Во областа на светската економска соработка постојат три значајни меѓународни институции, Меѓународен Монетарен Фонд (ММФ) или IMF – International Monetary Fund, Меѓународна банка за обнова и развој или IBRD-International Bank for Reconstruction and Development, Светска Трговска Организација (СТО) или WTO – World Trade Organization.
ММФ била формирана со цел да се обезбеди соработка во областа на меѓународните плаќања и политиката на девизните курсеви и обезбедување на кредити за краткорочно урамнотежување на платниот биланс. Ние можеме да констатираме дека меѓународниот монетарен поредок е фундамент на светскиот економски поредок, нема економски поредок без монетарен поредок, но нема ни трговски поредок без монетарен поредок. Дури нема ни правен поредок, без монетарен поредок.
Сферата на финансиите, сферата на меѓународниот платен промет, сферата на доверителните односи во светот, сферата на меѓународните односи во многу случаи е еден од најважните правци и насоки со кои се определува физиономијата на целиот светски поредок. Во светот денеска функционира светски монетарен поредок. Светската Банката добила задача со долгорочни кредити да овозможи обнова и развој на стопанството на земјите членки. Додека задачата на СТО е да го контролира работењето во светската трговија. Сублимирано, цел на овие организации е да ги контролираат:
- Меѓународните парични текови.
- Меѓународните инвестиции.
- Меѓународната трговија.
Со овие три организации се постигнува контрола врз меѓународните бизнис текови и тие претставуваат лостови за развој на глобализацијата.
На конференцијата во Bretton-Woods 1944 година се формирани ММФ и Меѓународна банка за обнова и развој. ММФ се финансира преку уплата на квоти од страна на земјите членки. Висината на квотите се определува врз база на претходно направени анализи, како што се: големината на земјата, нејзините количини на злато, висината на БНД, големина на извозот и слично. Висината на квотите може да се корегира на секои 5 години, а доколку е потребно може корекција да се изврши и порано. 25 % од квотата треба да се плати во злато, а 75 % во национална валута.
Декларираните цели на ММФ се:
- Унапредување на меѓународната соработка врз основа на консултации и заедничко решавање на меѓународните проблеми.
- Проширување на меѓународната трговија, пораст на: вработеноста, приходите и производството.
- Стабилноста на девизните курсеви и спречување на конкурентската депресијација.
- Мултилатеризмот во меѓународните плаќања за тековните трансакции и отстранување на девизните ограничувања, кои го спречуваат растот на меѓународната трговија.
- Обезбедување на финансиски средства, за помош на земјите членки и урамнотежување на платниот биланс.
- Намалување на платнобилансната нерамнотежа.
ММФ инсистира на комбинација на цврсти макроекономски политики, вклучувајќи намалување на јавните расходи, повисоки каматни стапки и цврста монетарна политика. ММФ притиска и за дерегулација на одредени сектори (пример: цена на струја, нафта), кои порано беа штитени од домашната и странската конкуренција. Понатаму, се ангажира за приватизација на капиталот во сопственост на државата и подобро финансииско известување од страна на банкарскиот сектор. Со овие мерки се контролира инфлацијата и се намалуваат државните расходи и долгови. ММФ може да воведе дури и драконски мерки против определени држави, уништувајќи ги нивните економски потенцијали, заради што ММФ е често на мета на големи критики.
Со прифаќање на чланството во ММФ, државите ја намалуваат слободата во креирањето на монетарната политика, но поради можноста да обезбедат финансииски средства, во случај на потреба или криза прифаќаат одредени монетарни ограничувања. Основните обврски на земјите чланки се:
- Стабилност на цените.
- Обезбедување на економски услови и функционирање на монетарен систем кој не предизвикува нестабилност.
- Дозволено платнобилансно прилагодување
- Соодветна девизна политика.
При појава на дебаланс на платниот биланс, ММФ влегува со финансииска помош но наметнува и одредени услови на однесување. Особено се инсистира на намалување на јавната потрошувачка и на пазарно определување на цените, што директно влијае на падот на стандардот на населението, па во поголем број на држави се јавува негативно мислење за ММФ. ММФ дава позајмици со пониски камати, но голем број на други кредитори (пример Лондонски и Париски клуб) вршат притисок или уцена за доделување на кредити, за земјата што бара кредит претходно да постигне договор со ММФ, околу одредени економски параметри, што и дава дополнителна сила на ММФ.
ММФ определува и меѓусебни односи на валутите. Односот на валутите најчесто се врзува за вредноста на златото или за вредноста на доларот. Првобитно ерата на златниот стандард важела во периодот од 1870-1914 год. Висината на секоја валута била врзана за вредноста на златото.
Во периодот помеѓу две светски војни 1918-1939 год., поради економската криза наречена Голема Депресија, престанува да важи златниот стандард.
Во периодот по Втората светска војна од 1946-1973 год., повторно се воспоставува златниот стандард. Но, во 1973 год. САД го напушта златниот стандард и преку воведување на дополнителни царини изврши притисок на други моќни земји и тие да го напуштат златниот стандард и да ја врзат вредноста на својата валута за вредноста на доларот. Овој систем функционира и денеска. Поради недостиг на злато и недоверба во доларот се воведоа уште и Специјални права на влечење или Special Drawing Rights.
Врз база на висина на уплатените квоти во ММФ, секоја земја располага со одредена висина на Специјани права за влечење, кои можат во случај на финансиска криза да ги повлечат, за да се стабилизира кризата. Висината на една единица на оваа имагинарна валута е врзана за вредноста на златото или доларот и е подложна на корекција. Бидејќи ова е имагинарна валута, државата која ќе добие право да повлече определен износ, тој износ го конвертира (претвора) во пожелна светска валута и се исплатува во постоечката светска валута. Оваа опција не заживеа во голем обем во пракса, поради тоа што не се создаде доволна потреба од нејзината примена. Некои автори сметаат дека Специјалните права за влечење, претставуваат нова светска валута. Сепак, допрва ќе се актуализира користењето на овие права.
Првична мисија на Меѓународна банка за обнова и развој, била да го обнови разурнатиот економски систем на Европските земји, настанати после Втората светска војна. Потоа банката се посветува на развојот на другите неразвиени држави. Финансирањето на Светската банка го вршат богати земји и врз база на висината на учество во финансирањето, добиваат право за одлучување за активностите на банката. Активностите на банката се фокусирани на земјите во развој, во области како човеков развој (образование, здравство), земјоделие и развој на рурални области, заштитата на животната средина, инфраструктура, владеење (антикорупција, развој на владините агенции), сообраќај, енергетика. Таа обезбедува кредити по повластени стапки, како и грантови за најсиромашните земји членки.
СТО е формиран 1995 год. во Женева, како продолжение на договорот ГАТТ постигнат 1947 год. ГАТТ претставува Генерален Договор за Царини и Трговија или General Agreement for Tariffs and Trade–GATT. Светската трговска организација влијае врз надворешната трговска политика на своите членки и врши унапредување на меѓународната трговија.
Основните функции на СТО се:
- Усогласување на националните надворешно трговски политики.
- Спроведување на спогодбите кои се постигнати во рамките на СТО.
- Надзор над водењето на националните надворешно трговски политики.
- Решавање на трговските спорови, настанати помеѓу земјите членки на СТО.
Основни принципи на СТО се:
- Недискриминација.
- Принцип на реципроцитет.
- Принцип на национален третман.
- Заштитата на домашното производство, согласно со одредбите на СТО.
- Намалување на царини.
- Елиминирање на нецарински бариери.
- Зголемување на транспарентноста на национално трговските политики.
Земјите во развој во голем број на случаи, се ослободени од принципот на реципроцитет. Земјите членки на СТО се обврзани да дадат статус на најповластена нација на сите земји членки на оваа организација, со што се одбегнува дискриминација на определени земји. Сите нецарински мерки на ограничување на увозот станаа недозволиви, а се настојува континуирано да се намалат царините, до нивно укинување. Тоа не им одговара на неразвиените земји, бидејќи не можат да ја заштитат својата индустрија. Доколку одредена земја ги прекрши овие договори, спрема нејзе се воведуваат санкции. Земјите членки на СТО мора да се придржуваат до пропишаните царини, со континуирано настојување тие да се елиминираат, па членките не се во можност сами да ја определуваат надворешната пазарна политика и губат суверенитет во таа област. Поради ова царините се помалку можат да се користат како инструмент за надворешната економска политика. Односно, се потешко е со подигање или спуштање на царината, да се овозможи остварување на позитивните ефекти врз економијата, но не може ни да се постигне послушност кај определени држави.
Speak Your Mind