post

Дали сте претприемач кој стратешки размислува?

Да одиме со една мала вежба. Вежба преку одговор на неколку прашања кои имаат за цел да ви покажат дали сте на вистинскиот пат и дали сте претприемач кој стратешки размислува и стратешки го гради сопствениот бизнис.

Денес е најлесно да се започне бизнис. Но, потоа следуваат следниве искази:

  • Никој не купува, а имаме најдобри цени и одличен квалитет.
  • Не сакаат да ја сменат конкуренцијата.
  • Направив веб сајт но, Google не ме покажува при пребарување.
  • Моите вработени не се на ниво на кое треба да бидат.
  • Не можам повеќе, работам по 15 часа дневно и повторно ништо.

Ова се само дел од прашањата кои ги имам добиено во претходните неколку месеци. Но, не е проблем што се поставуваат прашањата, проблем е очекувањето од страна на претприемачите кои ми ги поставиле тие прашања, а тоа е многу полошо. Очекување дека некој со еден едноставен одговор ќе ги научи каде грешат, што треба да прават и дали може нешо да променат не се очекувања на вистински и потенцијално успешни претприемачи.

И во една ваква ситуација за првото прашање криви се купувачите, за второто конкуренцијата, за третото Google, за четвртото вработените и за петото недостаток на време. Секако оваа не е точно, затоа што купувачите си избираат што мислат дека треба да си изберат, конкуренцијата се врзува со купувачите онака како што смета дека треба да биде врзана, Goole си ја врши својата работа заради исполнување на сопствената мисија, вработените си ја вршат работата онака како што знаат и умеат, а времето секогаш било, е и ќе биде 24 часа едно деноноќие.

Проблемот е кај претприемачот и дизајнот на бизнисот кој тој претприемач го стартувал и тогаш го дизајнирал. На пример, бизнис моделот е важен, но не е доволен за гарантирање на успех. Бизнис моделот е доволен во стартап фазата. Но, што ако бизнисот успее? Па нели тоа е целта на секој претприемач? Стартап бизнис модел и бизнис модел на бизнис во следна фаза кога започнува растот нема да биде ист. А, за да може да функционира мора на бизнис моделот да се “атачира” стратешко размислување од страна на претприемачот.

Ајде да видиме дали вие сте стратешки претприемач. Одговорете ги следниве прашања.

  1. Дали се чувствувате несигурни поради пренатрупаност со разни стратегии и тактики до кои доаѓате на различни начини? Насекаде околу вас ќе прочитате за нови стратегии или пак нови тактики што можете да ги имплементирате и започнувате со различна имплементација, но на сред пат учите нешто ново и ајде повторно од почеток.
  2. Дали се чувствувате како константно да учите, а напредок нема? Да, претприемништвото како професија бара константно учење, но не и преучување. Не, затоа што претприемништвото се базира на акции кои се преземаат од страна на претприемачите, а не од знаењето акумулирано кај претприемачите.
  3. Дали се чувствувате заглавени во позиција каде никогаш не можете да донесете одлука? Всушност дали сте тип кој сака да знае колку што може повеќе за нешто пред да донесе одлука за тоа нешто? Честопати збунетоста предизвикува воопшто да не донесете одлука за започнување на бизнис или пак воопшто да не донесете одлука за нешто затоа што сеуште го проучувате тоа нешто, барате информации, блиску сте…
  4. Дали се обидувате се да држите во ваши раце? Иако имате бизнис сепак се обидувате се вие да сработите. Велам иако имате бизнис, затоа што бизнис значи дека постојат системи и процеси кои обезбедуваат намалување на важноста на соодветна личност во завршување на работите во бизнисот.
  5. Дали започнувате да се сомневате на вашата одлука да бидете претприемач? Уффф… Тешко прашање, но кај многумина ќе биде позитивен одговорот. Кога нешто не оди не оди, и логично е да се појави сомнежот. Но, проблемот не е надворешен, проблемот е внатрешен и се однесува на соодветниот дизајн на бизнисот, односно како сте го осмислиле и дизајнирале вашиот бизнис.
  6. Дали ја чеката следната “голема” можност? За некои луѓе секогаш ќе постои следна “голема” можност која кога ќе се појави ќе се искористи. Сепак, 99% од таквите луѓе остануваат да ја чекаат својата можност која некако самата не доаѓа. Можноста се креира и се грабнува, а не се чека.

Дали овие прашања ве отсликуваат вас како еден претприемач. Доколку одговорот е да, честито за искреноста. Знаење дека некаде се греши е првиот чекор кон поправање на грешките и доближување до посакуваниот успех.

Добро е одвреме навреме да си ги поставите овие прашања, тие ќе ви овозможат рано да откриете дека вашето стратешко размислување или не функционира воопшто затоа што не сте стратешки ориентиран претприемач или почнува да “забегува” затоа што вашиот бизнис веќе се наоѓа во друга фаза, а вие не сте го подготвиле да може да функционира постојано, без разлика во која фаза се наоѓа.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*