post

Една Менаџерска Задача – Инсталирање на Доверба

Менаџментот се повеќе станува наука комбинирана со искуство на менаџерот. Митот дека менаџерот се раѓа не е точен и слободно може да се каже дека е мртов. Поминав доста време проучувајќи го менаџментот како наука (почнувајќи од Тејлоризмот па се до модерното практицирање на менаџментот), а во исто време го проучував и практично преку спроведување на истражувања како и анализирајќи ги менаџерите со кои доаѓам во контакт. Моите белешки се доста поразителни за наши услови. Зошто? Мислам дека суштината на менаџментот е промашена. Не сакам да зборувам за надворешните влијанија на оваа поле како што се добивање на позиции преку врски, политичка припадност, подлизување… Тоа е некоја друга тема. Тука сакам да нагласам една навистина важна задача на секој менаџер – тоа е инсталирање на доверба.

Ќе започнам со еден цитат на Питер Дракер, за кого слободно може да се каже дека е таткото на модерниот менаџмент:

Не можете да спречите катастрофа, но можете да изградите организација која е подготвена за војување, која има висок морал, која знае како да се однесува, која верува во себеси, и каде луѓето си веруваат еден на друг. Во воените обуки, првото правило е да се инсталира во војниците доверба во нивните официри, бидејќи без доверба тие нема да се борат.

Катастрофа – Дали може да се спречи?

Во зависност од самата катастрофа, односно изворот на катастрофата ќе можеме да кажеме дали може да се спречи или не може. Понекогаш навистина не можеме да спречиме нешто особено ако тоа нешто се базира на надворешни фактори кои ние како менаџери не ги контролираме. На пример, светска економска криза, војна во друга земја каде што нашиот бизнис е присутен, промена на влада во друга земја… Тоа се фактори кои се надвор од нашиот домен на можно влијание.

Но, не треба да се откажеме, мора да се издржи и да се продолжи со битката за да опстоиме, не како поединци, туку како организација, како еден систем кој е составен од повеќе поединци. Војници на еден менаџер се луѓето кои се негови подредени хиерархиски, а самиот менаџер воопшто не би можел да биде менаџер без свои војници. Дури и еден процент да се шансите за спречување на катастрофата би требало да ги искористиме.

Затоа и сметам дека менаџер без добри војници, добри соработници, вработени, подредени или како сакате кажете ги, нема да биде добар менаџер, односно и воопшто не е менаџер.

Организациска самодоверба и меѓусебна самодоверба

Кога станува збор за самодоверба тоа е секогаш почеток на добар менаџмент во една организација. Прво, самиот менаџер треба да има самодоверба во себе. Второ, секој вработен треба да има самодоверба во себе за работата која ја изведува и третото кога постои индивидуална самодоверба се добива и организациска самодоверба.

Оваа самодоверба се поттикнува од страна на менаџерот како и од страна на самите вработени меѓусебно помагајќи си во извршување на работата. Замислете ситуација во која еден од вработените нем самодоверба во себе за извршување на некоја работна задача. Доколку менаџерот му помогне или едноставно го насочи давајќи му квалитетни насоки за исполнување на задачата таа самодоверба ќе се инсталира во вработениот. Втората алтернатива е кога вработениот знае дека секогаш кога ќе заглави колегијалноста во работната организација ќе му помогне едноставно да се одглави.

Затоа задачата на менаџерот е секогаш да ја крева сопствената самодоверба како и самодовербата кај своите вработени за да успее да изгради една клима на високо ниво на организациска колегијалност со што ќе се влезе во една спирала на постојано градење на организациска и меѓусебна самодоверба.

Доверба во менаџментот

Едно нешто сум сигурен, довербата не се добива со награди и казни, туку со начинот на дејствување на менаџерите. Дури и еден вработен кој нема доверба во менаџерот може да направи проблеми во целата организација, едноставно да го сруши целиот систем на доверба кој можеби е граден со години.

Можеби е поединец, но запоменте дека малите работи прават големи разлики. Затоа, добриот менаџер ќе се обиде да ја инсталира довербата во тие вработени.

Имам едно искуство со еден менаџер кој едноставно функционира врз основа на казни, довербата во него имаат само првите соработници и тоа само заради опстојување на тие позиции кои ги имаат. Таа доверба е вештачка, бидејќи истите во своите канцеларии го оговараат менаџерот, а сепак ги спроведуваат неговите наредби. Овој начин на менаџирање го нарекувам менаџмент врз основа на притисок.

И се би било ОК, доколку не знам дека овој начин едноставно претставува влез во еден ефект на потисната пружина, кој е докажан уште пред 50-60 години од познатиот психолог Kurt Lewin во неговата позната теорија за полето на силата. Овој начин на менаџментот ќе функционира се додека потиснатата пружина не се врати и едноставно одскокне при што целиот воспоставен систем ќе се сруши. Резултатите на таа организација се поразителни со овој принцип на менаџментот.

Затоа менаџментот и менаџерот претставува важен аспект на секој бизнис како организациски систем. Тоа не е позиција, која треба да носи привилегии, тоа е позиција која треба да носи резултати. Тоа не е позиција за секој, тоа е позиција за луѓе кои знаат и умеат да изградат и инсталираат доверба во тимот кој им е доверен да го управуваат. Тоа не е позиција за техничко лице кое ќе ги сработува сите задачи само за да се каже дека е менаџер, тоа е позиција за луѓе кои знаат да делегираат и она што е делегирано е сработено од страна на вработените и трансформирано во резултати за бизнисот.

Затоа ако Вие сте претприемач, не поставувајте менаџер само затоа што Вие мислите дека тој треба да се вика менаџер. Менаџер не е титула, ниту име, туку работно место и одговорност кои треба да донесат резултати.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] by Драган Шутевски on 03/05/2010 Здраво! Доколку за првпат сте тука можеби ќе сакате да се регистрирате на RSS feed за ажурирањата на претприемач.Како што ја читам книгата The Speed of Trust – The One Thing That Changes Everything од Stephen M.R. Covey ме наврати на еден период од пред една година и повеќе. Од друга страна, едноставно со овој пост би се надоврзал на претходниот за Една менаџерска задача – Инсталирање на доверба. […]

  2. […] поттикнат поголема доверба еден кон друг, другите таа доверба се обидуваат да ја постигнат преку власта и моќта која […]

Speak Your Mind

*