post

Менаџирање и функционирање на транснационални компании – Дел 2

Овој наслов претставува вториот дел од серијалот за транснационални компании. Првиот дел можете да го прочитате во насловот Менаџирање и функционирање на транснационални компании – Дел 1.

Не постои орган кој го контролира и регулира работење на транснационални компании. Постоеше обид од страна на ОН да се усвои кодекс на однесување на компаниите. Под огромен притисок од страна на компаниите, во 1992 година центарот за транснационални компании при ОН или UNCTC ја губи самостојноста, а нивното работење 1993  година е сосема згаснато. Наместо тоа се основа Дивизија UNCTAD за транснационални компании и инвестиции, но не со цел да го регулира работењето на овие компании туку да го унапреди нивното работење, со промовирање на директни странски инвестиции. Додека од друга страна Меѓународна трговска комора во Париз (ICC), се занимава со заштита на интересите на овие компании. Транснациониот бизнис мора да го пратат транснационалните банки кои најчесто настануваат со фузија на националните банки, а поради глобализацијата почнува да доаѓа до фузија и на меѓународните банки.

Најголемите транснационални компании се наоѓаат во САД, Јапонија и ЕУ. По бројноста но и по големината најмногу ги има во САД. Најголем број на одлуките кои ги носат државите се под директна контрола на тие компании. Со тие одлуки се влијае на економскиот раст на одредени држави, региони па и континенти. Има радикални мислења дека транснационални компании се инструменти на империјалистичка доминација. Овој став особено го подржуваат бившите социјалистички и колонизирани земји. Но, заради неуспехот во нивната економија, тие се приморани широко да ги прифатат и дури да бидат благодарни доколку сакаат да соработуваат.

Основен интерес на транснационални компании е свет без граници, за нивните производи, услуги и пари. Со стекнувањето на огромна моќ, работењето на овие компании е под се помала контрола на државата, а се повеќе самостојно дејствуваат. Кој поседува финансиска моќ, поседува и моќ да одлучува по голем број на прашања, па овие компании се во можност да предизвикуваат добри но и лоши дела. Како добри дела може да се набројат развојот на: техниката и технологијата, вселенските истражувања, медицината, зголемување на понудата на поевтини и поквалитетни производи. Како лоши страни може да се набројат: гладот, преголемите исцрпувања на природните богаства, еколошките уништувања, глобалното затоплување и слично.

Широкиот спектар на интереси, доведе до преклопување на интересите на државата и транснационалната компанија, но некогаш предизвикува и судири. Овие компании ги гледаат само сопствените интереси. Нивна цел е остварување што поголеми дивиденди за своите акционери, а никако решавање на социјалните проблеми. Тие не покажуваат никаква лојалност ни кон матичната држава, но поради големите меѓусебни интереси тие настојуват секој спор да го решат на заедничко задоволство. На државата и треба јака транснационална компанија, но и на компанијата и треба јака држава. Доколку матичната држава ги зголеми даноците и другите давачки или воведе рестриктивни еколошки закони, тие ќе се обидат да го спречат тоа уште пред да се случи, но доколку не се во состојба, тогаш ќе ги дислоцираат своите капацитети надвор во трети земји, каде нивните инвестиции би биле посигурни и би се оплодувале повеќе.

Влијанието на транснационалните компании во развиените држави е помало и доколку постои, тогаш е прикриено на софистициран начин, додека влијанието на овие компании во неразвиените земји е поголемо, подиректно и побрутално. Развиените земји се бранат од вијанието на овие компании преку рестриктивно законодавство, голема контрола на власта, подобра економска состојба во државата и мала корупција. Колку поголем приход зема државата од компаниите, толку нејзината самостојност и сувереност е помала, а доколку не зема ќе ја загрози својата благосостојба. Притоа, државите балансират помеѓу одржување на одредено ниво на сувереност, но и на одржување на одредено ниво на приходите.

При своето работење транснационалните компании ги одбегнуваат судирите со законот или создавањето на негативен публицитет кај луѓето, поради своите интереси. Сепак државите сеуште располагаат со механизми со кои можат да и наштетат на интересите на транснационална компанија, доколку се обиде да се конфронтира. Но и луѓето, доколку имаат негативни сознанија за компанијата, можат да го одбегнуваат купувањето на производите од таа компанија, па и тоа може да и предизвика сериозни штети на компанијата.

Доколку интересите на транснационална компанија во странство се загрозени, тогаш во нивна заштита влегува матичната држава и доаѓа до таканаречена трговска војна. Таа најчесто се води помеѓу САД, Европа, Јапонија, а во последно време и Кина, бидејќи другите земји не се моќни да им се спротивстават на овие сили. Пример, забрана за увоз на хормонски третирано месо од САД, во земјите од ЕУ.

Транснационална компанија прво се стекнува со економска моќ, па со медиумска, а понатаму со политичка. Одлуките на оделните компании, имаат поголемо влијание за квалитетот на живеење во одделни земји, отколку одлуките на владата или парламентот во истите. Транснационална компанија дава големи донации на одредени политичари или политички партии, а често се случува да даваат пари и на спротивставените политички опции, па која и да победи на изборите, должна е да се оддолжи на овие компании. Друг начин на кој транснационална компанија врши притисок на државата е што вработува голем број на луѓе кои се и директни гласачи, па со лошо промовирање кај вработените на одредена политичка партија или со големи отпуштања, компанијата може да предизвика социјални немири и со тоа да ја собори владата.

Доколку треба да се донесе определена одлука, компаниите лобираат кај политичарите, објаснувајќи им “зошто се или зошто не се” против определена одлука, што е сосема дозволено. Но, некогаш компаниите можат да се послужат и со недозволени средства како: подмитување, закани, воена интервенција. Влијанието на политичарите може да се искористи и за добивање на работи каде државата се јавува како купувач. Пример, јавни набавки, воени услуги и слично.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*