post

Интересот на компаниите за меѓународно работење

Меѓународни компании Една компанија станува меѓународна, кога ќе се појави големо побарување на нејзините производи или услуги во странство или кога нејзините менаџери можат да најдат пазар, каде ќе ги пласираат производи, услуги или финансии или од каде ќе црпат природни богатства на некоја земја.

Во меѓународното работење не учествуваат само транснационални компании туку и помали и средни компании. Со излегување на меѓународниот пазар, компанијата покажува дека располага со одредени респективни потенцијали. Излезот на меѓународниот пазар е потполно различен за компаниите кои доаѓаат од развиените земји и за компаниите кои доаѓаат од неразвиените земји. Тие трансакции вклучуваат трансфер на производи, услуги, технологии, менаџерски знаења и капитал во други земји.

Постојат “хибридни” компании кои се формирани од страна на големи лабараториски и истражувачки центри, најчесто лоцирани во развиените земји. Тие истражувачки и лабараториски центри можат да бидат создадени и финансирани од страна на транснационални компании или од страна на државата. Тие се во состојба веднаш да настапат на меѓународниот пазар, бидејќи нивните ментори ги обезбедуват сите потребни ресурси. Тоа се експлозивни пазари со огромни профити, каде нема простор за чекање, туку мора веднаш да се дејствува. Ние сметаме дека големите истражувачки центри, каде се применуваат најсовремените научни достигнувања и кои располагат со огромни човечки и финансиски потенцијали, претставуваат еден од главните столбови за уште поголем економски развој на развиените држави.

Од истражувањата точно се гледа што недостасува на некој пазар и се напаѓа директно тој сегмент, што е најчест случај со новите технологии. Вака формираните компании не проаѓаат низ природен процес на созревање, туку од старт во нив се вклучуваат експерти, кои ги обезбедуваат сите потребни услови за нивното функционирање, обезбедувајќи: производ, технологија, финансии, искусен кадар од иста или слична области и компанијата веднаш стартува со полн капацитет.

Другите компании, при отпочнување со работа главно се ориентирани кон задоволување на потребите на домашниот пазар. Освојувањето на меѓународниот пазар во почеток на работење на компанијата најчесто е во доменот на стратешките определби, како дополнителен извор за заработка, набавка на суровини, енергенси или постигнување на одредени стратешки и политички цели. Определбата за работење на домашниот пазар е поради тоа што домашниот пазар се познава подобро, се нема доволно искуство, самодоверба, финансии, развиена технологија, кадри и слично, за да се нападне меѓународниот пазар.

Компаниите најчесто се определуваат за неколку начин на дејствување:

  1. Компании кои се концентрирани главно на домашниот пазар, а своите вишоци ги пласираат на меѓународниот пазар.
  2. Компании кои подеднакво се концентрирани и на домашниот и на меѓународниот пазар.
  3. Компании кои се концентрирани исклучиво на работење на меѓународниот пазар.

Причини поради кои компаниите го префрлуваат своето работење на меѓународниот пазар се:

  • намалената продажба на домашниот пазар,
  • огромните залихи,
  • преголемите и со тоа неискористените капацитети,
  • развој на новата технологија,
  • продолжување на животот на производот (бидејќи може домашниот пазар да биде заситен со одредениот производ, а тој ист производ да биде сеуште баран на странскиот пазар),
  • да се намали или избегне конкуренцијата (ова важи во одредени случаи кога се работи за развиените држави, бидејќи конкуренцијата во странство е многу поизразена во однос на конкуренцијата во домашните услови),
  • да се биде побрз од конкуренцијата,
  • да се искористат добрите меѓународни договори,
  • да се искористи добриот маркетинг потенцијал,
  • да се добие евтин транспорт, суровини, енергенси…

Домашните компании повеќе не можат да се сочуваат и изолираат од меѓународното влијание и секоја економија, која сака да има позитивни ефекти, мора да биде концентрирана на работење и во домашни и во меѓународни услови. Компаниите внимателно влегуваат во меѓународното работење. Најчесто почнуваат со извоз или со увоз на производите, услугите или финансиите, но со прибирање на ресурсите и искуството, работењето се подобрува и проширува и на други сегменти.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*