Секој претприемач (сопственик на мал бизнис) мора да знае и да биде свесен дека последниве 10-тина години донесоа огромни промени во индустријата која можеби со години па и децении функционираше на оној ист традиционален начин. Мора да ја прифатиме денешницата, но и да гледаме во утрешницата, а што поскоро да го заборавиме минатото и огромниот број на концепти неприменливи за денешниве услови на стопанисување.
Пред повеќе од 10-тина години се појави Google кој едноставно внесе еден сосема нов начин на дишење на луѓето кои се занимаваат со маркетингот (а секако тука се и претприемачите кои мора да се занимаваат со тој маркетинг). Тоа чудо едноставно го измени и пазарот и севкупната култура и однесување на луѓето. Јазикот на кој се изведуваше бизнисот пред појава на Google и сега е сосема различен.
Веќе скапите реклами не можат да го прекријат слабиот квалитет на производот или слабата услуга на компанијата. Барем мене ми стана во навика секогаш првин да се исконсултирам преку Google пред да донесам некоја одлука за купување.
Интернетот завзема се поголема улога во бизнис светот. Повеќето поголеми маркетинг агенции сметат дека за некоја година интернетот ќе стане доминантен маркетинг медиум на кој ќе се трошат најмногу пари од страна на бизнисите.
Во 2004 година се појавува Facebook кој има потенцијал набргу да биде поголем и од земјата со најголем број на жители на планетата земја – Кина. Во моментов кога го пишувам овој пост според Facebakers во Македонија има 717060 корисници на Facebook.
Денес луѓето едноставно бираат што ќе читаат, што ќе гледаат, дали ќе посветат внимание и колку ќе посветат внимание. Ако тргнам од себе, весник не сум купил веќе со години, вести веќе не гледам затоа што ми го креваат притисокот, реклами на ТВ не гледам туку едноставно го менувам каналот… Но, од друга страна користам интернет и таму сум присутен 80% од моето време. Можам да кликнам на некоја Adwords реклама иако се ретки за наши компании или пак можам да кликнам на реклама која ми го привлекува вниманието на Facebook.
Eдно мое лично искуство
Пред една година платив 7000 денари реклама во еден потрадиционален медиум. За да ја мерам ефикасноста и ефективноста на таа реклама поставив попустен купон кој важеше за цела година. Знаете ли колку купувачи го искористија купонот за 365 дена? Компир, крофна, нула… Единствено од таа реклама започнаа да ми се јавуваат компании (Cold Calling) за да ми продаваат нешто во моментот кога не бев заинтересиран за нивните производи и/или услуги. Па во некои случаи дури и да ме изнервираат и да создадат сосема негативен ефект кај мене.
Пред една недела пуштив за истата компанија пуштив Facebook реклама. За цела недела високотаргетирана група на потенцијални купувачи потрошив 10$. Во тој период продажбата се зголеми за 40%. 10 купувачи кажаа дека се потсетиле дека тоа и тоа им треба преку Facebook. 10-тина купувачи искористија промотивни акции кои беа најавени само на Facebook страната. И плус она што не може сеуште да се мери во парична мерна единица, зголемен број на фанови на таа страна за скоро 40%. Повеќе детали за овие тестирања и анализи кога ќе го обработиме Facebook како маркетинг средство.
Која е разликата? 7000 денари – 500 денари = 6500 денари. 6500 денари за разлика за кампања без резултати. Затоа и не го продoлжив договорот за реклама со тој медиум.
Офлајн бизниси на онлајн медиуми
Често во контакти со претприемачи на мали и средни бизниси слушам дека не може за офлајн бизнис да се користат онлајн маркетинг стратегии. Дали е тоа точно? Мојот пример од погоре е едно искуство токму на целосно офлајн базиран бизнис со една онлајн кампања.
Пред извесен период прашувам еден вработен во една компанија која меѓу првите воведе e-commerce решение за тоа какво е искуството. Одговорот беше дека веќе не го ажурираат, вработениот задолжен за тоа си отишол на друго место, слаб е интересот. Па добро, дали треба да се откажуваме кога едноставнио целиот свет имплементира такви решенија? Имаат инфраструктура, имаат решение, потребен им е администратор и секако поголема промоција и што може да загубат.
Пред извесен период на Open Forum прочитав за 5 трендови за малите бизниси во 2011 предвидени од страна на John Jantsch. Тие трендови се следниве:
- Социјални медиуми ќе станат стандард во маркетинг стратегиите на малите бизниси.
- Мобилен маркетинг ќе започне да се применува и од страна на малите бизниси.
- О2О (Online 2 Offline) ќе стане стратегија, односно ќе се користи онлајн просторот за да се доведат купувачите во офлајн просторот.
- Автоматизација на препораки
- Апликации преку веб
Интересен е трендот за O2O. За овие прашања уште во Јуни оваа година пишував кога онлајн стратегијата ја поистоветував со севкупната бизнис стратегија на еден мал бизнис. Во тој пост дадов одговор на неколку прашања меѓу кои и тоа дали бизнисот треба да продава преку интернет за да има онлајн стратегија. Одговорот беше не.
Во никој случај продажбата не е и не треба да биде поврзана со присутноста на глобалната мрежа. За да бидете најдени едноставно треба да бидете присутен таму каде што некој бара нешто што вие можете да му го понудите. На кој начин ќе ве исконтактира, на кој начин ќе комуницирате и на кој начин ќе се договорите останува на Вас како еден претприемач, а можностите и слободата за креативноста се огромни.
Дали нешто сепак недостасува?
Дали можам да кажам дека е доволно мојот бизнис да биде присутен на Facebook за да успее со адекватна онлајн стратегија? Не би рекол така. Онлајн стратегија за присуство на еден бизнис на интернет е и треба да биде комплексен микс од различни медиуми и платформи кои го обезбедуваат тоа присуство. Не е доволен само веб сајтот. Не е доволен само блог. Не е доволен само Facebook. Не е доволен само…
Каде е клучната алка – содржина? Содржината е таа која ќе се испреплете како пајакова мрежа низ сите тие платформи и медиуми. Содржината е таа која ќе биде креирана или од Вашиот бизнис, или од Вашите купувачи, или од Вашите потенцијални купувачи или од Вашите конкуренти и противници. Секогаш ќе имате противници кои нема да ве сакаат од различни причини. Значи ќе постојат повеќе пајаци кои ќе плетат различни мрежи. Едниот пајак ќе сте вие, а останатите ќе бидат сите бизнис стејкхолдери. Секоја мрежа ќе има една или повеќе допирни точки со вашата основна мрежа. Колкава ќе биде успешноста и големината на тие мрежи сепак ќе зависи не само од онлјн фактори, туку и од офлајн фактори.
Токму тоа недостасува кај традиционалните маркетари. Потребно е да го намалиме нашето време кое го поминуваме пред Excel и сите тие накитени табели и графици и да започнеме да ја градиме таа содржина. Маркетингот започнува да се движи во еден сосема нов и поинаков правец.
Овде ке најдете два успешни примери на О2О маркетинг http://www.technologyreview.com/business/26429/
Благодарам Димитар, добри примери во секој случај.