За да поставите прашање слободно пополнете ја формата подолу:
1 - Notification of when your question has been answered. (Optional)
Најчесто поставувани прашања на претприемач
Веќе поставените прашања можете да ги разгледате подолу:
- Како треба да изгледа едно маркетинг истражување, односно процесот на маркетинг истражување?
- При маркетинг истражување кој вид на анкета е подобар - телефонски или директно? Дали постои отпор за анкетирање од страна на анкетираните?
- Имам прашање околу SEO, поточно каде можам да пронајдам упатство како да направам setup на SEO на мојата веб страна?
- Елементи при избор на локација при отворање на хипермаркет?
- Дали има некоја проформа на организациска шема на работење во една компанија која се покажала како ефикасна?
- Зошто современите економисти го вовеле четвртиот факто - претприемништво?
- Како политичките фактори можат да влијаат врз бизнисот?
- Како се прави опис и попис на работно место - истражување на пазарот ?
- Како да определам време на испорака на нарачка? Која е постапката и кои се формулите?
- Што е функционалност на еден производ?
- Што е регрес?
- Како треба да изгледа и што би искористил за промотивен план?(за Приватен Универзитет поконкретно)
-
Како треба да изгледа едно маркетинг истражување, односно процесот на маркетинг истражување?
Честопати се бараат темплејти за изработка на маркетинг истражување. Јас не ги користам затоа што различен пазар бара различна анализа. Процесот на започнување и процесирање на едно маркетинг истражување во најпрост случај го изведувам на следниов начин:
- Прибирање на информации за пазарот:
- Статистика (Државен завод за статистика)
- Интернет
- Конкуренција (Што и како прави)
- Типови на производи кои се нудат во моментов и нивни карактеристики (може слики, опис...)
- Потрошувачи, кои и какви се нивните однесувања на тој пазар
- Снабдувачи
- Весници од таа индустрија
- Анкетни прашалници
- ...
- Обработка на прибраните информации во форма од која може да се извлече некој заклучок. Јас користам разни алатки но најчесто дизајнирм посебна база на податоци во MS Access која е специфична за случајот кој го анализирам. На таков начин со посебни query-ја правам различни пивот табели и графици од тие податоци преку што извлекувам заклучоци за одредени трендови.
- Документирање на сето она што е сработени во електронска форма со претставување на тие графици до кои ќе дојдеме од претходната фаза.
Нешто слично на оние 40 прашања за анализа на индустријата.
Обиди се заклучоците да и бидат во форма на маркетинг миксот и додади заклучоци во форма на Портеров модел. Можеш да вклучиш и SWOT анализа во однос на сите елементи на маркетинг миксот. Но, она што е најважно истражувањето да даде заклучоци од кои ќе произлезат конкретни чекори за релизација. Впрочем, на никој не му треба истражување без да извлече нешто од тоа.
Се надевам дека барем малку помогнав во овој краток одговор.
-
При маркетинг истражување кој вид на анкета е подобар - телефонски или директно? Дали постои отпор за анкетирање од страна на анкетираните?
Анкетата дава квалитетни, но сепак недоволни информации, затоа е подобро да се користи во комбинација со други соберени податоци. Најдобро е да направите комбинација од повеќе носители на анкетата. На пример, еден дел телефонски, еден дел да бидат соберени податоците преку онлајн анкета (искористете го Google Docs) која ќе ја пратите на mail на познати, и секако на крајот можете и да ја искористите и добрата стара хартиена форма, па да замолите Вашите блиски и пријатели да ја споделат со нивните познаници итн. Доколку се работи за пазар кој е потрадиционален и доколку потрошувачите се поголеми компании можете да користите и факс, бидејќи истиот на таков профил на компании им е многу полесен во однос на mail-от.
Потребно е да направите план на кој начин ќе го спроведете анкетирањето и кого се ќе анкетирате. Отпор кај одреден број на луѓе ќе постои. Но, затоа е потребно за одреден профил на луѓе да се избере вистинско време. Мене пред некој ден ми се јавија од телеком за анкета и ги одбив бидејќи првин не сакам да бидам вознемируван по телефон, може да ми пратат на mail, а токму во тоа време имав важен состанок. Тоа е недостаток на телефонските анкети.
-
Имам прашање околу SEO, поточно каде можам да пронајдам упатство како да направам setup на SEO на мојата веб страна?
Првин SEO не претставува нешто што ќе се подеси и ќе се заборави (Set-it-and-Forget-it). Ако сте ги прочитале постовите од серијалот за SEO ќе забележите дека зборувам за процес а не за еднократно подесување. Значи клучни зборови, содржина, линкови кон таа содржина, внатрешни линкови, ажурирање... Сето тоа бара повторно и повторно завршување на сопствената задача.
Инаку постојат само алатки кои може да ви помогнат. На пример во WordPress постои додаток All in One SEO кој едноставно ви дава можност за секој напис или страна да внесете клучни зборови, опис и наслов како и насоки за поставување на структурата на URL-то. Но, кои зборови ќе ги внесете, каков опис и кој наслов ќе зависи од Вашата анализа и она што сакате да го остварите со сопствената страна. Да не ја заборавиме и конкуренцијата. Не пости волшебно стапче со кое вашата веб страна ќе биде прва на пребарувачите. Таа не е сама, туку има илјадници ако не и милиони конкуренти. -
Елементи при избор на локација при отворање на хипермаркет?
Некои фактори на кои би требало да се обрне внимание се:
- Пристапност
- Видливост
- Сообраќај на луѓе и возила
- Паркинг простор
- Број на згради во околина и демографија на жителите
- Правни регулативи
- Конкуренција во околината
- Трошоци за локацијата
- Трошоци за вработени (патни)
- …
-
Дали има некоја проформа на организациска шема на работење во една компанија која се покажала како ефикасна?
Организациската шема или органограмот претставува дел од организациска поставеност на бизнис. Различни бизниси имаат различни потреби за сопствената организациска поставеност. Значи за некој бизнис ќе одговара матерична структура, за друг бизнис најефикасна би бил функционална. За некои трети некоја комбинација.
Сум бил вклучен во подготовка на структура не еден поголем организациски систем. Како член на комисијата и како во тоа време еден раководител на едно одделение имавме различни потреби. За моето одделение најефикасна беше матрична структура и работа на проекти и региони. Додека за други одделенија беше подобра поедноставна структура на организација.Така, не можеме да кажеме дека има некоја „нај“. Треба структурата да ги следи бизнис потребите.
-
Зошто современите економисти го вовеле четвртиот факто - претприемништво?
Како одговор би го приложил извадокот од постот Развој на менаџментот и местото на претприемништвото во него.
Како посебна школа се јавува и претприемништвото, или претприемниччкиот менаџмент. Реактивирањето на поимот претприемништво и давањето на позначајна улога на претприемништвото почнува во средината на седумдесетите години, околу енергетската (нафтената) криза. Дотогаш се форсирало производство во големи системи (фабрики), а тогаш се установило дека тие големи системи во состојбата на криза, неадекватно реагираат на настанатите проблеми. Поаѓајки од изразот дека големото е силно, но и дека малото е убаво, при тоа не уништувајки ги големите и успешни фабрики, се форсираат малите и средни претпријатија со претпремнички начин на работа. Така да големите и успешни фабрики со своите големи капацитети продолжуваат и понатамо со работењето додека малите и средните претпријатија со својата флексибилност пополнуваат празнина која настанува поради неуспехот на одредени големи фабрики а од друга страна отварат и нови подрачја за работењето. Со ваков начин на работењето малите и средни претпријатија во развиените земји постигнале огромни економски резултати и станале синоним за светско деловно однесување.
Во наши услови, со економија обременета од многу проблеми, на претприемништвото и на малите и средни претпријатија се гледа како на еден клучен фактор за постигнување на економската благосостојба, вработување и просперитет.
Главни теоретичари на овој период се Peter Drucker, Ichak Adizes…
-
Како политичките фактори можат да влијаат врз бизнисот?
Кога станува збор за политички фактори се мисли на едно од 4 подрачја на околината на еден бизнис - PEST. Во тој пост е наведено следново:
Оваа подрачје се базира на законските и подзаконските акти донесени од страна на законодавните домови на една држава како и прописи од страна на владите. Политичкото подрачје може да се состои од законодавството, стабилност на владата, штрајкови, политички состојби во соседните земји, начин на оданочување итн. Законодавецот донесува закони кои што индивидуалците, групите и организациите мора да ги почитуваат, инаку ќе сносат одредени последици. Тие закони имаат различно влијание на бизнисот. Без разлика дали се добри или лоши тие мора да се почитуваат. Политичката состојба во некоја земја ќе има влијание на бизнисот доколку таа ги извезува своите производи во таа земја. Стабилност на влада во одредена земја влијае на бизнисот доколку тој бизнис има учество со своите производи во таа земја или пак доколку одлучи да инвестира во нов погон во истата земја. Начинот на оданочување е доста значаен фактор за еден бизнис кој што може да влијае во однос на нивото на инвестиции во една земја.
Значи дека во секој случај политичките фактори имаат огромно влијание врз бизнисот во земјата каде што функционира тој бизнис. На пример, доколку нова влада го смени законот за ДДВ и наместо сегашните 18% да биде 20% секако дека ќе влијае на трошоците на Вашиот бизнис.
На пример, земете земја во која постојано се случуват протести при што главните патишта во најфреквентно време се блокирани. Вашата стока наменета за извоз која мора да помине низ тие патишта ќе треба да стои, а со тоа ќе дојде до задоцнета испорака и секако можност за откажување на договори.
Значи политичките фактори во секој случај влијаат врз бизнисот, а колкаво е нивното влијание ќе зависи од конкретната ситуација во која се наоѓа тој бизнис.
-
Како се прави опис и попис на работно место - истражување на пазарот ?
Се дефинираат работните процеси поврзани со тоа работно место.
Се дефинираат фазите во секој работен процес.
Се пишува опис на работното место.
Се пишуваат главните активности на тоа работно место.
На пример, следи и анализира случувања на пазарот, анализира податоци од продажба, спроведува анкети, изготвува извештаи... -
Како да определам време на испорака на нарачка? Која е постапката и кои се формулите?
Време на испорака претставува време од прием на нарачка до време на испорака со се транспортот. Различни бизнис процеси ќе имат различно време на испорака и секако различна „формула“ за пресметка.
Во Lean Management или Toyota Production System вообичаено времето на испорака го претставуваат преку следниве елементи:- Време во кое се додава вредност. Ова е време во кое навистина бизнисот додава вредност во вид на нов производ или услуга, промена, подобрување, внесување на креативност, маркетинг итн. Активностите во оваа време го прават бизнисот ефективен и ефикасен.
- Време на промена на серијата. Оваа време е извлечено од производствените бизниси и се однесува на промена на серија што значи и промена на типот на алатите кои ќе се користи при производството. Но, оваа може да се искористи и во малопродажбата, на пример време на промена на смена кога не се продава ништо. Значи оваа време не додава никква вредност за бизнисот, иако кај некои бизниси (особено производствените) може да се мери во денови, недели па дури и месеци.
- Време на чекање. Оваа е време во кое производот и/или услугата кои ги продава бизнисот стојат, чекаат да бидат продадени. И оваа време не додава вредност. На пример во производствен бизнис по завршување на производство производот се складира во магацин. Набавената стока од големопродажба во малопродажба стои на сталажите во малопродажниот објект. Создадената услуга чека да биде купена.
- Време на транспорт. Оваа е времето потребно физички да се испорача производот од продавачот до купувачот. Во зависнотс од локацијата може да биде различно. Но, онаа што е важно е тоа што оваа време не додава никаква вредност на бизнисот.
Со помош на анализа и соодветна класификација на процесите и подпроцесите кои се наоѓаат помеѓу нарачката и испораката може да се дојде до вистинското време кое ќе биде потребно.
-
Што е функционалност на еден производ?
Функционалност како збор потекнува од латинскиот збор functio што значи да се изврши или пак постигне нешто. Така да функционалност на еден производ ќе значи било што што тој производ ќе треба да изврши, направи или пак постигне за корисникот на тој производ.
Од друга страна функционалноста на производот може да се гледа и како мерка на постигнување на целите на постоење на еден производ. Никој производ не постои само затоа што треба да постои. Тој постои да реши некаков проблем на корисникот. Токму основата на постоење на еден производ може да се гледа како функционалност (сума на сето она што треба производот да го направи, изврши или пак постигне за корисникот.)
Може да има тековна функционалност ан производ (она што во моментов производот може да го направи за корисникот) и посакувана функционалност (се она дополнително корисникот што сака да го има од тој производ).
Луѓето кои се занимаваат со маркетингот ја користат функционалноста за да успеат да дојдат до посакуваните карактеристики на производот и секако да дојдат до определени специфичности кои корисниците сакаат да ги имаат со тој производ. -
Што е регрес?
Зборот регрес потекнува од латинскиот збор regressus, regredi, што значи назад, повраток. Поточно re - назад + gradi - оди.
Според The New Oxford Dictionary регрес е повраток на поранешна или понеразвиена состојба.
Кај нас се користеше кога со закон се исплатуваа надоместоци за годишен одмо кој се нарекуваше регрес за годишен одмор во кој работодавецот ги покрива трошоците за годишен одмор. -
Како треба да изгледа и што би искористил за промотивен план?(за Приватен Универзитет поконкретно)
Претприемачите ја користат промоцијата за да привлечат клиенти и да ја зголемат продажбата. Универзитетите исто така имаат за цел преку промоција да привлечат повеќе студенти кои ќе плаќаат школарина.
Планот за промоција мора да содржи два елементи:
- Публицитет кој е бесплатен. Доколку локален весник весник напише прилог а телевизијата објави прилог за вашиот универзитет, тоа е публицитет.
- Рекламирање со користење на маркетинг средства. Доколку вие купите простор за рекламирање во тој весник, вие сте имате реклама со цел да го промовирате вашиот универзитет.Еден промотивен план ќе треба да даде одговори за тоа како ќе се искористи и публицитетот и рекламите.
Но, првин треба да се започне со определување на таргетниот пазар: Кои се потенцијалните потрошувачи на мојот бизнис? Во случајот со универзитетот тоа се сите сегашни средношколци кои ќе станат идни студенти.
Следува одговор на прашањата: Каде се наоѓаат тие? Кои средни училишта се најблиски до факултетите на мојот универзитет? Каде излегуваат тие? На кои социјални медиуми се наоѓаат? Кои им се родителите? Какво влијание имаат родителите врз нивната одлука за студирање?
Откако ќе дадете одговор на овие прашања и слични на нив преку кои ќе го креирате идеалниот клиент за вашиот универзитет ќе можете да преминете на одговор на прашањето кои медиуми ќе ги користите.
Еден начин е печатење на летоци и распространување во тие средни училишта и кафулиња. Друг начин е преку социјални медиуми каде голем број на млади средношколци се наоѓаат. Третиот начин е доставување на тие летоци до работните места на родителите секаде каде што родителите имаат влијание. Постои можност за користење на e-mail маркетинг кој ќе обезбеди бесплатен курс за полагање на приемен испит. Можностите се неограничени, но овој промотивен план треба да ги одговори сите тие пршања.
Бидејќи прашањето бара многу подолг одговор ќе се обидеме во текот на оваа недела одговорот да го претставиме во еден пост на претприемач.

При регистрација за двонеделни билтени добиваш пристап до е-книгата блогирање за бизнис, 10 Видео материјали за веб презентација на вашиот бизнис, 10 Бизнис темплејти, и по една тема за претприемништво месечно.








