post

E-mail Маркетинг – Маркетинг Средство 52

Ќе продолжиме со 52-рото маркетинг средство на претприемач. Во овој пост ќе стане збор за E-mail маркетинг како маркетинг средство за малите бизниси. Ова маркетинг средство слободно може да се каже дека не е веќе ново, туку едно од првите кои се појавуваат со развојот на интернетот и користењето на електронската пошта како средство за комуникација како во деловниот така и во приватниот свет.

E-mail маркетинг за малите бизниси

E-mail маркетинг

Што Претставува Е-mail Маркетинг?

Меѓу првите маркетинг средства во овој серијал ги обработивме писмата кои спаѓаат во категорија на директен маркетинг во кој еден бизнис праќа писмо до потенцијален купувач со цел да изврши некакво маркетиншко влијание врз истиот.

E-mail маркетинг исто така претставува еден вид на директен маркетинг во кој наместо хард копи писма се испраќаат таканаречени електронски писма до потенцијалните или тековните потрошувачи. Значи е-mail маркетинг претставува испраќање на електронско писмо до потенцијален или теков потрошувач на бизнисот. Но, ова е во најопшта смисла на зборот. Не би сакал да го користам овој термин како средство кое се употребува во секојдневната комуникација на еден бизнис со друг бизнис или индивидуалец, иако понекогаш може да се смета дека е така. Ова е заради фактот што кога зборувам за ова маркетинг средство мислам на испланирана и координирана кампања за исполнување на маркетиншки цели на бизнисот. Така да ако би барале дефиниција би го дефинирал на следниов начин:

E-mail маркетинг претставува планирана и координирана кампања преку испраќање на група на електронски писма до потенцијални или тековни купувачи за исполнување на маркетиншките цели на бизнисот.

Предуслови за E-mail Маркетинг

Секое маркетинг средство па и ова бара некои предуслови за да има можност да биде класифицирано во категорија успешно. Тука би опфатил неколку за кои сметам дека се најважни.

1. Веб Страна

Прво сметам дека е потребно да се има и бизнис веб страна за да се искористи онака како што треба оваа маркетинг средство. Целта на веб страната е да биде место каде потенцијалните и тековните купувачи ќе ги видат деталите за кои ќе станува збор во самиот e-mail. Ова е поради фактот што понекогаш не можете се да напишете и се да покажете во тој еден e-mail.

2. Алатка за менаџирање

Како втор предуслов е да се има соодветна алатка за менаџирање на кампањите. Можеби сметате дека е доволен MS Outlook, но веднаш ќе Ви одговорам дека не е доколку се работи за една поголем листа. Постои можност и да се користат таканаречените групи (на пример Google Groups), но и тоа е несигурна варијанта особено за гаранција дека пораката ќе стигне онаму каде што е наменета. Во секој случај најдобро е да се искористат некои од сервисите кои нудат ваква услуга.

3. Содржина

Добро е уште во оваа фаза во вид на предуслови да се размисли за содржината на e-mail пораките кои ќе ги праќате. Тие треба да бидат информативни, едукативни, интересни а од друга страна да имаат одредена цел – да поттикнат продажба. Затоа пред да се започне со една ваква кампања е потребно да се избере вистинската содржина.

3. Double Opt-In

Ова претставува секој кој ќе влезе во листата да ја потврди сопствената регистрација. Со попрофесионални алатки за менаџирање ова е нешто што ќе помогне Вашиот домеин да не биде окарактеризиран како spam. Зошто? Затоа што кај поединците постои незнаење и може да пратат жалба до нивниот провајдер со што постои опасност сите меилови кои во иднина ќе доаѓаат од меилот од кој Вие праќате да бидат окарактеризирани како несакани. Со тоа драстично се намалува бројот на примени e-mail-ови кои ќе ги испраќате. На пример, Aweber во случај на една таква жалба автоматски го исклучува лицето од листата и праќа е-mail до провајдерот во кој докажува дека тоа лице самото побарало да биде дел од таа листа.

4. Можност за сегментација

Која и да ја изберете опција треба да размислите за можноста за сегментација на листата. Листата може да биде составена од тековни купувачи и потенцијални купувачи што веднаш прави разлика во самата содржината која ќе ја примаат и едните и другите.

Што може да се користи како содржина?

Секој бизнис може да користи различна содржина за пораките кои ќе ги праќа. Креативноста на претприемачот и тука има најголема улога. Границите се бесконечни и буквално нема пречка дали ќе се избере текст, видео или аудио содржина. Единствена граница е што треба да се следи целта на кампањата. На пример, како содржина може да биде користено следново:

  • Кратки новости од индустријата
  • Едукација за користење на Вашите производи и/или услуги
  • Искуство со Вашите производи и/или услуги на Вашите тековни потрошувачи
  • Покана за учество во наградна игра која ја организира Вашиот бизнис
  • Известување за попусти
  • Анкети
  • Едукативни содржини
  • Нови блог написи на Вашиот бизнис блог
  • Линкови до корисни веб страни поврзани со Вашата индустрија

Одлуки кои ќе треба да ги донесете

Постојат многу одлуки кои ќе треба да ги донесете пред започнување на една ваква кампања. Како најважни одлуки би ги издвоил следниве:

  • Која ќе биде целта на кампањата? Најважната одлука која што ќе треба да ја донесете. Добро дефинирана цел ќе значи и половина дизајнирана e-mail маркетинг кампања.
  • Која алатка ќе ја користите? Многу важно прашање на кое ќе треба да дадете одговор уште во оваа фаза на планирање. Од мое искуство само би препорачал да не се залетувате да користите нешто затоа што е бесплатно или поевтино затоа што подоцна оваа одлука може да ве чини многу повеќе пари доколку погрешите во изборот.
  • Дизајн на кампањата? Направете графички приказ на кампањата, односно видот на меиловите, сегменти на приматели и главни содржини.
  • Каде ќе ги испратите? Логично е во меиловите да имате линкови до каде што ќе сакате да ги испратите примателите. Размислете за алтернативите дали тоа ќе биде продажната страна, контакт страната, блог, промотивна страна… Пожелно е во графичкиот дизајн да ги вклучите и овие елементи кои во голем дел ќе зависат од целта на кампањата и сегментот како примател.
  • Фреквенција на испраќање. Многу важна одлука за која што никогаш нема да бидете сигурни дали сте ја донеле правилно. Мое мислење е дека не треба да се оди со повеќе од 1 до 2 неделно.
  • HTML или Text Plain пораки. Дали пораките ќе бидат во вид на HTML порака која е многу попрофесионална во однос на обичниот текст, но од друга страна одредени приматели не можат да ја примат. Ова со помош на попрофесионалните сервиси како Aweber и Getresponse e решено така да секоја HTML порака автоматски се трансформира и во Text Plain порака при што доколку примателот не може да ја прочита првата ќе ја добие втората верзија.
  • Од која адреса ќе испраќате? Најдобро е адресата да биде домеинот на Вашата бизнис веб страна. Многу попрофесионално е да користите ime@vasbiznis.com наместо ime@yahoo.com.
  • Наслови на поединечните е-mail-ови (Subject). Насловот ќе има влијание на процент на отворање на секоја порака. Направете барем листа на можни наслови на секоја e-mail порака барем на оние кои ќе бидат подесени за секвенцијално испраќање.
  • Како ќе ја промовирате? Иако последно, сепак не и неважно. Промоцијата на листата е Важен аспект за успешноста на e-mail маркетинг кампања. Логично би било да ја промовирате на Вашата веб страна, но не е забрането да користите и некои од традиционалните маркетинг средства како бизнис картички, брошури, летоци

Што да избегнете?

  1. Да испраќате на луѓе кои не се на листа. Основно и прво правило на секоја e-mail маркетинг кампања е да не испраќате несакани meil-ови на лица кои не се на Вашата листа, односно од кои немате дозвола да им испраќате нешто.
  2. Да не користите двојно Opt-In. Обидете се да изберете сервис кој ја има оваа опција, иако ова е еден чекор плус за потенцијалните купувачи сепак на подолг рок носи стабилност за Ваквите кампањи.
  3. Да немате линк за исклучување. Дозволете секој кој како што самиот влегол во листата и самиот да си излезе.

Написов излезе предолг, а ми се чини дека успеав да се искажам само 5% од она што го сакав и планирав. Затоа ќе треба во иднина да ја продолжам темава. Ова беа само кратки насоки за една e-mail маркетинг кампања како маркетинг средство за малите бизниси.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. Tweets that mention E-mail Маркетинг – Маркетинг Средство — Претприемач -- Topsy.com напиша:

    […] This post was mentioned on Twitter by Dragan Sutevski. Dragan Sutevski said: Pretpriemac Novo: E-mail Маркетинг – Маркетинг Средство 52 – Ќе продолжиме со 52-рото маркетинг средство на претпри… http://ow.ly/17bGBA […]

  2. […] e-mail кој од примател на примател ќе ја пренесува пораката […]

  3. […] се регистрирате на RSS feed за ажурирањата на претприемач.E-mail маркетинг станува се покорисно и продуктивно маркетинг […]

  4. […] Rate – Ова е термин кој спаѓа во терминологијата на email маркетинг. Претставува стапка на вратени email-ови до испраќачот […]

  5. […] и менаџери како имаат мал простор и мораат секој email да го прочитаат и по постапување да го […]

Speak Your Mind

*