извештаи и аларми. Какви аларми? Аларми за залихи, аларми за потребни набавки, аларми за потребни плаќања итн. Какви извештаи? Извештаи кои во секој момент ќе дадат графички приказ за тековна состојба, за движењето на продажбата во определен временски период, за денови со најголем промет или најмал промет, за просечно купување од еден купувач, за маркетинг кампањи во споредба со продажбата… И уште еден куп други можности. Ова ќе овозможи соодветно следење на состојбата и подобрување на квалитетот на одлуките кои ќе се носат во иднина. Ова се вика BUSINESS INTELLIGENCE. Дури и Microsoft Excel може да ви даде подобри резултати отколку тие т.н. софтвери за продажба. А пак да не зборуваме за MS Access.

Но, да се надеваме дека некој ден ќе се либерализира и овој пазар во Република Македонија па и напатените претприемачи ќе ги почувствуваат поволностите. Едно време имавме најскап интернет. Конкуренцијата овозможи поевтин но поквалитетен интернет. Така и во оваа подрачје на фискализација е потребна одредена либерализација на пазарот, но со точно дефинирани минимални стандарди кои една фискална каса треба да ги исполнува. Зошто минимални? Па ако стандардите бидат максимални, нашиве колку се разбираат пак ќе го ограничат технолошкиот напредок. А тоа значи смрт за секаков бизнис.

post

ТРПЕЛИВОСТ, УПОРНОСТ

Секој бизнис нема да може да носи профит од самиот старт. Можеби ќе бидат потребни 1-3 години да се почувствува сласта на профитот. Но и тогаш парите ќе бидат малку. Многу бизниси пропаѓаат заради разочарување на претприемачите. Тие очекувале повеќе пари уште од самиот старт. Но секој нов бизнис е исто како бебе. Вие како родител рчате се додека е бебе. Тоа не може да ве послуша да ви донесе нешто се додека не порасне и не почне да разбира. Така и новите бизниси бараат вложување на труд и пари се додека не застанат на нозе. Овој период може да биде краток (што е редок случај), но може да биде и подолг (што е чест случај).

Затоа едни од клучните фактори за успех на претприемачите е трпеливоста и упорноста. Како претприемач морате да бидете трпеливи и да знаете дека вашиот бизнис е нов и не им е познат на потрошувачите. Како нов претприемач мора да знаете дека мора да бидете упорни и да не се откажувате по првата сопка. А, сопки ќе имате. Овие сопки можат да бидат во вид на потребни фнансии, во вид на напади од конкуренти, во вид на изгубени зделки…

Морате да бидете трпеливи со вашите маркетинг кампањи и да ги следите за да продолжите со оние кои даваат допринос во зголемување на продажбата. Морате да бидете упорни со вашите маркетинг кампањи, бидејќи само преку добар маркетинг ќе привлечете внимание. А, внимание ви е потребно. Запомнете дека сеуште сте нов во бизнисот. Морате да бидете и трпеливи и упорни за менување на навиките на вашите потенцијални клиенти. Тие досега биле клиенти на вашите конкуренти. Како ќе ве забележат, зошто да ја сменат навиката на купување?

Трпеливоста и упорноста на новите претприемачи е потребна заради тоа што:

  • бизнисот е нов и непознат
  • потребно е огромно количество на труд
  • слаб маркетинг или мал буџет за маркетинг
  • имате недостаток на финансии
  • постои можност од разочарување
  • страв за тоа дали ќе се постигне успех
  • доколку не сте трпеливи и упорни нема да го видите вистинскиот потенцијал на вашиот нов бизнис.
post

10 ЧЕКОРИ ЗА ЗАПОЧНУВАЊЕ НА БИЗНИС

Започнување на бизнисот е едноставна работа. Но, доколку сакаме да започнеме бизнис и да биде успешен потребно е да се следат некои чекори, потребно е да се изведат некои активности. Ова се 10 основни чекори за започнување на бизнис кои секој иден претприемач би требало да ги превземе. Она што е важно за овие чекори е то дека тие треба да се поминуваат еден по друг по редоследот кој е опфатен како би претставувале една целина за предстартап фазата од животниот циклус на претпријатијата.

  1. Напишете повеќе идеи на хартија. Колку повеќе идеи имате толку е поголема веројатноста дека ќе ја изберете вистинската. Повеќе идеи ќе бараат повеќе размислувања уште во раната фаза бидејќи ќе морате да донесете одлука за тоа со која бизнис идеа да започнете. Ова ќе бара одредена анализа на пазарот со што ќе станете поблиски со вашиот иден пазар.
  2. Направете мала анализа на пазарот за тие идеи. Овој чекор не значи дека ќе мора да најмите консултант за анализа на пазарот. Ова е обична анализа преку разговори со вашите блиски и далечни роднини, пријатели, познаници и секој кој може да даде допринос во вашата анализа. Во овој чекор вие шетате по различни улици и го мерите сообраќајот. Ги следите можните конкуренти во однос на тоа колку луѓе дневно влегуваат и купуваат. Сите тие разговори или анкетирања, како и информации од терен ги бележите како би можеле да им дадете некоја оценка на различните бизнис идеи.
  3. Рангирајте ги врз основа на резултатите од анализата. Бидејќи во претходниот чекор собравте информации за бизнис идеите и им дадовте некоја оцена, рангирајте ги истите по редослед од оние со најголема оценка до оние со најмала оценка. Дополнително разгледајте ги првите три во однос на тоа колкава е разликата во оценките. Доколку од првата до третата и од првата до втората е голема разликата донесете одлука за прворангираната идеа. Но, доколку разликата е мала и незабележителна направете дополнителни истражувања и анализа како би ја избрале најдобрата.
  4. Разгледајте ја вашата финансиска состојба. Овој чекор е многу значаен како за вас лично така и за вашиот иден бизнис. Извадете ги сите пари што ги имате во банка, во фиока, во џебовите или било каде што чувате пари и избројте ги. Направете проценка за тоа колку пари ќе ви бидат потребни за стартување на бизнисот. Имате ли доволно? Ќе ви реба ли уште пари? Од кај да најдете доколу немате доволно? Одговорете на сите овие прашања и реализирајте ги одговорите за да преминете на следниот чекор.
  5. Направете бизнис план. Ретко кој бизнис кај нас започнува со бизнис план. Но, бизнис планот е тој што ќе ви ја прикаже иднината (барем на хартија) за вашиот бизнис. Бизнис планот е тој што ќе ви помогне во донесување на одлуки во текот на работење на вашиот бизнис во првите неколку години. Бизнис планот е тој кој ќе ви ги покажува целите и зацртаните патеки на вашиот бизнис. Едноставно, бизнис планот е тој што ја претвора вашата потенцијална енергија во вид на бизнис идеа во нешто веќе опипливо. И едноставно мора да имате бизнис план доколку сакате да ја избегнете анархијата при работењето на вашиот бизнис и да постигнете успех.
  6. Направете маркетинг план. Маркетинг планот може да бидне во склоп на претходниот чекор или како посебен чекор. на вас е да изберете. Ретко претприемачите кај нас размислуваат за маркетинг пред отпочнување на бизнисот. Но, добар маркетинг план ќе овозможи побрзо постигнување на вашите цели за отпочнување на бизнисот, а тоа е секако профитот.
  7. Внесете го во правниот систем (регистрирајте го бизнисот). За оваа не реба да имате никакво знаење, едноставно контактирајте некој адвокат или фирма која се занмава со регистрација и за мала надокнада ќе ја заврши сета работа. Доколку не сакате да плаќате одете во Централен Регистар или посетете ја нивната веб страна и прочитајте ги упатставата за регистрација и отребнте документи.
  8. Изберете локација. Вашата мала анализа од чекор 2 како и вашиот бизнис план опфаќаат анализа на локации. Изберете ја локацијата која од анализите е најдобра. Побарајте слободни простори и преговарајте за висината на наемот и направете договор. Доколку имате ваша локација и веќе сте одлучиле да ја користите прескокнете го овој чекор.
  9. Изберете вработени. Направете план за вреднување на кандидатите за вработување. Објавете оглас. Побарајте препораки. Интервјурајте ги. И оценете ги. Изберете ги оние со највисока оценка. Направете договор и легализирајте ги. Доколку планирате да работите како солопретприемач прескокнете го овој чекор.
  10. СО СИТЕ СИЛИ НАПРЕД!
post

АКЦИЈА, АКЦИЈА И САМО АКЦИЈА

Навистина насловот звучи доста активно. Што значи тоа акција? Наједноставно кажано преземање на некоја активност која што сте ја планирале. Зачекорување. Тргнување напред. Сето тоа претставува акција. Кога сакате да започнете нешто мора да преземете акција. Може да имате добра бизнис идеја. Но таа е само во вашиот ум, или вашиот сон. Ако остане така останувате само сонувачи. Но, ако преземете акција во вид на бизнис план со рокови на извршување за вашата бизнис идеја таа веќе станува реалност а не сон.

За да постигнете резултати мора да превземете нешто. Резултатите нема да ви дојдат сами. Можете да разговарате за вашите планови до бескрај. И навистина многу луѓе разговараат за превземање на акција. Но тоа е лесно. Тежок е првиот чекор, а потоа самото ве влече во други акции.

Од друга страна доколку не превземате акција нема да погрешите. Оној кој не работи и не греши. Во бирократски организации постојат еден куп добри „неказнувани“ работници кои се наградуваат бидејќи немаат грешки. Но, дали некој се запрашал зошто тие не грешат? Дали тие работат нешто? Дали превземаат акции? Дали реализираат нови идеи? Постојат голем број на Јапонски менаџмент филозофии, а тоа е дека грешките треба да се наградуваат. Секоја грешка значи ваше поголемо искуство. Секое искуство носипоголема потенцијална енергија на вработените, а со тоа и на бизнисот во целина.

Доколку вашата планирана акција се однесува за отпочнување на бизнис вие со читање на материјалите на pretpriemac.com превземате некоја акција за стекнување на знаење за отпочнување на вашиот бизнис, што моментално е само бизнис идеја.

Доколку вашата планирана акција се однесува на ширење на вашиот постоечки бизнис, овој блог може ќе ве охрабри да го направите првиот чекор. Бидејќи доколку не го направите тој прв чекор нема ни да знаете дали вашиот план за ширење е добар или лош.

Успешните претприемачи се обични луѓе кои превземаат акција. Може да имаат повеќе грешки и падови. Но, искуството од тие грешки и падови го користат во успех од следна акција.

Повеќе акции реираат успех математички кажано претставува функција од пробувај и греши, знаење и постигнување на целите. Само со превземање на акции успехот ќе си дојде.

АКЦИЈА 1 + АКЦИЈА 2 + АКЦИЈА 3 + …+ АКЦИЈА N = УСПЕХ (ПРОБУВАЈ И ГРЕШИ, ЗНАЕЊЕ, ПОСТИГНУВАЊЕ)