post

Интрапретприемачи – Основи

Интрапретприемач Поимите претприемаштво и претприемачи, обично се врзуваат за работењето во малиот бизнис. Тоа се должи на фактот дека претприемачите најчесто се газди и основачи на малите бизниси. Доколку не се, тогаш најчесто имаат големи овластувања од страна на газдите, па се во состојба без многу дискусии (како што е најчесто случај во големи компании) да преземаат одредени активности.

Поради брзото реагирање на профитна шанса, претприемаштвото стана еден широко пропагиран и посакуван метод во работењето во целиот свет.

Иако во последно време се почесто во светските литератури и теории се зборва за користење на истиот термин – претприемач како во големите корпорации така и за започнување на бизнис. Основната претпоставка на која се базираат овие тврдења е дека стартап не е само започнување на сосема нов бизнис, туку дека стартап може и треба да постои во постоечки бизниси и големи корпорации кои на таков начин ја одржуваат инвентивноста на високо ниво креирајќи сосема нови производи и/или услуги на пазарот.

Интрапретприемаштво се врзува за работењето во големите компании, а може да се користи и пошироко, секаде каде што постои голема бирократизираност. Такви институции можат да бидат: државната администрација, училиштата, болниците, спортските организации, односно секаде каде има отежнато работење особено поради бирократската структура.

Поимот интрапретприемаштво или внатрешно претприемаштво е воведен 1985 година oд страна на Gifford Pinchot III. Тој утврдил дека со воведување на интрапретприемаштво се подобрува работењето во големи системи, како производни, така и непроизводни (Извадок од снимка од предавањата на Gifford Pinchot III).

Светот се наоѓа во непрекината динамика, а бројот на новите научни сознанија секојдневно се зголемува. Поради овој факт, мора да се препознаат секојдневни иницијативи и дејствувања на сите фронтови, за да се следат светски економски постигнувања и компанијата да опстојува на пазарот.

Големите компании морат постојано да се реорганизираат во своето работење, за да не се доведат во состојба на бирократизирање и со тоа успехот во работењето да се загрози. Потребата од постоење на интрапретприемачи во големите компании, се констатира кога се утврдуваат проблемите во нивното работење. Установена е голема инертност во донесувањето и спроведувањето на одлуките, поради големата бирократизираност, а со тоа се зголемува неефикасноста во работењето.

Ова не е случај со секоја голема компанија, бидејќи има и големи компании кои се карактеризираат со голема флексибилност во работењето и кои се исклучително конкурентни во светски рамки. Интраприемачите во корпорациите можат да ги комбинираат предностите на малите претприемачки фирми, со предностите на работењето на големи корпорации.

Интрапретприемачи воведуваат нови производи, нови постапки, нови услуги и придонесуваат компанијата да се развива и да профитира. Со желба проблемите во работењето да се надминаат, се бара местото и улогата на внатрешното претприемаштво или интрапретприемаштво.

Затоа во овој серијал ќе ги опфатиме следните наслови:

About Илија Чубровиќ

Comments

  1. Неформално Образование says

    Мислам дека треба да се усвои еден термин: интрапретприемаштво или интрапретприемништво.
    Во текстот се сретнуваат и двата термини. Особено е збунувачко следново:

    интрапретприемаштво или внатрешно претприемништво.

    • Sutevski says

      Мислам дека не е толку страшна формата бидејќи и двата се општо прифатени термини во употреба и не би требало да доведуваат до забуна. Во текстот е направен обид да се трансформира терминологијата на сајтов од претприемништво во претприемаштво по последниот разговор со Проф.Д-р Тодор Кралев (http://www.pretpriemac.com/2012/01/12/video-razgovor-so-prof-d-r-todor-kralev/)

      Ние со Илија одлучивме дека ќе треба да се прилагодиме на терминот претприемаштво. Сепак во текот на 1990-тите години кога започнавме со научно-истражувачката работа и проучување на оваа проблематика најчесто користен термин беше претприемништво, дури и предметите на факултет се викаа така. А и денес доколку се погледнат програмите на научните институции ќе забележите дека се користат и двата термина.

      Затоа и текстов можеби е неусогласен во целост особено за претприемништво, што сме го испуштиле, сепак ќе треба да се навикнеме на трансформацијата на 20 годишна навика.

      Благодарам за забелешката, во секој случај ќе биде исправена. Но, сеуште размислуваме дали да се оди на исправање на сите скоро 1000 наслови, а во 80% го има терминот.

    • Sutevski says

      Уф, уште нешто. Сега забележувам ја отворам книгата за која овој текст беше подготвен уште во 2003 година насловена како Менаџмент на претприемачкиот бизнис од страна на авторот на текстов Илија Чубровиќ и Проф. Д-р Тодор Кралев во 2003 година и во истата терминологијата е усогласена: интрапретприемаштво и претприемаштво. Но, текстот бил прилагоден од страна на Илија во 2010 година работејќи на негова докторска дисертација по друг ментор и најверојатно било побарано од него да ги измени термините (што потврдува дека сеуште не е усогласено на врвно национално ниво). И сега по трета обработка во 2011 за објавување на сајтов се враќаше старата терминологија и е испуштено прилагодување на еден од двата термини.

  2. Sutevski says

    Исправено!

Trackbacks

Speak Your Mind

*