post

Глобализација или нов светски поредок – Дел 1

Голем број на автори во согласност со своите искуства, знаења или интереси промовираат став за или против глобализацијата. Ќе се обидеме да ги согледаме и позитивните но и негативните импликации, кои доаѓаат од процесот на глобализацијата.

Глобализацијата се базира на идејата за интеграција на светскиот глобален пазар. Глобализацијата подразбира интегрирање на пазарите, производството, финансиите, сметководството, осигурувањето, што значи глобализација на секоја пора од општеството.

Процесот на глобализација, придонесува за создавање нови начини на размислување и создавање на нови стратегии. Голем број на компании, глобално се шират за да профитираат, користејќи ги своите големи финансиски, технолошки, производни и управувачки капацитети. Глобалните компании, меѓународниот пазар го набљудуваат како да е домашен и единствен.

Денешниот процес на глобализација е најповолно тло за развој на транснационални компании. Глобализацијата ќе овозможи ефикасно работење на светското стопанство, а најголема корист ќе имаат транснационални компании, а со нив и најмоќните држави САД, ЕУ и Јапонија, бидејќи поседуваат најголема конкурентска предност и се центри на тие транснационални компании.

Има мислења дека процесот на глобализацијата го форсираат големите транснационални компании и најразвиените земји на светот. ММФ, Меѓународна банка за обнова и равој како и СТО, се посочени како главно оружје на транснационални компании за ширење на процесот на глобализацијата, при што тие го контролираат и го насочуваат глобалното движење (Дури во голем број на литератури може да се прочита за светските конспирации и заговори).

Главната функција на царината порано беше заштита на домашната индустрија. Со развојот на глобализацијата и нејзините пропратни механизми се намалуваат царините, што претставува заштита на странското, а не на домашното производство, под парола за еднакви пазарни услови во целиот свет, иако условите се далеку од рамноправни, а придобивките се различно распределени.

Одбивноста кон промените, односно кон глобализацијата се побргу исчезнува. Јазичните бариери се побргу исчезнуваат, поради зголеменото образование на луѓето и користење на англискиот јазик, како универзален светски јазик. Светскиот пазар е огромен и доколку компанијата на него има само еден процент пазарно учество, може да оствари огромен профит. Технолошкиот напредок, особено во информационата, комуникациската и транспортната индустрија, создаде состојба во која човештвото за прв пат може да го набљудува светот, како една стопанска целина. Доколку компанијата е глобална, тоа не подразбира дека таа работи апсолутно во сите држави на светот.

Во некои држави не може да се оствари посакуваниот профит, бидејќи земјата е сиромашна, во некои земји се одвиваат воени судири, па во ваквите услови компанијата не гледа интерес за работење. Некои држави можат да бидат затворени поради политички, верски, идеолошки или други причини, па компанијата нема пристап или стравува дека ќе биде национализиран нејзиниот имот и затоа не работи во тие земји. Но, во принцип нема голем број на такви земји и тие не влијаат значително на глобалното работење.

Со паѓање на Берлинскиот ѕид, односно со почетокот на дезинтеграцијата на земјите од источниот блок, падна и силна идеолошка пречка за развој на глобализацијата и за развој на транснационални компании, а меѓународните компании ги запоседнаа тие пазари и го пораснаа нивното значење во светски рамки.

Со паѓањето на идеолошкиот поттик за борба против колонијализмот, изразено особено во Африкинските земји богати со природни ресурси, но и поради други економски проблеми, се јави неоколонијализмот.  Доминантните земји од светот, поради претходно инсталираните финансиски, технолошки и политички системи, успеаја под своја закрила да вратат голем број од поранешните колонијални земји.

Глобализацијата доби полн замав, а со отварање на пазарите во Кина и Индија процесот на глобализација престана да има значаен опонент и се рашири на скоро целата земјина топка, со исклучок на неколку мали и маргинализирани држави.

Продолжува со:

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*