post

Дали структурата е во тек со времето?

Организациска структура

Организациска структура

Кога станува збор за малите бизниси често пати структурата (се мисли на организациската) се заборава едноставно со изговор дека бизнисот е мал и нема, ниту пак има потреба од структура. Дури и со 3 вработени малиот бизнис има потреба од структура, особено поради фактот што секој бизнис е составен од функции. Бизнис без функции нема и нема ниту да постои бидејќи секогаш ќе имате продажба, подршка на купувачи, сметководство, производство на производ/услуга, маркетинг…).

Во однос на овие прашања разликата помеѓу големите и малите бизниси е во тоа што големите располагаат со повеќе човечки ресурси додека кај малите заради помали ресурси се јавува до преклопување на функциите. Така, кај малиот бизнис можете да сретнете исто лице одговорно за финансии, продажба и набавка.

Организациската структура не служи само за определувањена позиции помеѓу луѓето опфатени со неа, таа многу повеќе ефекти има врз комуникацијата, функционирањето и ефективноста на различните бизнис функции во самиот бизнис. Затоа е корисно вие како претприемач да ја имате скицата на вашата структура. Со една таква скица многу полесно ќе можете да ги увидите „тесните грла“ кои можат да се јават како препрека за развојот на вашиот бизнис.

Со текот на времето се менуваат и околностите во кои една таква организациска структура на вашиот бизнис опстојува. Бизнисот е жив организациски систем, кој е подлежен на постојани реструктуирања, било да се тие во форма на кратење на трошоци, зголемување на продуктивност, зголемување на ефикасност и ефективност… Секоја промена влијае на промена на структурата. Можеби малите промени немаат некакво драстично влијание, но повеќе такви мали промени со мал интензитет во еден подолг временски интервал и тоа како можат да влијаат на функционалноста на структурата на вашиот бизнис.

Согласно горенаведеното структурата треба да биде прилагодена. Затоа на одреден временски период:

  1. Направете листа на сите промени во изминатиов период кои сте ги направиле во вашиот бизнис. Какво влијание тие промени имаат врз секоја функција во бизнисот?
  2. На скицата на организациската структура наведете ги сите промени и нивното влијание како и можните промени на релации помеѓу функциите.
  3. На истата скица додадете ги имињата на луѓето одговорни за секоја од функциите. Доколку има преклопувања (што за мал бизнис не е невообичаено) наведете го истото.
  4. Подгответе можни прашања за дискусија со секое лице од секоја функција кои треба да ги расветлат нивните проблеми. Дали некој е пооптеретен во однос на другиот? Дали постојат одредени нефункционалности во комуникацискиот систем?
  5. Организирајте состанок со сите тие лица на кој ќе присуствувате вие како претприемач и секое лице. За секое лице одвојте по 30 минути посебен состанок на кој ќе дискутурате за можните прашања од претходниот чекор. Инсистирајте на предлози за решенија на проблемите од нивна страна, не од ваша. Доколку не можат веднаш, бидете трпеливи, дајте им време, но сепак ограничете ги за да може процесот да заврши побргу. Идеално е да им дозволите 2-3 дена за размислување и давање на предлози.
  6. Сублимирајте ги предлозите и додадете ваши предлози кои ќе бидат во согласност со визијата на бизнисот и свикајте ги сите на еден заеднички состанок на кој ќе се дискутираат сите предлози. Дискутирајте за нови предлози и барајте начин целиот тим да најде заедничко решение за доброто на бизнисот.
  7. Откако ќе ги соберете сите идеи и дискусии направете скица на нова организациска структура со одговорностите на секое лице како и врските помеѓу истите. Повикајте ги повторно на состанок и презентирајте ја новата предлог структура. На истиот состанок определете одговорни лица за имплементација на оваа структура.
  8. Следи и подобрувај. На крајот следи ја имплементацијата и секаде каде што ќе се јави потреба од некои измени, менувај. Тоа е еден циклус на постојано подобрување.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*