post

Интересни неделни информации 26.07.2010 – 01.08.2010

Неделни информации на претприемач

Тимот на Претприемач Ви го честита денешниот празник. Од денеска, па во наредните 10 дена, Крушево ќе биде домаќин на сите што сакаат да бидат дел од празничната атмосфера која ќе владее во Крушево по повод одбележувањето на 107 години од Илинденското востание. Градот е среден во духот на тој настан, обновени се фасадите на локалните куќи, локалното население е облечено во костуми карактеристични за тој период. Убава можност да се искористи овој ден да се посети градот и да се почуствува таа атмосфера. Честитки до инцијаторите и организаторите на овој настан и пожртвуваноста ова мало гратче да се издигне од заспиеноста и пак да се врати во живот. Убав пример за доследност и упорност во остварувањето на зацртаните цели, со што се исполнува лична желба на претприемачот кој ова го овозможил, но и пошироко на луѓето кои таму живеат и туристите кои доаѓаат. Да се надеваме дека Крушево ќе продолжи да живее со истиот жар и по изминувањето на овие 10 дена, а воедно претставува и убав пример за развој и афирмација на другите градови од нашата земја.

За тие пак што планираат да патуваат надвор од земјата, посебно кај јужниот сосед, од корист ќе биде следната информација:

Заврши штрајкот на превозниците на гориво во Грција

По седумдневен штрајк за возачите на цистерни во Грција, состојбата со снабдување на гориво се нормализира. Се укинува мерката  мобилизација на грчката армија превземена во последните 2 дена за пренос на горивото до бензиските пумпи како би се овозможил нормален тек на работите во екот на туристичката сезона. Синдикатот на превозници се договори со грчката влада. Многу туристи имаа проблеми со патувањето поради недостиг на гориво, па беа принудени да бараат помош од преку граница да им се достави 1-2 канти гориво, за да издржат да ја преминат границата и да ги наполнат резервоарите. Бензиските пумпи од Македонија близу грчката граница, работеа со полна пареа и верувам ги имаат надминато очекувањата за неделни приходи во текот на изминатата недела. Се ми се чини дека од ембаргото за Србија во ’90-тите години, се уште живееме по принципот „Додека на еден не му се стемни, на друг на може да му се раздени“

Железница на Србија, Хрватска и Словенија, без Македонија

Србија, Хрватска и Словенија договорија и најавија основање на заедничка компанија за железнички сообраќај во рамки на коридорот 10. Довчерашните лути непријатели, препознаа економски интерес и си подадоа рака за бизнис вреден 50-60 милиони евра годишно поединечно за секоја од земјите. Ако профункционира оваа линија реалниот пат за Истанбул би требало да се намали од 60 на 35 часа патување. Претпријатието би требало да профункционира од 1 септември. Учеството во овој проект било од отворен карактер, имало покана и за Македонија, но без реакција од наша страна.

Личните податоци на македонски граѓани се достапни и надвор од нашите граници

Од почетокот на оваа година врз на основ на законот против перење на пари, граѓаните при склучување на договор со некоја од деловните банки се должни да ги достават своите лични податоци кои дури опфаќаат и брачна, имотна состојба, политичка активност , позиција итн. Новина е што законот овозможува и доставување на тие податоци и надвор од границите, па дури 5 банки побарале согласност за пренос на податоците до своите матични куќи. Истите изјавуваат дека тие податоци се дел од нивните деловни банкарски тајни, но сепак, се отвора дилема дали постои опасност од злоупотреба.

Од 2011 еден полнач за сите мобилни телефони

Производителите на мобилни телефони што сакаат да ги продаваат своите производи во Европа мора да имаат унифициран полнач, кој ќе одоговара и на други брендови  на телефони. Ова е одговор на ултиматумот од 2008 год. што Европската Унија им го достави на произведувачите на мобилни телефони  да се договорат околу типот на полнач кои би го користеле за своите модели. Најголем дел од компаниите  го прифатија овој услов преку понуда на УСБ полнач кој почнаа да го применуваат на моделите кои излегоа на крајот на 2009 и почетокот на 2010 година. Се очекува сите производители да почнат да го применуваат ова од почетокот на 2011 година. Ова ќе биде многу поедноставно за потрошувачите, но ќе биде значајно и за заштита на околината, нема да се фрлаат непотребните полначи.

About Андоновски Александар

Speak Your Mind

*