post

Менаџмент теории – Теорија X, Y и Z

Менаџмент теории

Менаџмент теории

Во менаџментот како наука постојат теории кои ја разгледуваат мотивацијата на луѓето, а една од функциите на менаџментот претставува и мотивација. Мотивацијата е доста значаен фактор за спроведување на менаџерските улоги. Претприемачот има идеја, започнува бизнис, вработува луѓе и мора да биде и менаџер. Затоа е важно да се согледаат различните теории во менаџментот во поглед на мотивацијата на вработените за да знаете што може да се случи.

Теорија X и Теорија Y

Овие теории се развиени од страна на Douglas McGregor од MIT Sloan School of Management во 1960-тите години. Овие две теории опишуваат две сосема различни ставови за работна мотивација и се занимаваат со анализа на човечкото однесување и ги применуваат голем број на менаџери при работењето.

Теорија X

Теоријата X, смета дека на луѓето им е својствено да не ја сакаат работата и да ја гледат само како потреба за нивен опстанок и дека ќе ја избегнат работата секогаш кога ќе имаат таква можност. Многу луѓе со тоа што се мрзливи, сакаат да бидат насочувани, ја избегнуваат одговорноста и релативно не се амбициозни. Таквите мора да се присилуваат да работат, да се контролираат, да се насочуваат и дури да се казнуваат заради непостигнување на целите на бизнисот. Менаџерите (претприемачите во улога на менаџери) мораат да бидат авторитативни и строги ако подредените не ги извршуваат поставените цели. Претпоставки на кои се базира оваа теорија се:

  • Вработените не ја сакаат работата.
  • Менаџерите ја користат контролната функција за да ја контролираат работата.
  • Менаџерите користат закани пред вработените да започнат да работат онака како што треба.
  • Просечен човек сака да биде насочуван.
  • Просечен човек не е амбициозен
  • Просечен човек не сака одговорности
  • На просечниот човек најважна му е сигурноста особено финансиската.

Доколку ги погледнеме претпоставките навистина ќе видиме дека и денес можете да најдете некои од овие претпоставки кај вработените. Но, секогаш мора да постои прашањето ЗОШТО. Не ја сака работата – Зошто не ја сака работата. Можеби  не е задоволен од работните задачи доделени од менаџерот. Можеби смета дека е способен за напредување, а заради менаџерот не му е овозможено. Затоа, мора да кажеме дека не се сите вработени согласно Теорија X, па затоа постои Теорија Y.

Теорија Y

Теоријата Y, е многу пооптимистичка во однос на човечката природа, претпоставувајќи дека физичкиот и умствениот напор при работењето е исто како кога се одмораме или рекреираме. Луѓето ќе се насочат самите, ако за тоa извршување на работата бидат наградени. Многу луѓе имаат способност да ја прифатат одговорноста и со својата генијалност, креативност и фантазија да ги решаваат проблемите на организацијата. Луѓето сакаат да работаат и под добри околности тие се способни добро да работат. Според теоријата Y, проблемот е во тоа дека модерниот живот целосно го искористува човечкиот потенцијал. Менаџерите треба да ја искористат волјата и способноста за работа на подредените со создавање услови во кои нема само да се истакнаат најдобрите од групата, туку и ќе им се обезбеди простор за лично напредување. Претпоставки на кои се базира оваа теорија се:

  • Физичкиот и умствениот напор при работењето е исто како кога се одмораме или рекреираме
  • За да ги натераме луѓето да работат, контролата и казнувањето не се единствените начини, доколку тие се сложни со целите на бизнисот самите ќе се насочуваат кон нивното исполнување.
  • Работата за луѓето претсавува задоволство.
  • Просечниот човек сака одговорности
  • Креативноста, имагинацијата и снаодливоста може да се користат за решавање на работните проблеми.
  • Во услови на модерен индустриски живот потенцијалот на вработените само делумно се искористува.

Оваа теорија претставува сосема спротивна на претходната, потенцира дека во секој од вработените постои потенцијал и бара менаџерите да ја насочат енергијата кон искористување на таа потенцијална енергија.

Треба да напоменеме дека користење на една од оваа теорија во практицирање на менаџерската улога од страна на претприемачите не ја исклучува втората теорија. Можете во однос на дел од вработени да ја применуваат теорија X, а кон другиот дел теоријата Y.

Кога споменавме погоре во теорија X дека мора да следи прашањето ЗОШТО, мислевме токму на една ваква комбинација на двете теории. Затоа што секогаш постоела, постои и ќе постоеи некаква причина за одредено однесување на вработените.

Теорија Z

Како надополнување на Теорија X и Теорија Y се појавува еден посебен стил на менаџментот кој се користи од страна на јапонските компании. Теорија Z за првпат била идентификувана од страна на William Ouchi. Овој нов јапонски стил на менаџментот се нарекува Теорија Z. Спротивно на Теорија Х која вели дека вработените не ја сакаат и ја избегнуваат работата и затоа мора да се насочуваат постојано заради извршување, и на Теорија Y која вели дека работата е ОК и може да биде извор на задоволство, Теорија Z се фокусира на зголемена лојалност на вработените кон компанијата обезбедувајќи работа до крајот на животот и фокусирање на обезбедување на благосостојба на вработените како на работа така и надвор од неа. Додека Теорија Y претставува една психолошка перспектива која се фокусира на односите работодавач – вработен, Теорија Z се проширува на целата организација.

Претпоставки на кои се базира Теорија Z:

  • Вработените сакаат да изградат кооперативни и интимни работни односи со оние за кои што работат.
  • Работодавачите сакаат да изградат кооперативни и интимни работни односи со оние кои што работат со нив.
  • Вработените имаат потреба да бидат поддржани од компанијата.
  • Семејството, културата, социјалните институции се еднакво важни како и самата работа.
  • На вработените може да им се верува дека ќе ја исполнат својата работна задача се додека на менаџментот може да му се верува дека ќе ги поддржат вработените.

Вие како претприемачи и менаџери треба да се најдете во каква теорија спаѓа Вашиот менаџмент стил кој го практикувате како и во каква теорија најдобро ќе се вклопат Вашите вработени. Ова треба да биде усогласено со Вашите долгорочни цели и да ја изберете теоријата или комбинациите на овие теории во практикување на менаџментот во Вашата компанија за општо задоволство на двете страни (и менаџментот и вработените).

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*