post

Може ли поголема продуктивност со Evernote

Во изминатите неколку недели одлучив малку повеќе да се занимавам со користење на Evernote како една апликација која има потенцијал да ја зголеми мојата продуктивност.

Морам да напоменам дека сеуште сум во фаза на бреинстормирање и пробување на различни идеи како да се организирам самиот себеси и се она околу мене за да ја зголемам сопствената продуктивност. Затоа и планирам во нареден период да обработам повеќе постови за различно користење на Evernote како алатка за продуктивност.

Evernote

Досега повеќе пати во изминатите две години пишував за корисноста на оваа алатка, па можете да ги погледнете тие постови како за почеток.

Но, она што можев да го забележам во изминатите неколку недели е дека иако ја знам корисноста, иако го користам, јас не ги искористувам ни 10% од можностите што ми ги нуди алатката.

Зошто една ваква констатација. Можеби, но и најверојатно затоа што никогаш не сум имал време да седнам и подетално да потрошам неколку часови за да ги испитам сите можни опции истовремено размислувајќи за тоа како да ги користам тие опции за мене. Сепак останав едно утро до 3 часот по полноќ и успеав да се пограм доволно за да ја ставам алатката во категорија на најкористена на сите мои уреди: iMac, iPad и iPhone.

Тука би сакал да напоменам за некои начини на користење што ме натераа секојдневно да биде вклучена алатката:

#1 To-Do дневни листи

За една организација на моите дневни активности го користам Things за iPad. Алатката е одлична и можете да го видите и видеото кое го направив за Things. Но, сепак има и некои недостатоци, сеуште не работи во cloud како автоматски би се синхронизирале активностите на сите уреди (напомена: во моментов оваа опција е во фаза на тестирање). А, сепак понекогаш некои активности едноставно произлегуваат од некои забелешки, од нешто што прочитам на интернет или некоја книга која ја читам на iPad.

Затоа и започнав да го користам Evernote како надополнување на Things за поставување на некои активности кои треба да ги спроведам во иднина. Фолдерот за овие активности го именував како My Big To-Do List. Од друга страна денес (недела кога го пишувам овој пост) забележав 10-тици ливчиња на мојата работна маса кои содржеа белешки за некои активности и страници од некои книги на кои треба да се навратам а кои се однесуваат на еден проект кој го работам за еден мал бизнис. Сите тие ливчиња завршија во канта едноставно по внесување во Evernote.

#2 Блог постови

На претприемач сеуште не ги обработувам постовите во Evernote, но во изминатата недела сите постови за Entrepreneurship in a Box ги обработив тука. Забележав дека процесот е доста поедноставен, бидејќи постои еден фолдер каде што се наоѓаат идеи за идни постови кои ги ажурирав секојдневно за да на крајот ја завршам драфт верзијата. Не сум врзан за потреба да имам компјутер или интернет. Едноставно некоја идеја може да се заведе и преку мобилен телефон на место на кое немате Wi-Fi конекција, а кога ќе дојдете во позиција да имате интернет, апликацијата синхронизира и идејата е достапна од секој уред.

Морам да напоменам дека за оваа цел направив еден посебен темплејт во кој се обработува еден блог пост, а содржи различни елементи за олеснување на работата. На пример, темплејтот содржи и листа на активности кои треба да се преземат за еден пост, како на пример, обработка на драфт  верзија, проверка, избор на слика, избор на линкови… Но, повторно да напоменам дека овие идеи за користење подетално ќе ги обработам во посебен блог пост.

#3 Работа со клиенти

Оваа работа консултантска бара навистина големо ниво на фокусираност и секако креативност и инвентивност. Затоа и поставив еден фолдер во кој за секој клиент направив подфолдери каде идеите за нивно подобрување или она што би требало да се направи ги бележам. Ова е поради фактот што забележав дека идеите ми доаѓаат на различни места независни од клиентот, а тогаш и најбргу се забораваат.

Она што ми се допаѓа е што можам да додадам и аудио забелешка така да додека возам, кога и сум најкреативен лесно можам да додадам забелешка без да гледам во телефонот.

#4 Најинтересни сегменти од книги

Бидејќи оваа година започнав да читам само во електронска верзија книги најчесто на Kindle купени од Amazon, забележав еден недостаток покрај многуте предности. Иако апликацијата Kindle ми дава можност да подвлечам нешто и да се навратам на тоа нешто сепак некако не е баш најдобро решение. Ми се случува да она што сум го прочитам биде актуелно во мојот мозок се додека не поминам на друга книга.

Затоа одлучив да го користам Evernote каде ќе ги складирам сите тие забелешки или подвлекувања од книгите. Она што најмногу ми се допаѓа е што забелешки стануваат лесно достапни и преку фунцкијата пребарување и тоа без ограничување на една книга или пак извор на информацијата.

#5 Што уште планирам

Секако, тука не е и крај на можностите на користење на оваа алатка. Планирам се повеќе да ги зголемувам така да стане најголемиот извор на мое лично организирање . Тука ќе наведам некои планови за иднина кои ги вадам од белешката од Evernote:

  • Одделување на лични од бизнис белешки
  • Изработка на темплејт на белешка за бизнис идеи во стилот на книга со бизнис идеи
  • Изработка на темплејт за анализи и фолдер за идеи и белешки за анализи
  • Да го користам како основен извор на информации
  • Изработка на библиотека на хардкопи книги кои ги имам (околу 400), а кои досега се евидентирани во тефтер со број име на книга, автор, издавач и година на издавање.
  • Целата Email комуникација со клиенти да оди во соодветниот фолдер за клеинтот.
Но, подетално искуството од сите овие користење ќе бидат споделени во посебни постови.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*