post

Дали Претприемач Воркохолик е Успешен?

Многу често поставувано прашање е тоа дали успешен претприемач е воркохолик. Се вели ако работиш повеќе ќе заработуваш повеќе и ќе имаш успешен бизнис. Но, дали е тоа точно? Можам слободно да кажам дека овој напис ме испровоцира од една конференција за жени претприемачи која ја гледав на телевизија, а која најверојатно беше по повод на минатогодишната недела на претприемништвото во Република Македонија. Овој напис всушност ми беше во план да оди како дел од анализата на претприемнички фактори за успех која ја спроведуваме во моментов. Но, што е тука е, одиме сега.

Во телевизискиот приказ на таа конференција можеби во едно 40-тина минути колку ја гледав се спомена над 20 пати следнава реченица:

Претприемачот е воркохолик. За да бидете успешен претприемач треба да бидете воркохолик. За да успеете и Вие како претприемач и Вашиот бизнис треба да бидете воркохолик.

Ова се повторуваше постојано од еден универзитетски професор (Европски Универзитет).

На конференцијата имаше и една жена успешен претприемач која пак во спротивност на универзитетскиот професор кажа дека тие не работат на принципот доаѓање на работа во 7:00 или пак 8:00 наутро (бидејќи е спанка) и немаат дефинирано работно време (работат кога имаат работа). Таа како претприемач ги организира своите вработени за да го извлече нивниот максимум.

Па, добро што е сега точно?

Првин, до пред некое време и јас мислев така се додека не започнав да посетувам курсеви и обука надвор од Македонија (нормално преку интернет). Сватив дека живееме во заблуда. Односно, не учат на погрешни чекори. Не учат да бидеме претприемачи кои во развиените земји не ги сметаат за успешни претприемачи.

Две работи се значајни во однос на оваа прашање:

  • Зошто Вие како еден иден претприемач започнувате бизнис?
  • Самиот дизајн на Вашиот иден бизнис.

Прочитајте ги следниве прашања и одговорете ги:

  • Дали започнувате бизнис за да работите повеќе?
  • Дали ја оставате сегашната работа за да работите повеќе и да заработите повеќе?
  • Дали започнувате бизнис за да немате време да поминете со Вашето семејство?
  • Дали цената што ќе ја платите за поголема финансиска сигурност е Вашето сопствено време?

Доколку одговорот на сите овие прашања е НЕ, тогаш Вие нема да бидете претприемач воркохолик туку ќе имате потенцијал на успешен претприемач кој ќе си го живее вистинскиот претприемнички живот.

Како да Бидете Претприемач кој не е Воркохолик?

Како што веќе наведов потребни се два елементи за да не бидете воркохолик.

Првин за да бидете успешен претприемач ќе треба да знаете точно што сакате од Вашиот бизнис. Немојте да се лажете дека не сакате пари, не сакате луксузни одмори и шетање, не сакате скапи автомобили… Доколку кажете дека сакате стабилна работа подобро вработете се за некој друг и не започнувајте со бизнис и претприемничка кариера. Запомнете го следново:

  • Бизнисот треба да работи за Вас, а не Вие да работите за бизнисот. Работите онолку колку што е потребно за да бизнисот функционира како што треба. А, бизнисот треба да работи за Вас да ви го обезбеди животот кој што го сонувате и сакате да го постигнете. Вашиот живот мора да биде дел во дизајнирање на Вашиот бизнис. Ова е и една од најголемите грешки на просечни претприемачи бидејќи не го внесуваат нивниот живот кога го дизајнираат бизнисот кој сакаат да го започнат.
  • Вие како Претприемач го поседувате бизнисот, а не тој Вас. Доколку се направи грешката со невклучување на Вашиот посакуван живот и Вашите соништа во дизајнирање на бизнисот, за бргу време бизнисот ќе започне да ве поседува. Ќе ве поседува доколку немате време за свој сопствен живот кој што го сакате. Да бидеме реални, дали Вие ќе имате живот доколку работите 10, 12 или пак 20 часа дневно. Што значи ова? Значи дека бизнисот ве поседува Вас.

Втората работа која ќе овозможи да не бидете воркохолик е дизајнирање на Вашиот бизнис. Но, при дизајнот потребно е да се вклучи претходниот елемент, односно она што сакате Вашиот бизнис да го прави за Вас. Дизајнирајте го бизнисот едноставно како средство за исполнување на Вашите лични животни цели. Само на ваков начин ќе дизајнирате успешен бизнис, односно бизнис кој ќе Ве исполнува навистина и ќе ви донесе финансиска слобода која не се постигнува на поинаков начин. За моделирање и дизајнирање на бизнисот можете да прочитате во Бизнис модел – нешто што ќе ви помогне.

Потсетете се само на Robert Kyosaki и 4 вида на луѓе во неговиот квадрант на готовински тек и ќе ви стане јасно.

Заклучок:

Успешен претприемач (Rich Schefren го нарекува Founder, а Robert Kyosaki ги нарекува бизнисмени и инвеститори) не се претприемачи кои се воркохолици, тоа се претприемачи кои градат бизнис со инкорпориран систем бизнисот да работи за нив и да работи да ги задоволува постојаните и потенцијалните потрошувачи.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Анонимен says

    Неможам повеќе да се согласам со авторот и аргументите во текстот…

    Work smart, not hard! – Работете паметно, не напорно!

    • Драган Шутевски says

      Ова беше спој на практично мое и на мојата околина искуство со одредено теоретско познавање и советите на најголемите консултанти за развој на бизнисите.
      Кога првпат влетав во еден реален свет на бизнисот преку еден вид на советничка улога надвор од книгите што ги имав читано на факултет и книгите кои се користат на универзитетите во развиените земји се сретнав токму со овој проблем. Претприемачот имаше слаба финансиска моќ за развој на бизнисот и работеше двократно. Вработување на соработник го гледаше како трошок. Успеав да го убедам да гледа сосема спротивно на вработување на соработник. Да гледа како развој на сопствениот бизнис. Ме послуша и се случи навистина развој преку зголемување на бројот на купувачи, зголемување на приходи, зголемување на бизнис креативност (две глави се попаметни од една) како и зголемување на времето на претприемачот да се посвети на една многу значајна работа – маркетингот кој беше запоставен заради притисок да се врши само продажба.
      Се е во еден квалитетен систем кој до максимум може да се автоматизира барем денес. Тој систем не е составен само од внатрешните елементи на бизнисот (претприемач и вработени) туку има огромен потенцијал и во надворешните елементи во вид на консултанти и оние кои можат да обезбедат еден вид на Outsourcing. Понeкогаш треба да имаш одреден трошок кој ќе ти обезбеди голема полза. Но тој трошок да се гледа со поинакви очи – развој и раст на бизнисот а со тоа и подобрување на животот на претприемачот.

  2. Гого Рафајловски says

    Сосема исправно!

    Тој вид „трошок“ всушност претставува -инвестиција- во случај кога во блиска иднина на самиот бизнис ќе му донесе поголема продажба, поголем профит, подобро работење, поголем удел на пазарот… Но, сите претприемачи за жал не го гледаат тоа така. Затоа што во „стилот на животот“ на претприемачите, тоа е едноставно трошок и губење на време.

    Реалниот свет на бизнисот, и книгите што ги учат/учиме по факултетите многу малку зборуваат на оваа тема, затоа и науката многу малку знае за овој вид проблем.

    За што всушност се работи?

    Да речеме дека сте еден сосема типичен претприемач: започнувате бизнис, на почетокот се трудите да биде се во ред, се растрчувате, носите важни одлуки, во важни моменти, жонглирате со ресурсите. Вашиот бизнис застанува на свои нозе. Почнувате да го стабилизирате. Уште повеќе се трудите, пазарот бара нови начини, зголемувате продажби, правите повеќе пари, ангажирате нови вработени, го ширите бизнисот. Успевате од обична мала компанија да прераснете во нешто што е на прагот да стане „Средно-голем бизнис“. Тука започнуваат проблемите! Вие цело време сте навикнати на -тотална контрола- над вашиот бизнис. Природно, Вие сте тој што го „пораснал бизнисот“ од нула и Вие ја имате (обично кажано) целата заслуга зошто е тој успешен! Но, компанијата доаѓа до една граница кога неможе да си дозволи „природен раст“ од мала во средна компанија поради Вашето (сега веќе опсесивно!) контролирање на сите „детали од работењето“! Сега е времето кога треба да делегирате! Вие всушност го кочите бизнисот, затоа што сакате да имате контрола над работите! Најтрагично е што повеќето претприемачи го знаат ова, но се плашат да направат таков чекор. И почнуваат да работаат двојно повеќе! На долг рок – верувајте грешат многу!

    Досега имам сретнато доста успешни претприемачи на мали бизниси што и по бројни години успешен мал бизнис, се на работ да прераснат во нешто повеќе токму од оваа причина. Затоа статистички, приближно 70% од малите компании на пазарот, од оние кои ја „преживуваат“ таканаречената „смртна маргина“ во почетокот на работењето на еден бизнис, згаснуваат токму во овој период од постоењето. Верувајте, на пазарот постојат доста голем број компании кои се на работ да прераснат во поуспешни бизниси, а се плашат од ваквите промени!

    Од друга страна пак, многу е тешко да се забележи ваквиот феномен од страна на самиот претприемач затоа што, што се однесува до него, бизнисот сосема добро работи, само сега треба повеќе работа (квантитативно, затоа што тој така е научен да го развива својот бизнис). Ниеден вистински претприемач нема да ви каже дека сега е време да почне да делегира! Обичните обуки пак, наменети за претприемачите, воопшто не го обработуваат овој проблем. Денеска насекаде ќе најдете обуки за:

    – претприемништво (започнување бизнис, маркетинг, финансии, селекција на кадри, анализи на пазарот и т.н.) ;
    – менаџерски вештини (најчесто наменети за менаџери на сектори во поголеми компании: продажба, корпоративен маркетинг, меѓународни пазари и т.н.)

    Но, никаде нема да сретнете обука за претприемнички развој! Од таа гледна точка, по мое мислење, само индивидуалните консултанти реално се среќаваат со оваа тема во практиката, како што впрочем, мислам дека е и во горенаведениот случај. И тоа сигурно не било посочено како проблем којшто треба да се реши, туку како еден вид „случајно откритие“ дека -некој запчаник во компанијата шкрипи-. За да убедите еден претприемач на ваков чекор, потребни ви се повеќе од менаџерски вештини, тоа е сигурно. Потребни ви се: доверба, познавање на работењето на компанијата, па донекаде и психолошко анализирање.

    Навратувакќи се на „воркохоличноста“, сакам да го потенцирам она што суштински беше изворедно кажано: Дизајнирајте го вашиот бизнис! Дизнајнирајте го постојано за да вашиот бизнис го прави тоа што вие го сакате од него, не обратно!

Speak Your Mind

*