post

Кревање на врева со бизнис блог

Бизнис блог

Бизнис блог

Најлесно нешто кога станува збор за бизнис блог како маркетинг средство е да се постави блогот да биде жив онлајн. Процесот е инсталација на CMS (најкорисен е WordPress), одлука за тема, инсталација и неколку подесувања. На мојот личен блог пишував како се завршив за 30 минути со помош на Genesis и темата Prose во тој случај.

Но, што понатаму? Бизнис блогот е поставен и жив онлајн. Како сега да го ставиме во функција на бизнисот? Тоа е и првото прашање кое треба да се одговори од страна на претприемачот. Понекогаш и доста често оваа прашање останува неодговорено и целиот процес завршува тука. Ова е поради фактот што претприемачот сфаќа дека ова е долг и макотрпен процес кој не гарантира брзи резултати. Но, на долги стази овој процес може само да помогне во градење на долгорочна благосостојба на бизнисот.

Многу често првиот пост кој се пишува е пост кој содржи нешто вакво:

Ова е блог на тој и тој бизнис и во него ќе читате за нашите производи и/услуги како и сите последни информации за нашиот бизнис. Ќе ве известуваме за нашите постигнувања како и за сите наши прес конференции. И супер, нас многу ни е драго што вие сте тука, за да прочитате за нашите бла, бла, бла…

Од здодевно има ли поздодевно. Многу ми е гајле за твоите производи и/или услуги. Сигурно ги имате на вашиот веб сајт и ако затоа сум тука би ги побарал на страната Производи. Могу ми е гајле што Вие правите или пак што ќе правите. Многу ми е гајле за Вас. Многу ми е гајле за Вашите прес конференции – не сум новинар. Но, првото прашање ќе ми биде: Што има за мене тука? Вредност? Дали треба да се навраќам на овој блог повторно?

Затоа секој (или во поголем дел) блог пост треба да креира некаква вредност за мене. Би требало да ме поттикне на нешто:

  • да ве контактирам
  • да купам доколку продаваш
  • да споделам…

Во денешно време контактирање и купување не оди толку бргу, сепак зависи и од видот на проблемот кој вашиот бизнис го решава и вистинската потреба од решавање на тој проблем на пазарот. Но, иако некој не ве контактира, не значи дека сте го загубиле доколку комуницирате вредност преку вашиот бизнис блог. Тој е тука, ќе дојде и утре, или пак можеби за една недела или за некој месец или пак за некоја година да косумира уште од вредноста која ја давате и можеби тогаш ќе одлучи да превземе чекор за поблизок однос со вашиот бизнис.

Истиот тој, можеби ќе забележи нешто вредно и ќе сподели на Facebook за тоа да биде прочитано од неговите виртуелни пријатели. Зарем ова не е придобивка за вашиот бизнис – вашиот бизнис блог станува нешто со висок потенцијал да генерира вирозен маркетинг од содржината која ја објавувате.

Бизнис блог е одлично маркетинг средство кое комбинира персоналност и градење на односи кои пак водат до лојални потрошувачи кои стануваат ваши најголеми поддржувачи.

Прашања пред започнување со бизнис блог

Започни со следниве прашања:

  • Каква вредност нуди мојот бизнис?
  • Како таа вредност да ја трансформирам во вредност која ќе се комуницира преку мојот бизнис блог?
  • Што ќе поттикне насмевка на лицата на читателите на мојот бизнис блог?
  • Што е она што нема да биде здодевно за нив?
  • Што е она што сакаат да го читаат?
  • Што е она што ќе ги поттикне да превземат некоја акција (контакт, купување, споделување)?
  • Кои се првите 20-30 наслови кои би биле интересни?

4 Совети за кревање на врева

Во наредниот дел би споделил неколку совети кои можете да ги применувате кога станува збор за користење на бизнис блог како маркетинг средство и кревање на врева преку овозможување на вирозен елемент во истиот.

  • Иако, тука на претприемач блогот го нарекуваме како маркетинг средство, сепак тој е само еден од многуте социјални медиуми. Дали кога ќе се сретнете со некој ваш потенцијален клиент на некој настан на кој присуствувате и двајцата веднаш му давате брошура со вашите производи или услуги? Најверојатно не, првин се запознавате, разменувате бизнис картички, разговарате и за приватни работи, кажувате вицеви, можеби ќе закажете видување на ручек или на кафе, споделувате искуства… Така да запомни дека твојот бизнис блог служи за градење на долгорочни односи, а не за директна продажба, па затоа не пробувај да продаваш во секој пост. Затоа споделувај совети кои ќе бидат корисни за читателите.
  • Кога станува збор за производите или услугите кои твој бизнис ги продава сподели информации за продажни промоции и попусти. Читателите и потенцијалните купувачи ќе сакаат да добиваат информација од прва рака за тоа кога можат да купат нешто поевтино и ќе се навраќаат за да проверат дали таква информација постои. Мора да се вметне конзистентноста во однос на оваа прашање за да не се случи по неколку обиди и не наоѓање на таква информација да дојде до откажување.
  • Секогаш кога ќе спомнете некој од вашите производи или услуги не ги објаснувајте во детали. Тие треба да се објаснети на страната за продажба (доколку имате) или пак на страната наречена како “Производи” на вашиот веб сајт или пак во вашиот каталог ако немате таква страна. Наместо објаснување кое би било повторување на овие елементи едноставно ставете линк до тие елементи и ако некој сака да прочита или да се информира повеќе за вашите производи ќе одлучи да кликне.
  • На одреден временски период објавувај наградни игри преку кои ќе изберете победници кои ќе добијат некоја награда во вид на попуст или пак некој производ кој го нудите. Луѓето сакаат да учествуваат во наградни игри и да добиваат награди. Освен тоа еден ваков пристап поттикнува интеракција со потенцијалните купувачи. За да ја добијат наградата ќе мора нешто да направат (коментираат, споделат линк до постот каде е наградата или било што што може да има некоја идна вредност за вашиот бизнис). На пример, ZAGG – онлајн продавница од која купив тастатура во месец февруари секој ден доделуваше по еден iPad за еден од оние кои ќе споделат информација за оваа промоција. За да учествуваш во можноста за извлекување треба да се вклучиш во нивната листа. За да ја зголемиш за двојно можноста од извлекување треба да споделиш линк на Facebook и Twitter каде постои потенцијал за нови потенцијални потрошувачи кои ќе влезат во нивната emal листа.

Ова се само еден мал дел од препораките кои можам да ги опфатам тука, но во секој случај едни од поважните за да го користите во вашиот бизнис блог како средство за кревање на врева за вашиот бизнис.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*