post

Еколошки аспекти на меѓународното работење

Екологијата во голема мерка зависи од економските состојби кои владеат во клучните земји. Доколку економијата е во експанзија, тогаш фабриките интензивно работат и се јавува исклучително голема потреба за суровини и енергенси. Производствените капацитети се лоцираат во непосредно опкружување на големите градови за да се заштеди за транспортните трошоци, па доаѓа до зголемено загадување на почвата, водата и воздухот како и до прекумерно искористување на природните богаства.

Доколку економијата е слаба, тогаш луѓето за да преживеат ги распродаваат своите природни богатства, бидејќи во таквите случаи тие имаат за нив секундарно значење. Екологијата зависи и од силината на конкурентските односи помеѓу компаниите. Доколку конкуренцијата е посилна, а ривалите се со подеднаква сила, тогаш користењето на евтини суровини, енергенси и други природни богаства претставуваат еден од условите за создавање на конкурентската предност.

Еколошкото влијание на транснационалните компании можеме да го набљудуваме од две страни: однесувањето на овие компании во матичните држави и нивното однесување во земјите богати со природни ресурси. Седиштето на големите транснационални компании најчесто се во трите најсилни економски блока САД, ЕУ, Јапонија. Што значи дека почетните работења на овие компании се врзуваат за овие земји. Покрај постигнувањето на исклучително позитивни економски резултати, овие компании извршија големи загадувања во овие држави. Како економскиот раст напредуваше, напредуваше и образованието на поголемиот број на луѓе во овие земји, па се разви голема свест за еколошките проблеми кои ги предизвикуваат овие компании. Во голема мерка тие и лично ги почувствуваа последиците на загадувањето. Едни од најпознатите организации за заштита на човечката средина се Greenpeace и Frends of the Earth.

Поради овие причини се воведени построги закони за заштита на работниците што работат во овие компании, а од друга страна се воведоа построги критериуми за работење на компаниите, заради зачувување на здравјето на луѓето како и на природните богатства во целото општество. Па компаниите беа принудени се повеќе да одвојуваат од профитот, за еколошката заштита. Поради овие причини, а и поради желбата да се сочуваат себе си, своите роднини и пријатели, голем број на транснационални компании ги дислоцираа производните капацитети на “валканите” индустрии во посиромашните земји. Друга причина за дислокација е и приближување на производните капацитети до природните богаства и евтините енергенси.

Некои компании кои во своите земји одговорно се однесуваат, во туѓи земји можат да презентираат поинакво однесување. За да го сокријат таквото однесување, од очите на јавноста во своите земји (бидејќи луѓето од развиените земји покажуваат голема грижа кон злоупотребување на природните богатства), може да работат и преку партнерски компании на кои би паднал товарот на одговорноста, доколку дојде до еколошки проблеми, загадување или прекумерно искористување или десеткување на природните богатства. Најчесто тие бајпас компании се во сопствеништво на локалните моќници, кои се во состојба во своите средини да бидат над законот.

Природни богатства се: нафтата, гасот, рудите, минералите, растителниот и животинскиот свет, водените богатства. Нив ги нема во неограничени количини (барем се сметаше или од тие компании сеуште се смета), па компаниите и државите влегуваат во борба за нивно освојување.

Компанијата која ќе обезбеди поевтини суровини ќе се здобие со конкурентска предност во меѓународното работење.

Природните извори можат да бидат обновливи, делумно обновливи и необновливи. Тоа бара тие извори рационално да се искористуваат.

Необновливи извори се: нафтата, плинот, јагленот, златото, кои се се’ помалку присутни, па нивната цена континуирано се зголемува, со што се зголемуваат цените и на други производи и услуги. За да се надмине ова, мора да се воведат алтернативни извори на енергија и алтернативни технологии.

Обновливите извори како што се: храната, шумите, а со тоа и воздухот и водата, мора континуирано да се чуваат, водејќи сметка да се спречи неконтролираната експлоатација и да се воведе редовно пошумување, филтрирање и слични акции.

Зачувувањето на природните богатства претставува национален интерес, но мора да се покаже и глобален еколошки интерес за целата планета. Чувањето на природата претставува услов за опстанок на животот на земја. За да се заштити околината познати се акциите кои ги спроведоа определен број на земји, кога ја забранија употребата на пластични кеси или ја забранија употребата на фосфатите за производство на детергенти, како и голем број други активности. Тоа одредени компании ги доведе во проблематична состојба, им го загрози растот и опстанокот на пазарот, додека другите компании кои имаа алтернативни решенија им отворија големи можности за работењето, бидејќи произведуваат производи кои го решаваат или спречуваат создадавањето на еколошките проблеми.

Главните еколошки проблеми се јавуваат во неразвиените земји, кои поради сиромаштијата и корупцијата често пати не се заинтересирани за трајно решавање на овие проблеми. Богатите земји располагат со средства за заштита, но нивното производство се базира на искористување на евтини суровини и енергенси, па тие покажуваат слаб интерес, штедејќи средства за овие програми.

Еколошките проблеми не можат да се лоцираат само на еден регион и таму да останат, туку се шират низ целиот свет. Најчесто кога компаниите или државита ќе оценат дека нема повеќе простор за чекање или доколку оценат дека е добар момент за создавање на позитивна слика за себе, (со што создаваат и корист во смисол на добриот публицитет), најчесто тогаш се вклучуваат во акција. Но, се почесто гледаме дека тоа се менува, бидејќи и кај менаџерите се јавува свесност за еколошките проблеми, па компаниите се почесто покажуваат интерес за екологија, давајќи на тој начин голем придонес за нејзиното сочувување. За тоа најголема заслуга има семејството. Сигурно дека одговорната личност, која би била јавно посочена во врска со еколошките проблеми нема пријатно да се чувствува, пред својата совест и пред најблиските, бидејќи со општото загадување се загадува и сопствената околина. Еколошките проблеми не знаат за граници и го трујат семејството и пријателите, а некој треба да се погледне во очи.

About Илија Чубровиќ

Comments

  1. Доколку фирмите се заинтересирани за еколошкиот импакт и се заинтересирани за меѓународно работење, треба да воведат системи за управување со влијанието врз животната средина. Таков пример е стандардот ISO 14001:2004.
    Работењето по ISO стандарди се` повеќе се цени на меѓународниот но и на домашниот пазар.

Speak Your Mind

*