post

Фази на животни циклуси на бизниси

Секој бизнис има сопствен животен циклус. Исто како и човекот и бизнисите се раѓаат, растат, поминуваат низ еден вид на пубертетски период, стануваат матуранти, зрели, стареат и изумираат. Многу теоретичари се занимаваат со оваа посебна теорија на животен циклус на бизнисите. Претприемачите мора да знаат што ги очекува и да преминуваат спремно од една во друга фаза на животниот циклус. На сликата се претставени 6 фази на животен циклус на бизнисите.

Животни циклуси на бизниси

 

Значи секој бизнис поминува низ следниве животни циклуси:

  • Сонување
  • Започнување
  • Проблематичен период
  • Лудување
  • Озбилност
  • Старост

Да ги разгледаме пооделно сите фази од животниот циклус на бизнисите.

Треба да напоменеме дека секоја фаза на животниот циклус претставува опасност од пропаѓање. Затоа за секоја фаза е потребен посебен вид на акции и одлуки од страна на претприемачот за да може бизнисот да се доведе во фазата озбилност и тоа во највисоката точка на кривата на сликата и да се одржува постојано во таа состојба.

Фаза 1: Сонување

Секој бизнис без разлика од кој тип е има свој животен циклус. И секој бизнис започнува со фаза која ние просто ја нарекуваме СОНУВАЊЕ. Оваа фаза која ние ќе ја опишеме може да се сретне и како стартап фаза, иако стартап претставува повеќе од нашата фаза на сонување. Може да се сретне и како фаза на воведување што е исто што и стартап фаза. Некои почетната фаза ја нарекуваат и фаза на засадување (во стилот да се засади семето). Некои едноставно фазите на животен циклус ги делат како прва фаза, втора фаза итн.

Како посебно би ги издвоил животните циклуси на бизнисите според Исак Адижес кој доста детално ги опишува во неговата книга „Управување со животни циклуси на претпријатијата“ (Managing Corporate Lifecycle – 1999). Во неговите фази на животни циклуси користи поразличен пристап и поразлични имиња (кои се описни) на секоја од фазите. Па така, нашата фаза сонување ја нарекува фаза на удварање. И оваа е фаза кога бизнисот постои само како идеја.

Во оваа фаза од животен циклус бизнисот не постои во вистинска смисла на зборот. Бизнисот постои во главата на претприемачот како идеја.

Ова е една од најспецифичните фази, која во неки случаи може да трае со години, па дури и вечно, односно бизнисот да остане во оваа фаза. Од друга страна во оваа фаза креативноста е најпотребна. Можеби претприемачот ќе треба да донесе одлука да ја остави постоечката работа и да заплива во водите на претприемништвото, па и сопствената егзистенција ќе му зависи од тоа како ја поминува оваа фаза.

За оваа фаза Адижес вели дека претставува фаза на тестирање на идејата со реалноста. Ќе контактира повеќе луѓе при што ќе дискутира за идејата. Ќе има позитивни и инегативни реакции, но мора да се избегнуваат негативците како не би се довела идејата во опасност. Докулку идејата не го помине тестот на реалноста бизнисот може да помине во фазата на флерт според Адижес. Оваа фаза е фаза кога бизнис идејата никогаш не излегува надвор од главата на претприемачот бидејќи тој во фазата на сонување ја изгубил решеноста. Затоа цел ни е да дојдеме до ниво кога ќе ја поминеме оваа фаза и да одиме во наредната фаза наречена започнување. Тогаш бизнисот го поминува тестот на реалноста.

Фаза 2: Започнување

Оваа е фаза кога излегуваме од сонување и ги започнуваме првите вистински чекори за нашиот бизнис. Понекогаш може оваа фаза никогаш да не ја достигнеме и засекогаш да остнеме во фазата сонување што претставува прва замка и опасност за секој нов бизнис.

Откога ја поминеме првата препрека влегувме во една вистинска фаза која бара конкретни акции и чекори. Но, од друга страна оваа фаза не е само фаза во која ние започнуваме со работа. Наредната фаза е проблематичен период што и самото име не води кон нешто проблематично иако на сликата во таа фаза забележуваме зголемување на перформансите на бизнисот. Значи се додека не започне зголемување на перформнсите на бизнисот ние ќе сме во фаза на започнување.

Што е она што се случува во оваа фаза од животниот циклус на бизнисите? На што треба да бидете подготвени? Како побргу да излезете од оваа тешка фаза? Ќе се обидеме накратко да дадеме некои одговори на ваквите прашања.

Прво, оваа е фаза кога се прзема висински ризик. Додека сонувате за започнување на бизнис немате ризик. И токму затоа постои можност вечно да се остане во удобноста на фазата сонување, а со тоа и бизнисот да не започне (односно влета во прерана смрт). Но, во фазата на започнување започнувате да трошите пари за регистрација, локација, опрема, отворање, маркетинг, сметководство… А, во оваа фаза продажбата е многу ниска, па може да се каже и никаква. Токму тука лежи и ризикот. Не се знае дали тие вложени пари ќе се вратат и кога ќе се вратат. Но, одговорот на овие прашања во голем дел ќе зависи и од претходната фаза – сонување. Како сме го осмислиле бизнисот, како сме го испланирале итн.

Во овој момент секој месец ќе треба да плаќате придонеси за плати, плати, даноци, кирија, набавки, маркетинг… А, од друга страна продажбата е мала и не ги покрива трошоците. Во оваа фаза мора да се разбудиме, да прекинеме со сонување. Нови идеи веќе не ни се потребни се додека не се стабилизира бизнисот. Потребни ни се активности со кои ќе доведеме колку што може повеќе потенцијални купувачи во нашата продажна инка и со тоа ќе ја зголемиме продажбата.

Фаза 3: Проблематичен период

Значи досега ги поминавме двете фази: сонување и започнување. Во сонување дојдовме до добра бизнис идеја.

Во фазата започнување го внесовме бизнисот во правниот систем, најдовме локација и започнавме со работата. Во оваа фаза поминавме низ еден тежок период во кој финансиите беа на доста ниско ниво, продажбата слаба, а ние бевме се и претприемач и менеџер и продавач. Сега пристигнавме во фазата 3 од животниот циклус на бизнисите која јас ја нареков „проблематичен период“.

Оваа е фаза кога може да дојде до опаѓање на моралот на претприемачот. Ова е фаза кога ќе се свати тежината на имање и водење на сопствен бизнис. Зошто оваа фаза ја нарековме проблематичен период? Кога бизнисот ќе се започне веќе започнуваат и првите поголеми проблеми, недостаток на финансии (на бизнисите секогаш им недостасуваат и ќе им недостасуваат финансии). Продажбата и приходите сеуште се мали иако се зголемуваат, но и трошоците се во пораст. Овој период мора да се надмине со вистински одлуки и издржливост. Во фазата започнување само сме ги допреле овие првични проблеми, но во фазата проблематичен период започнуваме вистински да ги чувствуваме.

Колку помалку време се наоѓаме во оваа фаза толку е подобро и за бизнис перформансите и за претприемачот воопшто. Во фазата започнување претприемачите работат се во бизнисот, додека во фазата проблематичен период како што продажбата расте, а со тоа и финансиите така и потребата за вработени кои ќе ги зголемат трошоците на бизнисот. Така, повторно недостатокот на финансиите е еден од главните проблеми.

Од друга страна како се зголемуваат членовите на бизнисот (вработените) така се зголемува и потребата од знаење на претприемачот за менаџментот. Луѓето треба да се упрвауваат. Претприемачите денес мака мачат со пронаоѓање на квалитетни вработени, особено продавачи. А во оваа фаза заради недостатокот на финансиите сеуште продажбата е најважниот елемент. Кога на таа продажба и финансии и постојаниот маркетинг ќе го надодадете и менаџментот, претприемачот навистина ќе се почувствува како работите му бегаат од сопствените раце.

Карактеристично за оваа фаза е и тоа што финансиската задолженост уште е голема, а можеби и преголема. Во оваа фаза претприемачот веќе го знае пазарот и потребите на истиот, и затоа реагира со дополнителни набавки на производите и/или услугите кои се бараат од пазарот. Оваа врши дополнителен притисок на финансиите иако се чувтсвува постојаното зголемување на продажбата. Суште е прерано за уживање во благодетите на бизнисот.

Уште една карактеристика или опасност за претприемачот во оваа фаза е претерано трошење на пари за други бизнис проекти. Во многу случаи, кога претприемачот со голем претприемнички дух ќе почувствува дека продажбата расте, ќе вработи луѓе и смета дека веќе не е потребен за бизнисот. Тогаш тој вложува пари од постоечкиот бизнис во други бизнис проекти, но набргу сваќа дека не може да го издржи тој притисок и вообичаено доаѓа до пропаѓање и на постоечкиот бизнис и на новиот бизнис потфат.

Сеуште е рано во оваа фаза да се мисли дека проблемите се надминати. Ова всушност е и започнување на нешто што може да се случи доколку се надмине оваа фаза. Токму и затоа овој период го нарековме проблематичен период од животен циклус на бизнисите.

Поради сето тоа може да кажеме дека оваа фаза претставува навистина една пресвртница за бизнисите. Како посебни карактеристики за оваа фаза од животниот циклус на бизнисите би ги издвоиле следниве:

  • Недостаток на финансии
  • Потреба од продажба
  • Проширување на бизнисот со нововработени
  • Намалување на претприемничкиот концепт и воведување на менаџерскиот концепт во водење на бизнисот
  • Можност за грешки
  • Можност за паѓање на моралот на претприемачот

Фаза 4: Лудување

Ја поминавме фазата сонување, за преку започнување да дојдеме до проблематичен период. Сега доаѓа една фаза каде голем дел од овие проблеми ќе бидат надминати. На пример, продажбата ќе се зголемува со големо ниво, финансиите ќе се зголемуваат, вработените ќе бидат се повеќе уиграни за изведување на работните активности итн.

Па, зошто тогаш име на фазата лудување?

Ако во претходните фази баравме постојано зголемување на самодовербата и посветеноста во работата тука таа самодоверба може да доведе до негативни последици. Во оваа фаза финансиите се стабилизирани, има постојан приход кој е во нагорна линија и претприемачот може да здивне од проблемите во претходната фаза. Но, тоа здивнување може да го ослободи од внатрешните и надврешните притисоци и воопшто да не размислува за понатамошниот развој на бизнисот. Затоа и постои опасноста од лудо однесување на претприемачот од прететрано трошење на тешко стекнатите финансии во непотребни работи и проширувања на бизнисот што во претерани случаи може да го врати во претходната фаза. Затоа овој период за да се надмине бара вистински одлуки и здржливост.

Успехот кој се чувствува во оваа фаза доведува бргу да се заборават потешкотиите од претходната фаза. Па согласно тоа, и лесно можеме да се вратиме во проблемите од претходната фаза. Размислувњето на претприемчот е дека може со бизнисот да ги надокнади сите бесмислени трошоци кои ќе ги направи. И тоа се додека повторно не се јават проблеми со финансиите. Тековниот бизнис не може да ги финансира сите нови бизниси за кои ќе се нафати претприемачот во оваа фаза.

Како посебни карактеристики од оваа фаза би можеле да ги издвоиме:

  • Солидни финансии со постојано зголемување
  • Продажбата постојано расте
  • Претприемачот станува претерано самодоверлив во себе и смета дека што ќе фати ќе позлати
  • Претприемачот започнува да троши премногу пари и да влегува во бизнис зделки кои се надвор од почетниот бизнис и бизнис идеја.
  • Претприемачот, поттикнат од самиот себеси прекинува да го следи бизнис планот иако знае дека до оваа ниво токму тој бизнис план успеал да го донесе
  • Постои опасност финансиски да не можат да се издржат сите нови бизниси во кои влегува претприемачот во овој период, па затоа постоечкиот бизнис ќе започне да се гуши.

Забележувате дека доколку во преходните фази од животниот циклус на бизнисите (сонување, започнување и проблематичен период) најголемата опасност доаѓаѓе од надворешноста на бизнисот, сега најголемата опасност доаѓа од внатрешноста на бизнисот – и тоа од самиот претприемач.

Фаза 5: Озбилност

Доколку се поминавме како што треба стигнуваме до фазата зрелост (озбилност) од фазите на животни циклуси на бизниси. Исто како едно бебе кое поминува низ процес на планирање на неговите родиели, па низ детството, па низ период на пубертет, па матурант за веќе да станува една зрела личност. Сега сме во една фаза каде најголемите проблеми односно детските болести ги надминавме и се тече како подмачкано.

Озбилност затоа што претприемачт веќе е вразумен, знае што значи и вреди неговиот бизнис. Од друга страна приходите и продажбата се на високо ниво, оформен е менаџерскиот и продажниот тим. Но, сепак постојат опасности, а можеме да кажеме и големи опасности.

Зошто големи опасности?

Прво, лесно можеме да се вратиме во една од претходните фази со неколку грешки со скренување од дефинираната визија и целите на компанијата. Оваа фаза бара врамнотежување на две спротивставени работи:

  • Иновација – претприемништво
  • Одржување – администрација

За да се остане во оваа фаза потребно усогласување на овие две активности и да не се дозволи едната да надвладее над другата. Може да постојат две состојби доколку едната надвладее над другата:

  • Доколку претприемништвото премногу надвладее над одржувањето ќе се случи враќање во некоја од претходните фази. Зошто? Во овој момент бизнисот е доволно развиен за да има потреба од премногу претприемнички идеи кои ќе доведат до непотребно трошење на тешко стекнатите финансии и комплетна забуна на вработените или хаос во целиот организациски систем. Во ваква ситуација бизнисот ќе се врати на „поправен испит“ во некоја од претходните фази од животните циклуси, а најчесто во фазата на лудување. Ова е поради фактот што претприемачот сеуште не се излекувал од болеста која го наведува на такво лудо однесување. Но, опасноста да биде уште поголема доколку не се помине „поправниот“ во фазата лудување ќе оди и во претходните фази се додека не се започне со распродажба за да се исплатат доверителите и да се вратат долговите. Кај нас има доста состојби каде некои успешни компании доаѓаат до презадолженост и нормално потоа оној збор што го слушаме 15-тина години наназад – стечај.
  • Доколку одржувањето надвладее премногу над претприемништвото влегуваме во бирократија односно наредната фаза од животниот циклус на бизнисите – старост. Во оваа состојба ефикасноста надвладува со ефективноста, односно важно е работите да се изведуваат на вистински начин, а не е важно кои работи се изведуваат. Се претерува со правила и процедури и целосно уништување на претприемаништвото кое е за спроведување на промени заради одржување во оваа фаза. Премногу бизниси страдаат од оваа болест која неминовно доведува до смрт. Ваквите организации ќе опстанат се додека имаат пари, а кога ќе ги истрошат започнуваат да се задолжуваат. Во ваквите организации вработените зборуваат за старите добри времиња. Кога ќе се истрошат и задолжените пари и нема повеќе можности за враќање бидејќи бизнисот не произведува резултати доаѓаме повторно до оној несакан збор – стечај.

Како една опасност во оваа фаза може да се види и во надворешноста на организацијата. Бизнисите кои се наоѓаат во оваа фаза од животен циклус се лидери на пазарот. Конкуренцијата ги следи сите чекори на бизнисот и секоја грешка ќе се обиде да ја искористи и да ги заменат местата.

Како посебни карактеристики од оваа фаза без опасностите наведени погоре би можеле да ги издвоиме:

  • Одлична финансиска форма
  • Постојан раст на продажба
  • Претприемачот има одличен менаџерски тим
  • Се следат целите на бизнисот
  • Соодветна врамнотеженост на претприемништвото и одржувањето – администрирањето.

Фаза 6: Старост

Како можевме да стигнеме до тука?

Од една одлична бизнис идеја во фазата сонување, преку започнување и проблематичниот период, малку лудувавме но успеавме да стигнеме до врвот – зрелост.

Каде погрешивме? Зошто не останавме во зрелоста? Интересно е тоа што фазата зрелост од животниот циклус на бизнисите претставува граница. Граница во која завршуваат оние класични болести на започнување на бизнисот и граница по која започнува реалната пропаст на бизнисот. Претприемачите кои ќе стигнат во ова фаза често пати се држат за главата и се прашуваат што се случи, како можеле од еден успешен бизнис да дојдат до една ваква пропаст.

Оваа фаза е фаза кога се оди во надолна линија. Бизнисот, претприемачот и менаџментот немаат енергија и сила да се справуваат со конкуренцијата. Приходите и продажбата постојано се намалуваат. Навистина имавме успешен бизнис, избравме одличен менаџмент, воведовме правила и процедури, хиерхија… Се функционираше како што треба.

Во оваа фаза се стигнува заради следниве главни причини:

  • Недостаток на претприемнички дух на бизнисот. Кога сме веќе во оваа фаза претприемништвото е веќе на нула. Немаме влез на нова енергија преку идеи. Не преземаме ризици. Подобро е вака како што си е во моментов отколку да се главиме со непотребни ризици.
  • Преголема администрација. Воведувањето на правила и процедури ни стана интересно. Се можеме да го регулираме со таквите правила. На ваков начин бизнис активностите се насочени на она како се изведуваат работите, а не дали ги изведуваме вистинските работи.
  • Премногу финансиски средства. Во претходната фаза достигнавме ниво на финансии кое досега не сме го имале. Па слободата за трошење на пари во воведување на административни системи и во покривање на слабостите на продажбата доведуваат до намалување на тие залихи.
  • Неможност да се увидат можностите за бизнисот. Кога административнта функција станува главна функција можностите од околината не можат да се увидат и искористат. Но, затоа конкуренцијата ги искористува и ни зема некое делче од пазарот полека но сигурно.
  • Преголема инертност во решавање на проблемите. Кога сме во фазата зрелост мислиме дека веќе нема проблеми. А тие секогаш ќе постојат. Ненавремено откривање доведува до слаба реакција на бизнисот во однос на секој проблем.

Постојат повеќе карактеристики за оваа фаза од животните циклуси на бизнисите, но тука би ги издвоил овие:

  • Постојано намалување на пазарното учество;
  • Постојано намалување на продажбата;
  • Зголемување на бирократијата;
  • Одложување на решавање на проблемите;
  • Намаулување на активностите во истражување и развој;
  • Избегнување на донесување на крупни бизнис одлуки;
  • Страв кај сите вработени;
  • Премногу казнувања;
  • Безидејност;
  • Нарушени меѓучовечки односи…
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*