post

Конкурентска предност – Дали е доволно силна?

Конкурентска предност

Конкурентска предност

Конкурентската предност мора да биде нешто одржливо, нешто кое ќе ви овозможи опстојување подолг временски период. Конкурентската предност мора да биде препознатлива на дело, а не на хартија во вашиот маркетинг план.

Можеби мислите дека вашата конкурентска предност е што продавате по намалени цени. Но, ова не е конкурентска предност доколку претставува привремено решение за привлекување на нови купувачи бидејќи вашиот бизнис нема потенцијал долгорочно да издржи со таквите цени. Но, доколку имате некоја иновација во производствениот процес и соодветно управување со трошоците и на таков начин обезбедите пониски трошоци од конкуренцијата, а со тоа и пониска продажна цена на вашите производи и/или услуги, тоа ќе претставува конкурентска предност за вашиот бизнис.

Стратегија, тактики и акции

Вие како претприемач мора да имате стратегија која ќе обезбеди надминување на конкуренцијата и во исто време да имате тактики кои ќе обезбедат извршување на таа стратегија.

Во Стратегија – Најбрз начин да ги трансформирате вашите бизнис резултати наведов дека:

Стратегија претставува план на акции за остварување на поставените цели. За имплементација на една стратегија потребно е да имаме повеќе тактики. На пример, доколку нашата стратегија е да изградиме бизнис со долгорочни односи со своите потрошувачи, тактиките со кои можеме да ја имплементираме таа стратегија може да бидат давање на дополнителни услуги за редовните потрошувачи, тренинг, долгорочни договори со поинкави цени итн. Секоја тактика се исполнува со активности кои имаат одредени датуми на остварување, одговорни лица за остварување на тие активности и потребни финансиски средства за остварување.

Значи мора да подготвите стратегија за остварување на конкурентска предност како и тактики кои ќе ги користите заради тоа и сите потребни акции кои ќе треба да ги превземет.

На пример, секој бизнис продава некаков вид на вредност за своите потрошувачи.  Вие ќе мора да откриете како таа вредност ќе биде подобра од конкурентската и како ќе ја дистрибуирате таа вредност на подобар начин од вашата конкуренција. Тоа ќе биде вашата конкурентска предност. Можеби вашите тактики ќе бидат:

  • обезбедување пониска цена на вредноста
  • обезбедување побрза испорака
  • обезбедување подобар квалитет
  • обезбедување подобра услуга…

За секоја тактика мора да дефинирате и да делегирате активности преку кои ќе се спроведат тие тактики во пракса, а преку нив ќе се дојде до извршување на таа стратегија. На пример, ако ја земеме тактиката за обезбедување на побрза испорака би можеле да бидат:

  • анализа на процесот на производство,
  • анализа на синџирот на набавки,
  • анализа на дистрибуциските канали,
  • откривање на сите времиња кои не додаваат вредност,
  • елиминирање на сите времиња кои не додаваат вредност…

Ова е само еден пример, секако практично листата ќе биде многу подолга и посеопфатна.

Следење на конкуренцијата

Кога станува збор за градење на конкурентска предност не можеме а да не ја земеме во предвид и конкуренцијата која всушност ќе ни претставува репер во градење на една таква предност. Забележавте погоре кога зборувавме за тактики користевме изрази како обезбедување пониска, побрза, подобра…

Претприемачите секогаш со едно око гледаат кон конкуренцијата. Најпрво мора да се направи истражување на конкуренцијата. Следниве прашања треба да се одговорат:

  • Кои се клучните конкуренти?
  • Каква е вредноста која ја нудат?
  • Како се однесуваат?
  • Што прават?
  • Како го прават тоа што го прават?
  • Како е прифатена нивната понуда на вредност од страна на купувачите?
  • Има ли некои недостатоци во нивната понуда на вредност?
  • Можете ли вие да ги надополните тие недостатоци?
  • Каква е споредбата меѓу нас и нив?

Ова ќе ти помогне да откриеш дали твоите конкурентски предности се доволно силни за да ја надминат конкуренцијата и да обезбедат профит за твојот бизнис.

Кога станува збор за конкуренцијата, мора да се има во предвид дека на твојата стратегија тие ќе одговорат со нивна нова стратегија, тактики и активности за да започнат со намалување на твојата конкурентска предност. Затоа едното око на претприемачот му е секогаш свртено кон конкуренцијата што ќе бара и постојано прилагодување на стратегиите, тактиките и активностите кои ги користите за обезбедување на конкурентска предност.

Па, дали вашата конкурентска предност е доволно силна? Ќе знаете кога ќе извршите анализа. Дали имате стратегија за остварување на конкурентска предност? Сега малку го разјаснивме процесот, останува на вас да примените.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. Tweets that mention Конкурентска предност - Дали е доволно силна? | Претприемач -- Topsy.com напиша:

    […] This post was mentioned on Twitter by Dragan Sutevski, Dragan Sutevski. Dragan Sutevski said: Ново на претприемач: Конкурентска предност – Дали е доволно силна? http://ow.ly/1btJjP […]

Speak Your Mind

*