post

Маркетинг трикови за стартап бизниси

Имате бизнис идеја, сте преминале во следната фаза од животниот циклус – започнување и тука започнуваат вистинските проблеми. Немате доволно купувачи, а со тоа и приходите се слаби, а со тоа и финансиите за финансирање на бизнисот се на исклучително ниско ниво. Потребно е сите сили да ги насочите кон обезбедување на база на потенцијални потрошувачи кои ќе купат нешто колку што може побргу. Ова се постигнува со маркетингот. Секој бизнис се занимава со продажба, односно продава нешто за пари. Без разлика дали продавате производ или услуга на Вас во овој момент ви се потребни купувачи. Затоа една од основните цели е да навлечете колку што можете повеќе потенцијални потрошувачи во Вашата продажна инка.

Продажна инка

Продажна инка

Првата фаза од Вашата продажна инка за стартап бизнис е преку соодветна маркетинг кампања да пробудите свест за Вашиот бизнис кај колку што може повеќе луѓе. На сликата е прикажана продажната инка со фазите во неа.

 

Од друга страна во оваа фаза од животниот циклус финансиите не се на некое ниво со кое може да се вложат средства во маркетинг. И токму тука лежи најголемиот проблем во фазата на проблематичен период од животниот циклус на бизнисот. Затоа предлагаме некои од евтини стратегии за привлекување на потенцијални потрошувачи.

  1. Изработете интересно лого со името на Вашиот бизнис кое ќе пробуди интерес кај секој кој ќе го види. Логото нека бидне во боја и особено интересни бои кои привлекуваат внимание. Подобро е да платите за дизајнот на Вашето лого или пак да побарате на интернет веб апликации за изработка на лого кои може да бидат и платежни и бесплатни.
  2. Направете веб сајт со неколку содржини за Вашиот бизнис. Сајтот не мора да биде нешто професионално изработен бидејќи нема да имате многу посетители. Можете да направите сопствен блог во вид на веб сајт со редовно објавување на некои содржини од подрачјето на Вашиот бизнис. Ова можете да го направите без да вложите ниту денар.
  3. Поврзете се на социјалните мрежи како facebook, linkedin и twitter. Во почетните фази нема да имате многу луѓе, но направете профил, напишете нешто за Вашиот нов бизнис и што нудите, поставете линк до Вашиот блог или веб сајт. И започнете да барате пријатели, познаници и врзувајте се. Оваа стратегија во понатамошниот развој на Вашиот бизнис може да одигра голема улога. Отворете акаунт на StumbleUpon и започнете да барате сајтови од подрачје на Вашиот бизнис и поврзете се со луѓе од кои ќе ги пронајдете и кои се заинтересирани за истите подрачја.
  4. Изработете флаери и бизнис картички во боја со логото на Вашиот бизнис. Визит картички изработете и на клучните луѓе во Вашиот продажен тим. Можете да ги изработите самите со персонален компјутер и отпечатете ги на ласерски печатач или пак платете на некоја компанија која изведува графички услуги. Флаерите и бизнис картичките обавезно да ја содржат адресата на Вашиот веб сајт и по можност како луѓето да ве најдат на социјалните мрежи.
  5. Поделете ги флаерите на роднини и пријатели за да тие ги поделат на своите познаници и да кажат неколку збора за Вашиот нов бизнис. Но, немојте сите флаери да ги поделите кај роднините и пријателите бидејќи постои опасност тие да не се распространат понатаму туку да завршат како хартија за потпалување. Совет е да се поделат околу 30% од овие флаери на оваа група на луѓе. Така, доколку имате 500 флаери околу 150 можете да поделите на роднини и пријатели.
  6. Изберете 5 деца кои може да бидат од Вашиот комшилук или пак некои роднини и дајте им џепарец од неколку стотици денари за да застанат на посебни реони од градот и да ги делат флаерите на луѓето кои што поминуваат. Препорачуваме 50% од флаерите да ги поделите на Ваков начин.
  7. Останатите 20% имајте ги Вие и Вашите вработени за да ги делат онаму каде што се движите во кафетерии, ресторани, фризерници … Оставајте секаде по 10-тина флаери.
  8. Направете листа од 100 луѓе (пријатели, роднини, познаници, интересни групи кои ќе ги пронајдете во именикот) и јавете се по телефон. Разговарајте за она што го нудите и како можете да им помогнете. Но при разговорот немојте да бидете премногу упорни да продавате и здодевни. Бидете повеќе слушатели за да дознаете како Вашиот бизнис ќе може да им помогне на тие луѓе. Прашајте ги за нивните контакт детали доколку сакаат да им испратите нешто информативно за Вашиот бизнис. Ова правете го секој ден јавувајќи се на тројца дневно.
  9. Кај секој кој оставил контакт детали (свеста е веќе пробудена, потребно е да се пројави интерес) еднаш неделно или месечно испраќајте дел од Вашиот рекламен материјал. Ова комбинирајте го преку e-mail или пак директна пошта.
  10. Изведувајте ги овие чекори секој месец.

 

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*