post

Економско-финансиски габарит на земјата како мобилизирачки фактор

Постои многу мал број на големи држави, кои имаат развиено сопствени капацитети и поседуваат ресурси за самостоен живот, сите останати држави се упатени на меѓусебна соработка. Но, и државите кои можат самостојно да функционират, доколку би се обиделе да се самоизолираат, брзо би се соочиле со голем број на проблеми (одредени ресурси би им се намалиле, поради намалената конкуренција технолошки би почнале да заостануваат и слично), па и тие земји покажуваат интерес за развивање на меѓународната соработка и размена.

Големите земјени пространства се битни и заради можноста за производство на храна, сместување на луѓе (простор за живеење, рекреација), поседување на рудни и природни богаства, развиени сообраќајни врски и слично. Без оглед на големината, ниеден пазар не може успешно да се развива самостојно и изолирано. Развиените стопански структури со богати ресурси, овозможуваат создавање на голема сила и независност од меѓународната трговија, бидејќи можат да обезбедат поголем дел од своите потреби. Поради својата големина, но и поради поволната географска положба, одредени земји порано се вклучуваат во меѓународната размена, со што се стекнуваат со конкурентска предност.

Големината на земјата како и големината на општественото богатство, го определува значењето на државата во меѓународните рамки. Некогаш големината на земјата може да не се користи на правилен начин, па таа да биде сиромашна и слабо влијателна земја. Тогаш дури и мали и богати земји, како што е Швајцарија, можат да бидат повлијателни отколку големи, а сиромашни држави. Да се биде голем, а особено во индустријата, претставува најдобар начин да се влијае на цените и на трошоците, да се располага со капитал, да се има отворен пристап до пазарите и да се поседуваат и други елементи на моќта, што вкупно придонесува за создавање на голема пазарна моќ.

Постојат и историски фактори кои овозможуваат подобар развој на определени земји во однос на други. Земјите кои и порано претставувале воени сили, поради поседување на големи човечки потенцијали, добра геостратешка позиција, море или некој сличен фактор и понатаму поседуваат потенцијал за значаен економски развој.

До првата Светска војна, доминантна економска сила била Британија, која имала најголеми колонијални пространства. Придобивките што ги имала таа од колонијализмот се: користење на природните богаства, користење на евтина работна сила, обезбедување на пазари за извоз на стоки, услуги, капитал, прибирање на вонекономски капитал (даноци, такси, провизии) и слично.

Потоа, доминантно место во светската економија зазеде САД, а не смее да се занемари ни влијанието на другите големи држави, како што се: Русија, Кина, Индија, кои иако некогаш обременети со внатрешни проблеми, сепак се во состојба да бидат голем фактор во меѓународната економија.

Големите земји се побогати од малите во однос на одредени ресурси, како што се: луѓе, технологија, суровини, енергенси, па можат да вложат поголеми средства и да извршат поголем притисок за зголемување на извозот. Со големата маса на своите производи, големата земја може да влијае на светскиот пазар. За нив значаен е и развојот на вештините, кои прво се развиваат дома, а потоа се пренесуваат во светот. При големи економски обеми, заштедите се прават со специјализација, односно со учење. Со специјализацијата најдобро се искористуваат ресурсите, се зголемува продуктивноста, се намалуваат трошоците, доаѓа до големи откритија и иновации, како во производот така и во техниката и технологијата, што во крајна линија доведува до намалување на цената на производот, а од друга страна до зголемување на квалитетот и на употребната вредност на производот. На тој начин, компаниите ја користат економијата на обемот и развиваат конкурентска предност.

Големата земја, покажува поголема еластичност на увозот во однос на помалата земја, бидејќи е во состојба увозот да го покрие со извозот. Компаниите од големата земја се во состојба поголемиот број на производи да ги пласираат на својот пазар, со што ќе бидат помалку чувствителни кон светските трендови, а вишоците на производите може да ги пласираат и на светскиот пазар. Поради овие фактори, големата земја постигнува доминација во однос на помалите земји. Заради тоа, помалите земји мораат да воведуваат разни механизми за заштитата на нивното стопанство, но нивните механизми поради членство во СТО се значително ограничени, бидејќи се забранува поставување на ограничувањата во трговските односи меѓу државите потписнички.

Недостатокот на голем домашен пазар, малите земји можат да го надокнадат со влегување во интеграции со други држави. Големите земји ги следат сите потези на помалите држави и го користат секое нивно незнаење или грешки и на нив создаваат големи профити, искористувајќи ги нивните потенцијали. Големите земји можат да го ограничат извозот на капиталот и технологијата, па дури можат да предизвикаат и воени судири во земјата, која им ги загрозува интересите. Па, наместо да се развива, земјата би морала да се зафати со решавање на судирите, што значително би го отежнало производството и би и нанело штета на индустријата и на вкупна економија. Големите земји се во состојба, дури и директно воено да ги штитат своите економски интереси, пример подрачјата богати со: нафта, вода, енергенси… Бидејќи најсилните финансиски центри се наоѓаат во големите држави и тие се во можност да ги замрзнат истите, доколку е некоја помала земја политички непослушна или не ги следи интересите на големите земји.

Може да се заклучи дека големината на земјата има влијание врз големината на економската моќ на таа земја, а таа сила во крајна инстанца се рефлектира врз економските случувања во помали земји. За да се намали ова влијание земјите влегуваат во различни видови на поврзувања и сојузи. Во регионално поврзување влегуваат земјите кои сакаат да ја зголемат својата економска, политичка и воена сила. Во регионално поврзување влегуваат како мали, така и големи држави. Регионалното поврзување може да се оствари преку економски, царински, политички и воени унии. Регионално поврзување може да се оствари и преку организирање на културни и спортски манифестации. Регионална поврзаност се остварува и со цел да се одбегнат економски и политички притисоци однадвор, да се намали влијанието на другите сојузи, да се зголеми воениот потенцијал како и да се оствари противтежа на други унии, да се обезбеди динамичен регионален развој, да се обезбеди територија каде што може да се пласираат производите, да се користат суровините и енергенсите, да се намалат царините и слично.

Припадноста на одредени блокови или сојузи, може многу да влијае врз развојот на економската, политичката и воената положба на една земја. Овие сојузи се и воено солидарни против други земји или сојузи. Создавањето на унии или регионалното поврзување ги има следниве предности:

  1. Зголемување на апсорбциона моќ на пазарот.
  2. Растат приходите во рамките на интеграцијата.
  3. Подобро задоволување на животните потреби.
  4. Поголем интерес за неизвозни облици на соработка.
  5. Заострување и менување на карактерот на конкуренцијата.
  6. Менување на законодавството.

Неинтегрираните земји за овие сојузи имаат второстепен значај, а со тоа и помала можност за остварување на соработката. Со создавање и градење на регионални сојузи, може да се избегнат непријателски судири. Пример: обидот да се создаде регионална соработка на Западен Балкан, со цел да се намалат антагонизмите помеѓу државите кои припаѓат на овој регион. Со економскиот развој може да се избегнат и внатрешните судири.

Предностите на регионалното поврзување или создавањето на униите се:

  1. Намалување на потребните документи со што се штеди време и енергија.
  2. Поевтина дистрибуција.
  3. Поголеми извори за снабдување.
  4. Намалување на трошоците за истажување и развој.
  5. Намалување на администрацијата.
  6. Зголемување на пазарот.

Регионалните сојузи најчесто се формираат од земјите кои се во меѓусебно опкружување, но има и сојузи кои ги надминуваат регионалните рамки како што е NATO, Движењето на Неврзаните, Комонвелтот на чело со Велика Британија, поранешниот Варшавски сојуз и слично. Најзначајни регионални сојузи се оние сојузи кои ги предводат најмоќните држави.

Така на Северно Американскиот континент, каде што доминантна сила е САД, е создаден регионален сојуз наречен NAFTA (North American Free Trade Agreemeent), каде Мексико претставува за САД извор на евтина работна сила, додека Канада претставува квалитетен пазар за Американските производи.

Значаен регионален сојуз претставува EU, каде доминантна сила е Германија. Овој сојуз располага со респективен човечки, технолошки и економски потенцијал.

Како значаен регионален сојуз се јавува и APEC – Asia Pacific Еconomic Cooperation, кој го предводат Јапонија и Австралија.

По распадот на СССР се создаде Заедница на независните држави, а овој сојуз е исклучително важен, бидејќи е богат со просторни, рудни и нафтни богаства.

Постојат и други регионални сојузи како ASEAN (Association of Southeast Asian Nations), кој го сочинуваат земјите: Брунеи, Индонезија, Лаос, Малезија, Мјанмар, Филипини, Сингапур, Тајланд, Виетнам.

Државите Аргентина, Бразил, Парагвај, Уругвај, формираа регионален сојуз наречен MERCOSUR.

Боливија, Колумбија, Еквадор, Перу, влегуваат во регионален сојуз наречен Андски пакт.

Дури и земјите, кои имаат ист производствен програм, можат регионално да се здружат, заради заштита на своите интереси. Пример: земјите богати со нафта создадоа здружение OPEC, преку кое се договараат околу висината на производните квоти, а со тоа во голема мерка ја определуваат и цената на нафтата. Значењето на овие регионални сојузи е што тие ги окрупнуваат економските интересни зони и го трасираат патот кон побрз развој на светската глобализација.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*