post

Дел 1: Lean Startup – Што всушност претставува?

Благодарение на Eric Ries добивме едно сосема ново движење, нова филозофија или нови основи на нови научни принципи за претприемачите, односно бизниси во стартап фаза, наречена како Lean Startup. Од негово лично искуство проследено со проучување и на други принципи особено принципите кои се применуваат во производството а кои дале резултати се поставени тие основи или темели. Но, сепак не започнува се тука.

Уште пред да излезат идеите за Lean Startup, Steve Blank, професор на Stanford University, ја напиша една од најдобрите книги за претприемачи насловена како The Four Steps to the Epiphany која едноставно ги воспоставува темелите на моделот за развој на купувачи. Терминот развој на купувачи е искован од страна на Steve Blank и го опишува процесот на паралелно добивање на повратни информации од страна на купувачите иако сеуште се развива производот. Ова значи, освен развојот на производот, паралелно се оди и со развој на бизнис и маркетинг функции. Четирите чекори за развој на купувачи тој ги дефинира како:

  • Откривање на купувачи
  • Валидација на купувачи
  • Креирање на компанија
  • Градење на компанија

Прашањето е што има тука за еден претприемач, односно што добива? Еден ваков пристап обезбедува:

  • Кратење на време за развој на производ, користејќи информации за она што навистина на купувачите им е потребно. Временската разлика од идеја до реализација може да биде многу помала.
  • Расфрлања преку инвестирање на време на активности кои не се важни се елиминираат, или доведуваат до минимум.
  • Трошоците се сведуваат на минимум за развој на бизнисот.
  • Цена на производот и/или услугата ќе биде онаа очекувана, односно оние кои потрошувачите се спремни да платат.

Но, и тука не е почетокот на Lean Startup. Основите се развиени во Toyota. Започнува некаде во 1937 година на минатиот век од човекот кој е основач на Toyota, Kiichiro Toyoda. Тој си поставил за цел да понуди автомобил за иста или пак пониска цена од конкурентите, но со подобар квалитет. Затоа тргнал од тоа колку е спремен купувачот да плати и спрема тоа вршел пресметки за развојните и производствените процеси. Уште тогаш, поради тоа што Toyota немала доволно ресурси кои би можела да ги вложува во поголем обем на производство, Kiichiro Toyoda барал да се штедат реурсите и во нивниот производствен систем да се произведат само толку автомобили колку што може да се продадат.  Тој често го користел поимот just-in-time (точно навреме).

Дали еден бизнис треба да тргне од купувачот во својот развој? Нормално дека одговорот е да. Дали еден стартап бизнис има доволно ресурси за расфрлања? Сигурно дека одговорот е не, доколку станува збор за претприемач кој за првпат се обидува да започне бизнис, бидејќи Eric Ries го дефинира стартап не само како започнување на нов бизнис туку и како дел од една поголема веќе востановена организација, она што го пишувавме во интрапретприемаштво.

По Втората светска војна новиот претседател на Toyota, Eiji Toyoda му дал задача на Taiichi Ohno кој бил шеф на одделението за машинска обработка,  повторно да ги разработи принципите на Kiichiro Toyoda. Во период од 15 години Ohno, со помош од производствено-техничкиот консултант Shigeo Shingo воведува програма за рационализација на производството која производствениот систем на Toyota го направил да биде еден од најефикасните системи во светот. Од таа практика може да се види целта на Lean производство:

  • Поврзување на нивото на производство со вистинските барања на потрошувачите
  • Континуирано подобрување на сите процеси во компанијата
  • Елиминирање на сите непотребни расфрлања (време кое не додава вредност на готовиот производ)

Врз основа на повеќето истражувања кои ги имам спроведено во изминатите 12 години за Lean Manufacturing, Lean Management и Lean Thinking јас го дефинирав како:

Lean менаџментот претставува коктел на концепти, техники, алатки и идеи кои содржат континуирано подобрување на сите процеси во организацијата со цел да се намали времето од нарачката на купувачите до испорака на готовите производи преку елиминирање на сите расфрлања кои не додаваат вредност во производствените и организациските процеси и произведување на онолку колку што може да се продаде со цена која купувачот е спремен да ја плати.

Доколку ја сменам оваа моја дефиниција за стартапи би го добил следново:

Lean Startup претставува коктел на концепти, техники, алатки и идеи кои содржат континуирано подобрување на сите процеси при започнување на бизнис и дизајнирање на производ/услуга со цел да се намали времето од идеја до успешен бизнис преку елиминирање на сите расфрлања кои не додаваат вредност во градење на бизнисот и производот или услугата и вклучување на оние карактеристики во производот/услугата кои што се прифатливи од купувачите со цена која купувачот е спремен да ја плати.

Очигледно нема да можам овој трансфер од принципите на Toyota да го трансферирам во Lean Startup во еден пост мора да произлезе еден серијал. Затоа и ќе продолжиме со:

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*