post

Книга: Poke the Box од Seth Godin

Poke the Box

Poke the Box

Уште првиот ден кога излезе ја купив оваа книга насловена како Poke the Box. Пред една недела ја прочитав и последната страна и еве не тука денес со еден краток преглед на претприемач за оваа книга.

Во книгата во делот за насловна страна стои следново:

Човекот во брзање е еден архетип, првпат откриен во хиероглифите на античките египќани. Тоа си ти, возбуден, оптимистички експериментатор кој разбира дека ризикот е погрешно разбран и тоа движење нанапред е клучот за успехот. Сликата е трговска марка на The Domino Project, но ја имате нашата согласност да ја користите некомерцијално, за да ги поттикнете колегите да одат напред.

Оваа кратка (околу 80-тина страници) книга е последната книга на Seth Godin преку која тој не поттикнува да започнеме со нешто, да превземеме акција, да паднеме и повторно да станеме, да не се откажуваме, да го промениме светот иако тој и околината цврсто се противат на таквите промени…

Основната цел на книгата е да ве поттикне да започнете нешто. Не треба да чекате некој околу вас да каже ајде, едноствно вие бидете тој кој ќе поттикнува нови идеи, нови работи, нови начини, нови…

Seth вели дека скоро никој не вели „Јас започнав нешто.“ Точно, искуствено сметам дека никој не започнува нешто кога се му е дефинирано со опис и попис на работното место. Иновација = 0!

Кога работев во царина секогаш се обидував да ги подобрам тековните работни процеси преку различни мали но корисни иновации кои секогаш на крај остануваше само јас да ги користам. 🙂 Страв од ново? Страв од незнаење? Или пак страв да се променат нештата. Дури, и на еден состанок кај директорот бев нападнат дека некој си игра и прави различни бази на податоци надвор од она што се нарекува официјална IT структура во еден организациски систем. Но, тоа не беа играчки, денес тие бази станаа нераздвоен дел на работа на едно цело одделение. Јас ги викав калкулатори кои една работа наместо 10 дена да се завршува ја скратија на еден ден. И тие беа резултат на потребата на работниот процес, резултат на тоа што моите барања преку официјалната структура не беа исполнети (сигурно завршуваа во канта кај оние кои ме нападнаа) и секако резултат на потребата на зголемување на ефикасноста и ефективноста на одделението. Да не започнев сеуште ќе се работеше рачно.

Токму тоа преку оваа книга ни го кажува Seth Godin. Се зависи од нас.  Ова не значи дека треба да барате стратегија на син океан (книга за која ќе пишувам во друга прилика и во која пазарот авторите го делат на син и црвен океан – син океан без конкуренција и црвен океан со конкуренција). Една од најголемите пречки е што секогаш бараме перфектност, нешто што ќе го промени светот, нешто уникатно…

На едно место ја дефинирав веројатноста на успешност како број на успешни обиди во број на вкупни обиди. На пример ако имаме еден обид и тој е неуспешен, веројатноста е 0 (0/1). Ако имаме 2 обиди и двата се неуспешни, веројатноста повторно е 0 (0/2). Имаме 5 обиди и еден е успешен, веројатноста на успехот е 0,2 (1/5). Но, што доколку сме застанале на оној првиот обид? Вројатноста ќе останеше 0.

Во секој случај книгата е ОК, поттикнувачка и навлегува во некои основи на човековото размислување, страв, предрасуди… Секој претприемач ќе ја смета како нешто од корист, како еден манифест кој служи за поттикнување и превземање на судбината во сопствените раце.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*