post

Извори на иновативни можности – Несовпаѓања

Кратенки во бизнис Ќе продолжиме со иновативните можности и нивни извори. Во претходниот пост зборувавме за видови на иновативни можности согласно Peter Drucker кои се однесуваат на неочекувани случувања.

Тука ќе продолжиме со други видови на иновативни можности согласно Peter Drucker, но за несовпаѓањата.

Несовпаѓањето е несогласување помеѓу она што е и она што би требало да биде. Несовпаѓањето е симптом на можност за иновација. Тоа навестува постоење на некоја грешка, а таква грешка е повик за иновација. Тоа предизвикува нестабилност, во која и мали напори можат да предизвикат големи промени и да донесат преструктуирање на економската и социјалната структура.

Несовпаѓањето обично не се манифестира во облик на извештаи или податоци на кои раководителите на компаниите ќе обрнат внимание. Тие се повеќе од квалитативен отколку од квантитативен карактер.

Како и неочекуваното случување, без разлика дали се работи за успех или промашување, несовпаѓањето се исто така симптом на промени кои веќе се случиле или на оние кои ќе направат нешто да се случи.

Како и промените на кои укажуваат неочекуваните случувања, така и промените на кои укажува несовпаѓањето, по правило се промени во рамките на самата индустрија, пазарите, производниот процес. На тој начин несовпаѓањето е јасно видливо за луѓето близу одредена гранка на индустрија, пазари или процеси. Тоа се наоѓа пред нивните очи. Сепак, тоа често се губи од вид кај оние “внатре”, бидејќи се тие оптеретени со секојдневието и од “дрвјата едноставно не ја гледаат шумата”.

#1 Несовпаѓање на економската реалност

Доколку побарувачката за некој производ или услуга брзо расте, тогаш би требало да се подобрат и нивните економски перформанси. Полесно е да се биде профитабилен во стопанска гранка која бележи голем пораст на побарувачка. Меѓутоа, изоставувањето на профитабилност и резултати во таква стопанска гранка, укажува на постоење на несовпаѓање помеѓу економските реалности. Тие несовпаѓања се макрофеномени кои се случуваат во рамките на една цела индустриска гранка или во целиот сектор на услуги.

Тука обично постојат големи можности за иновации, пред се за мали и нови претпријатија, за еден претприемач. Иноваторот, кој го искористува тоа несовпаѓање, може да смета на тоа дека подолго време ќе биде “оставен на мир”, пред постојните снабдувачи и другите фирми да се “разбудат”, до таа мерка што ќе станат нови и опасни конкуренти. Ова е од причина што тие, толку долго се окупирани од настојувањето да го надминат јазот помеѓу растечката побарувачка и изоставувањето на резултати, што едвај и забележуваат дека некој друг работи нешто друго и различно, нешто што носи резултати, што ја користи растечката побарувачка.

Претприемачот не треба да се труди да разбере зошто работитете се случуваат, туку наместо тоа треба да си ги постави прашањата:

  • Како може тоа несовпаѓање да се искористи?
  • Како би можело да се претвори тоа во можност и што може тука да се направи?

Несовпаѓањето помеѓу економската реалност претставува повик за акција за претприемачите. Понекогаш акцијата која треба да се преземе е сосема јасна, иако проблемот сам по себе останува и понатаму нејасен. Понекогаш проблемот се разбира сосема добро, но уште не може да се замисли што треба да се направи. Случајот со мини челичарниците (од претходниот пост – неочекуваност), е добар пример за иновација која успешно го искористила несовпаѓањето. Повеќе од 50 год. големите челичарници работеле профитабилно само во воени услови. Доколку сака да работи исплатливо, челичарницата мора да работи со полн капацитет, а тоа се случува само во воени услови. Мини челичарниците можат да обезбедат економичност во работењето и во други услови. Владата, синдикатите и големите челичарници од самиот почеток биле против малите челичарници, но без оглед на тоа тие подоцна биле прифатени бидејќи биле успешни.

#2 Несовпаѓање помеѓу реалноста и претпоставките за неа

Секогаш кога луѓето од една производна или услужна дејност погрешно ќе ја забележат реалноста и ќе направат погрешни претпоставки за неа, нивните напори ќе бидат насочени во погрешна насока. Тие ќе се концентрираат во област каде резултатите не можат да постојат. Тогаш постои несовпаѓање помеѓу реалноста и однесувањето, кое одново дава можност за успешна иновација, на секој што ќе го забележи и искористи.

Во педесеттите години на минатиот век се сметало дека прекуокеанскиот транспорт нема повеќе да биде ефикасен. Сите информации укажувале дека ќе биде заменет со воздушен транспорт. Трошоците на ваков превоз растеле, кражбата на стоката била голема, било потребно долго време за товарење, па бродовите долго чекале на ред за товарање. Главната причина била таа што бродарството погрешно ги насочувало своите напори, во правец на непостоечки резултати. Тие се обиделе да постигнат успех со брзи бродови, како и со бродовите кои користат помалку гориво и имаат помал екипаж, односно се концентрирале на економичниост на бродовите додека тие пловеле по море. Меѓутоа, бродот како капитално добро прави најголеми трошоци кога не е во активна употреба.

Решението било едноставно! Товарањето треба да се изврши на копно, каде има доволен простор и каде што тоа може да се изврши пред да дојде бродот во пристаништето, при што единствено останува да се подготви товарот кој ќе биде натоварен на бродот, за бродот веднаш да исплови. Резултатите од тие прости иновации биле големи. Товарниот поморски сообраќај, во период од 30 години, бил зголемен за пет пати. Трошоците се во просек намалени за 60 %. Времето на задржување на бродовите во пристаништата е намалено за 3/4, а задушувањето на пристаништето, како и штетите од кражбата се намалени.

Несовпаѓањето помеѓу забележаната и вистинската реалност многу ретко бара  “херојски” иновации.

#3 Несовпаѓање помеѓу забележаните и вистинските вредности и очекувањата на купувачите

Една од најекспанзивните американски финансиски установи, во осумдесеттите години на минатиот век, била фирмата за трговија со хартии од вредност, лоцирана не во Њујорк, туку во предградие на Средниот Запад.

Својот пораст и успех му го должи на искористувањето на едно несовпаѓање. Големите финансиски институции преtпоставуваат дека нивните клиенти имаат исти мерила како и тие. За нив е очигледно дека луѓето треба да вложуваат за да се збогатат. Меѓутоа, таа констатација важи само за дел од тие инвеститори, а не за сите. Тие знаат дека доколку некој сака да се збогати по пат на инвестиции, мора да работи полно работно време на работи за управување со пари и при тоа да е многу финансиски образован. Локалните занаетчии, малите бизнисмени, фармерите… немаат толку време, ни знаење. Тие се зафатени со заработка на пари и немаат време да управуваат со нив. Тое е всушност несовпаѓањето кое го искористила фирмата за трговија со хартии од вредност.

Надворешно набљудувано, таа изгледа исто како и секоја друга фирма за трговија со хартии од вредност. Таа е членка на Њујоршката берза. Меѓутоа на берзанските работи отпаѓа 1/8 од нејзините вкупни работи. Таа останува подалеку од работите со кои најмногу се занимаваат големите трговски куќи на Wall street: со опции, со стоковни термински трансакции. Наместо тоа, ја привлекуваат работи кои таа ги нарекува интелегентен инвеститор. Таа не ветува дека нејзините клиенти ќе станат богати. Тие сакаат клиенти кои заработуваат повеќе пари отколку што трошат, што е типично за успешните приватни професии. Тогаш оваа фирма одговара на нивната психичка потреба да ги заштитат своите пари. Она што таа фирма го продава е можноста, заштедените пари да ја задржат својата вредност. Производот кој фирмата го “испорачува” е душевниот мир за своите клиенти. Помеѓу несовпаѓањето на вистинската и забележаната реалност секогаш се наоѓа елемент на интелектуална ароганција, ригидност и догматизам.

#4 Несовпаѓање во рамките на ритамот и логиката на процесот

За да се оствари иновацијата, најчесто недостасува некој кој ќе слуша и кој би бил подготвен сериозно да го разгледа проблемот што секој го истакнува. Целта на постоење на некој производ или услуга е да ги задоволи купувачите. Доколку тоа се прифати и по него се постапи, користењето на несовпаѓањето како можност за иновација станува лесно и ефикасно. Но, постои и едно ограничување. Несовпаѓањето,  обично е “на располагање” на луѓето кои се наоѓаат во рамките на дадениот сектор на производство или услуга. Некој однадвор, тешко би можел да го забележи и да го разбере и поради тоа да биде во состојба да го искористи.

Во педесетите години на минатиот век, еден продавач во фармацевската компанија одлучил да отпочне самостојно да работи. Затоа побарал несовпаѓање во рамките на процесите во медицинската практика. Едно нешто пронашол веднаш. Една од највообичаените хируршки операции е операцијата на катаракт на око. Во текот на годините, практиката и постапката на операцијата биле усовршени, па таа се одвивала под целосна контрола.

Меѓутоа постоел еден момент во таа операција кој бил надвор од тој ритам. Во таа фаза на операција, очниот хирург морал да го исече лигаментот, да ги поврзе крвните садови, а со тоа создавал ризик од крварење, кое тогаш го загрозува и самото око.

Таа постапка била успешна во повеќе од 99 % од операциите; всушност, таа и не била многу тешка, но сепак им пречела на хирурзите. Тоа ги терало да го променат ритамот на процесот на работа и кај нив предизвикувало вознемиреност. Без оглед колку често ја правеле операцијата, очните хирурзи се плашеле од таа една кратка и брза фаза во целиот процес. Wiliam Conor заклучил дека во текот на 1890 год. бил изолиран еден ензим кој скоро моментално го раствора лигаментот. Единствено што тогаш никој, ни со помош на ладење, не можел да го сочува тој ензим подолго од неколку часа. Conor во текот на неколку месеци, вршејки експерименти, успеал да го сочува ензимот. Во рок од неколку години, сите очни хирурзи го користеле оваа патентирано соединение. Дваесет години подоцна, тој ја продал својата компанија на “Alkon Laboratory” за голема сума пари.

#5 Потребата на процесот

Потребата на процесот за разлика од останатите извори на иновација, не почнува во околината, било интерна или екстерна. Таа почнува со работата која треба да се направи и повеќе е насочена кон работната задача, отколку кон ситуацијата. Таа го усовршува процесот кој веќе постои, ја заменува врската која е слаба, одново го проектира стариот процес врз основа на нови сознанија. Понекогаш дури овозможува одвивање на самиот процес, со тоа што му ја испорачува алката која недостасува. Во иновациите засновани на потребите на процесите, секој во организацијата знае дека таа потреба постои. Сепак за неа никој не знае. Меѓутоа, иновацијата ќе се појави, таа веднаш ќе биде прифатена како очигледна и забрзано станува стандард.

Во 1909 год. еден статистичар, вработен во телефонскиот систем Бел (Bell Telephone System) определил две криви за демографски статистики за наредните 15 години: крива на пораст на американско население и крива на бројот на луѓето, потребни да работат како оператори на телефонски централи. Тие проекции покажале дека секоја американска жена, во старосна граница помеѓу седумнаесет и шеесет год., треба да биде вработена како оператор на телефонска централа, некаде околу 1925 или 1930 год., доколку биде задржан во употреба дотогашниот систем на вклучување на врската. Две години подоцна Беловите инженери проектирале и ја пуштиле во погон првата автоматска централа.

Сите овие примери покажуваат дека успешните иновации, засновани на потребите на процесот бараат задоволување на следниве критериуми: тоа да биде самодоволен процес, да постои една слаба или недостасувачка врска, да постои јасно дефинирана цел, да постои јасно утврдена можност и спецификација на бараното решение, да постои раширено и општо прифатено разбирање, да може да постои подобар начин, односно висок степен на заинтересираност за барање на задоволително решение.

Останатите постови од серијалот за иновативни можности можете да ги прочитате:

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*