post

Имате ли дисциплина за слушање?

Слушање, како што веќе повеќе пати кажавме тука, се повеќе претставува една од клучните функции во еден бизнис.

Како еден претприемач, мора да ги слушате вашите купувачи, но мора да ги слушате и вашите вработени. Колку подобро ги развиете вашите способности за слушање, како во формални, така и во неформални услови, толку ќе бидете помоќни во донесување на квалитетни одлуки за вашиот бизнис.

За да бидете добар слушател, ќе ви треба дисциплина која ќе овозможи слушнатото добро да се разбере, добро да се интерпретира и да резултира во соодветни планови и акции кои ќе треба да ги преземете.

1. Имате ли специфична техника која ја користите за да бидете добар слушател?

Повеќепати се наоѓате во ситуација кога треба да слушате. Тоа може да биде случајно кога ќе сретнете некој потенцијален купувач  или пак формално кога ќе повикате некој од вашите вработени да ви презентира некој извештај.

На пример, некој едноставно користи нотес во кој кога слуша ги забележува сите клучни елементи од излагањето на соговорникот. Некој пак користи mind map, некој пак едноставно се обидува да запамети…

Сепак, понекогаш тие формални и неформални состаноци не се нешто што ќе гарантира дека иако слушате, ќе разберете или пак ќе преземете нешто од слушнатото (научите). Мора да имате некој вид на стандардизиран процес или техника која ќе ви помогне да останате фокусирани на најважното и од која ќе произлезат идните активности.

2. Имате ли дисциплина да го анализирате изворот?

Различни соговорници кои ги слушате доаѓаат од различни места, имаат различни погледи на светот, имаат различен приод на разговор, различна актуелност на она што го зборуваат, различна вредност и различна доверливост на она што го кажуваат.

За да си го олесните животот за понатаму, добро е секој извор на информација при слушањето да го процените.

3. Имате ли дисциплина да носите заклучок од слушнатото?

Секое слушање има своја цел, а тоа е нешто да се научи. Можеме да научиме само доколку донесеме квалитетни заклучоци од слушнатото и разбраното.

На пример, од разговорот ги имате забележано клучните теми од разговорот, по завршување на разговорот потребно е да направите еден вид на заклучок на она што се случувало.

4. Имате ли дисциплина да го трансферирате заклучокот во листа со активности?

Заклучокот претставува сублимирано знаење, а знаењето затворено во една личност нема вредност. Знаењето има вредност само доколку се примени.

Затоа, секој заклучок ќе треба да го трансферирате во листа со активности кои би требало да ги преземете заради имплементација на наученото од слушањето.

5. Имате ли дисциплина да ги имплементирате заклучоците преку листата на активностите?

И секако, за крај, секоја листа на активности служи за да се имплементира, инаку ниту слушнатотот, ниту знаењето од слушнатото ниту пак самата листа со активности ќе немаат вредност ниту за вас ниту за вашиот бизнис.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*