post

Едноставна но најдобра дефиниција за пазарот

Пазарот претставува важен елемент за секој бизнис затоа што ако не постои пазар нема да постои ниту бизнисот, ниту купувачи, ниту потреби, ниту проблеми, ниту потреба за некое решение кое ќе ги задоволи тие потреби или реши тие проблеми.

Најчесто кога зборуваме за пазар мислиме на збир на купувачи за нашиот производ или услуга. Но, сепак пазарот, барем денес е доста покомплексен отколку што можеме да го дефинираме со една таква едноставна дефиниција како збир на купувачи. Не дека не е точно, туку едноставно комплексноста на денешниот пазар не ни дозволува да користиме толку кратковид поглед кога станува збор за пазарот.

Доколку развртите по литературата ќе наидете на огромен број на дефиниции кога станува збор за пазарот. И сите тие се поврзани со купувачите, што е логично. Сепак една дефиниција која ја користиме како основа и во премиум претприемач, а која доаѓа од книгата Chrosing The Chasm (Надминување на јазот) од Geoffrey A. Moore за пазарот се вели дека е:

  • сет на актуелни и потенцијални купувачи – Овој дел од дефиницијата е нешто нормално што сите веќе го знеме и за кое веќе зборував во овој пост. Значи, како прво пазарот претставува збир на потенцијални и тековни купувачи за еден бизнис. Ако купувачите се наоѓаат во градовите во Република Македонија, пазарот претставува Република Македонија. Овој пазар вака дефиниран има 2 милиони потенцијални купувачи. Ваков начин при дефинирање на пазарот од страна на претприемачите најчесто се користи, иако не ни кажува ништо повеќе отколку едно географско подрачје. Затоа не смеете да застанете тука, мора да продолжите понатаму.
  • за дадена група на производи или услуги – Не е доволно да се каже дека се само купувачи. Тие купувачи се однесуваат за определена група на производи. Значи не само еден производ, туку група на производи. Доколку купувачите се од Република Македонија, но за да се специфицира за бизнис кој произведува безалкохолни пијалоци ќе се каже пазар за безалкохолни пијалоци во Република Македонија. Овој пазар може да има 1,5 милиони купувачи. Забележувате дека веќе на ваков начин имаме поспецифично дефинирање на пазарот за еден бизнис кој произведува безалкохолни пијалоци.
  • кои имаат заеднички сет на потреби – За да кажеме дека имаме пазар за тие производи или услуги, мора купувачите кои ги презентираме како дел од тој пазар да имаат заедничка група на потреби. Ако продолжиме со нашиот пример од претходните елементи на дефиницијата ќе треба да ги разделиме потребите на купувачите на ки ќе продаваме. Доколку потребата е природни безалкохолни пијалоци, пазарот за нашата компанија ќе биде пазар за природни безалкохолни пијалоци во Република Македонија. Овој пазар го сочинуваат на пример 700.000 купувачи. Се повеќе го стеснуваме пазарот за нашиот замислен бизнис.
  • кои си разменуваат информации едни со други кога донесуваат одлука за купување – И секако најважното кое што досега не се нагласуваше при дефинирање на пазарот е тие купувачи да споделуваат и разменуваат информации кога купуваат нешто. Ако продолжиме со нашиот пример, можеме да имаме тинејџери кои веднаш разменуваат информации за нешто добро или лошо со своите останати врсници. Тие се дружат, се среќаваат со други тинејџери, комуницираат на Facebook, споделуваат на социјални медиуми се што им се допаѓа и не им се допаѓа… Во една ваква ситуација, нашиот пазар ќе биде пазар на тинејџери во Република Македонија кои консумираат природни безалкохолни пијалоци. Овој пазар веќе ќе биде на пример 350.000 потенцијални купувачи. Но, за природни безалкохолни пијалоци ќе имаме и друг пазар, на пример семејства кои консумираат само природни безалкохолни пијалоци. Тие семејства се дружат со други семејства, разговараат и споделуваат искуства… На ваков начин, веројатно ќе дефинирате повеќе пазари, но и нема да направите грешка да креирате стратегии и тактики за настап кои нема да одговараат за специфичниот пазар. Затоа што маркетинг стратегија за пазар на тинејџери и пазар на семејства нема да биде иста.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*